11 Нашата вредност во Христа

Сподели го ова:

11. лекција – 14. декември 2013.

Нашата вредност во Христа

“Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами проверувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни.“ – 2 Кор. 13,5.

“Вистинската вредност на човечката душа може да се оцени само во светлината на крстот.“ – Делата на апостолите, 204.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 84-96.

Недела 8. декември

1. ПРЕДОЧУВАЊЕ НА ОПАСНОСТИТЕ КОИ НИ ПРЕТАТ

а. Против што мораме постојано да се чуваме не злоупотребувајќи ја Божјата милост? Еремија 17,9.10; Изреки 16,18; 1 Кор. 10,12.

“Христос обезбедил средства со кои преку целиот наш живот можеме да бидеме во непрекината заедница со Него; но чувството на трајно Христово присуство во нас може да дојде само преку жива вера…
“Нека сите длабоко размислат за предноста која им е дадена и нека сами на себе си ги постават прашањата: Дали својата волја ја потчинувам на Христовата волја? Дали полнотата и богатството на Живата Лоза – Неговата добрина, Неговата милост и љубов се одразуваат во мојот живот и карактер?“ – Во небесните пространства, 56.

б. Наведи пример на сопствено преиспитување и потчинување на Христа? 1 Кор. 9,26.27; 15,30.31; Марко 7,14-23.

“Од суштинска важност е да го приспособиме својот вкус, апетитот, страстите и желбите на големиот морален стандард на правдата. Делото мора да започне во срцето. За да биде чисто срцето мора целосно да се усогласи со Христовата волја, инаку нашата силна страст или некоја погрешна навика или недостаток ќе постане сила на погибел. Бог прифаќа само служба од сето срце, ништо помалку од тоа.“ – Христијанско воспитување, 51.
Понеделник 9. декември

2. РАЗВОЈ НА СООДВЕТНА ПЕРСПЕКТИВА

а. Што мошне често може да нè оспособи во настојувањето да му служиме на Бога? Матеј 18,1-4.

“Самоволието во нас мора да умре; послушност и покорност му должиме само на Христа. Војникот во Христовата војска мора да научи да поднесува тешкотии, да се одрекне од себе, да го земе својот крст и да го следи својот Војсководец. Многу нешта треба да се направат, човечката природа – телото и крвта – тешко и болно го прифаќаат процесот. Ова дело на самосовладување бара одлучни и непрекинати напори. За да извојуваме драгоцени победи во добрата борба на верата, мораме цврсто да се определиме за вечен живот“ – Упатство за младите, 22. декември, 1886.
“Исус го дал својот живот за спасение на светот, и Тој на човекот му дава непроценлива вредност. Тој сака човекот да ја цени својата вредност и да размислува за својата идна благосостојба… Ако духовната визија е јасна, невидливата стварност ја добива својата вистинска вредност.“ – Совети за приставите, 136.

б. Каква промена ни е потребна за да имаме правилен однос со Бога? Матеј 6,24; Изреки 8,13.

“Ние по природа сме себични и самоволни. Но ако ги прифатиме поуките што Христос копнее да ни ги даде, ние ќе станеме соучесници во Неговата природа и ќе живееме со Неговиот живот. Неспоредливата нежност со која ги освојувал чувствата на луѓето, плачејќи со оние што плачат, радувајќи се со оние што се радуваат, треба да остави длабоко влијание врз карактерот на сите што искрено го следат. Преку љубезни зборови и дела тие ќе се обидат да го направат патот лесен за уморните нозе.“ – Здравје и среќа, 133.
“Некои мислат дека во поглед на практичното христијанство се поупатени и во подобра положба од другите. Дали ова е така или не тоа го покажува нивниот живот. Дали во своите постапки се сосредоточуваат само на себе, или во тоа ги поттикнува Светиот Дух, Духот на вистината и правдата? Религијата треба да стане живо и делотворно начело. Мотивот на вистинскиот христијанин е со својот живот да ја изразува добрината и Христовата љубов.“– Пораки од Лома Линда, 318.
Вторник 10. декември

3. НИЕ СМЕ СЛУГИ БЕЗ ЗАСЛУГИ

а. Кога му се обраќаме на Бога во своите молитви што би требало да имаме на ум? Јаков 4,6-10; Лука 17,10.

“Исус служи во Божјо присуство, принесувајќи ја својата пролеана крв, како што било со крвта на закланото јагне. Својата жртва поднесена на Голгота Тој ја принесува за секој престап и секој недостаток на грешникот.“ – Одбрани пораки 1, 344.
“Кога Христос умрел на крстот на Голгота, отворен е нов и жив пат за спасение и за Евреите и за незнабошците.
“Ангелите се радувале кога Христос извикал: ’Се сврши‘. Големиот план на спасението бил извршен. Преку живот на послушност, Адамовите синови можат да се воздигнат од понорот на гревот и повторно да се вратат во Божјо присуство.“ – Христос наш Спасител, 171.
“Никогаш нема да можеме да постигнеме совршенство преку нашите сопствени дела. Душата која со вера гледа во Исуса ја отфрла сопствената правда. Таа се гледа себеси како несовршена, своето покајание како недоволно, својата најсилна верба како слабост, својата најголема жртва како оскудна и во понизност паѓа во подножјето на крстот. Но од ветувањата во Божјата Реч му зборува глас. Зачудено ја слуша пораката: ’Вие сте исполнети во Него‘ (Кол. 2,10). Сега сè е во мир во неговата душа. Тој повеќе не мора да настојува да пронајде некои способности во себе, некое заслужно дело преку кое би можел да стекне Божја милост.“ – Вера и дела, 107.

б. Што, и во поглед на своето спасение, секогаш мораме да имаме на ум? 1 Кор. 1,27-31.

“Науката за спасението треба да биде суштина на секоја проповед, тема на секоја песна. Изнесувајте го тоа секогаш со целосна понизност во душата. Во своите излагања не изнесувајте ништо што би претставувало дополнување за Христа, Неговата Реч или Неговата сила. Нека Неговото име, како единствено име под небото преку кое можеме да се спасиме, се возвишува во секоја проповед, и нека стражарите од сабота до сабота на трубата и даваат одреден и јасен звук. Христос е науката и суштината на Евангелието и Неговите проповедници треба да ја истакнуваат Речта на животот нудејќи им надеж на покајниците, мир на вознемирените и малаксаните, милост, утеха и сила на секој верник.“ – Глас во говор и песна, 337.
Среда 11. декември

4. СТЕКНУВАЊЕ НА ПОДЛАБОКА ПЕРСПЕКТИВА

а. Што ни е заповедано да направиме во врска со нашата духовна состојба? Гал. 6,4; 2 Кор. 13,5.

“Мнозина се измамени во поглед на нивната духовна состојба. Во Христа ќе имаме победа. Во Него имаме совршен Модел. Додека гревот му е толку одвратен така што го мразел од дното на душата, Тој можел да заплаче над грешникот. Тој поседувал божествена природа, додека во исто време покажувал понизност на мало дете. Во својот карактер го имал она што нам ни е толку потребно, непоколеблива истрајност на патот на должноста од кого никаква пречка ниту опасност не можела да го одврати, додека во потполност сочувствувал со несреќните од чии страдања бил длабоко трогнат.“ – Денес со Бога, 279.

б. Како Бог нè гледа нас во однос на потполно оправданите барања на Неговиот закон? Ис. 63,5.8.9; 1 Петр. 1,18.19; Рим. 5,8-10.

“Божјиот закон бил прекршен. Божјото владеење било обесчестено, и правдата барала да се плати казната за престапот.
“За да го спаси човечкиот род од вечна смрт, Божјиот Син доброволно се согласил да ја поднесе казната за непослушност. Единствено Кнезот на небото преку своето понижување можел да го отстрани срамот, да ја задоволи правдата и човекот повторно да го врати во положбата која ја изиграл поради својата непослушност. Немаше друг начин. Кога било кој од ангелите би дошол на земјата и да се одржи во она кадешто Адам се сопнал и паднал, правдата со тоа не би била задоволена. Ова немаше да отстрани ниту една дамка на гревот ниту пак човекот ниту за еден миг би бил поштеден од искушението.
“Иако еднаков со Бога, ’одблесок на Неговата слава и одраз на Неговото битие‘ (Евр. 1,3), Христос своето божество го облекол со човечка природа и дошол на оваа земја да страда и умре за грешникот. Единородниот Син Божји се понизил, и станал послушен до смртта, и тоа смрт на крст. Носејќи го проклетството на гревот на своето тело, Тој ја ставил среќата и бесмртноста на дофат на секого од нас…
“Кога ќе сфатиме дека Неговото страдање било потребно за да се обезбеди нашата вечна благосостојба, нашите срца се трогнати и омекнати.“ – Одбрани пораки 1,308.309.

Четврток 12. декември

5. ГОРДОСТА Е ПОТПОЛНА СПРОТИВНОСТ НА ПОНИЗНОСТА

а. Кои се разликите помеѓу гордоста, понизноста и самосожалувањето? Дан. 4,29-33; Јаков 4,13-16; 1 Мојс. 27,34.

“Во самољубието, самоиздигањето и гордоста постои голема слабост; додека во понизноста се наоѓа голема сила… Во нашата одвоеност од Бога, во нашата гордост и темнина, ние постојано настојуваме да се издигаме себеси, заборавајќи дека во понизноста на умот е силата.“ – Знаци на времето, 21. октомври, 1897.

б. Зошто Божјиот народ не успевал да ја почитува Неговата волја во минатите времиња? 4 Мојс. 13,30-34; 14,1-4; 1 Сам. 17,4-11.24; 1 Цар. 19,1-18. Како ние треба да се однесуваме наместо тоа?

“Мораме да ја зголемиме нашата ревност и енергија, и талентите кои зарѓале заради неработење да ги направиме делотворни. Гласот кој вели: ’Чекај, не дозволувај да те оптоварат со должности‘ е глас на кукавичките извидници. Нам денес ни се потребни Халевци, кои ќе истапат напред, водачи на Израел кои ќе поднесат точен извештај и ќе повикуваат на борба. Ако себичните љубители на удобност, стравувајќи од џиновите и високите ѕидови, повикуваат на повлекување, нека се слушне гласот на Халев, па дури и ако кукавиците држат камења во рацете, подготвени да го каменуваат заради неговото верно сведоштво.“ – 5 Сведоштво,359.

Петок 13. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Од што христијанинот мора постојано да се чува?
2. Како поединците развиваат правилна перспектива?
3. Можеме ли да го заслужиме спасението?
4. Каков е мојот став во однос на Христовиот крст?
5. Што премногу често забораваме во поглед на гордоста, која е сосема спротивна на понизноста?

Сподели го ова:

Similar Posts