06 Саботата во последните денови
6. лекција – 7. ноември 2015.
Саботата во последните денови
„И празнувајте ги Моите саботи, тие нека бидат знак меѓу Мене и вас за да се знае дека Јас Сум Господ, ваш Бог!“ – Езекиел 20,20.
„При завршетокот на историјата на светот сите божествени институции ќе бидат обновени. Ќе се санираат урнатините во законот коишто човекот ги направил престапувајќи ја саботата.“ – Пророци и цареви, 460.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 465-475.
Недела 1. ноември
1. ДАЛИ СЕ СЕЌАВАШ?
а. Koj израз во Излез 20,8 покажува дека саботниот ден бил празнуван пред Бог да ги изговори и напише Десетте заповеди на Синај?
„Саботата не е воведена како нешто ново, туку како ден за одмор што бил воспоставен уште при создавањето на светот. За саботата треба да размислуваме и да ја празнуваме како спомен на делото на создавањето на Творецот.“ – Патријарси и пророци, 312.
б. Што Бог правел во седмиот ден од создавањето? Битие 2,1.2. Што е тоа што овој ден го правело посебен? Битие 2,3.
“Седмицата, исто како и саботата, води потекло од создавањето на светот и како таква е сочувана во библиската историја и останала до денешен ден. Првата седмица ја одмерил лично Бог како мостра за сите седмици до крајот на времето. Како и секоја друга, и таа се состоела од седум буквални денови. Шест дена Бог поминал во делото на создавањето, а во седмиот ден си починал, затоа тој ден го благословил и им го определил на луѓето за одмор.“ – Патр. и пр., 96.
„Затоа што одмарал во саботата ‘Бог го благословил седмиот ден и го посветил’ (Битие 2,3) – издвојувајќи го тој ден за света употреба. Тој му ја дал саботата на Адам, како ден за одмор. Таа била спомен на делото на создавањето, а со тоа и знак на Божјата сила и неговата љубов.“ – Копнежот на вековите, 204.
Понеделник 2. ноември
2. ПОТСЕТНИК НА СОЗДАВАЊЕТО
а. На што саботата треба да нè потсетува? Излез 20,11; Псалм 111,4.
„Укажувајќи на Бога како Творец на небото и на земјата, таа (саботата) го истакнува токму она според што вистинскиот Бог се разликува од сите лажни богови. Сите што го празнуваат седмиот ден докажуваат со тоа дека му служат на Јехова. Така саботата е знак на верноста на човекот кон Бога сè додека на земјата ќе има некој да му служи на Бога.“ – Патријарси и пророци, 312.
„Божја намера е саботата да ги насочи мислите на луѓето кон посматрање на неговите создадени дела. Природата му зборува на неговиот разум дека постои еден жив Бог кој создал сè и кој владее со сè што постои… Убавината што ја краси земјата е израз на Божјата љубов. Неа ја гледаме во вечните ридови, во величествените дрвја, во првите пупки и нежните цвеќиња. Сето тоа ни зборува за Бога. Саботата, која без престан ги упатува луѓето на Оној кој создал сè, им налага да ја отворат големата книга на природата и во неа да ги пронајдат трагите на неговата мудрост, на моќта и љубовта на Создателот.“ – Патријарси и пророци, 23.
б. Ако Бог сè создал, во каква положба тоа нè става? Псалм 100,3; Ефесјаните 2,10.
в. Кој е Творецот на кого саботата му припаѓа? Јован 1,3; Марко 2,27.28.
„Четвртата заповед е единствена од сите десет во која се наоѓаат и името и титулата на Законодавецот. Таа е единствена која кажува со чиј авторитет е даден законот. Според тоа, таа е Божји печат со кој законот е запечатен како доказ за неговата автентичност и задолжителност.“ – Патријарси и пророци, 312.313.
Вторник 3. ноември
3. ЗНАК ЗА ПОСВЕТУВАЊЕТО
а. Која дополнителна намена саботата ја имала по појавата на гревот во светот? Езекиел 20,12.
„Саботата е знак на Христовата моќ да нѐ направи свети. И таа им се дава на сите што Христос ги прави свети. Како знак на Неговата посветувачка сила, саботата е дадена на сите, кои преку Христа стануваат дел од Божјиот Израел.“ – Копнежот на вековите, 210.
б. На што саботата особено требала да ги потсетува синовите на Израел? Второзаконие 5,15.
в. На кој начин темите како „непријателство“ против гревот и ослободување од него се рефлектираат во значењето на саботата? Битие 3,15; Излез 31,13.
„Токму обратувањето и посветувањето прават луѓето да се помират со Бога, доведувајќи ги во согласност со начелата на неговиот закон… ‘Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може’ (Римјаните 8,7). Но ‘Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син’, за човекот да може да се помири со Бога. Преку Христовите заслуги човекот повторно може да дојде во хармонија со својот Творец. Неговото срце мора да биде обновено со божествената милост; тој мора да добие нов живот одозгора. Оваа промена претставува ново раѓање, без кое, вели Исус, човекот ‘не може да го види царството Божјо’.“ – Големата борба, 482.
„Саботата која му е дадена на светот како знак на Бога како Творец, исто така е дадена и како негов знак во својство на Посветител. Силата која создала сѐ е истата сила која повторно ја создава душата според неговиот лик. Саботата е знак на посветеност за оние што ја празнуваат. Вистинската посветеност значи хармонија со Бога, единство со него во карактерот. Тоа се постигнува по пат на потчинување на оние начела кои се препис на неговиот карактер. Саботата е знак на послушност. Оној кој од срце се покорува на четвртата заповед – ќе се покорува на целиот закон. Тој се посветува преку послушност.“ – 6 Сведоштво, 261.
„Сите оние кои го почитуваат Господа како свој дел во овој живот ќе бидат под негова контрола и ќе примат знак, печат Божји, што покажува дека тие се негова особена сопственост. Христовата праведност ќе оди пред нив и славата Господова ќе им биде задна стража. Господ го штити секој човек кој го носи неговиот знак.“ – Коментари, 292.
Среда 4. ноември
4. ИСКУСТВОТО НА ВИСТИНСКОТО ПРАЗНУВАЊЕ НА САБОТАТА
а. Што вклучува вистинското празнување на саботата во овие последни денови од земната историја? Матеј 11,28-30; Ефесјаните 4,22-24.
„Секој треба да има лично искуство во здобивање знаење за Божјата волја. Секој од нас поединечно треба да слушне како Бог му зборува на срцето. Кога секој друг глас е стивнат и кога во тишина ние чекаме пред Него, тишината на душата прави Божјиот глас појасно да се слуша. Тој нѐ повикува: ‘Стивнете и познајте дека Јас сум Бог’ (Псалм 46,10). Само тука може да се најде вистински одмор… Среде раздвижената толпа и под напорот на интензивни активности во животот, така освежената душа се опкружува со атмосфера на светлина и мир.“ – Копнежот на вековите, 272.
б. Каков ќе биде резултатот во процесот на обнова? 2 Коринтјаните 5,17.
в. Во каква духовна состојба мораме да бидеме за да ја држиме вистински саботата света? Левит 20,26; Ефесјаните 1,3.4.
г. Што треба секојдневно срдечно да бараме? Псалм 51,10.
„Нему му е познато и кога твоето срце првпат се свртело кон Бога. Никогаш не е упатена молитва, колку и да е несовршена, никогаш не е пролеана солза, колку и да е потајна, никогаш не се јавил искрен стремеж кон Бога, колку и да е слаб, Божјиот Дух да не се поткренал да ги задоволи.“ – Христовите поуки, 162.163.
„Наутро посветете му се на Бога; тоа нека ви биде прва работа. Вашата молитва нека ви биде: Земи ме, о Господе, потполно да бидам твој! Сите мои планови ги ставам пред твоите нозе. Употреби ме денес во твојата служба. Биди со мене и целото мое дело нека се врши во Тебе! Така треба да биде секој ден. Изнесете му ги сите свои планови со цел Неговото провидение да покаже дали треба да ги оствариме или отфрлиме. И така, од ден на ден, својот живот ќе го предавате во Божјите раце; така вашиот живот ќе се обликува да биде сѐ посличен на Христовиот живот.“ – Патот кон Христа, 46.
Четврток 5. ноември
5. ЗАДОВОЛСТВО И РАДОСТ
а. Ако влеземе во саботниот завет, и ако тој го извршува наменетото дело во нас, што тој ќе постане? Исаија 58,13.14. Што се подразбира под зборовите „Мојот свет ден“? Матеј 12,8.
б. Каков благослов саботата ќе им донесе на сите кои вистински ќе ја примат? Матеј 11,28.
„Саботата ќе биде задоволство за сите оние што ја примаат како знак на Христовата создавачка и откупувачка моќ. Гледајќи го Христа во неа, тие наоѓаат задоволство во Него.“ – Копнежот на вековите, 210.
„Видов како во сабота цело небо будно ги посматра оние кои ги признаваат барањата на четвртата заповед и ја празнуваат саботата. Ангелите го бележат интересот и почитта кои тие ја имаат кон оваа божествена институција. Оние луѓе кои го слават Господа Бога во своите срца со побожноста на својата душа, и кои се трудат да ги искористат светите часови славејќи ја саботата онака како што најдобро умеат, и го слават Бога со тоа што се радуваат на саботата – тие луѓе примаат од ангелите посебен благослов на светлина и здравје и ним им е подарена посебна сила.“ – 2 Сведоштво, 464.
в. Ако се најдеме верни, што ќе правиме секоја сабота во царството на обновената земја? Исаија 66,23.
Петок 6. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Образложи ги причините зошто Бог рекол: „Помни го“?
2. На кои нешта саботата нè потсетува?
3. Какво уште значење го има саботата во искуството на еден христијанин?
4. Како можеме вистински да го искусиме саботниот мир?
5. Каква корист имаш ти лично од благословот на саботниот ден?