07 Истражен суд
7. лекција – 14. ноември 2015.
Истражен суд
„Гревовите на некои луѓе се видливи и одат на суд пред нив, а на некои одат по нив“ – 1 Тимотеј 5,24.
„Додека на небото се извршува истражниот суд, а гревовите на верниците што се каат се отстрануваат од светињата, во Божјиот народ на земјата мора да се изврши посебно дело на очистување, на отфрлање на гревот.“ – Мараната, 254.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 495-508.
Недела 8. ноември
1. ЗА ТВОЈОТ СЛУЧАЈ СЕ ОДЛУЧУВА!
а. За чиј случај се одлучува на судот? 2 Коринтјаните 5,10. Со кого овој суд ќе започне? 1 Петрово 4,17.
„Кога ќе се отворат судските книги, пред Бога ќе се испита животот на сите што верувале во Исуса. Почнувајќи од оние кои први живееле на земјата, нашиот Застапник потоа ќе оди понатаму од поколение на поколение, и најпосле ќе заврши со живите. Ќе биде споменато сечие име, ќе биде точно испитан случајот на секој поединец.“ – Големата борба, 499.
б. Кога на повеќето луѓе ќе им биде судено? Евреите 9,27. Зошто?
в. На кои докази ќе се базира судот? Откровение 20,11.12. Што е забележано во книгите? Еремија 2,22; Малахија 3,16; Неемија 13,14.
Понеделник 9. ноември
2. МЕРИЛО И ЗАСТАПНИК
а. Што претставува мерилото со кое ќе ни биде судено? Јаков 2,10-12. Каков е карактерот на ова мерило и што тоа бара? Псалм 19,7; Матеј 5,48.
„Божјиот закон ќе биде мерило според кое на судот ќе се мери животот и карактерот на секој човек.“ – Големата борба, 498.
„Во своето учење Христос покажал колку далекусежни се начелата на законот изговорен на Синај. Тој бил жива примена на тој закон чии начела засекогаш ќе останат како големо мерило за праведноста – мерило според кое ќе им се суди на сите во големиот ден кога судот ќе заседава и книгите ќе се отворат.“ – Одбрани пораки 1, 211.
б. Каква казна е предвидена за неправедните? Римјани 6,23; Дали постои некаква надеж за оние со лош запис? 1 Јованово 2,1.2.
„Смртта на безгрешниот Божји Син сведочи дека ‘плата за гревот е смрт’ (Римјаните 6,23), и дека секој престап на Божјиот закон мора да го стигне праведна казна. Безгрешниот Христос стана грев заради човекот. Тој ја поднел вината на престапот и бил лишен од присуството на лицето на Отецот додека Неговото срце не се скршило и Неговиот живот не згаснал. Целата оваа жртва е принесена за грешникот да може да биде ослободен од казната за гревот. На ниту еден друг начин човекот не може да биде ослободен од казната за гревот.“ – Големата борба, 560.
в. Како ние треба да ја прифатиме жртвата на помирување? Римјаните 3,25; 1 Јованово 1,9.
„Примерите на вистинско покајание и понизност, запишани во Божјата реч, ни го откриваат духот на признавање, во кој не постои изговор за гревот или обид за самооправдување. Павле не се обидел да се оправда; тој го доловува својот грев во неговите најцрни нијанси, не обидувајќи се да ја намали својата вина…
„Понизното и скршено срце, потчинето со вистинското покајание, ќе сфати, иако не целосно, колкава е Божјата љубов и цената на Голгота; и како што синот му се исповеда на саканиот татко, така и вистинскиот покајник ќе ги изнесе своите гревови пред Бога. Стои напишано: ‘Ако ги признаваме своите гревови, Тој е верен и праведен да ни ги прости гревовите наши, и да нѐ очисти од секаква неправда!’ (1 Јованово 1,9).“ – Патот кон Христа, 27.28.
Вторник 10. ноември
3. ВРЕМЕТО НА СУДОТ
а. Што ќе се случи со оние кои вистински ги прифатиле услугите на Застапникот? Јован 11,25; Јован 5,24-29.
„Покрај имињата на оние кои вистински се покајале за своите гревови и кои со вера ја признале Исусовата крв како своја жртва на исчистување, во небесните книги ќе биде забележано ‘проштавање’. Бидејќи станале учесници во Христовата правда и се утврдило дека нивниот карактер е во хармонија со Божјиот закон, нивните гревови ќе бидат избришани, а тие прогласени достојни за вечен живот.“ – Големата борба, 499.
б. При Исусовото доаѓање што ќе земе Тој со него, и со каква цел? Откровение 22,12; 2 Тимотеј 4,7.8.
в. Што мора да се случи најпрвин за да може Христос да ги награди верните? 1 Тимотеј 5,24; 2 Петрово 4,17; Лука 20,35.36.
„Пред да се подели конечната награда, ќе мора да се реши кој е достоен да го добие наследството на праведните. Оваа одлука мора да се донесе пред второто Христово доаѓање на небесните облаци, зашто, кога Тој ќе дојде, неговата награда ќе биде со него, ‘да му даде секому според неговите дела’ (Откровение 22,12). Според тоа, ќе мора да се испита карактерот на секој човек, и на секој Христов следбеник ќе му се определи награда, сообразно со неговите дела.
Додека луѓето сѐ уште живеат овде на земјата, во небесните судници ќе се изврши процес на истражниот суд. Пред Бога ќе биде испитан животот на сите што тврделе дека го следат Христа. Сите ќе бидат испитани според записот во небесните книги и вечната судбина засекогаш ќе им биде определена според нивните дела.“ – Христовите поуки, 258.
„Нема да има ново, идно време на милост за да се подготвиме за вечноста. Сега, во овој живот, ние мораме да се облечеме во облеката на Христовата праведност. Ова е нашата единствена можност да го изградиме карактерот за домот кој Христос го подготвил за оние кои ги држат неговите заповеди.“ – Христовите поуки, 267.
Среда 11. ноември
4. ОТСТРАНУВАЊЕ НА ГРЕВОТ
а. Што ќе се случи со гревовите на праведните кои ќе ја примат својата наградата при воскресението? Михеј 7,19; Исаија 43,25.
„Истражниот суд и бришењето на гревовите мора да бидат завршени пред второто Господово доаѓање. Бидејќи на мртвите ќе им биде судено според она што е запишано во книгите, не е можно гревовите на луѓето да бидат избришани пред крајот на судот на кој ќе се испитува нивниот живот. Апостол Петар јасно изјавува дека гревовите на верните треба да бидат избришани за да дојдат ‘од Господ времиња за освежување и Тој да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос’ (Дела 3,19.20). Кога истражниот суд ќе заврши, Христос ќе дојде и со себе ќе му донесе награда секому според неговите дела.“ – Големата борба, 501.
б. Објаснете како параболата за неправедниот слуга (Матеј 18,23-35) ја покажува разликата меѓу простувањето и отстранувањето на гревовите. Иако ние можеме да бидеме верни денес, која отрезнувачка реалност треба да нè држи секогаш будни? Езекиел 33,13-16.
в. Што се случува со името на еден неверен човек кое е запишано во книгата на животот? Излез 32,32.33. Како, на прво место, тоа име е таму запишано и чии имиња ќе се задржат во таа книга? Филипјаните 4,3; Откровение 3,5.
„Ние сега живееме во големиот Ден на чистење. Во симболичката служба на Стариот завет, додека поглаварот свештенички вршел чистење за Израелците, сите морале да ги ‘мачат своите души’ со исповедање на гревовите и со понизност пред Господа за да не бидат истребени од народот. На ист начин сите што сакаат нивните имиња да останат во книгата на животот треба сега, во овие преостанати деново од времето на милоста што им е дадено, да ја мачат својата душа пред Бога жалејќи поради гревот со искрено покајание. Тие мораат длабоко и свесно да ги испитуваат своите срца… Иако сите народи мораат да дојдат на суд пред Бога, Тој сепак, случајот на секој поединец ќе го испита со таква точност како да не постои ниту едно друго суштество на земјата.“ – Големата борба, 506.
Четврток 12. ноември
5. ИСПИТУВАЊЕ И НАГРАДА
а. За да бидат отстранети гревовите, што најпрвин мора да се случи како што е опишано во параболата за човекот без свадбена облека? Матеј 22,9-14. Што симболизира свадбената облека? Откровение 19,8; Филипјаните 3,9.
„Царевото испитување на гостите (на свадбата) ја претставува работата на судот. Гостите на евангелската гозба се оние што тврдат дека му служат на Бога, оние чиишто имиња се запишани во книгата на животот…
Со свадбената облека во параболата е претставен чистиот, беспрекорен карактер што ќе го имаат сите вистински Христови следбеници… Тоа е Христовата праведност, Неговиот неизвалкан карактер, кој со вера им се дава на оние што ќе Го примат како свој личен Спасител.“ – Христовите поуки, 277.
б. Кое дело Христос сега го извршува за секој грешник што се кае, и која изјава ќе се слушне кога тоа дело ќе биде завршено? Евреите 2,17; Откровение 22,11.12; Даниел 12,1.
в. Бидејќи судењето ќе заврши со последната генерација на живите (во времето на судот), кое предупредување ни го упатува Христос? Марко 13,33. Какво уверување имаме? Евреите 4,14-16; 13,20.21.
„Сега заседава судот во небесното Светилиште… Наскоро – никој не знае кога – ќе се премина на случаите на живите.“ – Големата борба, 507.
Петок 13. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто времето на судот е свечено време за оние кои живеат во него?
2. Како можеме да бидеме сигурни дека пресудата ќе биде „не е виновен“?
3. Зошто судењето на оние кои тврдат дека се верници мора да се случи пред второто Христово доаѓање?
4. Која е разликата помеѓу простувањето и отстранувањето на гревовите?
5. Какво искуство мораат да имаат вистинските Христови следбеници на кои ќе им се суди додека се живи?