09 Слушател само една душа – Самарјанка

Сподели го ова:

9. лекција – 29. ноември 2014.

Слушател само една душа – Самарјанка

“Зашто Евреите со Самарјаните не се мешаат.“ – Јован 4,9.

“Само со љубов, љубовта се разбудува.“ – Рефлектирање на Христа, 23.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 162-173.

Недела 23. ноември

1. НА ЈАКОВЛЕВИОТ ИЗВОР

а. Што се случило кога Исус седнал да се одмори за време на едно од Неговите патувања? Каде биле учениците? Јован 4,3-7 (прв дел).

б. Дали Исус и понудил помош на оваа жена да нацрпи вода? Дали таа Негова понуда би била прифатена? Јован 4,8. Што Тој направил да ги елиминира нејзините предрасуди? Јован 4,7 (втор дел). Мошне изненадена, што таа кажала? Јован 4,9.

“Омразата помеѓу Евреите и Самарјаните ја спречила Самарјанката да Му направи услуга на Исус. Сепак Спасителот се обидувал да најде клуч за нејзиното срце и со тактичност, која бил плод на божествената љубов Тој побарал, а не понудил услуга. Понудената услуга можела да биде одбиена, но довербата буди доверба.“ – Копнежот на вековите, 163.
“Онаму каде што постои чувство на горчина поради разликата во религијата, многу добра можат да се направат со лично залагање. Љубезно укажаната помош ќе ги сруши предрасудите и душата ќе ја доведе до Бога.“ – Христовите поуки, 349.
Понеделник 24. ноември

2. КАКО ИСУС ЈА РАЗБУДИЛ ЉУБОПИТНОСТА НА ОВАА ЖЕНА

а. Како Исус настојувал да ја предизвика љубопитноста на жената и да го сврти нејзиното внимание на нешто поважно? Јован 4,10.

“Самарјанката не ги разбрала Христовите зборови, но го почувствувала нивното свечено значење.“ – Копнежот на вековите, 163.

б. Претпоставувајќи дека Исус зборува за Јаковлевиот извор, што таа кажала? Јован 4,11.12.

“(Самарјанката) пред себе гледала само еден жеден патник, изморен и прашлив. Во своите мисли го споредила со почесниот патријарх Јаков.“ – Копнежот на вековите, 163.

ц. Бидејќи таа сè уште не била подготвена да го прифати одговорот на своето прашање, како Исус се обидел да ја пробуди нејзината љубопитност уште повеќе? Јован 4,13.14.

“Исус со ништо не навестил дека на оној, кој е жеден за водата на животот ќе му биде доволно само еднаш да се напие. Оној што еднаш ќе ја вкуси Христовата љубов, тој постојано копнее да добие повеќе, но и не бара ништо друго. Него не го привлекуваат богатствата, почестите и задоволствата на овој свет. Постојаниот крик на неговото срце е: ‘Повеќе од Тебе’. А Оној кој ѝ ги открива на душата нејзините потреби, чека да ја задоволи нејзината глад и жед. Секој човечки извор и секое надевање на човек ќе пропадне. Сите резервоари можат да се исцрпат, бунарите да се испразнат, но нашиот Спасител е непресушен извор од кој можеме да се напиеме и од кој секогаш ќе наоѓаме свежа вода. Оној во кого живее Христос, тој има во себе извор на благослови – ‘извор на вода што тече во живот вечен’ (Јован 4,14). Од овој извор тој може да црпи сила и благодат доволни за сите негови потреби.
“Кога Исус зборувал за живата вода, жената го набљудувала со чудење и внимание. Тој го разбудил нејзиниот интерес и таа посакала да го добие дарот за кој Тој зборувал.“ – Копнежот на вековите, 164.
Вторник 25. ноември

3. ХРИСТОВАТА ГОЛЕМА ТАКТИЧНОСТ

а. Што Самарјанката кажала кога сфатила дека Исус и нуди нешто подобро од обична вода? Јован 4,15.

б. Што таа требало да признае? Колку тактичен бил Исус во изнесувањето на фактите од нејзиниот живот кои таа се обидувала да ги сочува во тајност? Јован 4,16-18.

“Пред да може оваа душа да го прими дарот што Тој копнеел да ѝ го подари, таа морала да ги увиди своите гревови и да го познае својот Спасител. Тој ѝ рекол: ‘Оди повикај го својот сопруг и врати се ваму’. Таа одговорила: ‘Немам сопруг’. Се надевала дека на тој начин ќе ги избегне сите прашања во тој поглед. Но Спасителот продолжил: ‘Добро кажа, немам сопруг; зашто си имала пет сопрузи, а оној што го имаш сега не ти е сопруг; право рече’ (Јован 4,16-18).
“Самарјанката затреперила. Некоја таинствена рака ги вртела страниците од нејзината животна историја, откривајќи го она што се надевала дека засекогаш ќе остане скриено. Кој е Овој што можел да ги чита тајните на нејзиниот живот? Нејзе ѝ дошле мисли за вечноста, за идниот суд, кога сето она што е сега скриено ќе биде откриено. Во оваа светлина се разбудила нејзината совест.“ – Копнежот на вековите, 165.

ц. Како жената сè уште се обидувала да ги избегне сите поединости од својот минат и сегашен живот? Јован 4,19. Како таа настојувала да го пренасочи текот на разговорот? Јован 4,20.

“Исус трпеливо дозволил Самарјанката да го води разговорот во насока во која сакала. Во меѓувреме чекал можност да ја влее вистината во нејзиното срце. Таа рекла: ‘Нашите татковци се поклонуваа на оваа гора, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се молиме (Јован 4,20). Токму пред нивните очи се наоѓала гората Геразим. Храмот на неа бил срушен, останал само олтарот. Тоа место на богослужение било предмет на несогласување меѓу Евреите и Самарјаните.“ – Копнежот на вековите, 165.
Среда 26. ноември

4. ИСУС НЕ ПОКАЖУВА НАЦИОНАЛНИ ПРЕДРАСУДИ

а. Покажувајќи дека Тој немал предрасуди против Самарјаните, што Исус рекол? Јован 4,21-24.

“Исус покажал дека Тој бил ослободен од еврејските предрасуди против Самарјаните. Сега се трудел да ги отстрани предрасудите на Самарјаните против Евреите. Нагласувајќи го фактот дека идолопоклонството ја расипало верата на Самарјаните, Тој истовремено рекол дека големите вистини за спасението им биле доверени на Евреите и дека меѓу нив треба да се појави ветениот Месија. Во светите списи го имале јасно прикажан Божјиот карактер и начелата на Неговото владеење. Самиот Исус се сместил меѓу Евреите, како оние на кои Бог им дал знаење за Себе.
“Исус сакал мислите на Самарјанката да ги издигне над прашањата во врска со формата, церемониите, како и спорните прашања.“ – Копнежот на вековите, 166.

б. Со каква тактичност оваа жена се обидувала да дознае дали Исус е навистина Месијата? Јован 4,25.26.

“Никој не може да дојде во заедница со небото со тоа што бара некоја света планина или некој свет храм. Верата не смее да се ограничи на надворешни облици и церемонии. Верата што доаѓа од Бога е единствената вера која води кон Бога. За да му служиме на Бога како што треба, мораме да бидеме родени од Божествениот Дух…“ – Копнежот на вековите, 166.
“Иако самата чистота на Неговото присуство го осудувала нејзиниот грев, Тој не изговорил ниту еден збор на осуда, туку ѝ зборувал за Неговата благодат, која може да ја обнови душата. Таа почнала да има некои убедувања за Неговиот карактер. Во нејзината душа се појавило прашањето: ‘Дали можеби ова е долго очекуваниот Месија?“ – Копнежот на вековите, 167.
“Спасителот сè уште го врши делото што го започнал, кога ѝ понудил на Самарјанката вода на животот. Оние што самите се повикуваат за Негови следбеници можат да ги презираат и избегнуваат оние што се отфрлени, но никакви околности во врска со раѓањето или националноста, никакви животни услови не можат да ја одвратат Неговата љубов од синовите човечки.“ – Копнежот на вековите, 172.

Четврток 27. ноември

5. “ТАТКОТО САКА ТАКВИ ПОКЛОНИЦИ“

а. Што се случило кога Самарјанката, исполнета со голема радост, постапила како целосно осведочен мисионер? Јован 4,28-30.

“За да му служиме на Бога правилно, мораме да бидеме родени од божествениот Дух. На тој начин се чисти срцето и се обновува умот, така што нè оспособува да го запознаеме и љубиме Бога. На тој начин доброволно се покоруваме на сите Негови барања. Тоа е вистинско обожавање на Бога. Тоа е плод на делувањето на Светиот Дух. Духот проникнува во секоја искрена молитва, а таквата молитва Бог ја прифаќа. Секогаш, кога душата посегнува по Бога, тука се забележува влијанието на Светиот Дух и Бог ѝ се открива на таквата душа. Тој бара такви поклоници. Тој чека да ги прими и да ги направи свои синови и ќерки.“ – Копнежот на вековите, 166.
“Жената била исполнета со радост додека ги слушала Христовите зборови. Речиси била совладана од чудесното откровение. Оставајќи го својот сад, се вратила во градот да им ја однесе пораката на другите. Исус знаел зошто таа отишла. Фактот дека го оставила својот сад јасно покажувал колкаво било влијанието на Исусовите зборови. Таа имала искрена желба во душата да добие жива вода и таа заборавила зошто дошла на изворот, заборавила за жедта на Спасителот, која имала намера да ја задоволи. Со срце преплавено од радост, таа брзала по патот да им ја пренесе на другите драгоцената светлина што ја примила.“ – Копнежот на вековите, 168.

Петок 28. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Исус се обидувал да ги надмине предрасудите кои постоеле меѓу Евреите и Самарјаните?
2. Што и објаснил Исус на Самарјанката во поглед на живата вода?
3. Зошто тактичноста е толку важна во ширење на Евангелието?
4. Што сите ние треба да знаеме за двостраната природа на предрасудите?
5. Што жената веднаш направила откако таа била целосно убедена?

Сподели го ова:

Слични објави