08 Прифаќање на Исуса

Сподели го ова:

8. лекција – 24. ноември 2013.

Прифаќање на Исуса

“Ви велам: живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти.“ – Гал. 5,16.

“Божјиот закон е израз на Божјите мисли. Кога ќе го примиме во Христа, тој станува наша мисла. Тој нè воздига над моќта на природните желби и склоности, над искушенијата кои водат кон грев.“ – Одбрани пораки 1, 235.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 44-50.

Недела 17. ноември

1. ПОБЕДА НАД НАШИТЕ ПРИРОДНИ СКЛОНОСТИ

а. На кој начин единствено можеме да бидеме успешни во борба против непријателот? Јаков 4,7-10.

“Не е неопходно да избереме служба на царството на темнината за да потпаднеме под нејзина власт. Доволно е само да занемариме да се соединиме со царството на светлината. Ако не соработуваме со небесните сили, сатаната ќе го заземе срцето и ќе го направи свое живеалиште. Единствена одбрана против злото е Христос да престојува во срцето преку вера во Неговата праведност. Ако животно не се поврземе со Бога, никако нема да можеме да му се спротивставиме на кобното дејство на самољубието, самоугодувањето и искушението на гревот. Можеме да се откажеме од многу лоши навики, извесен период можеме да се одвоиме и од друштвото на сатаната, но ќе бидеме победени ако немаме животна врска со Бога со тоа што ќе му се предаваме секој момент. Без лично познавање со Христа и постојано општење, изложени сме на милост и немилост на непријателот и на крај ќе се покориме на неговата волја.“ – Копнежот на вековите, 305.

б. На кој начин Христос живее во моето срце? Јован 14,23.

Понеделник 18. ноември

2. ОТФРЛАЊЕ НА САМОЗАДОВОЛСТВОТО

а. Која парабола ја опишува опасноста да не го поканиме Христа да дојде во нашето срце и да не бидеме во единство со Него? Матеј 12,43-45.

“Параболата за човекот од кого излегол зол дух, но неговата душа не била исполнета со Христовата љубов, ја илустрира потребата не само од празнење на срцето, туку испразнетото место да го заземе божествената сила. Демонот посакува да се врати во срцето од кое бил избркан. Тој се вратил, но и покрај тоа што срцето било изметено и украсено, тој го нашол уште и празно, тој влегол доведувајќи уште седум други духови, полоши од себе, така што последната состојба на човекот била полоша од првата. Човекот во оваа парабола одбил да му служи на сатаната, но неговиот пропуст бил во тоа што во своето срце кое било изметено и украсено тој не го повикал присуството на небесниот Гостин. Не е доволно само да се испразни срцето, ние мораме празнината да ја исполниме со Божјата љубов. Душата мора да биде украсена со благодатта на Божјиот Дух. Ние можеме да отфрлиме многу лоши навики, а сепак да не бидеме вистински посветени, бидејќи не сме поврзани со Бога. Мора да се обединиме со Христа.“ – РХ, 24. јануари, 1893.

б. Што Исус ќе направи ако му посакаме добредојде во нашето срце? Јуда 24; Откр. 3,20.

“Срцето мора да го испразниме од себичноста, но тоа не е сè што е потребно; бидејќи кога ќе се откажеме од нашите идоли, празнината мора со нешто да се пополни… Откако ќе го испразните од срцето своето ’јас‘ вие мора да ја прифатите Христовата правда. Фатете се со вера цврсто за тоа; бидејќи вие мора да имате ум и Дух Христов за да можете да чините Христови дела. Ако ја отворите вратата на срцето, Исус испразнетото место ќе го пополни со дарот на Светиот Дух и тогаш ќе бидете живи проповедници во вашиот дом, во црквата и во светот. Можете да ширите светлина, бидејќи светите зраци на Сонцето на праведноста ќе блескаат на вас. Вашиот скромен живот, вашите свети разговори, вашата правда и честитост ќе им говорат на сите околу вас дека сте дете на Бога, наследник на небото, дека овој свет не е ваше живеалиште, туку дека овде сте само патник и странец во потрага по подобра земја, уште и небесна, и кој пред очите ја има само Божјата слава.“ – РХ, 23. февруари, 1892.
Вторник 19. ноември

3. ПРИФАЌАЊЕ

а. Како можеме ние, грешни луѓе, да станеме синови и ќерки Божји? Јован 1,12.13.

“Божественото посинување не е нешто што сами го стекнуваме. Само на оние кои ќе го примат Христа како свој Спасител им е дадена моќ да бидат синови и ќерки Божји. Грешникот со никаква своја сила не може да се ослободи од гревот. За да се постигне тоа, тој мора да гледа кон повисоката сила. Јован извикал: ’Еве го Јагнето Божјо, кое ги зеде гревовите на светот‘ (Јован 1,29). Христос има моќ да го очисти срцето. Оној кој е во потрага за прошка и прифаќање може само да каже:
’Ништо во раката не носам;
Само за Твојот крст се држам‘.
“Меѓутоа, ветувањето за посинување им се дава на сите ’кои ќе поверуваат во името Негово‘. Секој кој доаѓа кај Исуса со вера ќе добие опростување.“ – Синови и ќерки Божји, 12.

б. На кој начин можеме да ја примиме Божјата правда? Јован 3,16; Марко 9,24; Рим. 1,16.17.

“Оваа правда не се добива со мачни напори или заморна работа, не со дарови или жртви, туку таа е доброволен дар на секој кој е гладен и жеден да го прими.“ – Мисли од гората, 17.
“Христос ни го отворил патот за враќање во изгубената татковина. Тој живеел на земјата соочен со истите неволји и искушенија со кои и ние се соочуваме. Живеел безгрешен живот. Умре за нас и сега се нуди да ги земе нашите гревови и да ни ја даде својата праведност. Ако му се предадете и ако го прифатите за свој Спасител, заради Него ќе бидете прогласени за праведни без оглед на сета грешност од поранешниот живот. Христовиот карактер ќе застане на местото на вашиот карактер и вие ќе бидете прифатени пред Бога како никогаш да не сте грешеле.
“И повеќе од тоа, Христос го менува срцето. Тој пребива во вашето срце преку верата. Со вера и постојано потчинување на својата волја на Христа треба да ја одржувате оваа врска со Него; и сè додека го правите тоа, Тој ќе делува на вас да сакате и да го правите она што е во согласност со Неговата волја.“ – Патот кон Христа, 56.
Среда 20. ноември

4. ПОВЕЌЕ ОД ПРОСТУВАЊЕ

а. Што ветува Бог дека ќе направи за оние кои ќе го прифатат Христа како нивна правда? Езек. 11,19.20; Мат. 5,8.

“Христовата религија го преобразува срцето. Таа го прави световно ориентираниот човек да биде небесно настроен. Под нејзино влијание себичниот станува несебичен и го прима Христовиот карактер. Нечесниот човек станува чесен, и неговата нова природа се состои во тоа да им го прави она што сака другите нему да му го прават. Разузданиот се менува од нечист во чист. Тој стекнува исправни навики, бидејќи Христовото Евангелие му станува животен мирис за живот.“ – 5 Сведоштво, 323.

б. Од каде знаеме дека Христовите зборови: ’Оди и не греши повеќе‘ значат повеќе од простување? Јован 5,14; 8,11; 1 Јов. 1,9.

“Христовата религија значи многу повеќе од проштавање на гревот; тоа значи отстранување на нашите гревови и исполнување на празнината со доблести на Светиот Дух. Тоа значи божествено просветлување, радост во Господа, срце ослободено од себичноста, благословено со постојано Христово присуство. Кога Христос царува во душата, таа е непорочна, слободна од гревот. Во животот на тој човек се исполнуваат славата, изобилието и совршенството на евангелскиот план. Спасителот во срцето внесува совршен мир, совршена љубов, совршена сигурност. Убавината и мирисот на Христовиот карактер што се откриваат во животот покажуваат дека Бог навистина го прати својот Син на светот за да биде нејзин Спасител.“ – Христовите поуки, 383.

ц. Што докажува дека моите гревови ми се простени? Лука 7,47; Мат. 7,16-20; Гал. 5,22.23.

“Кога Господ ќе му опрости на покајникот, тој е полн со ревност, полн со љубов кон Бога, полн со срдечност и енергија, и животворниот Дух кој покајникот го има добиено не може да се потисне. Христос во него станува извор на вода која тече во вечен живот.“ – РХ, 5. мај, 1896.
Четврток 21. ноември

5. ОСТАНУВАЊЕ ВО ИСУСА

а. Зошто оние кои биле ослободени од силата на демоните сакале да останат со Исуса? Псалм 16,11; 51,11;Лука 8,35.

“Тие сакале постојано да останат со својот Ослободител. Во Негово присуство тие се чувствувале безбедни од демоните кои ги измачувале нивните животи и им ги упропастиле најубавите години.“ – Здравје и среќа, 75.
“Кога го отфрлаат повикот на Спасителот, луѓето себеси се препуштаат на сатаната. Тоа денес го прават многумина во сите животни околности, во домот, деловниот живот, па дури и во црквата. Затоа насилство и криминал ја преплавуваат земјата и морална темнина, како смртна прекривка, ги покрива човечките живеалишта. Преку своите разни искушенија, сатаната ги наведува луѓето од лоши во полоши зла, сè додека целосно не ги изопачи и упропасти. Единствена заштита против неговата моќ може да се најде во Исусовото присуство. Сатаната пред луѓето и пред ангелите е разоткриен како човеков непријател и уништувач, а Христос како пријател на човекот и негов Избавител. Неговиот Дух ќе развие во човекот сè што го облагородува карактерот и ја воздига природата.“ – Копнежот на вековите, 324.

б. Зошто Марија седела покрај Исусовите нозе? Лука 10,38.39. Со која убавина на Христовиот карактер таа била привлечена? Ис. 40,11; 41,13; 42,3; Езек. 34,11.15.16. 23.30.31.

“Своите деца Исус ги поучува да ја искористат секоја прилика за стекнување на знаење кое ќе ги направи мудри на спасение.“ – Духот на пророштвото 2, 359.

Петок 22. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што можеме да направиме во борбата против злото во себе?
2. Што се случува со сите оние кои не се активни во прифаќањето на Исуса?
3. Како да го прифатиме Исуса?
4. Какви се резултатите на оние на кои целосно им е простено?
5. Зошто убавината на Христос е толку привлечна за срцето на грешникот?

Сподели го ова:

Similar Posts