01 “Го најдовме Месијата“

Сподели го ова:

1. лекција – 4. октомври, 2014.

“Го најдовме Месијата“

“Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ – Јован 1,29.

“Јован Крстител бил повикан во духот и силата на Илија да го подготви патот за Исус. Оние кои го отфрлиле сведоштвото на Јован Крстител, немале никакви придобивки од Исусовите учења.“ – Рани списи, 279.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 112-123.

Недела 28. септември

1. ЈОВАН КРСТИТЕЛ

а. Имајќи го во предвид разговорот на Јован Крстител со ерусалимските поглавари, кои поуки можеме да ги научиме од начинот на кој тој се претставил себеси и своето дело? Јован 1, 19-28.

“Кога (Јован) Крстител ја почнал својата служба, многумина мислеле дека тој е Мојсеј кој воскреснал од мртвите“ – Копнежот на вековите, 115.

б. Што рекол Јован утредента по разговорот со свештениците и левитите? Јован 1,29-34.

“Народот со страхопочит и зачуденост го гледал Оној за кого било објавено дека е Божји Син. Биле длабоко возбудени од зборовите на Јован. Тој им зборувал во Божјо име. Тие секојдневно го слушале како ги прекорува за нивните гревови и секој ден се зацврстувала нивната увереност дека тој е испратен од небото. Но кој е Тој што е поголем од Јован Крстител? Неговата облека и држење не упатувале на возвишеност. Тој на изглед бил обичен човек, облечен во скромни алишта како и тие.“ – Копнежот на вековите, 117.

Понеделник 29. септември

2. “И ГО ДОВЕДЕ КАЈ ИСУСА“

а. Што рекол Јован Крстител следниот ден? За кого посебно е спомнато дека го слушнал? Јован 1, 35.36.

б. Кој битен став на евангелисти го имале овие двајца ученици на Јован? Јован 1,37-39.

“Ако Јован и Андреј го имале духот на неверство како свештениците и поглаварите, тие немале да дојдат кај Исусовите нозе да бидат поучени. Тие пред Него би дошле како критичари кои ги судат Неговите зборови. Многумина на тој начин ја затвораат вратата за најскапоцените можности. Но првите ученици не постапиле така. Тие го прифатиле повикот на Светиот Дух упатен преку учењето на Јован Крстител. И тогаш го препознале гласот на небесниот Учител. За нив зборовите на Исуса биле полни со свежина, вистина и убавина. Божествена светлина ги осветлила учењата на Стариот Завет. Повеќе-страните теми на вистината биле изнесени во нова светлина.
“Покајанието, верата и љубовта овозможуваат душата да прими мудрост од небото. Верата која делува преку љубов е клуч на знаењето, а секој кој љуби ‘го познава Бога‘ (1 Јов. 4,7).“ – Копнежот на вековите, 119.

ц. Кои биле овие први двајца ученици? Јован 1,40. (Забелешка: кога го пишувал Евангелието според Јован, авторот никогаш не го спомнувал своето име). Објасни ја желбата на Андреј да ја сподели добрата вест, откако поминал одредено време со Исуса. Јован 1,41.

“Ученикот Јован бил човек со искрена и длабока љубов, жесток, но мисловен. Тој веќе почнал да ја препознава Христовата слава – не светскиот раскош и славата за кои бил поттикнуван да се надева, туку за ‘славата како Единороден од Отецот‘ (Јован 1,14). Бил задлабочен во размислување на оваа чудесна тема.
“Андреј сакал да ја сподели радоста што го исполнила неговото срце. Наоѓајќи го својот брат Симон, тој со радост извикал: ‘Го најдовме Месијата‘.“ – Копнежот на вековите, 119.

Вторник 30. септември

3. ПЕТАР, ФИЛИП, НАТАНАИЛ

а. Што му рекол Исус на Симона кога го видел? Јован 1,42.

“Симон не чекал да биде повикан двапати. И тој ги чул учењата на Јован Крстител, па побрзал кај Спасителот. Божјото око го набљудувало, читајќи го неговиот карактер и неговото животно искуство. Неговата избувлива природа, неговото сочувствително срце полно со љубов, неговите амбиции и самоувереност, историјата на неговиот пад, неговото покајание, неговиот труд и неговата маченичка смрт – Спасителот го видел сето ова и рекол: ‘Ти си Симон, синот на Јован; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар‘.“ – Копнежот на вековите, 119.

б. Како еден нов ученик следниот ден покажал желба да ги сподели добрите вести? Јован 1,43-45.

ц. На кој начин Натанаил го искажал сомнежот во неговото срце за добрите вести, и како Филип се обидел да го отстрани тој сомнеж? Јован 1,46. Што можеме да научиме од методот што првите Христијански евангелисти го користеле при нивната работа?

“Сè додека тие му веруваат на водството на човечките авторитети, никој нема да дојде до спасоносното спознание на вистината. Како Натанаил, ние мораме да го проучиме Божјиот збор лично, и да се молиме за просветлување од Светиот Дух. Оној што го видел Натанаил под смоквата, ќе нè види и нас во нашето тајно место за молитва. Ангелите од светот на светлината стојат близу до оние кои во понизност бараат божествено водство.
“Со повикот до Јован, Андреј и Симон, Филип и Натанаил започнало основањето на Христијанската црква. Јован Крстител двајца од своите ученици ги упатил кон Христа. Тогаш еден од нив, Андреј, го нашол својот брат и го повикал кај Спасителот. Следен бил повикан Филип, а тој тргнал да го побара Натанаил. Овие примери треба да нè научат на важноста од личниот труд, на важноста од директно повикување на нашите роднини, пријатели и соседи. Има такви кои цел живот тврдат дека го познаваат Христа, а никогаш не вложиле личен напор да донесат една душа кај Спасителот.“ – Копнежот на вековите, 119.
Среда 1. октомври

4. “АКО ВЕРУВАТЕ ВО МЕНЕ“

а. И покрај неверувањето на Натанаил, што Исус рекол за него? Јован 1,47. Која Исусова забелешка го изненадила Натанаил, и кој бил неговиот одговор? Јован 1,48.49.

б. Додека Исус со радост гледал кои благослови Неговото дело ќе ги донесе врз човештвото, што му рекол на Натанаил? Јован 1,51. Објаснете го овој стих.

“Ако верувате во Мене… вашата вера ќе се освежи. Ќе видите дека небесата се отворени и дека никогаш нема да се затворат. Јас ги отворив за вас. Божјите ангели се искачуваат, носејќи ги горе пред Отецот молитвите на бедните и несреќните, а се спуштаат носејќи благослов, надеж, храброст, помош и живот на човечките деца…
“Секој благослов од Бога до нас доаѓа преку Христа и преку службата на Неговите небесни гласници. Примајќи го обликот на човек, нашиот Спасител ги обединува Неговите интереси со интересите на паднатите синови и ќерки на Адам, додека со својата божественост Тој се држи за Божјиот престол. На тој начин Христос е посредник во општењето на луѓето со Бога и на Бог со луѓето.“ – Копнежот на вековите, 123.

ц. Како преку Христа можеме да дојдеме кај Бога? Јован 14,6

“Копнежот да бидеме добри, побожни и свети е исправен, меѓутоа ако застанеме само на тоа, нема да постигнеме ништо. Многумина ќе бидат изгубени и покрај тоа што се надеваат и сакаат да бидат христијани. Тие не доаѓаат до степен каде својата волја ја предаваат на Бога. Тие не одлучуваат да бидат христијани сега.
“Вашиот живот може целосно да се промени со правилно вежбање на волјата. Кога ја предавате вашата волја на Христа, вие се поврзувате со моќта која е посилна од сите власти и моќи. Постојано ќе примате сила од небото за да останете цврсти и постојани и на тој начин со постојано предавање на Бога ќе можете да живеете нов живот, живот на вера.“ – Патот кон Христа, 42.43.
Четврток 2. октомври

5. ОТКРИВАЊЕ НА ХРИСТОВИОТ КАРАКТЕР

а. Кој мошне успешен метод на евангелизирање треба да го користи секој од нас? 1 Јованово 3,10.11.

“Сега кога Исус е вознесен на небото, Неговите ученици се Негови претставници меѓу луѓето и еден од најуспешните начини за придобивање на душите за Него е да го отсјајуваме Неговиот карактер во секојдневниот живот. Нашето влијание врз другите не зависи толку од тоа што го кажуваме, туку од тоа какви сме. Луѓето можат да се борат и да ѝ се спротивставуваат на нашата логика, можат да ги одбиваат нашите повици; но не можат да му противречат на живот исполнет со несебична љубов. Доследен живот, исполнет со Христова благородност е сила во светот.
“Христовото учење било израз на внатрешна убеденост и искуство, и тие што учеле од Него станале учители по божествен избор. Божјиот збор, изговорен од оној кој преку него се посветил, има животворна моќ, преку која станува привлечен за слушателите и ги убедува дека тој е жива вистина. Кога човекот ќе ја прифати вистината со љубов, таа ќе се манифестира преку неговото однесување и преку тонот на неговиот глас. Тој го објавува тоа што самиот го слушнал, видел и искусил за речта на животот за и другите да му се придружат преку познавањето на Христа. Неговото сведоштво, изговорено со усни допрени на живиот јаглен од олтарот е вистина која срцето ја прифаќа и која го посветува карактерот“. – Копнежот на вековите, 122.

Петок 3. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што рекол Јован Крстител за Христа кога го препознал?
2. Кое било првото евангелско искуство на Андреј и што треба ние да научиме од него?
3. Како Филип покажал интерес сличен на оној на Андреј?
4. Објасни како можеме да дојдеме кај Бога.
5. Сумирај ги најмоќните средства на евангелизмот.

Сподели го ова:

Слични објави