08 Слушател само една душа – Никодим

Сподели го ова:

8. лекција – 22. ноември 2014.

Слушател само една душа – Никодим

“Исус му одговори и рече: “Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство.“ – Јован 3,3.

“Размислете за случајот кој Христос му го прикажал на Никодим во поглед на подигнатата змија.“ – Материјали на Е.Г.Вајт од1888. стр. 149.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 147-156.

Недела 16. ноември

1. ПРИВАТЕН РАЗГОВОР

а. Откако Никодим слушнал за Исуса, решил да разговара со Него. Кој бил Никодим – и зошто дошол ноќе? Јован 3,1.2 (прв дел).

“Откако слушнал за Исуса, Никодим со нетрпение ги проучувал пророштвата кои се однесувале на Месијата… видел чудесна манифестација на божествената сила; видел како Спасителот ги прима сиромашните и ги исцелува болните, ги видел нивните радосни погледи и ги слушнал нивните зборови на пофалба; затоа не можел да се сомнева во тоа дека Исус од Назарет навистина е испратен од Бога.
“Многу посакувал да разговара со Исуса, но се плашел да Го побара јавно. Би било премногу понижувачки таков израелски поглавар да признае дека ја одобрува работата на еден толку малку познат учител. Кога Синедрионот би дознал за неговата посета, би се изложил на нивниот презир и осуда. Одлучил тајно да Го посети Исуса, оправдувајќи го тоа со причината дека многу други ќе го следат неговиот пример, кога тоа би било јавно. Распрашувајќи се добро за местото на кадешто Исус се повлекувал на Маслинската Гора, чекал додека градот не потонал во сон, а потоа Го побарал.“ – Копнежот на вековите, 148.
“Никодим бил осведочен од Христовите чуда, и тој ноќе дошол кај Учителот, бидејќи немал морална храброст да Му пријде отворено, затоа што тоа ќе ги возбуди критиките на свештениците и фарисеите.“ – Материјали на Е.Г.Вајт, 1888, 1311.
Понеделник 17. ноември

2. НЕ ТЕОЛОШКИ РАСПРАВИ, ТУКУ НОВО РАЃАЊЕ

а. Откако Никодим го пронашол Исуса во местото каде што Тој се повлекувал, решил да разговара со Него? Јован 3,2 (втор дел).

“Никодим дошол кај Спасителот со желба да дискутира со Него, но Исус го упатил на основното начело на вистината. Теоретското знаење не е она што тебе ти недостига, туку духовна обнова. Тебе не ти е потребно да ја задоволиш својата љубопитност, туку да имаш ново срце. Мораш да примиш нов живот одозгора пред да научиш да го цениш она што е небесно. Сè додека не настапи оваа промена, преку која се обновува сè во душата, дискусијата за Мојот авторитет и за Мојата мисија нема да има спасоносно значење за тебе.
“Никодим ја слушнал проповедта на Јован Крстител за покајанието и за крштевањето и за неговото укажување за Оној, кој ќе крштева со Светиот Дух. И самиот чувствувал дека кај Евреите нема доволно духовност, дека тие во голема мера се робови на лицемерието и световната слава. Се надевал на една подобра духовна состојба при доаѓањето на Месијата. Меѓутоа, веста на Јован не предизвикала во него сознание за сопствената грешност. Бил строг фарисеј и се фалел со своите добри дела. Бил надалеку почитуван заради својата добродушност и дарежливост во одржување на службата во Храмот и сметал дека Божјата благонаклоност му е осигурена.“ – Копнежот на вековите, 149.

б. Бидејќи Господ сфатил дека на Никодим не му е потребна теолошка дискусија туку ново раѓање, со каков одговор Исус го изненадил? Јован 3,3.

“Сликата на ново раѓање со која Исус се послужил не му била целосно непозната на Никодим. Луѓето од незнабоштвото, кои се обратиле во израеловата вера, често се споредувани со деца. Затоа тој сигурно сфатил дека Христовите зборови не треба да се толкуваат буквално. Сметал дека со своето раѓање како Израелец бил сигурен за место во Божјото царство. Мислел дека не му е потребна никаква промена. Затоа се изненадил од зборовите на Спасителот.“ – Копнежот на вековите, 149.
Вторник 18. ноември

3. ДЕЛУВАЊЕ НА СВЕТИОТ ДУХ ВРЗ СРЦЕТО

а. Со какво иронично прашање Никодим се обидел да ги отфрли Христовите зборови? Јован 3,4.

б. Игнорирајќи го бескорисниот аргумент на Никодим, како Исус ја нагласил Својата поента? Јован 3,5-7.

“По природа срцето е зло, а ‘кој ќе извади чисто од нечисто? Никој’ (Јов 14,4). Никаков човечки изум не може да пронајде лек за грешната душа. ‘Телесниот ум е во непријателство со Бога, зашто не му се покорува на Божјиот закон, ниту пак може’. ‘Зашто од срцето излегуваат лоши мисли, убиства, прељуби, блудство, кражби, лажни сведоштва, хули’ (Римјаните 8,7; Матеј 15,19). Изворот во срцето мора да биде очистен, за да може и потокот да биде чист. Оној што мисли дека со своите дела и со држењето на Законот да го стекне небото – се обидува да направи нешто што е невозможно. Нема безбедност за оној, кој поседува само законска вера, облик на побожност. Христијанскиот живот не е модификација или подобрување на стариот, туку преобразување на природата. Нашето ‘јас’ и гревот умираат, и потоа настапува целосно нов живот. Оваа промена може да се постигне само со делотворното делување на Светиот Дух.“ – Копнежот на вековите, 150.

ц. Со што Исус сликовито го прикажал делувањето на Светиот Дух? Јован 3,8.

“Ветрот се слуша меѓу гранките од дрвјата и како шушка во лисјата и цвеќето, а сепак е невидлив и никој не знае од каде доаѓа и каде оди. Така, Светиот Дух делува на срцето. Тоа делување не може подобро да се објасни отколку со невидливото движење на ветрот. Човекот можеби не е во состојба точно да го одреди времето и местото или да се сети на сите околности во процесот на обратување, но тоа не значи дека не се обратил. Христос постојано работи врз срцето со сила што исто така е невидлива како ветрот. Малку по малку, можеби несвесно за оној што ги прима, настануваат впечатоци што ја привлекуваат душата кај Христа. Тие можат да се примат преку размислување за Него, преку читање на Светото Писмо, преку слушање на Речта од жив проповедник.“ – Копнежот на вековите, 150.
Среда 19. ноември

4. “И ЌЕ ГО ВДАХНАМ СВОЈОТ ДУХ ВО ВАС“

а. Импресиониран од Христовите зборови кои во целост не ги разбрал, што Никодим тогаш прашал? Јован 3,9. Каков бил Христовиот одговор? Јован 3,10-13.

“Евреите кои Исус ги истерал од храмот тврделе дека се Авраамови деца, но побегнале од присуството на Спасителот, бидејќи не можеле да ја поднесат Божјата слава што се манифестирала во Него. На тој начин тие дале доказ дека не биле погодни преку Божјата благодат да учествуваат во светите обреди во храмот. Ревно се труделе да одржат само надворешен изглед на светост, но истовремено ја запоставиле светоста на срцето. Држејќи се за словото на законот, постојано го кршеле неговиот дух. Ним им била неопходна онаа промена што Христос му ја објаснил на Никодим – ново морално раѓање, очистување од гревот и обновување на знаењето и светоста.“ – Копнежот на вековите, 152.

б. Кои библиски стихови Никодим тогаш почнал да ги разбира? Псалм 51,10; Исаија 64,6; Езекиел 36,26.27.

“(Исаија 64,6; 51,10; Езекиел 36,26.27). Никодим ги читал овие места со замаглен ум, но сега почнал да ја сфаќа нивната смисла. Видел дека најстрогото почитување на словото на законот во надворешниот живот не му дава право на човекот да влезе во небесното царство. Според мислењето на луѓето, неговиот живот бил праведен и чесен; но во Христово присуство чувствувал дека срцето му е нечисто и животот несвет.“ – Копнежот на вековите, 152.
“Никодим бил привлечен кон Христа. Додека Спасителот му објаснувал што е ново раѓање, Никодим посакал и нему да му се случи таква промена.“ – Копнежот на вековите, 154.

ц. Со кој симбол Христос на Никодим му ја објаснил јасно својата мисија? Јован 3,14-16.

Четврток 20. ноември

5. НОВ ЖИВОТ

а. Бидејќи Никодим посакал да дознае што значи ново раѓање и како тоа може да се оствари, што му рекол Исус? Јован 3,17-21.

“Симболот на подигнатата змија му ја објаснил мисијата на Спасителот. Кога израелскиот народ умирал од каснувањето на отровните змии, Бог му наредил на Мојсеј да направи змија од бакар и да ја постави на возвишено место среде логорот. Тогаш на целиот народ му било објавено дека секој што ќе погледне во змијата ќе остане жив. Израелците знаеле дека сама по себе змијата нема никаква сила да им помогне. Таа била симбол на Христа. Како што кипот, направен во облик на смртоносна змија бил подигнат за нивно исцелување, така и Тој, кој бил ‘во облик на грешно тело’ (Римјаните 8,3), требало да биде нивен Откупител. Многу Израелци сметале дека жртвената служба сама по себе има моќ да ги ослободи од гревот. Бог сакал да им покаже дека таа немала повеќе моќ отколку змијата од бакар. Со тоа сакал да ги насочи нивните мисли кон Спасителот. Тие не можеле да сторат ништо сами, било да се работи за исцелување на телесните рани или за ослободување од гревот, туку единствено со вера во Божјиот Дар. Требало да гледаат во Него за да живеат.“ – Копнежот на вековите, 152.

б. На кој начин ние се спасуваме? Тит 3,4-6.

Петок 21. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што им е потребно на мнозина луѓе кои имаат желба да дискутираат за религијата?
2. Како Исус вниманието на Никодим го насочил на она што било поважно од неговите зборови?
3. Зошто Исус го користел ветрот за да го илустрира влијанието на Светиот Дух?
4. Кој симбол Христос го користел за да му ја објасни својата мисија на Никодим?
5. Како Исус на Никодим му ја објаснил тајната на ново раѓање

Сподели го ова:

Слични објави