10 Барање на Спасителот

Сподели го ова:

10. лекција – 6. декември 2014.

Барање на Спасителот

“А Исус му рече: Денес дојде спасението за овој дом, зашто и тој е син Авраамов.“ – Лука 19,9.

“Во овој началник на цариниците се разбудил копнеж за подобар живот.“ – Судир и храброст, 301.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 529-534.

Недела 30. ноември

1. ЗАКХЕЈ, ГЛАВЕН СОБИРАЧ НА ДАНОК

а. Што направил Закхеј кога сакал да го види Исуса? Лука 19, 3.4. Какво осведочување тој стекнал за Христа?

“Богатиот царински службеник не бил целосно закоравен светски човек како што изгледал. Под изгледот на световност и гордост се наоѓало срце подложно на божествените влијанија. Закхеј слушнал за Исуса. Гласовите за Оној, кој бил љубезен и учтив кон презрените сталежи се рашириле на сите страни. Кај овој началник на цариниците се разбудил копнеж за подобар живот. Само на неколку километри од Ерихон, Јован Крстител проповедал на Јордан и Закхеј го слушнал повикот за покајание. Упатството дадено на цариниците ‘не барајте повеќе од она што ви е одредено’ (Лука 3,13), на неговиот ум оставило впечаток, иако тоа не било забележливо. Тој го познавал Светото Писмо и бил уверен дека неговиот живот не е праведен. Сега, слушајќи ги зборовите за кои било кажано дека доаѓаат од големиот Учител, тој се чувствувал како грешник во очите на Бога. Сепак, тоа што го слушнал за Исуса разбудило надеж во неговото срце.“ – Копнежот на вековите, 530.

б. Кој факт секогаш треба да го имаме на ум при сите евангелски напори? Лука 18,27.

“Покајанието и реформирање на животот било можно, дури и за него (Закхеј).“ – Копнежот на вековите, 530.

Понеделник 1. декември

2. ЕНТУЗИЈАСТИЧКИ ПОКАНИ

а. Кога Исус пристигнал на местото каде што Закхеј го чекал качен на дрво од смоква, со кои зборови Тој го повикал? Лука 19,5.

“Покрај сета викотница на свештениците и рабините и извиците на добредојде од страна на народот, неискажаната желба на старешината на цариниците се пробила до Исусовото срце. Одеднаш, токму под смоквата застанала една група; застанале и оние што се движеле и однапред и одзади. Еден човек го подигнал погледот горе и тој поглед изгледал како да ја чита душата. Речиси не верувајќи им на сетилата, човекот што седел на дрвото ги слушнал зборовите: ‘Закхеј слези бргу, затоа што денеска треба да бидам во твојот дом’ (Лука 19,5).“ – Копнежот на вековите, 530.

б. Кога Закхеј го сретнал Исуса и почнал да го води по патот кон неговиот дом, што рабините презриво кажале? Лука 19,6.7.

“Мноштвото му направило пат на Закхеј, кој одејќи како во сон, го предводел Спасителот кон својот дом. Меѓутоа, рабините го набљудувале тоа со намуртени лица и мрмореле во незадоволство и презир, бидејќи Тој ‘отиде да биде гостин во куќа на еден грешник’ (Лука 19,7). Закхеј бил длабоко восхитен, зачуден и занемен затоа што Христос со својата љубов се понизил и се спуштил до него – толку недостоен. Сега љубовта и лојалноста кон новооткриениот Учител ги отвориле неговите усни. Тој решил јавно да го изрази своето признавање на гревот и своето покајание.“ – Копнежот на вековите, 532.

ц. Каков сојуз постоел меѓу цариниците?

“Меѓу цариниците постоел сојуз, така што можеле да го угнетуваат народот и да се подржуваат еден со друг во своите измамнички практики. Меѓутоа, тие со својата изнудување, го правеле само она што станало речиси општа пракса. Дури и свештениците и рабините, кои ги презирале цариниците, се богателе на нечесен начин под закрила на својот свет повик. Меѓутоа, кога Закхеј се покорил на влијанието на Светиот Дух, веднаш ја отфрлил секоја пракса спротивна на чесноста.“ – Копнежот на вековите, 533.

Вторник 2. декември

3. ОМЕКНАТО СРЦЕ

а. Свесен дека мнозина од неговите клеветници ја доведувале во прашање неговата чесност, што Закхеј рекол? Лука 19,8. Со кое старозаветно правило ова било во согласност – и што ние треба да научиме од тоа? 2 Мојсеева 22,1.

“Оние кои не се понизиле пред Бога со признавање на својата вина, не го исполниле ниту првиот услов да бидат прифатени. Ако не се покаеме вистински и неповратно, ако во длабока понизност и потиштеност на срцето не сме ги признале гревовите, згрозувајќи се од своето беззаконие, ние навистина никогаш не сме побарале простување на гревовите; а ако никогаш не сме побарале, никогаш не сме нашле мир од Бога. Единствена причина што не сме добиле простување на гревовите од минатото е нашата неподготвеност да го потчиниме нашето срце и да ги исполниме условите на Словото на вистината. Признавањето на гревовите, било јавни или тајни, мора да биде дадено од срце и слободно изразено. Тоа не смее да се даде лесно и непромислено, ниту пак смее сосила да се бара од оние што не се свесни за одвратната природа на гревот.“ – Патот кон Христа, 33.
“Ниту едно покајание не е вистинско доколку не е проследено со реформа. Христовата праведност не е наметка за покривање на напризнаените гревови, туку едно животно начело што го преобразува карактерот и управува со однесувањето. Светоста значи целосна припадност на Бога, целосно предавање на срцето и животот на небесните начела кои треба да живеат во душата.
“Во својот деловен живот, христијанинот мора на светот да му го прикажува начинот на кој нашиот Господ би управувал со деловните потфати. Во секоја трансакција христијанинот мора да покаже дека Бог е неговиот учител. ‘Светост Господова’ – тие зборови мораат да бидат напишани на сите деловни книги, имотни листови, на сите сметки и меници.“ – Копнежот на вековите, 533.

б. Што Псалмистот кажува за оние кои ја излеваат внатрешната длабина на својата душа во вистинско признавање? Псалм 34,18.

ц. Што рекол Христос откако го слушнал искреното признавање на Закхеј? Лука 19,9.

Среда 3. декември

4. ХРИСТОВАТА МИСИЈА ВО СВЕТОТ

а. Како Христос го употребил Закхеј како пример за Неговата мисија во светот? Лука 19,9.10.

“Христос дошол во неговиот дом за да му даде поука за вистината и да го поучи неговото семејство во поглед на она што се однесува на Божјото царство. Тие биле исклучени од синагогата поради презирот од страна на рабините и верниците. Меѓутоа, сега станале најпривилегирано семејство во цел Ерихон и се собрале во својот дом околу божествениот Учител за да ги слушаат зборовите на животот.“ – Копнежот на вековите, 534.

б. Поврзи ја параболата која Христос ја додал за да ја заврши поуката која Тој ја употребил за да ја илустрира добрата вест за спасението? Лука 19,12-26.

ц. Што се бара од нас во настојувањето да ги спасиме оние што се изгубени? 2 Коринтјаните 5,14.15.20.

“Ние треба да шириме спасоносно влијание врз оние кои се без Бога и без надеж во светот. Патот за градот на прибежиште треба да е чист од ѓубрето на себичноста на гревот. Оние што тврдат дека го следат Божјото Јагне треба да го отстранат секој камен на сопнување од тој пат. Но премногу често оние кои тврдат дека веруваат во вистината претставуваат камен на сопнување на патот на другите. Тие велат дека веруваат во Христа, но со своите дела го одрекуваат. Со своето несоодветно однесување тие ги навредуваат и им нанесуваат штета на оние кои би можеле да ги спасат.“ – Знаци на времето, 29. ноември, 1899.
“Живееме во времето кога меѓу синовите човечки се одгласува последната порака на милост, последниот повик. Заповедта: ‘Излезете по патиштата и меѓу оградите!’ конечно се исполнува. Христовиот повик, ќе ѝ биде однесен на секоја душа. Гласниците велат: ‘Повелете, зашто трпезата е готова!’ (Лука 14,23.17). Небесните ангели работат заедно со човечките орудија. Светиот Дух користи секоја доказ за да те наведе да дојдеш. Христос внимателно наслушнува, очекувајќи и најмал знак со кој ќе навестиш дека бравата на вратата на твоето срце се подотвора за да може Тој да влезе. Ангелите чекаат да однесат на небото радосна порака дека е пронајден уште еден загубен грешник.“ – Христовите параболи, 206.
Четврток 4. декември

5. СОРАБОТНИЦИ СО БОГА

а. Ако ние, како Божји соработници, го извршиме својот од Бога даден дел, кои Христови зборови би дошле во многу домови? Лука 19,5.

“Ако Божјите слуги тргнат вооружени со вера во Него, Тој ќе ѝ даде сила на нивната порака. Бог ќе ги оспособи убедливо да ја објават Неговата љубов и опасноста што им се заканува на душите ако ја одбијат Божјата благодат и луѓето ќе бидат поттикнати да го прифатат Евангелието. Христос ќе стори прекрасни чуда ако луѓето го извршат својот од Бога даден дел. Денес во човечките срца може да се изврши истата голема преродба како што се случила во минатите поколенија. И Џон Бањан, некогашен развратник и богохулник, и Џон Њутн, некогашен трговец со робови, биле откупени за да можат да го објавуваат воскреснатиот Спасител. И денес меѓу луѓето можат да се појават нови буњановци и њутновци. Преку соработката на човечките орудија со божествените можат да се придобијат многу презрени и отфрлени кои од своја страна ќе се потрудат да го обноват божествениот лик кај своите ближни. Зраците на светлината треба да ги осветлат и оние чиишто можности да ја запознаат вистината биле незначителни и кои оделе по погрешен пат само затоа што не знаат за подобар. Ним треба да им се упатат зборови што му се упатени на Закхеј: ‘Денес треба да бидам во твојот дом’ (Лука 19,5) – и тогаш ќе се види дека срцата на оние што сме ги сметале како закоравени грешници се нежни како срце на малечко дете токму затоа што Христос им се приближил и им укажал внимание. Мнозина ќе ги напуштат големите заблуди и гревови и ќе го заземат местото на оние што имале можности и предимства, но не ги ценеле. Тие ќе се наредат меѓу Божјите избраници, ценети и драгоцени избраници; и кога Христос ќе дојде во своето царство, тие ќе бидат поставени пред Неговиот престол.“ – Христовите параболи, 205.

Петок 5. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква надеж Христовиот став кон Закхеј може нам да ни донесе?
2. Што кажал Закхеј пред некој да има време да го обвини?
3. Зошто Христос можел да прогласи целосна победа во случајот на Закхеј?
4. Колку мнозина и денес се радуваат токму како и семејството на Закхеј?
5. Каква соработка се бара од нас во обидот да ги спасиме оние што се загубени?

Сподели го ова:

Similar Posts