01 Божјата љубов кон нас

Сподели го ова:

1. лекција – 3. октомври, 2015.

Божјата љубов кон нас

„Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен: да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секоја неправда.“ – 1 Јованово 4,9.

„Христос кој виси на крстот на Голгота ја претставува пораката на Евангелието… тоа е нашата порака, нашиот аргумент, нашата доктрина, нашата опомена до непокајаните, нашето охрабрување за оние кои тагуваат – надежта за секој верник.“ – Коментари на библиските текстови, 725.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 11-17.

Недела 27. септември

1. ДЕМОНСТРАЦИЈА НА ЉУБОВТА

а. Која е најпостојаната карактеристика на нашиот Создател? 1 Јованово 4,16.

„’Бог е љубов’ – е напишано на секоја пупка, на секој лист и тревка… Сѐ во природата сведочи за нежноста и татковската грижа на нашиот Бог и за неговата желба да ги усреќи своите деца.“ – Патријарси и пророци, 636.

б. Како Бог во целост ја покажал својата љубов? Јован 3,16; Римјаните 5,6-8.

„Колку повеќе го проучуваме божествениот карактер во светлината на крстот, сѐ појасно ја откриваме милоста, нежноста и простувањето, поврзани со непристрасност и праведност; сѐ појасни ни стануваат неброените докази за љубовта која е бесконечна и милоста која го надминува копнежот и сочувството на мајката кон своето непослушно дете.“ – Патот кон Христа, 11.
Понеделник 28. септември

2. СПАСЕНИ ОД ГРЕВОТ

а. Која голема мисија Христос ја остварил со својата жртва? Матеј 1,21.

„Исус можел да остане покрај Таткото. Тој можел да ја задржи славата на Небото и почитувањето на ангелите. Меѓутоа, Тој одбрал да го врати скиптарот во рацете на Отецот и да се повлече од престолот на универзумот, за да им донесе светлина на оние што се во темнина и живот на оние што пропаѓаат.“ – Копнежот на вековите, 7.8.
„Христовата мисија можела да се исполни само преку страдање. Пред Него се наоѓал живот на тага, мака, конфликти и срамна смрт. Тој морал да ги понесе гревовите на целиот свет. Морал да се одвои од љубовта на Неговиот Татко.“ – Копнежот на вековите, 82.83.

б. Каква е неговата волја за секој човек? 2 Петрово 3,9; 1 Тимотеј 2,4.

„Кон Христа се постапувало онака како што ние заслужуваме да се постапува кон нас, за да се постапува со нас онака како што Тој заслужува. Тој бил осуден заради нашите гревови, во кои Тој немал никаков удел, за да можеме да се оправдаме со неговата праведност, во која не сме имале никаков удел. Тој претрпел смрт, која нам ни припаѓала, за да го примиме животот кој бил Негов.“ – Копнежот на вековите, 10.

в. Како ние можеме да имаме полза од Христовата смрт за нашите гревови? Дела 16,31; 1 Јованово 1,9.

„Условите за добивање на Божјата милост се едноставни, праведни и разумни. Господ не бара од нас да направиме нешто тешко за да добиеме простување на гревот. Не мораме да одиме на долги и мачни поклоненија, или пак да вршиме болни покори за да му ја препорачаме нашата душа на небесниот Бог или пак да ги искупиме нашите престапи, туку оној кој го признава и остава својот грев добива милост.“ – Патот кон Христа, 25.
„Христос е извор на секоја добра побуда. Само Тој може да всади во срцето непријателство кон гревот. Секоја желба за вистината и чистотата, секое осведочување за нашата сопствена грешност е доказ дека Неговиот Дух делува на нашите срца.“ – Патот кон Христа, 17.
Вторник 29. септември

3. СПАСЕНИ ОД ЗЛОТО КОЕ ДОАЃА ОДВНАТРЕ

а. Да се биде спасен го опфаќа не само простувањето, туку и нешто друго? Тит 2,11-14; Галатјаните 2,20.

„Ние не можеме сами да се избавиме од понорот на гревот во кој сме паднале. Нашите срца се грешни и ние не можеме да ги промениме… Образованието, културата, користењето на волјата, човечките напори, сето тоа има свое подрачје на делување, но овде е беспомошно. Можеби со тоа може да се постигне формална коректност во однесувањето, но не може да се промени срцето; не можат да се исчистат изворите на животот. Мора да постои сила која делува одвнатре, нов живот одозгора, за човекот да може да се промени, да го остави гревот и да стане свет. Таа сила е Христос. Само неговата благодат може да ги оживее замрените способности на душата и да ги привлече кон Бога, кон светоста.“ – Патот кон Христа, 12.

б. Што Божјата сила чини внатре кај обратениот христијанин? Филипјаните 2,13; Евреите 13,20.21.

„Законот е израз на Божјата мисла и кога го прифаќаме во Христа, тој станува наша мисла, издигнувајќи нѐ над силата на природните желби и склоности, над искушенијата што водат во грев.“ – Копнежот на вековите, 256.
„Како учесници во божествената природа ќе ги отфрлиме сите вродени и стекнати склоности кон злото и ќе постанеме жива сила на добро. Учејќи се постојано од божествениот Учител, учествувајќи секојдневно во неговата природа, ние соработуваме со Бога во совладување на искушенијата на сатаната.“ – Коментари на библиските текстови, 839.

в. Каква треба да биде нашата постојана молитва? Псалм 139,23.24.

„Никој не е во состојба целосно да се ослободи од својата стара природа. Ние само можеме да дадеме согласност на Христа Тој да ја изврши таа промена во нас. Тогаш нашата душа ќе зборува: ‘Господи, земи го моето срце, зашто јас не можам да ти го дадам! Тоа е твоја сопственост. Сочувај го од расипаност, зашто јас не можам да го сочувам за Тебе! Спаси ме наспроти самиот мене, наспроти мојата слаба, нехристијанска стара природа! Обликувај ме, промени ме, подигни ме во чиста и света атмосфера, така што низ мојата душа да можат да потечат изобилните количества на Твојата љубов!“ – Христовите поуки, 122.
Среда 30. септември

4. ДУХОВНА ВОЈНА

а. Каква внатрешна борба мора да се води секој ден? Изреки 16,32; Ефесјаните 6,11.

„Борбата против самиот себе е најголемата борба што кога и да е се водела.“ – Патот кон Христа, 29.
„Крстот стои како залог дека никој не треба да биде изгубен, дека изобилна помош е обезбедена за секоја душа.“ – Одбрани пораки 1, 96.

б. Кој ќе биде последниот чекор во спасувањето на праведните? Евреите 9,28; 1 Коринтјаните 15,51-54.

„Иако (оние кои заспале во Христа) можеби се деформирани, болни или нагрдени во овој смртен живот, тие сепак во своето воскреснато и прославено тело совршено ќе го задржат својот идентитет и ние во светлината која зрачи од Исусовото лице ќе ги препознаеме цртите на оние што ги сакаме“ – Коментари на библиските текстови, 681.
„Живите праведници ‘наеднаш, за миг’, се преобразени. На Божјиот глас тие се прославени; сега стануваат бесмртни и со воскреснатите свети се земени за средба со Господа на небото.“ – Големата борба, 672.

в. Кога оваа борба конечно ќе биде завршена? 2 Тимотеј 4,7.8.

„Најблизу до престолот се оние кои некогаш биле ревносни за делото на сатаната, но кои, како гламни истргнати од оган, пошле по Спасителот и го следеле со длабока, искрена преданост. Покрај нив се наоѓаат оние кои, среде измамите и неверството изградиле совршен христијански карактер, кои го почитувале Божјиот закон кога христијанскиот свет го прогласил за безвреден и безначаен, и милиони од сите времиња кои заради својата вера претрпеле маченичка смрт. А зад нив се наоѓа ‘големо мноштво народ, кое никој не можеше да го преброи, – од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете’ (Откровение 7,9). Нивната борба е завршена и извојувана е победа. Тие ја завршиле трката и ја примиле наградата. Палминото гранче во нивните раце го означува симболот на нивната победа, а белата облека е знак на совршената Христова праведност што сега е нивна.“ – Големата борба, 692.
Четврток 1. октомври

5. РАКАТА ШТО ТРОПА

а. Која покана Исус сѐ уште ја упатува до секоја душа денес? Јован 7,37.38; Откровение 22,17.

„Истиот божествен ум, кој делува во природата, им се обраќа и на срцата на луѓето, будејќи во нив неискажан копнеж за нешто што тие не го имаат. Она што е во светот не може да го задоволи нивниот копнеж. Божјиот Дух ги преколнува да се стремат кон она што единствено може да им даде мир и одмор – кон Христовата благодат и радоста на светоста. Служејќи се со видливи и невидливи влијанија, нашиот Спасител е постојано на дело со цел умот на луѓето да го одврати од грешните уживања што нѐ ситат и да го насочи кон бескрајните благослови што можат да ги добијат во Него. На сите тие души, кои залудно се обидуваат да се напијат од издупчените резервоари на овој свет, им е упатена божествената порака: ‘Кој е жеден нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум’ (Откровение 22,17).
„Ти, кој во своето срце копнееш за нешто подобро од она што може да ти го даде овој свет, препознај го тој копнеж како Божји глас упатен на твојата душа.“ – Патот кон Христа, 18.

б. На што треба да се потсетиме кога е во прашање раката што тропа на вратата на нашето срце? Откровение 3,20; Зах. 13,6.

„Ние мораме да се собираме околу крстот. Христос, и тоа распнат, треба да биде предмет на нашите размислувања, разговори и нашите најрадосни чувства. Треба да го паметиме секој благослов што сме го примиле од Бога, и кога ќе ја сфатиме големината на Неговата љубов, би требало доброволно сѐ да ѝ довериме на раката, која за нас била прикована на крст.“ – Патот кон Христа, 67.

Петок 2. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Бог ја покажал својата љубов кон тебе?
2. Какво е значењето на Христовата смрт за секое човечко суштество?
3. Во која смисла спасението оди подалеку од обичното простување на минатите гревови?
4. Кој ќе биде последниот чекор во делото на спасението?
5. Зошто денес е најдобриот ден да му одговориме на Христа кој тропа на вратата на нашето срце?

Сподели го ова:

Similar Posts