07 Карактерот како пријатен мирис на темјан

Сподели го ова:

7. лекција – 16. ноември 2013.

Карактерот како пријатен мирис на темјан

“Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исус Христос, и на секое место преку нас го пројавува мирисот на спознанието на самиот Него.“ – 2 Кор. 2,14.

“Карактерот е сила. Тивкото сведочење на верниот, несебичен, побожен живот, шири речиси неодоливо влијание. Кога го откриваме со нашиот живот карактерот на Исуса Христа, ние соработуваме со Него во спасувањето на душите.“ – Христовите поуки, 301.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Порака на младите, 417-424.

Недела 10. ноември

1. АТМОСФЕРА НА МИЛОСТ

а. Која од Божјите особини претставува основа за нашето спасение, и како Тој тоа го манифестирал? Ефес. 2,8.9; Рим. 5,20.21.

“Со ненадминливиот дар на Неговиот Син, Бог го опкружил целиот свет со атмосфера на благодат исто толку вистинска како што е воздухот кој кружи околу земјината топка. Сите кои ќе решат да ја вдишуваат таа животодавна атмосфера ќе живеат и ќе израснат до висината на растот на мажите и жените во Исуса Христа.“ – Патот кон Христа, 61.

б. Што се случува со оние кои одговараат на привлечната сила на Божјата благодат? Јован 12,32; Ефес. 2,10.

“Кога грешникот ќе се приближи до издигнатиот крст, привлечен од Христовата сила, кога ќе ги свитка своите колена пред Него, тој е ново создание. Добива ново срце и станува ново создание во Исуса Христа. Светоста и ништо повеќе не бара.“ – Христовите поуки, 133.
Понеделник 11. ноември

2. МИРИС НА БОЖЈОТО ПОЗНАВАЊЕ

а. Што во жртвите сепаленици, кои верниците во старозаветниот период ги принесувале според церемонијалниот закон, претставувало “сладок“ или “пријатен мирис“ за Бога? 2 Мојс. 29,18; Ефес. 5,2.

“Жртвата (Христовата) е совршена и потполна, и Тој како наш Посредник ја извршува задачата која самиот ја прифатил, држејќи пред Бога кадилница која ги содржи Неговите беспрекорни заслуги заедно со молитвите, признанијата и благодарноста на Неговиот народ. Намирисана со мирисот на Неговата праведност, таа се издига пред Бога како сладок мирис. Таквиот принос е целосно прифатлив за Бога и Неговото помилување ги покрива сите престапи.“ – Знаци на времето, 14. февруари, 1900.

б. Што Бог користи за да го пренесе знаењето за Себе како пријатен мирис и на оние кои се во незнаење за Христа? 2 Кор. 2,14.

“Секоја душа е опкружена со своја сопствена атмосфера – со атмосфера која може да биде исполнета со животодавна, силна вера, со храброст и надеж, и со сладок мир на љубовта. Или може да биде студена и тешка, полна со незадоволство и со себичност, отруена со смртоносна зараза на омилените гревови. Со атмосферата што нè опкружува, ние свесно или несвесно, влијаеме врз секое лице со кое доаѓаме во допир.“ – Христовите поуки, 301.

ц. Што се бара од нас за да нашиот живот биде прифатлив за Бога како “пријатен мирис“? Езек. 20,41; Рим. 12,1.2.

“Бог со презир го отфрла мртвиот прилог; Тој бара жива жртва, подготвеност умот, чувствата и сите способности целосно да се ангажираат во Негова служба. Секоја наша способност треба да биде посветена на оваа задача – нашите нозе треба да бидат брзи при одговорот на повикот на должноста, рацете подготвени на работа кога тоа ќе затреба, усните треба да бидат подготвени да ја зборуваат вистината во љубов и да изразуваат пофалби на Оној кој нè повика од темнината во својата чудесна светлина. Ние треба да продолжиме со ова посветување, не земајќи ништо од жртвеникот, бидејќи тоа би било сквернавење. Кога Неговиот народ ќе се посвети на таков начин со искреност и понизност, тие ќе бидат прифатени од Бога како сладок мирис кој се шири низ целата земја.“ – РХ, 5. февруари, 1884.

Вторник 12. ноември

3. МИРИС ЗА ЖИВОТ ИЛИ ЗА СМРТ

а. Објасни како нашето влијание може да биде “пријатен мирис“ за живот на некои луѓе, но, во исто време, тоа може да биде мирис за смрт за другите? 2 Кор. 2,15.16; 1 Кор. 1,18; 1 Петр. 2,7.

“Влијанието е одговорност од која не можеме да се ослободиме. Нашите зборови, нашите дела, нашата облека, нашето однесување, па дури и изразот на нашето лице – имаат свое влијание. Од впечатокот што го оставаме зависат последиците – добри или лоши – чија големина никој не може да ја измери. Секоја побуда што ќе се пренесе на тој начин претставува семе кое еден ден ќе донесе свој плод. Тоа се алки во долгиот синџир на човечките настани, во синџирот што се протега бесконечно. Ако со нашиот пример им помогнеме на ближните да развијат добри начела, ние им влеваме сила да прават добро. Од своја страна, тие шират исто влијание врз другите, а овие го пренесуваат понатаму. И така со нашето несвесно влијание илјадници можат да добијат благослов.“ – Христовите поуки, 301.

б. Како е можно мирисот на нашето влијание да постане смрдеа за оние околу нас? Проп. 10,1.

“Меѓутоа, никогаш не смее да се заборави дека влијанието исто така може да биде сила на зло. Да се загуби својата душа е ужасно, но да се предизвика загуба на други души е многу поужасно. Ужасна е и самата помисла дека нашето влијание може да биде смртен мирис за смрт; па сепак тоа е можно.“ – Христовите поуки, 302.

ц. Колку внимателни треба да бидеме при изборот на нашите блиски другари? 1 Кор. 6,14.15; Ефес. 5,11; 1 Кор. 5,6.

“Постојат таинствени врски кои ги врзуваат душите заедно, така што срцето на едниот одговара на срцето на другиот. Еден од друг прифаќаат идеи, чувства и дух. Таквата поврзаност може да биде благослов или проклетство. Младите можат едни на други да си помагаат, меѓусебно да зајакнуваат, да се поправаат и усовршуваат во однесувањето, во склоностите и во знаењето, или пак, ако си дозволат себеси да станат безгрижни и неверни, тие може да вршат деморализирачко влијание.“ – Порака на младите, 411.
Среда 13. ноември

4. СОЛ НА ЗЕМЈАТА

а. Како Исус ја илустрирал вредноста на спасоносното влијание кое Божјиот народ треба да го има во светот? Матеј 5,13. Какво предупредување Тој дава во врска со тоа? Матеј 8,12.

“Со овие зборови на Христа (’Вие сте солта на земјата‘) ние добиваме некаква претстава за значењето на човечкото влијание. Тоа значи да се работи под Христово влијание, да се воздига она што Христос го воздигал, да се истакнуваат исправни начела и да се запре ширењето на изопаченоста во светот. Тоа значи да се придонесе за распространување на благодата која само Христос може да ја даде, да се облагородува животот и карактерот на другите со силата на беспрекорниот пример обединет со искрена вера и љубов. Божјиот народ треба да биде сила во светот која го обновува доброто и ја спречува изопаченоста – сила која го неутрализира погубното и изопачувачкото влијание на злото.“ – Во небесните пространства, 239.

б. На кој начин единствено можеме со успех да го шириме спасоносното влијание? Ефес. 5,2.

“Спасоносната сол, вкусот на христијанството, е љубовта Христова во срцето, проникнување на душата со Неговата праведност. За да религијата на оној што ја исповеда има спасоносно влијание на другите, тој Христовата правда секогаш мора да ја има пред себе и славата Господова ќе го придружува (Ис. 58,8). Тогаш Христовата сила ќе биде откриена во животот и карактерот.“ – Библиско ехо, 15. февруари, 1892.
“Во нас нема ништо со што би можеле позитивно да влијаеме врз ближните. Кога ќе сфатиме колку сме беспомошни и колкава е нашата потреба од божествената сила, ние не треба да си веруваме на самите себе. Ние не можеме да знаеме какви последици ќе има некој ден, некој час или дури некој миг, па затоа на почетокот на секој нов ден нашите патишта мораме да му ги предадеме на нашиот небесен Татко. Тој на своите ангели им заповеда да бдеат над нас и, ако ја прифатиме нивната заштита, тие во секој миг на опасност ќе ни бидат од десната страна. Кога несвесно ќе се најдеме во опасност да шириме погрешно влијание, ангелите ќе бидат со нас, ќе нè вратат на вистинскиот пат, ќе ни ги бираат зборовите што ќе ги изговараме и ќе влијаат врз нашите постапки. На таков начин нашето влијание ќе стане несвесна тивка, но моќна сила, привлекувајќи ги останатите кон Христа и небесниот свет.“ –Христовите поуки, 302.
Четврток 14. ноември

5. СИЛА КОЈА МОЖЕ ДА ГО ПРИДВИЖИ СВЕТОТ

а. Кој дар Христос им го ветил на мажите и жените од сите времиња за да можат да бидат верни сведоци за Христа? Дела 1,8.

“Од денот Педесетница, па се до денес, Утешителот им е упатуван на сите кои целосно му се посветиле на Господа и на Неговата служба. Светиот Дух доаѓал како советник, просветител, водач и сведок на сите што го примиле Христа како личен Спасител. Живеејќи во подлабока тесна врска со Бога, верниците сè појасно и посилно сведочеле за љубовта и за спасоносната милост на својот Откупител.“ – Делата на апостолите, 36.

б. Како нашето влијание ќе биде инструмент за завршување на оваа работа, проповедање на “вечното евангелие“ на овој свет? Мат. 25,4; Откр. 18,1.

“Карактерот е сила. Тивкото сведочење на верниот, несебичен, побожен живот, шири речиси неодоливо влијание. Кога го откриваме со нашиот живот карактерот на Исуса Христа, ние соработуваме со Него при спасувањето на душите. Значи, ние соработуваме со Него единствено ако со нашиот живот го покажуваме Неговиот карактер. И колку е поширока сферата на нашето влијание, можеме да правиме повеќе добра. Кога сите што тврдат дека му служат на Бога би го следеле Христовиот пример, применувајќи ги начелата на законот во својот секојдневен живот, и кога секое нивно дело би сведочело дека го љубат Бога повеќе од сè и своите ближни како самите себе, тогаш црквата би имала сила светот да го стави во движење.“ – Христовите поуки, 301.

Петок 15. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можам да дишам со духовната атмосфера која треба да ја опкружува земјата?
2. Зошто духот на жртва е од суштинско значење за знаењето за Бога?
3. Објасни ја разликата помеѓу мирисот за живот и мирисот за смрт?
4. Што треба да биде во моето срце за да имам мирис за живот?
5. Која сила ќе овозможи црквата да го придвижи светот?

Сподели го ова:

Similar Posts