06 Христовата правда откриена во Неговиот закон

Сподели го ова:

6. лекција – 9. ноември 2013.

Христовата правда откриена во Неговиот закон

“Зашто е очигледно дека сте Христово писмо, составено преку нашата служба; напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог; не на камени плочи, туку врз плочи – на човечките срца.“ – 2 Кор. 3,3.

“Славата (светлината) што блескала од Мојсеевото лице била одраз на Христовата правда во законот.“ – Одбрани пораки 1, 237.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 38-43.

Недела 3. ноември

1. ВОЗДИГАЊЕ НА БОЖЈИОТ ЗАКОН

а. Што Мојсеј видел посматрајќи ја Божјата слава? 2 Мојс. 33,18.19; 34,5-7.

“Бог од своите деца бара совршенство. Неговиот закон е препис на Неговиот карактер и претставува стандард за сите карактери. Овој бескраен стандард им е покажан на сите за да не биде никој во заблуда какви луѓе Бог сака да има во своето царство. Христовиот живот на земјата бил совршен израз на Божјиот закон, и кога оние што тврдат дека се Божји деца со својот карактер ќе станат слични на Христа, тие ќе бидат послушни и на Божјите заповеди. Тогаш Бог ќе може да ги вброи во оние кои еднаш ќе го сочинуваат небесното семејство.“ – Христовите поуки, 280.

б. На кој начин Христовата мисија била поврзана со Божјиот закон? Пс. 40,8; Ис. 42,21; 2 Кор. 4,6.

“Тој дошол за да ја покаже на нашиот свет таа (Божја) слава. Дошол на оваа, од грев замрачена земја, за да ја открие светлината на Божјата љубов – да биде ’Бог со нас‘.“ – Копнежот на вековите, 7.
Понеделник 4. ноември

2. СЛАВАТА НА БОЖЈИОТ КАРАКТЕР

а. Што се случува кога ќе дојдеме до спознавање дека Христос го открил Божјиот закон во човечкото тело? 2 Кор. 5,17.

“Гледајќи во Христа ние се менуваме, морално постануваме слични на Оној кој е совршен во карактерот. Со посредство на преобразувачката сила на Светиот Дух и со прифаќање на Неговата припишана правда, ние стануваме слични на Него. Христовиот лик тогаш е ценет и сакан и го освојува целото битие.
“Гледајќи во Христа во намерата да постанеме слични на Него, оној кој ја бара вистината го согледува совршенството на Божјиот закон и не може да се задоволи со ништо што е помало од совршенство. Криејќи го својот живот во Христовиот живот, тој согледува дека светоста на Божјиот закон се открива во ликот на Исус Христос, и сè повеќе и повеќе тој искрено се стреми да биде како Него. Војна може да се очекува во секое време, бидејќи искушувачот гледа дека изгубил еден од своите поданици. Битката мора да се води со сопствените особини кои сатаната ги поттикнува за своја употреба. Човечкото орудие согледува дека треба да се бори со чудна сила која се противи и на самата помисла за постигнување на совршенство кое Христос го нуди. Но во Христа се наоѓа спасоносна сила која за него ќе извојува победа во овој конфликт.“ – Библиски коментар, 694.
“Сите би можеле да видат како Христос пред престолот чека на нивните молитви, чека да му ја потчинат својата волја, да престанат со нивниот бунт и да се вратат на својата верност кон Бога, во длабоко жалење што го престапиле Божјиот закон и што со своето влијание ги предизвикувале и другите да го занемаруваат законот на Господа. Сојузот на непријателската армија ликува поради нивното одлагање.“ – Наклонетоста на нашиот Татко, 266.

б. На кој начин нашиот карактер се менува? Евр. 12,2; Што се бара од нас кога ќе ги споредиме цитатите: 4 Мојс. 21,8 со Јован 3,14.15? Јован 6,37.54-56.

“Како што на Мојсеј, на негово барање да ја види Божјата слава, му бил откриен Божјиот карактер; на сличен начин и ние Христовата слава ја гледаме во Неговиот карактер…
“Зошто, тогаш, во црквата се манифестира толку голем недостаток на љубов, вистинско сочувство кое ја воздига, облагородува и посветува душата, нежно сочувство и трпение? Тоа е затоа што Христос не се истакнува постојано пред народот. Особините на Неговиот карактер не се внесуваат во практичниот живот. Мажите и жените не се хранат од Лебот на животот кој слегува од небото.“ – Објавени ракописи 9, 296,297.
Вторник 5. ноември

3. ДВЕ РАЗЛИЧНИ СЛУЖБИ

а. Која е разликата помеѓу “службата на осуда“ и “службата на правдата“? 2 Кор. 3,1-3.6-9.

“Паднатите потомци на Адам во славата на тој завет не можеле да видат ништо друго освен ’служба на смртта‘; и смртта ќе биде наградата за сите оние кои залудно се обидуваат да ја чинат својата правда која ќе ги исполни барањата на законот.“ – Знаци на времето, 5. септември, 1892.
“Христос ниту еднаш не рекол дека со своето доаѓање ги поништил барањата на Божјиот закон. Напротив, во последната порака на Неговата црква, упатена од Патмос, Тој изговара благослов врз сите кои го држат законот на Неговиот Татко: ’Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови‘ (Откр. 22,14).“ – Знаци на времето, 29. јули, 1886.

б. Како апостол Павле го опишува “покривалото“ на незнаењето на Евреите кои го отфрлиле Христа? Рим. 9,31.32; 10,3.

ц. Опиши како тоа “покривало“ може да биде одземено. 2 Кор. 3,13-16.

“Светлината што се гледала на Мојсеевото лице била отсјај на славата на Христовото Евангелие, кое претставува темел на жртвениот систем (2 Кор. 3,7.8). Кога стварноста заблескала со пладневна светлина, придушената слава која била само предзнак на она што требало да дојде, требало да исчезне и да биде проголтана од поголемата слава.“ – Знаци на времето, 25. август, 1887.
“Обредната служба немала никаква вредност доколку со жива вера не е поврзана со Христа. Дури и моралниот закон не ја исполнува својата цел, освен ако не е сфатен неговиот однос кон Спасителот. Христос во неколку наврати покажал дека законот на неговиот Татко содржи нешто подлабоко, а не само авторитетни заповеди. Во законот е отелотворено она исто начело што е содржано во Евангелието. Законот укажува на човечката должност и му ја покажува неговата вина. Човекот мора да очекува помилување и сила од Христа, за да го прави она што го пропишува законот.“ – Копнежот на вековите, 585.
Среда 6. ноември

4. ОД СЛАВА ВО СЛАВА

а. Како Божјиот карактер, откриен во Неговиот закон, уште поцелосно и посовршено се манифестирал во Христовиот живот? 2 Кор. 3,9-11. Што исто така треба да имаме на ум додека настојуваме да се покоруваме на Божјиот закон?

“Како народ, ние го проповедавме само законот сè додека не нè зафати духовната суша како некогаш ридовите на Гелвуја на кои не паѓала ниту роса ниту дожд (2 Сам. 1,21). Ние мораме да го проповедаме Христа во законот, тогаш проповедањето ќе претставува духовна сила која ќе биде вистинска храна за изгладнетото Божјо стадо. Не смееме да имаме доверба во нашите сопствени заслуги туку во заслугите на Исус од Назарет. Нашите очи мораат да бидат помажани со мелемот за очи. Мораме да се приближиме кон Бога, и Тој ќе се приближи кон нас, за да продолжиме по патот кој Тој го одредил.“ – РХ, 11. март, 1890.
“Законот сам по себе не би имал слава, која ја има само затоа што го претставува Христовото отелотворување.“ – Одбр. пор. 1, 237.
“Исус бил жива илустрација на исполнување на законот, но Неговото исполнување на законот не значи негово укинување и поништување. Исполнувајќи го законот, Тој ја извршувал секоја поединост на неговите прописи.“ – Знаци на времето, 14. март, 1895.

б. Како “Христовото послание“ станува пославно од тогаш кога Божјиот морален закон бил напишан само на камени плочи? Ерем. 31,31-33; 2 Кор. 3,3.

“Павле сакал неговите браќа да увидат како големата слава на Спасителот кој ги простува гревовите му дава значење на целокупното еврејско уредување. Сакал тие да увидат, исто така, дека кога Христос дошол во светот, и умрел како жртва за човекот, Тој ги исполнил симболите.
“Откако Христос умрел на крстот како жртва за гревовите на светот, церемонијалниот закон повеќе не е на сила. Сепак, бидејќи бил поврзан со моралниот закон, бил величествен и славен. Како целина носел печат на божественост и ја изразувал Божјата светост, исправноста и Божјата праведност. И, ако симболичното служење кое морало да престане било толку величествено и славно, колку повозвишено и пославно мора да биде она кое ја претставува стварноста, кога Христос лично се појавил, давајќи им жива и посветувачка сила од својот Дух на сите кои веруваат.“ – Одбрани пораки 1, 237.238.
Четврток 7. ноември

5. РЕФЛЕКТИРАЈЌИ ЈА НЕГОВАТА СЛАВА

а. Што се случува кога нашето внимание е фокусирано само на Божјата слава? 1 Кор. 15,49; Рим. 12,2.

“Прикажувајќи го Христа ние го прикажуваме Бога во овој свет… Дали ние во црквата и пред светот го одразуваме карактерот на Исус Христос?“ – Одбрани пораки 3, 170.

б. Што се случува кога некој ќе ја прими правдата на законот во Христа? Рим. 8,4.9-13. Опиши ја силата која го менува срцето и чувствата. Матеј 13,33.

“Како илустрација на Евангелието за Божјото царство, Христос го употребил квасецот. Со овој квасец, Божјата Реч, вистинската добрина, правдата и мирот се внесуваат во душите на слушателите. Ова ги покренува сите чувства во согласност со умот и волјата Божја. Каде и да оди, квасецот на вистината доведува до промена во умот и срцето. Целокупната личност се преобразува. Во срцата на сите кои ќе ја прифатат вистината онаква каква што е во Исуса таа доведува до промена слична на делувањето на квасецот. Кога царството небесно ќе се воспостави во срцето, целиот карактер се усогласува со Исусовиот карактер, бидејќи вистината е животворно начело. Делувајќи слично на квасецот, Божјата сила го потчинува целото битие. Дури и мислите ги заробува во покорност на Христа. ’И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото‘ (2 Кор. 5,17).“ – РХ, 21. септември, 1897.

Петок 8. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кога ќе погледнете во Божјиот закон, што согледувате?
2. Каква била мисијата на Христа во поглед на Божјиот закон?
3. Зошто славата на Божјото дело денес е поголема од она во времето на Стариот завет?
4. Што се случува кога во законот од десетте заповеди ќе го видиме Христа?
5. Што се случува во нашето срце кога ќе се фокусираме на Божјата слава?

Сподели го ова:

Слични објави