02 Исус повикува дванаесетмина

Сподели го ова:

2. лекција – 11. октомври 2014.

Исус повикува дванаесетмина

“(Исус) избра дванаесетмина кои ги нарече апостоли да бидат со Него и да ги праќа да проповедаат.“ – Марко 3,14.

“Исус ги повикал своите ученици за да може да ги испрати како свои сведоци за на светот да му објават што виделе и што чуле од Него. Нивната служба била најважниот позив што некогаш им е доверен на луѓето, и после значењето била веднаш после Христа. Тие биле повикани заедно со Бога да работат на спасување на светот.“ – Преглед и гласник 11. јануари, 1912.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 270-277.

Недела 5. октомври

1. ДВАНАЕСЕТ АПОСТОЛИ

а. Какви биле луѓето што Исус ги обучувал да ја објават веста за спасение на светот? Наведи ги нивните имиња. Матеј 10,2-4.

“Нашиот Спасител… се зближил со луѓе кои имале несовршен карактер и им ги подарил благодатите од Неговите учења и Неговиот пример, за да добијат можност да ги видат нивните мани и да ги поправат.“ – Големата борба, 40.

б. Која изјава на Христа покажува дека тој го знаел карактерот на тие луѓе? Јован 6,70.

“Спасителот го знаел карактерот на луѓето што ги избрал; сите нивните слабости и мани му биле познати.“ – Копнежот на вековите, 271.
“Меѓу дванаесетмината апостоли имало предавник. Јуда бил прифатен, не заради недостатоците на карактерот, туку и покрај нив.“ – Големата борба, 40.
Понеделник 6. октомври

2. ЈУДА

а. Како и зошто Исус го прифатил Јуда? Матеј 8,19.20.

“Додека Исус ги подготвувал учениците за посветување, еден што не бил повикан, сакал да биде меѓу нив. Тоа бил Јуда Искариот, човек кој тврдел дека е Христов следбеник. Тој сега истапил барајќи место во внатрешниот круг на учениците. Со голема срдечност и надворешна искреност тој изјавил: ‘Учителе, ќе Те следам каде и да одиш.‘ Исус ниту го одбил ниту го прифатил, туку само ги изговорил тажните зборови: ‘Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да наслони‘ (Матеј 8,19.20)…
“Учениците сакале и Јуда да стане еден од нив. Тој имал авторитетна појава, бил човек со зрело расудување и деловни способности, и тие му го препорачале на Исуса како некој што може многу да му помогне во Неговото дело. Биле изненадени кога Исус го примил толку ладно.“ – Копнежот на вековите, 273.

б. Кој избор му бил достапен на Јуда, како што е достапен за сите нас? 5 Мојсеева 30,19.

“Кога (Јуда) би го отворил своето срце пред Христа, божествената милост би го истерала демонот на себичност, па дури и Јуда би можел да стане припадник на Божјото царство…
“Јуда ги имал истите можности како и другите ученици. Тој ги слушал истите скапоцени поуки. Но примената на вистината што Исус ја барал била во спротивност со Јудините желби и намери.“ – Копнежот на вековите, 274.

б. Единствено на кој начин можел Јуда да одбере живот, и што би било потребно од негова страна при таквиот избор? Јован 1,12.13; 1 Петр. 1,22.23.

“(Јуда) бил примен меѓу учениците за, преку Христовите учења и пример, да го научи Христовиот карактер и на тој начин да ги согледа сопствените мани, да се покае и, со помош на божествената милост, да ја очисти својата душа ‘со послушност кон вистината‘ (1 Петрово 1,22).“ – Големата борба, 40.
Вторник 7. октомври

3. “НАУЧЕТЕ СЕ ОД МЕНЕ“

а. Како апостол Павле ја опишува едноставноста на мажите и жените повикани да работат за Бога? 1 Кор. 1,26-28.

“Бог ги прима луѓето какви што се, со човечки црти во нивните карактери и ги обучува за Неговата служба, доколку тие сакаат да бидат послушни и да учат од Него. Тие не се избрани затоа што се совршени, туку и покрај нивните несовршености, за преку познавање и применување на вистината и преку Христовата милост да бидат преобразени според Неговиот лик.“ – Копнежот на вековите, 274.
“На обичните животни патеки, многумина со тешки напори стрпливо ги извршуваат своите секојдневни обврски, несвесни за скриените сили кои, кога би ги пробудиле, би ги довеле меѓу големите и водечки луѓе во светот. Потребен е само допир на вештата рака за тие способности да се разбудат и да се развијат.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 425.

б. Што Христовиот повик за служба значел за првите ученици? Лука 14,27.33; Ефесјаните 4,20-24.

“Сите ученици имале сериозни недостатоци кога Исус ги повикал во својата служба. Дури и Јован, кој бил најблизу до понизниот и кроток Исус, не бил сам по себе понизен и попустлив. Тој и неговиот брат биле наречени ‘синови на громот‘… (Но) гледајќи на Христа, нивните карактери се измениле.“ – Копнежот на вековите, 275.

ц. Од кого требало учениците да учат за да одговорат на нивниот позив? На кое начело било засновано нивното воспитување и обука? Матеј 11,29; Јован 17,26.

“Животот посветен на Бога не треба да биде живот на незнаење. Многумина зборуваат против образованието затоа што Исус за проповедање на Евангелието повикал неуки рибари. Тие тврдат дека Тој им давал предност на необразованите. Меѓутоа, постоеле многумина учени и почитувани луѓе кои верувале во учењата на Христа. Кога бестрашно би се покориле на нивната осведочена совест, и тие би тргнале по Него.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 425.

Среда 8. октомври

4. ДА ГО УТВРДИМЕ НАШИОТ ПОЗИВ

а. На што мисли апостол Павле кога вели дека секогаш се молел за верниците во Солун ‘да ве удостои нашиот Бог за звањето’? 2 Сол. 1,11.

б. Како ‘учесниците во небесното призвание’ (Евр. 3,1) се упатени да го утврдат нивниот позив? 2 Петр. 1,2-11.

“Немојте да мислите дека не можете да почнете со развојот на друга доблест додека не ја усовршите првата. Не, треба да ги развивате заедно, постојано напојувајќи се од изворот на љубовта; со секој изминат ден можете да ги усовршувате благословените особини откриени во Христовиот карактер; и кога ќе постапувате така, во вашите домови ќе внесете светлина, љубов, мир и радост.“ – Коментари на библиските текстови, 840.

ц. Кое особено упатство е дадено на оние кои чувствуваат дека се повикани да работат како евангелисти? 2 Тим. 2,15.

“Ако работникот целосно се посветил на Бога и ревносно се моли за сила и небесна мудрост, Христовата милост ќе биде негов учител, тој ќе ги победи своите недостатоци и ќе станува сè помудар во познавање на вистината. Но никој да не си дозволи заради ова да стане немарен, да ги пропушта времето и можностите, и да ја занемари обуката која е неопходна за успешно работење. Господ не е задоволен од оние кои имале можности да се стекнат со знаење, но занемариле да ги подобрат предимствата што ги имале на располагање…
“Личноста чијшто ум е осветлен со Божјиот збор, повеќе од сите други луѓе на земјава, ќе чувствува дека мора да се посвети на проучување на Библијата и на вредно студирање на науките, затоа што неговата надеж и неговиот позив се повозвишени. Колку поблиску е личноста до Изворот на знаењето и мудроста, толку повеќе ќе може да се развие интелектуално и духовно.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 424.

Четврток 9. октомври

5. ИСУС СÈ УШТЕ ГИ ПОВИКУВА МАЖИТЕ И ЖЕНИТЕ

а. Кои библиски стихови треба да ги имаме на ум во ова последно време, кога треба да се доврши Божјото дело на земјата? Мат. 24,14; 9,37; 2 Кор. 4,7.

“Оној кој ги повикал рибарите од Галилеја, сè уште ги повикува луѓето во својата служба. И Тој сака и денеска да ја покаже својата моќ преку нас како што ја покажал преку првите апостоли. Колку и да сме несовршени и грешни, Господ ни нуди да станеме Негови соработници, Христови ученици. Тој нè повикува да ги примиме божествените поуки и, обединувајќи се со Христа, да работиме на Божјото дело.
“‘Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да биде од Бога, а не од нас‘ (2 Кор. 4,7). И затоа проповедањето на евангелието било доверено на грешните луѓе, а не на ангелите. Така се покажува дека силата која делува преку слабите човечки суштества е Божја сила… Евангелистите лично ги доживеале и ги знаат опасностите и тешкотиите и заради тоа се повикани да им помогнат на оние кои се во иста ситуација. Има души кои се притиснати со сомнежи, оптоварени со слабости, слаби во верата и немоќни да го дофатат Невидливиот; меѓутоа пријател што можат да го видат, кој им доаѓа во името на Христа може да биде алка што нивната колеблива вера ја поврзува со Христа.
“Ние треба да соработуваме со небесните ангели кога го претставуваме Исуса пред светот. Ангелите со нетрпелива срдечност очекуваат да работат со нас, бидејќи канал за врска со човекот мора да биде човек. Кога ние со цело срце ќе се посветиме на Христа, ангелите се радуваат што ќе можат преку нашиот глас да ја откријат Божјата љубов.“ – Копнежот на вековите, 277.

Петок 10. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто и како Исус го прифатил Јуда иако знаел дека ќе го предаде?
2. Како можеме да ги избегнеме трагичните грешки на Јуда?
3. Објасни некои од клучните барања и цели во соработката со Христа.
4. Која е вистинската тајна на успешното евангелизирање?
5. Какви упатства ни се дадени да го утврдиме нашиот позив?

Сподели го ова:

Слични објави