05 Божјиот закон наша потреба
5. лекција – 2. ноември 2013.
Божјиот закон наша потреба
“И така, Законот беше за нас воспитувач да нè доведе до Христос, за да бидеме оправдани преку верата.“ – Гал. 3,24.
“Христовата слава се открива во Законот кој е препис на Неговиот карактер и неговото преобразувачко влијание на душата се чувствува сè додека човекот не постане сличен Нему.“ – РХ, 22. април, 1902.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 51-59.
Недела 27. октомври
1. ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА ГРЕВОТ
а. За кого е даден Божјиот закон и со каква цел? Кој се доаѓа под негова осуда? 1 Тим. 1,8-10; Рим. 3,19.23.
б. Зошто нашите напори во обид да го држиме Божјиот закон не се доволни за да се оправдаме пред Бога? На кој начин единствено можеме да го држиме законот? Рим. 3,20; 7,7; Фил. 4,13.
“Оној кој се обидува да стигне до небото со своите дела преку држење на законот, се обидува невозможно. Човекот не може да биде спасен без послушност, но неговите дела не треба да бидат од самите него, Христос треба да работи во него да сака и да го прави она што Нему му е угодно. Кога човекот би можел да се спаси со своите дела, тој може да има нешто во себе на кое може да се радува. Напорите кои човекот ги прави со сопствената сила се претставени со Каиновиот принос. Сè што човекот може да направи без Христа е загадено со себичност и грев; но она што се презема преку вера е прифатливо за Бога. Кога се обидуваме спасението да го добиеме преку Христовите заслуги, тогаш душата прави напредок. Гледајќи постојано во Исуса, Авторот и Завршетокот на нашата вера, можеме да напредуваме од сила во сила, од победа во победа; бидејќи Божјата милост преку Христа го прави нашето спасение комплетно.“ – Одбрани пораки 1, 364.
Понеделник 28. октомври
2. ЗАКОНОТ КАКО НАШ УЧИТЕЛ
а. Што претставува изразот учител во послание до Галатјаните? Гал. 3,21-25.
“Кој закон има улога на учител да нè доведе до Христа? Мојот одговор е: И церемонијалниот и моралниот кодекс на десетте заповеди.“ – Одбрани пораки 1, 233.
б. Што законот во својство на учител чини за нас, и со каква цел? Рим. 10,4. Споредете го овде употребениот збор ’свршетокот‘ (грчки ’телос‘ или цел, намера или крај) со зборот кој се користи во Јаков 5,11 и 1 Петр. 1,9.
“Додека грешникот гледа во големото морално огледало (Божјиот закон), тој ги гледа недостатоците на својот карактер. Тој се гледа себеси онаков каков што е, пегав, извалкан и осуден. Но, тој знае дека законот ниту на било кој начин не може да ја отстрани вината или да го помилува престапникот. Тој мора да оди подалеку од тоа. Законот е само учител кој го доведува до Христа. Тој треба да гледа на својот Спасител кој ги зеде гревовите на светот.“ – Одбрани пораки 1, 213.
ц. Каква поврзаност постои помеѓу законот како ’учител‘ и верувањето во Христа? Рим. 5,1; 3,31; 8,3.4.?
“Законот ни го открива гревот и нè наведува, чувствувајќи потреба за Христа како Спасител, со покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос, во Него да побараме проштевање и мир.“ – Одбрани пораки 1, 234.
“Само преку вера во Христа грешникот може да се очисти и ослободи од вината на престапот, и само таквата вера го оспособува да биде послушен на законот на својот Творец.“ – Делата на апостолите, 317.
“Законот и Евангелието се во совршена хармонија и меѓусебно се поддржуваат и потврдуваат. Законот со сета своја величественост се соочува со совеста и го наведува грешникот да согледа колку му е потребен Христос како жртва за грев. Евангелието ја признава власта и непроменливоста на законот. ’Но јас го разбрав гревот преку Законот‘, вели Павле (Рим. 7,7). Свеста за гревот, поттикната од законот, го гони грешникот кон Спасителот. Во својата потреба човекот се повикува на силни аргументи понудени на крстот на Голгота. Тој со право може да се повикува на Христовата праведност, која се припишува на секој покајник.“ – РХ, 22.април, 1902.
Вторник 29. октомври
3. СТАРИОТ И НОВИОТ ЗАВЕТ
а. Каква цел имал Бог кога на Израелците на Синај им го објавил својот закон и под какви услови е даден тој закон? 2 Мојс. 20,20; 3 Мојс. 18,5; Рим. 10,5.
“Кога законот бил објавен на Синај, Бог на луѓето им ја открил светоста на Неговиот карактер, како би можеле да согледаат во каква спротивност е тоа со нивниот грешен живот. Законот им бил даден да ги осведочи за нивната грешност и да им открие колку им е потребен Спасител. Било потребно начелата на законот да се втиснат преку Светиот Дух во срцето. Таа задача Светиот Дух сè уште ја извршува. Во Христовиот живот начелата на законот се јасно истакнати; и откако Светиот Дух ќе ги трогне срцата на луѓето, додека Христовата светлина ја открива потребата за очистување преку Неговата крв и оправдува со Неговите заслуги, законот сè уште е фактор кој нè доведува до Христа за да можеме да се оправдаме преку верата.“ – Знаци на времето, 29. март, 1910.
б. Зошто Изрелците не успеале да го држат Божјиот закон, иако мошне ревносно тврделе дека тоа ќе го прават? Рим. 10,3.
“Израелците не ја согледувале духовната природа на законот, и покорувањето кое толку често го исповедале било само почитување на форми и церемонии, а не потчинување на срцето на врховната власт на љубовта.“ – Отсјај на Христовиот карактер, 67.
ц. Што претставуваат “подобри ветувања“ на кои се заснова Новиот завет? Евр. 8,6; Ерем. 31,33.34.
“’Новиот завет‘ е заснован на ’подобри ветувања‘ – на ветување за простување на гревовите и за божествена милост која е во состојба да го обнови срцето и да го доведе во хармонија со начелата на Божјиот закон.“ – Патријарси и пророци, 384.
“Истиот закон, кој бил врежан на камени плочи, Светиот Дух ги втиснал на плочите на срцето. Наместо празното настојување да ’утврдиме‘ некоја своја правда, треба да ја прифатиме Христовата правда. Неговата крв е помирување за нашите гревови. Неговата послушност ни се припишува нам. Тогаш срцето, обновено од страна на Светиот Дух ќе донесе ’духовен плод‘. Благодарение на Христовата благодат, ќе успееме да живееме со послушност кон Божјиот закон напишан во нашето срце. А ако го имаме во себе Христовиот Дух, ќе живееме онака како што Тој живеел.“ – Патријарси и пророци, 384.
Среда 30. октомври
4. ЗАКОНОТ – МЕРИЛО НА КАРАКТЕРОТ
а. Кое е единственото вистинско мерило на карактерот? Јаков 2,8-12.
“Божјиот закон е единствениот вистински стандард за мерење на карактерот. Христос му покажал на светот преку Неговиот живот и учење, со Неговиот божествен карактер, што значи послушност на законот. Тој на човекот му покажал пример, и човекот не може самиот да си поставува стандарди. Човекот не ја познава бескрајната чистота на Бога и без божествено просветлување тој не може да ги цени светите барања на Божјиот закон. Сè додека ја игнорира бескомпромисноста на Божјиот закон, човекот не е свесен за својата грешност и недостатоците во својот карактер. Него ништо не го вознемирува и загрижува, бидејќи тој самиот се мери со лажни стандарди.“ – РХ, 18. ноември, 1890.
б. Што дефинитивно ќе утврди дали Божјиот карактер се открива во нашите мисли и постапки? Мат. 22,36-40; Рим. 13,10.
“Само оној чиешто срце е исполнето со сочувство кон паднатиот човек, кој се посветува на таа цел покажувајќи љубов со вршење на христијански дела, ќе биде во состојба да го издржи погледот на Оној кој е невидлив. Оној кој не ги љуби оние за кои Отецот има направено толку многу, не го познава Бога. Теологијата нема никаква вредност, освен ако не е проникната со Христовата љубов. Вистинското христијанство го исполнува со љубов целото битие. Го проникнува секој витален дел на мозокот и срцето, внесува нова крепост во рацете и нозете – оспособувајќи ги луѓето да бидат цврсти и постојани во извршувањето на Божјите барања, така што она што е куцо и немоќно да нè застрани од правиот пат. Горечката Христова љубов кон душите кои пропаѓаат претставува живот на целиот систем на христијанството.“ – Знаци на врем., 10. мај, 1910.
ц. Што ќе се види во животот на оние кои навистина веруваат во Христа? Јаков 1,22-27.
“Верата работи преку љубовта и ја чисти душата. Развивајќи се постепено, слично на пупките и цветовите, верата донесува жетва на драгоцени плодови. Каде што има вера, се појавуваат добри дела. Болните се посетени, сиромашните згрижени, сираците и вдовиците не се запоставени, голите се облечени, сиромашните се нахранети.“ – Одбрани пораки 1, 398.
Четврток 31. октомври
5. ИСУС ХРИСТОС, ЗАКОН ВО СТВАРНИОТ ЖИВОТ
а. Каков бил Христовиот став во поглед на Божјиот закон? Матеј 5,17-20.
“Исус бил жива илустрација на исполнување на законот, но Неговото исполнување не значи негово укинување или поништување. Во исполнување на законот, Тој практично ја применувал секоја поединост на неговите прописи.“ – Знаци на времето, 14. март, 1895.
“Во своите учења Христос ги прикажува далекосежноста на начелата на законот објавен на Синај. Тој самиот во својот живот го применувал тој закон чии начела засекогаш остануваат како голем стандард на исправноста – стандард според кој сите ќе бидат судени во големиот ден кога судот ќе седне и книгите ќе се отворат.“ – Божјата чудесна благодат, 141.
б. Што покажува дека Христос бил жива демонстрација на Божјиот закон за човештвото? 1 Петр. 2,21.22; Јован 15,10; 1 Јов. 2,6.
“Славата на Христос е Неговиот карактер, а Неговиот карактер е одраз на Божјиот закон. Тој го исполнил законот во секоја негова поединост, и со својот совршен живот бил совршен пример за она што може човештвото да постигне соработувајќи со божествената сила. Во својата човечка природа Христос бил зависен од Отецот, како што и луѓето денес зависат од божествената сила за да постигнат совршенство на христијански карактер.“ – Знаци на времето, 12. декември, 1895.
Петок 1. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. На чии ветувања Стариот завет се засновал?
2. На чии ветувања Новиот завет се засновал?
3. Кој е тој што ни овозможува да му бидеме послушни на Бога?
4. Дали ние денес сме под Стариот завет ако зависиме од нашите сопствени ветувања наместо на Божјите ветувања?
5. Што ги наведувало јунаците на Библијата да ја увидат нивната потреба за Исус?