10 Обезбедување на бисер на праведноста
10. лекција – 7. декември 2013.
Обезбедување на бисер на праведноста
“Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува.“ – Матеј 13,45.46.
“Ние не можеме да го заработиме спасението, но мораме да го бараме онака копнежливо и истрајно како да ќе мораме да се откажеме од сè на светот за да го добиеме.“ – Христовите поуки, 93.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 76-83.
Недела 1. декември
1. БИСЕР ОД ГОЛЕМА ВРЕДНОСТ
а. Како да ги разбереме Христовите зборови за бесценетиот бисер? Матеј 13,45.46.
“Христос е бисер со голема вредност… Христовата праведност, како чист, сјаен бисер, нема недостиг, нема дамки. Никакво човечко дело не може да го усоврши големиот и скапоцениот Божји дар, зашто тој е без мана.“ – Христовите поуки, 91.
б. Како се добива Бисер со голема цена? Исаија 55,1-3. Од што мораме да се откажеме за да го добиеме? Зах. 3,4; Ефес. 4,22-32.
“Спасението е дар, а сепак мора да се купува и да се продава.
“Најсиромашните, исто како и најбогатите, се способни да го купат спасението, зашто никакво количество на земни добра не е во состојба да го плати. Тоа се стекнува со доброволна послушност, предавајќи му се себеси на Христа, станувајќи Негова откупена сопственост.“ – Христовите поуки, 92.
“О, кога Светите списи би ги истражувале со молитва, и во духот спремен да му се потчини на Бога! О, кога би го пребарувале вашето срце како со запалена свеќа, спремни да ја отфрлите секоја нишка која ве врзува за световните навики, кои го одвраќаат умот од Бога.“ – Мараната, 48.
Понеделник 2. декември
2. ПРОЦЕС НА КУПУВАЊЕ НА ХРИСТОВАТА ПРАВДА
а. Што “купување“ на правдата всушност значи? Како се купува Христовата праведност? Откр. 3,18.
“Спасителот доаѓа со бесценети камења на вистината кои според својата вредност суштински се разликуваат од сè што е вештачко, фалсификувано и лажно. Тој доаѓа до вратата на секое срце и тропа, нудејќи го своето бесценето богатство, повикувајќи ’Купи ме‘.“ – Библиски коментари,892.
“Во оваа парабола бисерот не е претставен како дар. Трговецот го купил давајќи за него сè што имал. Мнозина го бараат значењето на оваа загатка, бидејќи Христос во Библијата е претставен како дар. Тој навистина е дар, но само за оние кои безгранично Му се предаваат себеси – душата, телото и духот. Ние мораме да му се предадеме на Христа, да покажеме доброволна послушност кон сите Негови барања. Сето она што сме, сите способности и таленти што ги имаме, сè Му припаѓа на Господа и треба да биде посветено на Неговата служба. Кога така целосно ќе му се предадеме себеси Нему, Христос со сето небесно богатство ни се дава нам. Ние добиваме бисер со непроценлива вредност.“ – Христовите поуки, 92.
б. Зошто сесрдно да го купуваме она што Христос ни го нуди? Еремија 29,11-13.
“Одејќи од врата до врата, Исус стои пред секој храм на душата, велејќи: ’Стојам пред вратата и тропам‘ (Откр. 3,20). Како небесен трговец Тој ни нуди ризница на свои блага… ’Отворете ја својата врата‘, вели големиот Трговец, сопственикот на духовното богатство, ’и изврши трансакција со Мене. Јас сум твојот Откупител, те советувам да купиш од Мене‘.“ – РХ, 7. август, 1894.
“Да се зборува за верата површно, да се моли без душевен глад и жива вера – не вреди ништо. Формалната вера во Христа, која го прима само како Спасител на светот, никогаш не може да ѝ донесе оздравување на душата. Верата, која води кон спасение, не се состои само во интелектуално спознавање на вистината. Оној што сака сè да дознае за да верува, не може да прими Божји благослов. Не е доволно да се верува за Христа; ние мораме да веруваме во Него. Единствена вера која ни користи е верата која го прима како личен Спасител, која ги присвојува Неговите заслуги.“ – Копнежот на вековите, 330.
Вторник 3. декември
3. ПЛАЌАЊЕ НА СКАПОЦЕНИОТ БИСЕР
а. Што сите ние – богати, сиромашни, оние кои пораснале во црквата или надвор од неа – треба да сфатиме во обидот овој скапоцен бисер да го платиме? Изреки 22,2; Дела 10,34.35.
“Да ја отфрлиме помислата дека световните или духовните предности можат да ни обезбедат спасение. Бог од нас бара доброволна послушност. Тој бара да се откажеме од нашите гревови.
“Постојат луѓе кои навидум постојано го бараат небесниот бисер, но не се откажале наполно од сите лоши навики. Тие не си умираат себеси за да може Христос да живее во нив и затоа не го наоѓаат својот скапоцен бисер; уште не го совладале несветото славољубие и својата склоност кон световните привлечности, не го зеле на себе својот крст ниту пошле по Исуса по пат на самооткажување и жртва. Речиси христијани, но не наполно христијани, тие навидум се близу до небесното царство, но не успеваат да везат во него.“ – Христовите поуки, 93.
б. Што може да нè наведе погрешно да го сфатиме ова купување и продажба? Лука 9,24; 14,33; Јаков 4,10.
“Колкумина, кога би биле повикани да положат сметка, со бол и грижа на совест би морале да зажалат што своето од Бога дадено време го поминале во себично служење на себе! Вечните интереси на душата страшно се занемаруваат за неважни работи. Умот е постојано зафатен, токму како што сатаната сака, со себични и безначајни интереси, а времето поминува во неповрат без никаква подготовка за небото.
“Со што може да се спореди загубата на човечката душа? Тоа е прашање кое секоја душа мора да го одлучи за себе – било да се здобие со богатство на вечен живот или да изгуби сè затоа што пропуштил Бог и Неговата правда да му бидат прв и единствен бизнис. Христос, Искупителот на светот… со голема болка посматра мнозина кои тврдат дека се христијани, кои не му служат Нему, туку на самите себе.“ – Да го познам Него, 321.
Среда 4. декември
4. ПРАВИЛНА ПРЕТСТАВА ЗА ВРЕДНОСТА НА ОВОЈ БИСЕР
а. Зошто некои би продале сè за да го купат овој скапоцен бисер? Што оваа трговија ја прави така профитабилна? Јов 28,12-23; Изреки 2,1-5.
“Христовото Евангелие претставува благослов кој сите можат да го поседуваат. Тоа ги собира луѓето такви какви што се: сиромашни, очајни, неволни, слепи и голи. Единствениот услов кој Христос им го поставува на оние кои доаѓаат кај Него е да се облечат со Неговата правда во послушност кон Неговите заповеди. И преку послушноста на законот душата согледува дека законот е совршена слобода, слобода со вера да се фати за надежта која е сигурна и постојана. Кога ќе му го вратиме на Бога она што е Негово, кога ќе ги испереме и избелиме нашите облеки на својот карактер во крвта на Јагнето, тогаш ние имаме право на небесна круна.“ – Знаци на времето, 15. декември, 1898.
“А од што ние се откажуваме кога ќе дадеме сè? Од осквернетото со грев срце, за Христос да го очисти, да го испере со својата крв и да го спаси со својата ненадмината љубов. Но сепак луѓето мислат дека е тешко да се откажеме од сè. Се срамам да слушам кога се зборува за тоа, се срамам да пишувам за тоа.
“Бог не бара да се откажеме од нешто што би можеле за свое добро да го задржиме. Во сè што прави Тој пред очите го има доброто на своите деца. Кога барем сите оние што не го избрале Христа би можеле да сфатат дека Тој им нуди нешто многу подобро од она што самите го посакуваат.“ – Патот кон Христа, 41.
б. Што го мотивира купувачот да “продаде“ сè за да го купи овој бисер? Кога должноста станува “радост и жртвата задоволство“? 4 Мојс. 21,8.9; Мат. 13,44.
“Погледот кон нашата грешност нè води кај Оној кој може да ни прости; и кога душата, откако ќе ја сфати својата беспомошност, ќе посегне по Христа, Тој ќе се открие во сила. Колку повеќе свеста за сопствената немоќ нè гони кон Него и кон Божјата Реч, ќе имаме сè повозвишени погледи за Неговиот карактер и поцелосно ќе го одразуваме Неговиот лик.“ – Патот кон Христа, 65.
“Кога еднаш погледот ќе се фиксира на Исуса, животот го наоѓа своето средиште. Ентузијазмот, великодушната посветеност и огнената ревност на младите тука ја наоѓа својата вистинска цел. Должноста станува уживање а жртвата задоволство. Да се слави Христос, да се стане како Него, да се работи за Него, тоа е најголемата амбиција и најголема радост.“ – Воспитување, 297.
Четврток 5. декември
5. РАСПОЗНАВАЊЕ НА ВРЕДНОСТА
а. Што се случува кога ќе ја препознаеме вредноста на бисерот? Дела 2,37.
“Кога апостолите ја објавиле славата на Единородниот од Отецот, се обратиле три илјади души, на кои им помогнале да се видат себеси во вистинска светлина, грешни и расипани, а Христа како свој пријател и Откупител. Христос бил издигнат и прославен со силата на Светиот Дух кој почивал врз луѓето. Со вера тие верници го виделе Христа кој поминал низ понижување, низ страдања и смрт, за тие да не пропаднат, туку да добијат живот вечен.“ – Христовите поуки, 94.
б. Што се случува кога ќе ја сфатиме цената и вредноста на Бисерот – толку сериозно што одлучуваме да го купиме? Исаија 55,7; Филипјаните 3,7.8.
“Ако сме се откажале од сè заради Христа, нашиот живот ќе одразува понизност, нашите разговори ќе се однесуваат само на она што е небесно, а нашето однесување ќе биде беспрекорно. Моќното и пречистувачко влијание на вистината во душата, Христовиот карактер откриен во животот – тоа претставува познавање на Христа. Чесноста, цврстината и истрајноста се квалитети кои сите треба искрено да ги негуваат; бидејќи на сите оние што ги поседуваат, овие квалитети им даваат неодолива сила – сила која ги прави силни да прават добро, да му се спротивстават на злото и храбро да ги поднесуваат тешкотиите… Оние кои безрезервно ќе се стават на страната на Христа, ќе останат постојани во она што здравиот разум и совеста им кажуваат дека е исправно.“ – Божјата чудесна благодат, 277.
Петок 6. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Кого всушност го претставува скапоцениот бисер?
2. Што сè е опфатено во процесот на купувањето на овој бисер?
3. Каков е библискиот метод на купување? Објасни.
4. Зошто човекот би продал сè за еден бисер?
5. Што се случува во нас кога навистина ја цениме вредноста на Бисерот?