07 Лична служба

Сподели го ова:

7. лекција – 15. ноември 2014.

Лична служба

“А кој е мој ближен?“ – Лука 10,29.

“(Христос) покажал дека нашиот ближен не значи дека треба да биде припадник на иста црква или на иста вера. Тоа нема врска со расата, со бојата на кожата, или разлика во класата. Нашиот ближен е секој човек кој има потреба од нашата помош.“ – Христовите параболи, 339.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 482-488.

Недела 9. ноември

1. ВИСТИНСКИ НАСТАН

а. Што му се случило на еден човек додека поминувал низ место често изложено на напади од разбојници? Лука 10,30.

“Патувајќи од Ерусалим до Ерихон, патникот морал да помине низ еден дел од јудејската пустина. Патот водел низ една дива, карпеста клисура, која криела разбојници и била честа сцена на насилство.“ – Копнежот на вековите, 484.

б. Што направил свештеникот кога наишол на овој пат? Лука 10,31.

ц. Што направил левитот? Лука 10,32.

“И (свештеникот и левитот) биле во света служба и нивна должност била да го објаснуваат Светото писмо. Тие припаѓале на онаа група на луѓе кои биле посебно избрани да бидат Божји претставници пред народот. Тие требало да бидат милостиви кон оние ‘кои не знаат и се заблудени’ (Евреите 5,2), за да ги водат луѓето да ја сфатат големата Божја љубов кон човечкиот род.“ – Копнежот на вековите, 484.

Понеделник 10. ноември

2. ВИСТИНСКИОТ ПРИНЦИП ПОКАЖАН СО ПРИМЕР

а. Кога Самарјанинот го видел страдалникот, што тој направил? Лука 10,33.34.

“Еден Самарјанин наишол на местото каде што лежел страдалникот и кога го видел се сожалил на него. Тој не прашувал дали тој маченик е Евреин или незнабожец. Самарјанинот добро знаел дека кога улогата би била обратна, Евреинот би го плукнал во лице и со презир би поминал покрај него. Меѓутоа, не се колебал поради тоа. Не обрнувал внимание на тоа дека можеби и самиот се изложува на опасност од насилство ако се задржува на тоа место. За него било доволно што тука се наоѓа еден човек кој страда и на кого му е потребна помош. Ја соблекол својата облека за да го покрие. Маслото и виното што ги подготвил за своето патување ги употребил за да ги превие раните и да го закрепне повредениот човек. Го подигнал на своето добиче и одел полека, со рамномерен чекор, така што ранетиот да не биде потресуван и поради тоа да трпи уште поголеми болки.“ – Копнежот на вековите, 486.

б. Што уште Самарјанинот направил? Лука 10,34 (втор дел). 35.

“(Самарјанинот) го довел во една гостилница и грижливо го негувал цела ноќ. Во утринските часови, кога на повредениот човек му било подобро, Самарјанинот одлучил да го продолжи патот. Но, пред тоа, тој му го доверил човекот на гостилничарот, ги платил трошоците и оставил депозит во негова корист; и не задоволен, дури и со ова, тој направил договор имајќи ги во предвид и другите трошоци.“ – Копнежот на вековите, 486.

ц. Што Исус на крај го прашал законодавецот? И како законодавецот бил наведен самиот да одговори на своето прашање? Лука 10,36.37.

“Самарјанинот ја исполнил заповедта: ‘Љуби го својот ближен како самиот себеси’, на тој начин покажал дека е поправеден од оние од кого бил осуден… Тој Самарјанец го претставува Христа… Кога бевме во модринки и умиравме, Тој се сожали врз нас, не преминал од другата страна од патот, не нè оставил да загинеме беспомошни и без надеж… Тој ги видел нашите насушни потреби, го презел нашиот случај, своите интереси ги изедначил со интересите на човештвото. Умрел за да ги спаси своите непријатели. Тој се молел за своите убијци.“ – Христовите параболи, 344.

Вторник 11. ноември

3. ИДНТИФИКАЦИЈА НА НАШИОТ БЛИЖЕН

а. Која заповед станала основно начело на христијанството? Лука 10,37 (втор дел).

“Божествената вистина врши мало влијание врз светот, додека кога би била практично применета би извршила големо влијание. Сè повеќе има христијанство на зборови, но со мала тежина. Ние можеме да тврдиме дека сме Христови следбеници, дека веруваме во секоја вистина на Божјата реч; но тоа на нашите ближни нема да им донесе никакво добро ако нашето верување не се спроведува во нашиот секојдневен живот. Нашето исповедање на верата може да биде високо дури до небото, но тоа нема да нè спаси ниту нас ниту нашите ближни освен ако ние сме христијани на дело. Вистинскиот пример ќе му донесе многу повеќе благослови на светот од сите наши зборови.“ – Христовите параболи, 346.
“Секое себично однесување го кочи Христовото дело. Неговото дело се угнетените и сиромашните. Срцата на Неговите таканаречени следбеници се празни; ним им недостига нежно Христово сочувство, им недостига подлабока љубов кон оние што Тој толку многу ги сака, што го положил Својот живот за нивно спасение. Тие души се подрагоцени, бескрајно подрагоцени од која било жртва што ние можеме да Му ја принесеме на Бога.“ – Христовите параболи, 347.

б. Какво помирување помеѓу расите, националностите и социјалните класи е остварено преку крстот на Исус Христос? Ефесјаните 2,13-16.

“Не е можно срцето во кое живее Христос да биде лишено од љубовта. Ако Го љубиме Бога, бидејќи Тој прв нè засакал, ние ќе ги љубиме и сите за кои Христос умрел. Ние не можеме да дојдеме во допир со божественото ако не се поврземе со човештвото, зашто во Оној кој седи на престолот на вселената се соединило човечкото со божественото. Поврзани со Христа, ќе бидеме поврзани и со нашите ближни со златните алки на синџирот на љубовта…
“Бог не признава никаква разлика направена според националност, класа или општествен слој. Тој е Творец на целото човештво. Според создавањето сите луѓе се припадници на едно исто семејство. Христос сите ги соединил со својот откуп. Тој дошол да урне секаков ѕид на поделба… Без оглед на разликите во верското уверување, ние мораме да го чуеме и одговориме на секој повик од измачените луѓе. Кога во срцето на луѓето ќе се појават горчливи чувства поради разликите во верувањата, ние со нашето лично залагање можеме да сториме многу добра. Службата на љубовта може да ги отстрани предрасудите и да ги придобие душите за Бога.“ – Христовите параболи, 348.349.
Среда 12. ноември

4. “БЕСПЛАТНО ДОБИВТЕ, БЕСПЛАТНО ДАВАЈТЕ“

а. Како во Христовото дело да најдеме причини за радост и причини за плач? Римјаните 12,15.

“Ние мора да ги пресретнеме тагите, тешкотиите и неволјите на другите. Мораме да ја делиме радоста и грижите на угледните и презрените, на богатите и сиромасите. Библијата вели: ‘Бесплатно добивте, бесплатно давајте’ (Матеј 10,8). Насекаде околу нас среќаваме сиромашни, измачени души на кои им се неопходни зборови на сочувство и корисни дела. Има вдовици на кои им е потребно нашето сочувство и нашата помош. Има деца без родители кои Христос им ги препуштил на своите следбеници како свои заштитници. Нив мошне често ги запоставуваме. Тие можат да бидат парталави, неуредни и воопшто непривлечни, но сепак се Божја сопственост. И тие се купени скапо и исто толку се драгоцени во Неговите очи, колку што сме и ние. Тие се членови на Божјото големо семејство, и христијаните како Негови настојници се одговорни за нив. Тој вели: ‘Нивните души ќе ги барам од вашите раце’.“ – Христовите параболи, 349.

б. Кога зборовите не се доволни, како можеме да допреме до многу луѓе? Јаков 2,15.16.

“Гревот е едно од најголемите зла и наша должност е да сочувствуваме со грешниците и да им помогнеме… Мнозина го кријат гладот на својата душа. Ним би можело многу да им се помогне со нежен збор или со некој знак на љубезно сеќавање… Мнозина се толку потонати во грев така што наполно ја изгубиле смислата на вечната стварност и секоја сличност со Бога, така што не знаат веќе дали им е неопходно спасение. Немаат веќе ниту вера во Бога ниту доверба во луѓето. На мнозина од нив можеме да им се приближиме само преку нашите дела на несебична љубезност… Кога ќе ги видат доказите за нашата несебична љубов, ќе им биде полесно да поверуваат и во Христовата љубов“ – Христовите параболи, 350.
“Има мнозина кои грешат и кои го чувствуваат својот срам и својата лудост. Си спомнуваат за своите грешки и заблуди сè додека не ги зафати очај. Не смееме да ги занемариме и тие души. Кога некој мора да заплива против течението, тогаш сета водна сила го турка наназад. Подадете му рака помошничка, слично на раката на постариот Брат кога Петар тонел. Упатете му зборови полни си надеж, зборови што ќе разбудат кај него доверба и ќе разгорат љубов.“ – Христовите параболи, 351.
Четврток 13. ноември

5. ПОСТИГНУВАЊЕ НА ПОЗИТИВНИ РЕЗУЛТАТИ

а. Како на луѓето заболени од грев можеме да им помогнеме да склучат мир со Бога? Исаија 27,5.

“Твојот брат, потиштен во духот, желен е за твојата љубов како што ти некогаш си чувствувал потреба. Нему му е потребно искуство и помош на некој кој бил исто така слаб како што е тој, некој кој што ќе сочувствува со него и ќе му помогне. Сеќавањето на нашите слабости треба да нè поттикне да им помогнеме на другите во нивната горчлива потреба…
“Токму заедницата со Христа, личниот допир со живиот Спасител, го оспособува умот, срцето и душата да постигнат победа над својата пониска природа. Зборувајте му на заталканиот за Моќната рака што ќе го поддржи, за бескрајното сожалување што кон него го чувствува Христос како човек.“ – Христовите параболи, 351.

б. Колку нашите лични напори за луѓето кои страдаат влијаат на нашата подготовка за царството Божјо? Даниел 12,3; Захарија 3,7.

“Од нашата верност во ова дело зависи не само благосостојбата на другите, туку и нашата лична вечна судбина. Христос на секого сака да му овозможи висок степен на заедница со Себе – да бидеме едно со Него како што Тој е едно со Отецот… Тој се обидува во нас да развие особини на Својот карактер – сочувство, нежност и љубов. Прифаќајќи ја оваа служба, ние влегуваме во Неговата школа да се подготвиме за небесните дворови.“ – Христовите параболи, 352.

Петок 14. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Со кои постапки Самарјанинот го покажал христијанскиот дух?
2. Што законодавецот кој дошол кај Христа конечно сфатил?
3. По што христијанството е уникатно од сите религии во светот?
4. Опишете ја најмоќната проповед која може да им се проповеда на неверниците?
5. Наведи ги клучните елементи кои луѓето ги привлекуваат кон Христа?

Сподели го ова:

Слични објави