06 Соработка со Христа

Сподели го ова:

6. лекција – 8. ноември 2014.

Соработка со Христа

“И кој слуша нека рече: “Дојди.“ – Откровение 22,17.

“Кога Христос заминал, Тој не секој поединец му дал своја работа. Тоа е одговорноста која почива врз секого од нас.“ – Преглед и гласник, 18. декември, 1888.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 795-807.

Недела 2. ноември

1. НАШИОТ НАЈГОЛЕМ ИНТЕРЕС

а. Koj треба да биде првиот интерес на секој христијанин? Во што се состои службата на евангелистот? Откровение 22,17.

“Без оглед на животниот повик, прва должност на секој поединец треба да биде придобивање на души за Христа… Насекаде околу нас, близу и далеку, се наоѓаат души што се притиснати со чувство на вина. Изопаченоста на човечкиот род не произлегува од неговите тешкотии, неволји и сиромаштија, туку од вината и правењето зло. Тоа донесува немир и незадоволство. Христос сака Неговите слуги да им служат на душите заболени од грев.
“Учениците требало да ја започнат својата работа таму каде што се наоѓале. Не смееле да го заобиколат најтешкото поле, кое најмалку ветувало. Така, секој Христов работник треба да започне таму каде се наоѓа. Во нашето семејство можеби има души кои се гладни за сочувство, души кои гладуваат за лебот на животот. Можеби има деца кои треба да се воспитаат за Христа. Постојат незнабошци покрај нашите порти. Да ја извршиме верно работата која ни е најблиска. Потоа нашите напори треба да се прошируваат онолку далеку колку што нè води Божјата рака.“ – Копнежот на вековите, 800.

б. Во која смисла секој христијанин треба да се чувствува принуден од страна на Христовата љубов? 2 Коринтјаните 5,14.15.19.

Понеделник 3. ноември

2. УЧЕЊЕ ВО ХРИСТОВАТА ШКОЛА

а. Зошто и како ние треба да соработуваме со Христа? 2 Кор. 6,1.

“Ние треба да соработуваме со Бога во обновување на здравјето на телото како и на душата.“ – Копнежот на вековите, 802.

б. Како можеме да бидеме поефикасни соработници во планот на спасението? Колосјаните 1,9.10.

“Механичарите, адвокатите, трговците, луѓе од сите занаети и професии стручно се обучуваат за дејноста во која се надеваат дека ќе влезат. Нивна политика е да се направат себеси што е можно поефикасни. Високо квалификуваната модна кројачка ќе ти каже колку долго морала да учи и да се напрега сè додека темелно не ја запознала својата работа. Архитектот ќе ти каже колку време поминало сè додека не сфатил како да проектира убава и функционална градба. Така е со секој позив кој луѓето ги практикуваат.
“Зарем Христовите слуги треба да покажат помала грижа во подготовката за работата која е бескрајно позначајна од останатите? Зарем треба да останат неупатени во поглед на патиштата и средствата со кои можат да се користат во придобивање на душите.“ – Слуги на евангелието, 76.
“Жалосен е фактот дека напредокот на Божјото дело се попречува поради недостаток на образувани работници. На мнозина им недостасуваат морални и умни способности.“ – Слуги на евангелието, 77.

ц. Како можеме да ‘дојдеме до совршенство’ во Христовата школа? Филипјаните 3,12-14; Евреите 6,1.

“На Божјото дело му се потребни сестрани луѓе, луѓе кои се во состојба да пронаоѓаат, планираат, изградуваат и организираат. Оние што ги сфаќаат можностите укажани на Божјото дело во ова време, ќе настојуваат сериозно да учат за да се здобијат со сите знаења од Божјата Реч и да можат тоа знаење да го употребат во служба на сиромашните и од грев заболените души. Еден проповедник никогаш не треба да мисли дека научил доволно и дека сега може да се опушти во своите напори.“ – Слуги на евангелието, 77.78.

Вторник 4. ноември

3. БАРАЊЕ НА ИЗГУБЕНИТЕ ОВЦИ

а. Какво прашање Исус им поставил на некои луѓе кои своите пари ги инвестирале во стада од ситна и крупна стока? Лука 15,4.

“Во параболата (за изгубената овца) пастирот оди во потрага по само една овца – најмалиот број кој може да се изброи. Според тоа, кога би постоела само една изгубена душа, Христос би умрел и за таа една.
“Овцата кога ќе заталка и ќе се загуби од стадото е најбеспомошно од сите созданија. Пастирот мора да ја бара, зашто таа сама не знае да се врати. Така е и со душата што заталкала од Бога; таа исто така е беспомошна како и загубената овца, и ако божествената љубов не ѝ дојде на помош, таа никогаш не може да го најде патот до Бога.“ – Христовите параболи, 153.

б. Како постапува вистинскиот Христов соработник кога ќе забележи дека една од неговите овци недостасува? Лука 15,5.6.

“Пастирот, кој открил дека недостасува една од неговите овци, не го посматра безгрижно своето стадо кое се нашло во сигурно засолниште, ниту пак кажува:’Имам деведесет и девет овци. Премногу големи би биле напорите да одам во потрага по заталканата. Сама нека се врати, а јас ќе ја отворам вратата на трлото и ќе ѝ дозволам да влезе!’ Не, штом овцата ќе заталка од стадото, пастирот е исплашен и загрижен. Тој повторно го пребројува стадото. Кога ќе се увери дека една овца навистина заталкала, тој не дреме. Ги остава деведесет и деветте во трлото и се упатува во потрага по таа една загубена. Колку помрачна и побурна е ноќта и поопасен патот, толку поголема е грижата на пастирот и посериозна неговата потрага. Тој вложува крајни напори да ја пронајде загубената овца.“ – Христовите параболи, 153.

ц. Кое е значењето на 1 Јов. 3,1; 4,19.

“Ние не се каеме за Бог да може да нè засака, туку Тој ни ја открива Својата љубов, за да можеме да се покаеме.“ – Христовите параболи, 154.

Среда 5. ноември

4. ИЗГУБЕНАТА ПАРИЧКА И БЛУДНИОТ СИН

а. Кого го претставува изгубената паричка спомената во оваа парабола? Лука 15,8.9.

“Изгубената паричка ги претставува оние кои… не се свесни за својата состојба… Нивните души се во опасност, но несвесни се за тоа и безгрижни… Дури и оние што се рамнодушни кон Божјите барања се предмет на Неговата љубов што сожалува и тие треба да се побараат за да можат да се вратат кај Бога.
“Оваа парабола содржи поука упатена до семејствата. Во домовите често владее целосна негрижа за душите на неговите членови. Меѓу нив може да има и такви кои се оддалечиле од Бога; меѓутоа, во семејните односи малку се води грижа за тоа дали ќе се загуби некој кој им е доверен како дар од Бога.“ – Христовите параболи, 160.

б. Кои две задачи во параболата се бараат од домаќинката за да ја најде загубената паричка? Лука 15,8 (втор дел).

“Жената во параболата грижливо ја бара својата загубена паричка… Таа нема да престане да се труди сè додека не ја најде. Така и во семејството, ако еден член е загубен за Бога, мора да се вложи секој напор за да се врати… Нека се изврши грижливо, внимателно самоиспитување… Нека се утврди дали можеби некоја грешка, некој пропуст при управувањето придонел оваа душа да се зацврсти во своето непокајание.“ – Христовите параболи, 162.

ц. Како Господ се справува со современите блудни синови и ќерки? Лука 15,11-32. Каква поука треба да извлечеме од ставот на постариот брат?

“Кога ќе се видиме себеси како грешници кои се спасени единствено со љубовта на нашиот небесен Отец, тогаш ќе покажуваме вистинска љубов и нежно сочувство кон ближните кои страдаат поради својот грев… Кога ќе се истопи мразот на себичноста во вашето срце, тогаш ќе се сложите со Бога и ќе ја делите со Него радоста што произлегува од спасувањето на загубените…
“Твојот брат е поврзан со тебе со најцврсти врски, зашто Бог го признава него како свое дете. Ако го одбиеш своето сродство со него, покажуваш дека си само наемник во домот, а на дете во Божјото семејство.“ – Христовите параболи, 179.
Четврток 6. ноември

5. ЗАДАЧА НА ЕВАНГЕЛСКИОТ ПРОПОВЕДНИК

а. Дефинирајте ја главната задача на проповедникот на евангелието? 2 Коринтјаните 12,10; 2 Тимотеј 3,10.11; 4,5.

“Задачата на проповедникот на евангелието е: ‘На сите да им расветли во што се состои располагањето со тајната, која од вечноста беше скриена во Бога’ (Ефесјаните 3,9). Оној што го прифаќа делото, а избира улога која бара најмалку самопожртвување, задоволувајќи се само со држење на проповеди, препуштајќи им ги личните заложби на другите, неговата работа Бог не ја одобрува. Душите заради кои Христос умрел пропаѓаат зашто нема добро насочен, личен труд. Оној што ја прифатил проповедничката служба, а не сака лично да се залага, да се грижи за стадото – погрешно го одбрал својот позив.
“Духот на вистинскиот пастир е полн со самопожртвуваност… Проповедајќи ја Божјата Реч и работејќи лично по домовите на луѓето тој се запознава со нивните потреби, со нивните грижи и неволји, соработувајќи со Оној кој го прима на Себе секој товар. Тој учествува во нивните страдања, ги теши во нивните таги, го ублажува гладот на нивната душа и ги придобива нивните срца за Бога.“ – Делата на апостолите, 395.

б. Кои други обележја се од суштинско значење во службата? Јаков 3,1.2.13-18.

“Потпастирот во својата работа мора да биде мошне тактичен, зашто во црквата ќе наиде на недоразбирање, на огорченост, пакост и завист; и за да може работите да ги доведе во ред, тој мора да работи во Христов дух.“ – Делата на апостолите, 394.

Петок 7. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што значи да си принуден од страна на Христовата љубов?
2. Каков вид на образование му е потребно на проповедникот на евангелието и зошто?
3. Како постапува и се чувствува вистинскиот соработник на Христа кога една овца недостасува од стадото?
4. Кои квалификации барани од евангелскиот работник често се забораваат?
5. Каква тактичност и мудрост е битна во службата на евангелието?

Сподели го ова:

Similar Posts