12 “Одете и научете ги сите народи“

Сподели го ова:

12. лекција – 20. декември 2014.

“Одете и научете ги сите народи“

“Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.“ – Матеј 28,19.

“Сите жители на земјата, големите и малите, богатите и сиромашните, ги осветлила небеската светлина со јасни и силни зраци. Учениците требало да бидат соработници со Спасителот во делото на спасување на светот.“ – Преглед и гласник, 9. октомври, 1913.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 795-807.

Недела 14. декември

1. СРЕДБА ВО ГАЛИЛЕЈА

а. За време на Тајната вечера, какво упатство Исус им дал на учениците за идната средба со сите верници? Матеј 26,32; 28,16.

б. Колкумина биле присутни на таа средба? 1 Коринтјаните 15,6.

“Во закажаното време на падината на гората во помали групи се собрале околу петстотини верници кои сакале да дознаат сè што можело да се дознае за Христа од оние кои Го виделе по Неговото воскресение. Учениците оделе од група до група, прераскажувајќи сè што виделе и слушнале од Исуса, резонирајќи од Светото Писмо како што правел и Тој кога зборувал со нив. Тома ја раскажал приказната за своето неверување и како биле растерани неговите сомнежи. Одеднаш меѓу нив се појавил и Исус. Никој не бил во состојба да каже од каде или како дошол. Мнозина од присутните никогаш претходно не Го виделе, но на Неговите раце и нозе ги гледале трагите од распнувањето. Неговото лице било како лицето на Бога, и кога Го здогледале, Му се поклониле.“ – Копнежот на вековите, 796.

Понеделник 15. декември

2. СВЕТ НАЛОГ

а. Бидејќи учениците од самиот почеток биле Христови соработници во делото на спасување на душите, каков налог Тој им дал? Матеј 28,19.20; Марко 16,15.16.

б. Како овој налог бил спротивен на исклучивоста на фарисеите? Дела 13,46; 22,21.22; Галатјаните 3,28.

“Еврејскиот народ бил сметан за чувар на светите вистини; меѓутоа, фарисеите ги претвориле во најисклучителен народ, народ со најголеми предрасуди од сите други народи. Сето она што се однесувало на свештениците и поглаварите – нивната облека, обичаи, обреди, традиции – сето тоа ги направило недостојни да бидат светлина на светот. Тие само својата, еврејската нација ја сметале за света. Меѓутоа, Христос им наредил на Своите ученици да проповедаат вера и начин на служење на Бога што не е врзан за некој општествен слој или територија, вера која ќе биде прилагодена за сите луѓе, сите нации и сите општествени класи.“ – Копнежот на вековите, 797.

ц. Зошто учениците требало да започнат со работа во Ерусалим? Дела 1,8.

“Мнозина од ерусалимските жители тајно верувале во Исуса, а многумина биле измамени од свештениците и поглаварите. Ним исто така требало да им се објави веста на евангелието. Тие требало да бидат повикани на покајание. Морало јасно да се изложи прекрасната вистина дека простувањето на гревот може да се добие само преку Христа. Додека жителите на Ерусалим сè уште биле под впечаток од возбудливите настани што се одиграле во текот на неколкуте изминати седмици, проповедањето на евангелието ќе остави најдлабок впечаток.“ – Копнежот на вековите, 798.
“Меѓутоа, делото не смее тука да запре. Тоа треба да се прошири до најоддалечените краеви на земјата… Секоја душа која го сака тоа, може да се помири со Бога и да добие вечен живот. На вас, Моите ученици, ви ја доверувам оваа порака на милост. Таа прво мора да му се објави на Израел, а потоа на сите народи, јазици и племиња. Таа треба да им се проповеда на Евреите и на незнабожците. Сите што ќе поверуваат, треба да се соберат во една црква.“ – Копнежот на вековите, 798.
Вторник 16. декември

3. ВЕТЕНИОТ ДАР

а. Како на учениците им било овозможено да проповедаат на другите народи, без да имаат време да ги научат нивните јазици? 1 Коринтјаните 12,7.10.

“На учениците им е ветена истата онаа сила што ја имал Христос да лекуваат ‘секаков вид болести и секаква немоќ кај луѓето’. Исцелувајќи ги во Негово име болестите на телото, тие ќе сведочат за Неговата моќ да ја исцели и душата (Матеј 4,23; 9,6). Тогаш им е ветен и еден нов дар. Учениците требало да проповедаат меѓу другите народи и тие ќе примат сила да зборуваат на други јазици. Апостолите и нивните соработници биле необразовани луѓе, но преку излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетница, нивниот говор – како на нивниот сопствен, така и на странски јазик – станал чист, едноставен и точен, како во зборовите, така и во акцентот.“
“Така Христос им ги одредил должностите на Своите ученици. Тој се погрижил за сè што било потребно за да продолжи делото и на Себе ја презел одговорноста за неговиот успех. Сè додека ја слушаат Неговата Реч и работат поврзани со Него, тие не можат да доживеат неуспех. Одете кај сите народи, им наложил Тој. Одете до најоддалечените места на земјата но знајте дека и таму ќе бидам присутен. Работете со вера и доверба, бидејќи никогаш нема да дојде време кога ќе ве оставам.“ – Копнежот на вековите, 799.

б. Какви чуда претставниците на Евангелието можеле да чинат со посредство на Светиот Дух? Марко 16,17.18; 1 Коринтјаните 12,11.

“Евангелието сè уште ја има таа иста моќ и зошто и денес не би биле сведоци на истите резултати?
“Христос го чувствува јадот на секој страдалник. Кога злите духови измачуваат едно човечко битие, Христос го чувствува тоа проклетство. Кога грозница ја исцрпува животната енергија, Христос ја чувствува агонијата. Тој и денес е исто толку подготвен да го излекува секој болен исто така како што правел кога бил на земјата. Христовите слуги се Негови претставници, канали преку кои Тој делува. Преку нив Тој сака да ја манифестира Својата исцелувачка моќ.“ – Копнежот на вековите, 801.

Среда 17. декември

4. СВЕЧЕНА ДОЛЖНОСТ НА ХРИСТОВАТА ЦРКВА

а. Која обврска и која забрана била ставена на водачите на Израел бидејќи нивната власт била основана во името и од страна на Божјиот авторитет? 5 Мојсеева 4,1.2.

“Со Израел е управувано во име на Бога и на Неговиот авторитет. Задачата на Мојсеј, на седумдесеттемина старешини, на кнезовите и судиите била да ги спроведуваат во живот законите што им ги дал Бог. Тие немале право на нацијата да ѝ бидат законодавци. Тоа бил и останал услов за опстанокот на Израел како нација. Повремено Бог праќал вдахновени луѓе да го упатат народот како да ги применува Неговите закони.“ – Патријарси и пророци, 637.

б. Како треба да ја разбереме нашата обврска да ги учиме луѓето ‘да пазат сè што Христос ни заповедал’? Матеј 28,20.

“Во налогот што го оставил на Своите ученици, Христос не само што им ја одредил нивната задача, туку им ја дал и пораката која треба да ја објавуваат. ‘Научете го народот’, рекол Тој, ‘да држи сè што вам ви заповедав’. Учениците требало да го поучуваат она што Христос го поучувал. Со тоа било опфатено сè што Тој кажал, не само лично, туку и преку пророците и учителите од Стариот Завет. Човечките учења се исклучени. Тука нема место за традиции, ниту за човечки теории и заклучоци или за црковни прописи. Тој налог не опфаќа никакви закони издадени од страна на црковни авторитети. Христовите слуги не треба да проповедаат ништо од тоа.“ – Копнежот на вековите, 804.

ц. Каква е должноста на црквата кон оние кои ќе паднат во грев? 2 Тимотеј 4,2.

“Опоменете ја секоја душа која е во опасност. Не дозволувајте некој да падне во самоизмама. Нарекувајте го гревот со неговото вистинско име. Зборувајте го она што Бог го кажал во однос на лажењето, кршењето на саботата, крадењето, идолопоклонството и сите други зла. ‘Оние што чинат такви нешта, нема да го наследат Божјото царство’ (Галатјаните 5,21). Ако упорно останат во гревот, небото ќе им го изрече судот што сте им го изрекле според Божјата Реч.“ – Копнежот на вековите, 782.
Четврток 18. декември

5. ОСНОВНО ПРАШАЊЕ ЗА СЕКОЈ КОЈ САКА ДА БИДЕ ПОБЕДНИК

а. На кое прашање секој потенцијален работник за Христа треба да одговори? Јован 21,15-17.

б. На кој начин единствено можеме да бидеме орудија во Христовото дело? 1 Јованово 4,7-12.

“Во секое Христово дело на исцелување се манифестирала силата на љубовта и ако само со вера учествуваме во таа љубов, можеме да бидеме орудија за Неговото дело. Ако занемариме да се поврземе со божествена врска со Христа, струјата на животодавната енергија не може преку нас изобилно да тече на другите…
“На црквата ѝ е ветено Христово присуство, ако го извршува Неговото дело. ‘Одете и научете ги сите народи’, рекол Тој, ‘и ете Јас сум со вас во сите денови до крајот на светот’ (Матеј 28,20). Да се земе Неговиот јарем е еден од првите услови за примање на Неговата сила. Самиот живот во црквата зависи од нејзината верност во извршување на Господовиот налог. Да се запостави оваа задача значи да се повика духовната слабост и пропаста. Каде што нема активна работа за други, љубовта исчезнува а верата се гаси.
“Христова намера е проповедниците да бидат воспитувачи на црквата во делото на евангелието. Тие треба да ги учат луѓето како да ги бараат и спасуваат загубените. Дали тие го извршуваат тоа дело?“ – Копнежот на вековите, 804.

Петок 19. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што бара Христос од секој свој следбеник?
2. Како сме предупредени против фарисејскиот стил и ексклузивност?
3. Кој посебен дар им овозможил на учениците да ја пренесат пораката на спасението на другите народи – и што треба да сфатиме во врска со ова?
4. Зошто Христовиот налог Матеј 28,20 ги исклучува човечките учења?
5. Која е првата особина која секој победник мора да ја поседува?

Сподели го ова:

Similar Posts