04 Љубовта – суштина на праведноста

Сподели го ова:

4. лекција – 26. октомври 2013.

Љубовта – суштина на праведноста

“Бог е љубов“ – 1 Јованово 4,16.

“Правдата е љубов, а љубовта е светлина и живот Божји. Божјата праведност е отелотворена во Христа. Примајќи го Него, ја примаме и правдата.“ ¬– Мисли од гората, 17.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 20-32.

Недела 20. октомври

1. НАЈГОЛЕМА ЗАПОВЕД

а. Какво значење во врска со Божјиот закон има љубовта во животот на христијанинот? Матеј 22,36-40.

“Послушноста не е само некое формално покорување, туку служење од љубов. Божјиот закон е израз на Неговата вистинска природа; тој е олицетворение на големиот принцип на љубовта и според тоа темел на Неговото владеење на Небото и Земјата. Ако нашите срца се обновени според ликот на Бога, ако Божјата љубов е всадена во нашата душа, нема ли Божјиот закон да се остварува во нашиот живот?“ – Патот кон Христа, 54.

б. Како апостол Павле накратко го сумира Божјиот карактер и како Неговиот карактер се доведува во врска со правдата? 1 Јованово 4,16; Псалм 11,7.

“Правдата е светост, сличност на Бога, а ’Бог е љубов‘ (1 Јов. 4,16). Тоа е согласност со Божјиот закон ’Зашто сите Твои заповеди се праведни‘ (Псалм 119,172), а ’љубовта е исполнување на законот‘ (Рим. 13,10). Правдата е љубов, а љубовта е светлина и живот Божји. Божјата правда е отелотворена во Христа. Примајќи го Него, ја примаме и правдата.“ – Мисли од гората, 16.
Понеделник 21. октомври

2. НАДВОРЕШНО ПОКОРУВАЊЕ ИЛИ ПОСЛУШНОСТ ОД СРЦЕ

а. Каква служба Господ сака? 5 Мојс. 6,5; Исус Навин 24,15.

“Применувањето на сила е во спротивност со начелата на Божјото владеење. Бог посакува служење, кое е поттикнато од љубов; љубовта не може да се изнуди; не може да се придобие преку сила или авторитет. Љубовта може да се разбуди само преку љубов. Да се познава Бог, значи да се љуби Бог. Неговиот карактер мора да се истакне како спротивност на карактерот на сатаната. Само Оној, кој ја познава длабочината и широчината на Божјата љубов, може да го објави истото. Над мрачната ноќ на овој свет мора да блесне Сонцето на праведноста со ’исцелување на Неговите крилја‘ (Малахија 4,2).“ – Копнежот на вековите, 9.
“Христовите ученици не одат по Него затоа што се плашат од казни или затоа што се надеваат на вечна награда. Тие ја гледаат неспоредливата Спасителова љубов, откриена во Неговото патување по земјата; од витлеемските јасли до крстот на Голгота и Неговата појава ја привлекува, омекнува и покорува душата. Љубовта се буди во срцата кои го гледаат тоа. Тие го слушаат Неговиот глас и одат по Него.“ – Копнежот на вековите, 468.

б. Наспроти доброволната и радосна послушност од срцето, каква послушност некои таканаречени христијани му укажуваат на Бога? 5 Мојс. 28,45-47; 1 Јов. 5,3.

“Христос умрел на крстот за да ги привлече сите кон себе и Тој сака ние да уживаме во радоста која само Тој може да ја даде, а тоа е радоста која произлегува од послушноста.“ – Проп. и говори 1, 217.
“Човек кој се обидува да ги држи Божјите заповеди затоа што чувствува дека тоа му е должност – затоа што тоа се бара од него – никогаш нема да ја запознае радоста што произлегува од послушноста. Тој и не е послушен! Кога Божјите барања се чувствуваат како должност, како товар, затоа што се противат на човечките склоности, можеме да знаеме дека тој човек не живее вистински христијански живот. Вистинската послушност е последица на начелото што дејствува однатре. Таа произлегува од љубовта кон праведноста, од љубовта кон Божјиот закон. Преданоста кон нашиот Откупител е суштина на секоја праведност. Тоа ќе нè наведе да го правиме она што е право затоа што е право – затоа што на тој начин му угодуваме на Бога.“ – Христовите поуки, 70.71.
Вторник 22. октомври

3. ДЕФИНИРАЊЕ НА ВИСТИНСКАТА ЉУБОВ

а. Што ќе се види во животот на оние кои искрено го љубат Бога? 1 Јованово 3,10; 4,20.21.

“Љубовта е темел на побожноста. Независно од тоа што зборува, никој нема чиста и вистинска љубов кон Бога ако не покажува несебична љубов кон својот брат. Меѓутоа, љубовта не се стекнува само со обид да ги љубиме другите. Неопходно е Христовата љубов да се всели во нашето срце. Кога нашето ’јас‘ наполно ќе се загуби во Христа, љубовта ќе се појави спонтано, без ние да бидеме свесни за тоа. Тогаш, кога во нашето срце постојано ќе се јавува желба да им помогнеме на ближните, и кога на нашето лице ќе се покаже небесната светлина што ја исполнува нашата душа, ние постигнуваме совршенство на христијанскиот карактер.“ – Христовите поуки, 347.

б. Опиши некои од особините со кои се манифестира вистинската љубов? 1 Кор. 13,4-7.

“Вистинската љубов не е силна, дива, нескротлива страст. Напротив, таа всушност е тивка и длабока во нејзината природа. Таа не гледа на надворешноста, туку ја привлекуваат само добрите особини. Таа е мудра, знае да прави разлика и нејзината посветеност е вистинска и постојана. Бог нè испитува и нè проверува во нашите постапки во секојдневниот живот. Во малите работи се откриваат вистинските особини на срцето. Среќата во животот ја сочинуваат мали вниманија, многубројни ситни случки и едноставни љубезности, додека недостатокот на мали благи, охрабрувачки зборови и мали услуги прават животот да биде тажен. На крај ќе се увиди дека самооткажувањето, заради доброто и среќата на оние кои се околу нас, содржи голем дел од книгата на нашиот живот на небото. Исто така ќе се увиди и фактот дека ако се грижиме само за себе, не водејќи сметка за среќата и доброто на другите, тоа нема да му се провлече на погледот на нашиот небесен Татко.“ – 2 Сведоштво, 144.
“Љубовта не може да живее без дела, а секое дело ја зголемува, зајакнува и проширува. Љубовта ќе здобие победа таму каде што е немоќен секаков доказ, секаков авторитет. Љубовта не работи за профит, ниту награда, но сепак Бог одредил на секое дело на љубов да му припадне голема добивка. Љубовта е сеопфатна; таа е тивка во својата работа, но силна и моќна во својата намера да совлада големи зла. Нејзиното дејство ги растопува срцата и ги преобразува. Таа е во состојба да ги придобие грешниците, да ги омекне нивните срца и тогаш кога секое друго средство ќе се покаже неуспешно.“ – 2 Сведоштво, 146.
Среда 23. октомври

4. ЖИВИОТ ЗАКОН НА ЉУБОВТА

а. Кој закон или принцип ќе преовладува во срцето и животот на христијанинот кога ќе сфати колку Христос се жртвувал заради нас? 2 Кор. 5,14.15; 1 Кор. 13,5.

“Кога Божјиот Дух со својата чудесна будечка моќ ќе ја допре душата, тогаш се понижува човечката горделивост. Тогаш световните задоволства, положбата и власта стануваат безвредни. ’Мудрувањата и секое превознесување што се дига против познавањето на Бога‘ се отфрлаат, а секоја помисла се заробува ’за покорност на Христа‘ (2 Кор. 10,5). Тогаш понизноста и пожртвуваната љубов, кои толку малку се ценат кај луѓето, се издигнуваат како единствена вредност.“ – Копнежот на вековите, 115.
“Во светлината од Голгота, ќе се види дека законот на самопожртвуваната љубов е закон на животот на Земјата и Небото, дека љубовта ’која не го бара своето‘, извира од Божјото срце и дека во Оној, кој бил кроток и понизен се манифестирал карактерот на Оној, кој престојува во светлината, на која ниту еден човек не може да ѝ се приближи.“ – Копнежот на вековите, 7.

б. За да живееме живот на самопожртвувана љубов, што се бара од секој од нас? Лука 9,23.

“Секоја душа која го прифаќа Христа како свој личен Спасител ќе копнее за предноста да му служи на Бога користејќи ја со нетрпение секоја можност своите способности благодарно да ги посвети во служба Нему. Тој ќе копнее да ја покаже својата љубов кон Христа и душите кои ги откупил со толку висока цена. Со задоволство ќе ги прифати тешките напори, лишувања и жртви. Повикот својата верност и љубов да ја покаже со спремноста да се откаже од себе, да го земе својот крст и да го следи Христа, ќе се смета за предност.“ – Сведоштво за проповедници, 394.
“Самоодрекувањето и крстот се наш дел овде. Дали ќе ги прифатиме? Никој не треба да очекува дека духот на самопожртвување и верност ќе се развие набрзина кога ќе наидат големите последни искушенија затоа што тогаш е потребен. Не, навистина, овој дух мора да се помеша со нашето секојдневно искуство и ние мораме со поука и со пример да го пренесуваме во душите на нашите деца. Мајките во Израел не мораат самите да бидат војници, но можат да подигнат војници кои ќе го земат сето оружје Божјо и машки ќе се борат во Господовите битки.“ – 5 Сведоштво, 126.

Четврток 24. октомври

5. ЗНАК НА ВИСТИНСКО УЧЕНИШТВО

а. Што претставува вистински доказ дека сме навистина Христови следбеници? Јован 8,31; 14,15.

“Послушноста, служењето и верноста од љубов, се вистински знак дека сме Негови ученици… Наместо да нè ослободи од послушноста, токму верата, и само верата нè прави учесници во Христовата благодат, што нè оспособува да бидеме послушни.“ – Патот кон Христа, 54.

б. Што значи вистинска послушност и од каде извира? Рим. 5,5; 13,10.

“Во срцето кое е обновено со Божјата благодат, љубовта е правило на однесување. Таа го менува карактерот, управува со мотивите, владее со страстите, го отстранува непријателството, ги облагородува чувствата. Оваа љубов ако се негува во срцето, го разубавува животот и насекаде околу себе шири благородно влијание.“ – Патот кон Христа, 53.
“Секоја вистинска послушност доаѓа од срцето. Тоа значи да се соработува со Христа со сето срце. Ако Му се предадеме, Тој ќе ги поистовети нашите мисли и цели со своите, а нашето срце и ум ќе ги усклади со својата волја до таа мера што кога се покоруваме на Него всушност постапуваме во сообразност со своите побуди. Нашата волја станува облагородена и посветена и нашата најголема радост се состои во тоа да му служиме Нему. Кога ќе го запознаеме Бога онака како што имаме привилегија да Го познаваме, нашиот живот станува живот на постојана послушност. Затоа што го познаваме и цениме Христовиот карактер и затоа што одржуваме постојана врска со Бога, гревот ќе ни стане одвратен.“ – Копнежот на вековите, 647.

Петок 25. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кој клучен елемент во Божјиот закон Исус ни го прикажува во Евангелието по Матеј 22,35-40?
2. Објасни ја разликата помеѓу надворешното покорување и вистинската послушност?
3. Кога развојот на нашиот христијански карактер ќе биде потполн?
4. Каков став кон Божјата служба заземаат оние кои ќе го прифатат Христа како свој личен Спасител?
5. Како Христос се препознава во послушноста на своите следбеници?

Сподели го ова:

Similar Posts