05 Што е евангелска служба?

Сподели го ова:

5. лекција – 1. ноември 2014.

Што е евангелска служба?

“Сиромасите секогаш ги имате со вас, и кога сакате можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш.“ – Марко 14,7.

“Христовата милост ги прегрнува паднатите, заблудените и грешните; и секое дело на љубезност направено да ја подигне паднатата душа, секој чин на милост Тој го прифаќа како да е направен на Него.“ – Да го воздигаме Него, 82.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 615-620.
Недела 26. октомври

1. НИЕ СМЕ БОЖЈИ СЛУЖИТЕЛИ

а. Од изобилството со кое Бог ја благословува земјата, што предвидел Тој за помош на сиромашните? Псалми 65,9-11; 68,10; 107,9.

б. Која должност им ја налага Христос на Неговите следбеници кога вели: “Блажени се милостивите“? Матеј 5,7.

“Никогаш порано немало толкава потреба за покажување милост како денес. Насекаде околу нас има сиромашни, потиштени, болни, ужалени и такви кои се пред пропаст.
“Оние кои стекнале богатства, тоа го постигнале користејќи ги талентите што Бог им ги дал, но тие таленти за стекнување имот им се дадени за да им помогнат на сиромашните. Овие дарови им ги дал Оној што го пратил сонцето да грее и дождот да паѓа врз праведните и врз неправедните, за да со плодноста на земјата луѓето ги задоволат сите свои потреби.“ – Служба на добродетелство, 15.

Понеделник 27. октомври

2. НАШАТА ДОЛЖНОСТ КОН СВЕТОТ

а. Од денот кога, според 1 Јованово 5,19, светот паднал под контрола на силите на мракот, каква несреќа владее дури и во таканаречените христијански земји?

“Додека Бог во своето провидение ја натоварил земјата со изобилие и ги наполнил нејзините складишта со сè што животот го прави пријатен и среќен, сепак немаштија и сиромаштво се забележуваат на секој чекор. Во својата милост Провидението на човечките суштества им дало изобилие за да ги задоволат потребите на сите, но Божјите служители се неверни. Во таканаречениот христијански свет за луксуз се троши она што би било доволно да ги задоволи потребите на сите гладни и да ги облече сите голи. Многумина кои по име се нарекуваат христијани ги трошат Неговите пари на себични задоволства, на задоволување на апетитот, на жестоки пијалаци и на скапи јадења, на луксузни куќи, мебел и облека, а на човечките битија што страдаат одвај да упатуваат поглед на сожалување и збор на сочувство.
“Колкава мизерија владее во срцата на таканаречените христијански земји! Помислете на состојбата на сиромашните во нашите големи градови. Во тие градови постојат толпи човечки суштества кои добиваат помалку грижа и обѕир од животните. Има илјадници бедни деца, парталави и полугладни, со пороци и изопачености испишани на нивните лица.“ – 6 Сведоштво, 254.

б. Покрај знаењето за спасението, кои други благослови Бог сака да ги споделиме со луѓето? Исаија 58,7; Јаков 1,27.

“Некои мислат дека кога ќе приложат пари за ова дело, тоа е сè. Паричните донации не можат да ја заменат личната служба. Добро е да ги приложуваме нашите средства, и има многумина кои треба да почнат да го прават ова; но од сите се бара да вложат лична служба во согласност со нивните сили и можности.
“Делото на собирање на сиромашните, угнетените, настраданите и отфрлените е задача на која одамна требаше да се посветат сите оние што веруваат во вистината за ова време.“ – 6 Сведоштво, 255.
“Небесните ангели со нетрпение чекаат да соработуваат со нив во практичната примена на начелата на вистината. Преку санаториумите и сличните институции треба да се изврши најголем дел од ова дело.“ – 7 Сведоштво, 55.
Вторник 28. октомври

3. “САКАЈ ГО БЛИЖНИОТ СВОЈ КАКО СЕБЕСИ“

а. Кој вид самопожртвување е вистинско покажување на Христовиот карактер? Гал. 6,9.10; Римј. 12,20.

“При помагање на несреќните и задоволување на нивните телесни потреби ние сме должни да покажеме нежно сочувство како Самарјанинот, хранејќи ги гладните, носејќи ги сиромашните и отфрлените во нашите домови, секојдневно барајќи од Бога милост и сила кои ќе ни овозможат да допреме и до најдлабоката беда за да им помогнеме на оние кои не се во можност да си помогнат самите.“ – 6 Сведоштво, 255.
“Поуката (во параболата за добриот Самарјанин) е исто толку важна денес како што била во времето на Исуса. Себичноста и студената формалност речиси потполно го угасија пламенот на љубовта и го уништија милосрдието што треба да го краси карактерот. Многумина кои се нарекуваат христијани губат од вид дека христијаните се претставници на Христа. Ние не сме христијани ако не покажеме практично самоодречување за доброто на другите, во кругот на семејството, во соседството, во црквата и каде и да сме, без разлика на нашата професија.“ – Копнежот на вековите, 487.

б. Како најдобро можеме да го поттикнеме интересот за верата кај нашите соседи? 2 Солунјаните 3,13.

“Секој член на црквата треба да чувствува дека негова особена должност е да прави добро во соседството. Научете како најдобро да им помогнете на оние што не се заинтересирани за верата. Кога ги посетувате вашите пријатели и соседи покажете заинтересираност за нивната духовна и земна благосостојба. Претставете го Христа како Спасител кој ги проштева гревовите. Поканете ги соседите во вашите домови и со нив читајте ја скапоцената Библија и книгите што ги објаснуваат нејзините вистини. Ова, комбинирано со едноставни христијански песни и ревносна молитва, ќе допре до нивните срца. Членовите на црквата нека научат да го прават ова дело. Тоа е исто толку битно како и спасување на непросветлените души во далечните земји. Додека некои чувствуваат товар за душите што се далеку, многумина кои се дома треба да го почувствуваат товарот на драгоцените души околу нив и треба да работат исто толку вредно за нивното спасение.“ – 6 Сведоштво, 256.

Среда 29. октомври

4. ПОСЕБЕН БЛАГОСЛОВ ЗА МИЛОСТИВИТЕ

а. Кога Христос ќе дојде во слава, колку групи на луѓе ќе постојат? Што ќе им каже Тој на оние од Неговата “десна страна“? Матеј 25,34-36.

“Оние кои Христос ќе ги пофали на судниот ден можеби имаат мали теолошки познавања, но тие ги негувале Неговите принципи. Преку влијанието на Светиот Дух тие биле благослов за луѓето околу нив. Дури и меѓу паганите постојат такви кои го негувале духот на љубезност; пред да допрат зборовите за вечен живот до нивните уши, тие се спријателиле со мисионерите и им служеле, дури и по цена на сопствениот живот. Меѓу паганите има такви кои му служат на Бога несвесно, такви до кои светлината не била однесена со човечка рака, сепак тие нема да пропаднат. Иако не го знаат Божјиот пишан закон, тие го чуле Неговиот глас како им зборува во природата, и со своите дела ги исполнувале барањата на законот. Нивните дела се доказ дека Светиот Дух ги допрел нивните срца и Бог ги прифаќа како Негови деца.
“Колку изненадени и радосни ќе бидат понизните и неистакнати од различни нации и голем број пагани кога од устата на Спасителот ќе ги чујат зборовите: “Доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле“ (Матеј 25,40)! Колку среќно ќе биде срцето на Бескрајната Љубов кога Неговите следбеници со изненадување и радост ќе ги слушнат Неговите зборови на одобрување…
“(Христос) се идентификува себеси со секое дете на човечкиот род. Тој станал член на земно семејство за ние да можеме да станеме членови на небесното семејство. Тој е човечки Син и со тоа е брат на сите Адамови синови и ќерки.“ – Копнежот на вековите, 616.617.

б. Зошто треба да бидеме милостиви кон сите видови грешници? Матеј 25,37-40.

“(Христовите) следбеници не треба да се чувствуваат отуѓени од светот што пропаѓа околу нив. Тие се дел од големата мрежа на човештвото, и Небото нив ги гледа како браќа и на грешните и на праведните. Христовата љубов ги прегрнува паднатите, заблудените и грешните. Секое дело на љубезност направено за да се подигне падната душа, секој чин на милосрдие се прифаќа како да е направен Нему.“ – Копнежот на вековите, 617.
Четврток 30. октомври

5. ДА БИДЕМЕ НЕСЕБИЧНИ РАБОТНИЦИ

а. Како апостол Павле нè советува да соработуваме со небесните ангели во нивната служба за грешните? Евр. 13,1.2.

“Кога ја отворате вратата за Христовите сиромашни и настрадани браќа, вие укажувате добредојде на невидливите ангели. Така се наоѓате во друштво на небесните битија кои со себе носат света атмосфера на радост и мир. Тие доаѓаат со фалби во нивната уста, а одекот се слуша во небото. Секое дело на милосрдие во небото се прима како музика. Таткото од својот небесен престол несебичните работници ги смета за свое скапоцено богатство.“ – Копнежот на вековите, 617.
“Многумина мислат дека е голема привилегија да се посетат местата од Исусовиот живот на земјата, да одат каде што Тој одел, да го видат езерото каде Тој сакал да поучува, и ридовите и рамнините во чијшто пејзаж уживал. Но ние не треба да одиме во Назарет, во Капернаум ниту во Витанија за да одиме по стапките на Исуса. Неговите стапки се покрај болничката постела, во сиромашните колиби, во преполните улици на големите градови, и во секое место каде има срца на кои им е потребна утеха. Ако го правиме тоа што Исус го правел дури бил на земјата, на тој начин одиме по Неговите чекори.“ – Копнежот на вековите, 618.
“Во сите кои страдаат заради моето име, рекол Исус, вие треба да ме видите Мене. На таквите треба да им служите, како што би ми служеле Мене. Тоа е доказ дека сте Мои ученици.“ – Копнежот на вековите, 616.

Петок 31. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која должност се подразбира во зборовите: “блажени се милостивите“?
2. Објаснете ја далекосежната сила на евангелизирањето?
3. Кое самопожртвување е вистински приказ на Христовиот карактер?
4. Како најдобро можеме да пробудиме интерес за духовното кај нашите соседи?
5. Кога Христос ќе дојде во слава, што ќе им рече на оние од Неговата десна страна?

Сподели го ова:

Слични објави