08 Последно предупредување до Земјата

Сподели го ова:

8. лекција – 21. ноември 2015.

Последно предупредување до Земјата

„Ова е добро и угодно пред Бога, нашиот Спасител, Кој сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познавање на вистината.“ – 1 Тимотеј 2,3.4.

„Адвентното движење од 1840. до 1844. година беше прекрасно откровение на Божјата моќ; првата ангелска вест беше однесена до секоја мисионерска станица на светот и во некои земји настана такво верско будење какво што не се видело ниту во една земја од реформацијата во шеснаесеттиот век; но сето тоа ќе биде надминато од силното движење во текот на последната опомена на третиот ангел.“ – Големата борба, 636.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 628-638.

Недела 15. ноември

1. СЕКОЈ МОРА ДА БИДЕ ЗАПОЗНАЕН

а. Кој значаен налог Исус им го дал на своите ученици? Дела 1,8.

„Пред да се вознесе на небото, Христос им одредил задача и им дал налог на своите ученици. Тој им кажал дека тие треба да бидат извршители на тестаментот во кој Тој на светот во наследство му ги оставил ризниците на вечниот живот…
Не требало да чекаат луѓето да доаѓаат кај нив, тие требало да одат кај луѓето со божествената порака.“ – Делата на апостолите, 20.21.

б. Што мора да се случи пред крајот на светот? Матеј 24,14.

„Привилегија на секој христијанин е не само да го очекува, туку и да го забрза доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос (2 Петрово 3,12). Кога сите што тврдат дека го носат Неговото име би носеле и плод на Негова слава, колку бргу целиот свет би бил посеан со семето на евангелието! Бргу ќе созрее последната голема жетва и Христос ќе дојде да го собере скапоценото жито.“ – Христовите поуки, 44.
Понеделник 16. ноември

2. ПРОРОШТВА ЗА УНИШТУВАЊЕ

а. Зошто Исусовото доаѓање се одложува и што, врз основа на она што ние знаеме, ја очекува нашата планета? 2 Петрово 3,7-10.

б. Опишете ги пророштвата за уништување во драматичната кулминација од историјата на оваа земја. Исаија 13,6-9; 34,1-5; Откровение 6,14-17; 11,18.

„Бог дозволува грешните да напредуваат и да ја покажат својата омраза кон Него со цел, кога ќе ја наполнат мерката на својата злоба, да ја увидат неговата праведност и милост во своето целосно уништување. Денот на неговата одмазда се приближува. Тогаш сите што го газеле неговиот закон и го угнетувале неговиот народ, ќе примат праведна плата за своите дела. Тогаш секоја свирепост и неправда кон Божјите верни слуги ќе бидат казнети како да му се сторени лично на Христос.“ – Големата борба, 44.

в. Во која смисла може да се повлече паралела со потопот во времето на Ное? Битие 6,13.17; 7,23; Матеј 24,37-41.

„Библијата вели дека во последните денови луѓето ќе бидат обземени со световни работи, со уживања и со алчност за стекнување на пари. Тие ќе бидат слепи за вечната реалност…
Луѓето трчаат по добивка и себични уживања, како да нема Бог, како да нема небо и живот по смртта. Во деновите на Ное предупредувањето поврзано со потопот било пратено за да ги тргне луѓето од нивното беззаконие и да ги повика на покајание. Исто така пораката за второто Христово доаѓање е наменета да ги тргне луѓето од нивната презафатеност со световните работи и потфати за да станат свесни за вечната реалност и да го прифатат повикот да седнат на Господовата трпеза “ – Христовите поуки, 182.
„Пред потопот Бог го испратил Ное да го предупреди светот, за да можат луѓето да се доведат до покајание и на тој начин да го избегнат заканувачкото уништување. Како што се приближува времето на Христовото повторно доаѓање, Господ ги испраќа своите слуги да го предупредат светот да се подготви за тој голем настан. Огромни маси живеат во престап на Божјиот закон, и сега Бог милостиво ги повикува да ги почитуваат неговите свети заповеди. На сите што се готови, со вера во Христа и со покајание пред Бога, да ги отфрлат своите гревови, им се нуди помилување.“ – Патријарси и пророци, 86.
Вторник 17. ноември

3. СЕДУМТЕ ПОСЛЕДНИ ЗЛА

а. Како Откровението го опишува вистинското извршување на Божјите судови на земјата? Откровение 15,7; 16,1-21.

„Видов дека Неговиот гнев е страшен и ужасен и кога Тој би ја подигнал и би ја испружил својата рака во гнев, жителите на овој свет би биле уништени како никогаш воопшто и да не постоеле или би страдале од неизлечиви рани и смртоносни болести кои би ги снашле; не би нашле спас, туку би биле уништени… Тогаш ја сфатив, како никогаш порано, важноста на внимателното истражување на Божјата Реч, за да знаеме како да ги избегнеме злата кои според таа Реч, ќе дојдат на сите безбожници.“ – Рани списи, 52.
„Нашиот живот ќе одлучи дали ќе го примиме печатот на живиот Бог или ќе нѐ покоси смртоносното оружје. На земјата веќе се паднати неколку капки од Божјиот гнев; но кога последните седум зла ќе се излеат непомешани со милост во чашата на Неговиот гнев, тогаш засекогаш ќе биде доцна луѓето да се покајат и да најдат заштита. Тогаш никаква помирувачка крв нема да ги исчисти дамките на гревот.“ – 5 Сведоштво, 141.142.

б. Опишете ја сцената кога ќе биде завршено уништувањето на преостанатите живи жители на земјата. Откровение 19,17-19.

„Моето внимание беше повторно насочено кон Земјата… Откако светите беа избавени од страна на Божјиот глас, злото мноштво ја сврте својата јарост еден кон друг. Земјата изгледаше како да е преплавена со крв, и од едниот крај до другиот крај имаше мртви тела.
Земјата изгледаше како ненаселена пустина. Градови и села, разнишани од земјотрес, лежеа во купишта. Планините беа поместени од своите места, оставајќи големи шуплини. Карпи, исфрлени од морето, или истргнати од самата земја, беа расфрлани насекаде на површината. Големи дрвја беа откорнати и расфрлани низ земјата.“ – Рани списи, 239.

в. Кој е последниот настан кој претставува кулминација во уништувањето на земјата? Малахија 4,1-3; 2 Петрово 3,10.

Среда 18. ноември

4. ТРОЈНАТА ПОРАКА

а. Како пораката за судот и падот на духовниот Вавилон се опишани од страна на првиот и вториот ангел од Откровение 14? Откровение 14,6-8.

„Според ова пророштво, по предупредувањето за судот и пораките што се поврзани со него, следи доаѓањето на Синот Човечки на небесните облаци. Најавувањето на судот всушност претставува проповедање дека второто Христово доаѓање е пред врата. И овој проглас се нарекува вечното Евангелие. Според тоа, проповедањето на второто Христово доаѓање, објавувањето на Неговата близина, е прикажано како суштински дел на евангелската порака.“ – Христовите поуки, 197.

б. Како пораката на третиот ангел претставува завршно предупредување пред излевањето на седумте последни зла? Откровение 14,9-12.

„Најстрашна закана, што кога и да е му е упатена на смртниот човек, се наоѓа во третата ангелска вест. Сигурно тоа е страшен грев поради кој врз главите на виновниците се излева Божји гнев непомешан со милост. Луѓето не смеат да останат во темнина во врска со овој мошне важен предмет. Предупредувањето против овој грев треба да му се објави на светот уште пред излевањето на Божјите судови за сите да можат да знаат зошто тие треба да се излеат и да им се даде можност да ги избегнат.“ – Големата борба, 463.

в. Кого го претставуваат овие „ангели“ (гласници) кои го „проповедаат“ вечното евангелие на земните жители? Марко 16,15.

„Трите ангели во Откровение 14 го претставуваат народот кој ја примил Неговата вест и како Негов застапник почнал да ја објавува опомената низ целиот свет. Христос им кажал на своите следбеници: ‘Вие сте светлината на светот’ (Матеј 5,14). На секој кој ќе ја прифати вистината крстот од Голгота му зборува: ‘Сфати ја вредноста на една душа’. ‘Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание’ (Марко 16,15). Не смееме да дозволиме ништо да го спречи ова дело. Тоа е најважното дело на сите времиња. Тоа е далекусежно како вечноста. Љубовта која Исус ја покажал за човечките битија со жртвата која ја поднел за нивен откуп треба да ги поттикне сите негови следбеници.“ – 5 Сведоштво, 314.

Четврток 19. ноември

5. ПОСЛЕДНИОТ ПОВИК

а. Непосредно пред излевањето на злата, кој посебен повик ќе им се повтори на Божјите верни кои сè уште не се обединети со црквата на остатокот? Откровение 18,1-5.

„И покрај духовната темнина и отстапувањето од Бога кои постојат во црквите што го сочинуваат Вавилон, мнозинството вистински Христови следбеници сѐ уште се наоѓаат во тие верски заедници…
Откровение 18. глава укажува на времето кога црквата, затоа што ќе ја отфрли тројната опомена од Откровение 14,6-12, во целост ќе ја постигне состојбата што ја изнел вториот ангел, а Божјиот народ, кој сѐ уште е во Вавилон, ќе биде повикан да излезе од своите цркви. Ове е последна вест што ќе му биде објавена на светот и таа ќе ја изврши својата задача. Кога оние ‘кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата’ (2 Солунјаните 2,12), ќе бидат предадени на силата на измамата да ѝ веруваат на лагата, тогаш светлината на вистината ќе ги осветли оние чиишто срца се подготвени да ја примат, и сите Божји деца што се наоѓаат во Вавилон ќе го прифатат повикот.“ – Големата борба, 401.

б. Со цел земјата да биде „осветлена со Неговата слава“, какви карактеристики ангелот (гласникот) мора да манифестира? Исаија 52,7.8; Матеј 5,16; Колосјаните 1,27.

в. Каков план на делување апостолот ни претставува во светлината на овие реални факти? 1 Солунјаните 5,4-6.

Петок 20. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која итна задача Господ ја оставил во нашите раце?
2. Во која смисла состојбата и судбината на земјата денес потсетува на состојбата во Ноевите денови?
3. Опишете на кој начин Бог ќе го приведе денешниот свет до крајот?
4. Кое предупредување треба да биде упатено пред да настапи целосно уништување на земјата?
5. Како можеме да бидеме сигурни дека во тоа време ќе бидеме на Божја страна?

Сподели го ова:

Слични објави