05 Тајната на беззаконието

Сподели го ова:

5. лекција – 31. октомври 2015.

Тајната на беззаконието

„Зашто, тајната на беззаконието веќе дејствува, само да се отстрани од средината оној, кој сега ја задржува.“ – 2 Солунјаните 2,7.

„Во своето второ послание до Солунјаните апостол Павле претскажал голем отпад од верата што ќе доведе до воспоставување на папска власт… Уште во тоа време апостолот видел како во црквата се вовлекуваат заблуди кои ќе го подготват патот за развој на папството.“ – Големата борба, 46.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 46-58.
Недела 25. октомври

1. ОПАСНОСТ ЗА СТАДОТО

а. Какво предупредување Исус упатил во поглед на опасноста со која црквата ќе се соочи? Матеј 24,4.5.11. Што на крајот ќе се развие? Дела 20,28-30; 2 Солунјаните 2,1-12.

„Во текот на неколку кратки години мнозина од оние што стоеле како учители и водачи на црквата, го положиле својот живот за Евангелието. Потоа се појавувале свирепи волци, кои не го штедат стадото. Но, ништо од сето тоа не ги обесхрабрило оние кои имале цврста надеж во Христа.“ – Делата на апостолите, 414.

б. Што црквата можела да направи во врска со оваа опасност? 2 Тимотеј 3,13-15; Римјаните 16,17.18.

„Павле се плашел за црквата зашто, гледајќи во иднината, ги видел нападите што тие ќе мораат да ги поднесуваат и од надворешните и од внатрешните непријатели. Со свечена сериозност ги повикал браќата будно да го чуваат светиот аманет што им бил доверен.“ – Делата на апостолите, 306.
Понеделник 26. октомври

2. ЗАКАНА ОД ПРОГОНСТВО

а. Како неверните Евреи се однесувале кон своите христијански сограѓани? 1 Солунјаните 2,14-16; Дела 14,2. Што се случило како резултат на прогонството? Дела 8,1.4.

„Објавувањето на евангелската порака меѓу незнабошците сега било енергично спроведувано, а црквата била зајакната со многубројни души. Апостолите, одредени да предводат во тоа дело, наидувале на сомнеж, на предрасуди и љубомора. Нивното учење кое се однесува на рушење на ‘преградниот ѕид’ (Ефесјаните 2,14), кој толку долго го разделувал еврејскиот свет од незнабожечкиот, ќе предизвика да ги обвинат и за ерес.“ – Делата на апостолите, 125.
„Кога оние кои ја познаваат вистината би живееле според неа, би се пронашле методи за средба со луѓето таму каде што се наоѓаат. Во почетокот на христијанската црква, Бог во своето провидение ги расфрлал светите на сите страни, испраќајќи ги од Ерусалим во многу делови на светот. Христовите ученици не останале во Ерусалим или во околните градови, туку ги преминале границите на својата земја и отишле по големи прометни патишта, барајќи ги изгубените за да ги повратат кај Бога. Господ сака и денес да види напредок на неговото дело во многу места. Не смееме да ја ограничиме својата работа само на неколку места.“ – 6 Сведоштво, 246.

б. Дали прогонството било нешто што требало да се очекува? Јован 15,20; 2 Тимотеј 3,12. Што е тоа што предизвикува губење на верата кога една личност ќе се соочи со прогонство? Марко 4,16.17.

в. Како треба да одговориме на прогонството? Матеј 5,10-12; Римјаните 8,37-39.

„(Цитат од Матеј 5,10-12). Исус овде им укажува (на своите ученици) дека токму во времето кога тие се соочуваат со големи страдања за неговото дело, тие имаат причина да бидат среќни и да признаат дека нивните маки се профитабилни за нив, бидејќи го свртуваат нивното внимание и склоностите од овој свет и ги насочуваат кон небото.“ – The spirit of prophecy, vol. 2, pp. 211.212.

Вторник 27. октомври

3. ЈУДАИСТИЧКИ УЧИТЕЛИ

а. Како стравот од прогонство продолжил да влијае на некои членови на црквата? Дела 15,1.2.

„Додека апостолите заедно со проповедниците и со обичните членови во Антиохија вложувале искрени напори што повеќе души да доведат кај Христа, некои еврејски верници од Јудеја, ‘од фарисејската секта’, успеале да уфрлат едно прашање што наскоро довело до широки контроверзии во црквата и создало вознемиреност меѓу верниците од незнабоштво. Со голема самоувереност овие учители од Јудеја, тврделе дека човек, за да се спаси, мора да биде обрежан и да ги исполнува сите прописи на церемонијалниот закон.“ – Делата на апостолите, 147.
„Општо земено, обратените Евреи не биле наклонети да напредуваат толку бргу како што Божјото провидение го отворало патот. Резултатот на работата на апостолите меѓу незнабошците јасно покажал дека обратениците од тие народи бројно ќе ги надминат обратениците од еврејско потекло. Евреите се плашеле дека, ако не се постават ограничувањата и обредите на нивните закони како задолжителен услов за прием во членство на црквата, националните особености на Евреите со кои досега се разликувале од сите други луѓе, конечно ќе исчезнат од оние што ја прифатиле пораката на Евангелието.“ – Делата на апостолите, 148.

б. Каков дух се наоѓал во позадината на овие движења? Галатјаните 6,12-16. Кои особини вистинските христијани ќе ги откријат во вакви ситуации? 2 Тимотеј 1,7.

в. Како апостол Павле во своите писма се однесувал кон ересот? Римјаните 2,25-29; 1 Коринтјаните 7,18.19; Галатјаните 5,6.

„Павле се посветил себеси и сите свои сили на Божјата служба. Тој вистините на евангелието ги примил директно од Небото, и во текот на целата своја служба бил живо поврзан со Небото. Лично Бог го поучил, христијаните од незнабожечко потекло, да не ги оптоварува со непотребно бреме; и кога верниците од еврејско потекло во црквата во Антиохија го поттикнале прашањето за обрежување, Павле, знаејќи ја промислата на Божјиот Дух во врска со тоа учење, зазел тврд и непопустлив став, став кој христијанската црква ја ослободил од вообичаените еврејски обреди и церемонии.“ – Делата на апостолите, 156.
Среда 28. октомври

4. ХРАБРОСТ И КОМПРОМИС

а. Каков дух, сличен на апостол Павле, треба да поседуваме? Галатјаните 6,14; Римјаните 1,14-17.

б. На каков компромис големиот апостол бил наведен од страна на неговите браќа и како сето тоа довело до негово апсење? Дела 21,17-24; 26-30.

„Браќата се надевале дека Павле, ако го послуша нивниот совет, решително ќе ги побие лажните гласови што се ширеле за него. Тие го уверувале дека одлуката на поранешниот собор во врска со обратениците од незнабожечко потекло и за церемонијалниот закон сѐ уште е во сила. Меѓутоа, ваквиот совет не бил во согласност со таа одлука. Ова упатство не било поттикнато од Божјиот Дух, туку било плод на кукавичлук. Водачите на црквата во Ерусалим знаеле дека, ако не се придржуваат кон церемонијалниот закон, христијаните би навлекле на себе омраза од страна на Евреите и би се изложиле на опасност од прогонства… Кога Синедрионот би ги осудил оние што верувале во Христа како престапници на законот, набргу тие и строго би биле казнети како отпадници од еврејската вера.
Многу Евреи, кои го прифатиле Евангелието, сѐ уште го почитувале церемонијалниот закон и биле подготвени на неразумни отстапки, со надеж дека на тој начин ќе ја добијат довербата на своите сограѓани, ќе ги отстранат нивните предрасуди и ќе ги придобијат да поверуваат во Христа, како Спасител на светот. Павле сфатил дека водечките луѓе во ерусалимската црква, сѐ додека толку многу од нив негуваат предрасуди против него, ќе продолжат да го попречуваат неговото влијание… Меѓутоа, тој не бил овластен од Бога да прифати сѐ што во овој случај барале тие од него.
Кога размислуваме за големата желба на Павле да живее во слога со своите браќа, неговото сочувство кон слабите во верата, почитта кон апостолите, кои биле во личен допир и со Христа, и кон Јаков – братот Господов – неговата цел на сите да им биде сѐ, колку што тој може, а при тоа да не го жртвува начелото, кога размислуваме за сето ова, тогаш не е толку чудно што бил принуден да скршне од патот по кој одел дотогаш толку решително и непоколебливо. Но, наместо да постигне измирување, како сакана цел, тој со овој чекор само ја забрзал кризата и претскажаните страдања и бил одвоен од своите браќа, поради што црквата била лишена од еден од своите најсилни столбови, што внело тага и болка во срцата на христијаните во сите земји.“ – Делата на апостолите, 314.
Четврток 29. октомври

5. РАЗВОЈОТ НА ТАЈНАТА

а. По буната на Евреите против римското владеење и разорувањето на Ерусалим во 70. година од новата ера, во кој правец се променил фокусот меѓу христијаните склони кон компромис? Откровение 2,2-4.

„На почетокот на историјата на црквата, тајната на беззаконието претскажана од апостол Павле го започнала своето убиствено дело; и кога лажните учители против кои Петар ги предупредил верниците, почнале да ги изнесуваат своите ереси, мнозина биле фатени во замката на лажните доктрини.“ – Делата на апостолите, 462.
„Која била причината за големиот отпад? Како црквата се оддалечила во почетокот од едноставноста на евангелието? Таа се прилагодила кон обичаите на многубошците за да им го олесни прифаќањето на христијанството на народите.“ – Гол. борба, 346.

б. Разговарајте за тоа како популарниот презир кон Евреите ширум Римската империја довел до слабеење во празнувањето на саботата.

„Во првите векови сите христијани ја празнувале вистинската сабота… Но, за да ја постигне својата цел, сатаната префинето работел преку своите орудија. За да се насочи вниманието на луѓето кон неделата, таа е прогласена за празник во чест на Христовото воскресение…“ – Големата борба, 49.
„Сега, користејќи ја лажната светлина во која сега ја прикажувал саботата, сторил неа да ја презираат како еврејска уредба. Иако генерално христијаните продолжиле да ја слават неделата како ден на радост и додека настојувале да покажат омраза кон сѐ што е еврејско, сатаната ги навел од саботата да направат ден на пост, на тага и жалост.“ – Големата борба, 49.50.

Петок 30. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каков дух се наоѓал во самиот корен во развојот на тајната на беззаконието?
2. Како вистински обратената личност ќе одговори на заканите од прогонство?
3. Објасни ги спорните прашања кои довеле до првиот доктринарен спор во раната христијанска црква?
4. До што довел советот упатен до апостол Павле кога бил во Ерусалим? Зошто?
5. Како тајната на беззаконието и денес се вовлекува во црквата?

Сподели го ова:

Слични објави