03 Наследници на царството
3. лекција – 17. октомври 2015.
Наследници на царството
„Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат?“ – Јаков 2,5.
„Сите што се Христови се ‘Аврамово семе, и по ветување наследници’ (Галатјаните 3,29) ‘за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува’ (1 Петрово 1,4); а тоа е земјата ослободена од клетвата на гревот.“ – Патријарси и пророци, 162.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 463-479.
Недела 11. октомври
1. РАДОСНО ИСЧЕКУВАЊЕ
а. Како може да се сумира Евангелието? Римјаните 1,16.17.
б. Кој мора да го слушне, и каков избор треба да направат? Матеј 24,14; Марко 16,15.16.
„Ако членовите на Божјата црква го исполнуваат налогот на Евангелието, ако ја извршуваат должноста што им е наменета, таму каде што е потребно, во својата земја или во странство, набргу целиот свет ќе биде предупреден и Господ Исус ќе се врати на оваа земја со голема сила и слава.“ – Делата на апостолите, 86.
в. На која категорија на луѓе им е достапно спасението? Дела 10,34.35; Римјаните 8,14; Ефесјаните 3,6.
„Благословите на спасението се наменети за секоја душа. Ништо друго, освен сопствениот избор може да го спречи било кој човек да не стане учесник во Христовите ветувања со посредство на Евангелието.“ – Копнежот на вековите, 305.
Понеделник 12. октомври
2. БОЖЈИТЕ ВЕТУВАЊА НА НЕГОВИОТ НАРОД ВО ДРЕВНИ ВРЕМИЊА
а. Кои ветувања му беа дадени на Авраам и на неговите потомци? Битие 12,1-3; 13,14-17.
„Преку еврејскиот народ Бог имал намера своите богати благослови да ги излее врз сите народи. Преку Израел требало да се приготви патот за ширење на неговата светлина на целиот свет…
За да ја исполни оваа своја цел, Бог го повикал Аврама да го остави својот идолопоклонички род и да се настани во хананската земја.“ – Христовите поуки, 234.
б. Зошто Бог чекал да поминат неколку генерации по Авраам како Неговиот народ конечно би влегол во посед на земјата во Палестина? Битие 15,13-16.
„Иако Аморејците биле идолопоклоници и поради своето големо беззаконие заслужиле праведна казна, Бог сепак ги штедел четиристотини години за да им даде несомнени докази за тоа дека Тој е единствен вистински Бог, Творец на небото и земјата. Сите негови чуда што ги сторил изведувајќи ги Израелците од Египет, ним им биле познати. Имале доволно докази и можеле да ја запознаат вистината само кога би сакале да се одвратат од своето идолопоклонство.“ – Патријарси и пророци, 458.459.
в. Што на крајот им се случило на Аморејците? Судии 11,21-24.
„Кога стигнале до аморејските граници, замолиле да им дозволат само да поминат низ нивната земја, ветувајќи дека ќе ги почитуваат истите оние правила кон кои се придржувале во својот контакт со другите народи покрај чиишто граници поминувале. Меѓутоа, кога царот на Аморејците ја одбил оваа учтива молба и пркосно собрал војска за борба, чашата на нивното беззаконие се преполнила и Господ ја употребил својата сила да ги уништи.“ – Патријарси и пророци, 459.
Вторник 13. октомври
3. РАСКИД НА ЗАВЕТОТ
а. Како Израелците пропуштиле да го остварат планот кој Бог го имал по нивното сместување во Ветената земја? Судии 2,10-13.
„Додека уште било живо поколението што го упатувал Исус Навин, идолопоклонството не земало толкав замав, но родителите го приготвиле патот за отпад на своите деца. Со непочитување на Божјите ограничувања од страна на оние што влегле во хананската земја, посеано е семе на зло што продолжило да донесува горчливи плодови на многу поколенија. На Евреите нивните едноставни животни навики им осигурувале благодат за телесно здравје; но, дружејќи се со незнабошците, биле наведени да му попуштаат на апетитот и на страстите, што постепено ја намалувало нивната телесна сила и им ги слабеело духовните и моралните сили. Израелците поради своите гревови биле одвоени од Бога. Биле лишени од Неговата сила и не биле веќе надмоќни над своите непријатели. Така најпосле биле покорени токму од оние народи што тие со Божја помош можеле да ги покорат.“ – Патр. и прор., 578.
б. Што се случило, поради влијанието на првиот цар на северната половина на разделената нација? 1 Цареви 14,15.16.
„Израел да ја послушал веста на пророкот, не би ги доживеал подоцна сите оние понижувања. Токму затоа што биле упорни во својата непокорност, Бог бил принуден да допушти да бидат одведени во ропство…“ – Пророци и цареви, 199.
„Престапот на Божјиот закон повлекувал со себе исти последици во сите времиња. Во деновите на Ное, кога луѓето ги погазиле сите начела на правдата, а беззаконијата толку длабоко и широко се распространиле што Бог не можел повеќе да ги трпи… Во Авраамовите денови жителите на Содом отворено се противеле на Бога и неговиот закон; и настапило истото зло, истата расипаност, истото разуздано уживање што го обележало претпотопниот свет. Жителите на Содом ја поминале границата на Божјото трпение и со тоа огнот на Божјата одмазда се распалил против нив.
Во периодот кој претходел на нивното одење во ропство, десетте Израелови племиња биле исто така непокорни и безбожни. Луѓето го сметале Божјиот закон како нешто неважно и тоа широко ги отворило вратите на беззаконието на Израел.“ – Пророци и цареви, 199.200.
Среда 14. октомври
4. ЦАР ОД ПЛЕМЕТО НА ЈУДА
а. Колку долго племето на Јуда можело да се повикува на царските привилегии? Битие 49,10; Езекиел 21,25-27.
„Шумскиот цар, лавот, е соодветен симбол за ова племе од кое требало да се роди Давид и Давидовиот син – ‘Оној на кого му припаѓа царскиот жезол’, вистинскиот ‘лав од племето на Јуда’, на кого најпосле сите сили ќе му се поклонат и сите народи на светот ќе му укажат почит.“ – Патријарси и пророци, 237.
б. Кој бил ‘Шило’ (Оној ‘на кого му припаѓа правото’) и кога Тој дошол? Захарија 9,9; Матеј 21,1-9.
„Поминувале векови и векови и конечно престанале гласовите на пророците. Израел тешко го притискала раката на угнетувачот. Како што Евреите се оддалечувале од Бога, нивната вера се поколебала и надежта повеќе не ја осветлувала иднината. Мнозина не ги разбирале зборовите на пророците; оние чија вера требала да остане постојана биле наклонети да извикнат: ‘Ете, деновите минуваат, а од пророштвото ништо’ (Езекиел 12,22). Но во небесниот совет бил утврден часот на Христовото доаѓање.“ – Пророци и цареви, 477.
„Малку имало такви, кои ја сфатиле природата на Христовата мисија, а многумина очекувале моќен владетел, кој ќе воспостави свое царство во Израел и кој ќе дојде како ослободител на народите.“ – Копнежот на вековите, 18.
в. Каква е природата на Неговото царство: Јован 18,36.37; Што ќе се случи кога веста за ова царство ќе биде во целост објавена? Матеј 24,14.
„Тој, кој бил наш пример, се држел настрана од земните власти. Не затоа што бил рамнодушен кон човечките страдања, туку затоа што лекот не се наоѓал во човечките и надворешните мерки. За да биде ефикасно, лекувањето мора да биде поединечно и срцето мора да се препороди.“ – Копнежот на вековите, 390.
„Христовото царство не може да се воспостави со одлука на судовите, советите или законодавните собранија, туку со всадување на Христовата природа во човечките синови преку влијанието на Светиот Дух.“ – Копнежот на вековите, 390.
Четврток 15. октомври
4. ОПУСТОШЕН ДОМ
а. Што Христос изјавил кога бил отфрлен од страна на сопствениот народ? Матеј 23,37.38. Кога ова опустошување било потполно (како буквално, така и духовно)? Матеј 24,1.2.
„Дотогаш (Исус) храмот го нарекувал дом на својот Татко, но сега, кога Божјиот Син ќе излезе надвор од тие ѕидови, Божјата слава засекогаш ќе се повлече од храмот кој бил изграден на негова слава. Оттогаш обредите во храмот ќе бидат бесмислени, а неговите служби за исмејување.“ – Копнежот на вековите, 476.
„(Исус) го видел Ерусалим опколен со војска, со опседнати жители како умираат од глад… Видел дека упорноста на Евреите, која се покажала во нивното отфрлање на неговото спасение, исто така, ќе доведе до тоа да не се покорат на освојувачките војски… Го видел бедното население како страда на справи за мачење и како се распнуваат на крст, прекрасните палати разурнати, храмот во урнатини, така што од неговите масивни ѕидови не останал ниту камен на камен, додека градот бил изоран како нива…“ – Копнежот на вековите, 441.
б. Што еврејските лидери отфрлајќи го Христа навлекле врз себе? Матеј 27,24.25. Кого го избрале како нивен владетел, и што тој на крајот направил? Јован 19,14.15; Лука 21,20.24.
Петок 16. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Објаснете ја Божјата намера со одложувањето на освојувањето на Ханан.
2. Што може денес Божјиот народ да научи од неуспехот на Израелците да ја покорат Ветената земја?
3. Зошто царството што Исус го проповедал било толку различно од она што неговиот народ го очекувал?
4. Како службите во Божјиот дом го губат своето значење денес?
5. Што јас можам уште да направам за да ја споделам веста со оние кои треба да го слушнат евангелието?