02 Најдрагоцена порака
2. лекција – 12. октомври 2013.
Најдрагоцена порака
“Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе.“ – Јован 1,29.
“Исто така како што е неопходно да ја отфрлите себичноста од своето срце, морате да ја примите Христовата праведност. Прифатете ја таа предност со вера; бидејќи за да чините дела Христови, морате да имате ум и Дух Христов.“ – РХ, 23. февруари, 1892.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 65-68.
Недела 6. октомври
1. ПОВТОРУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО НАШЕ ВРЕМЕ
а. Која особена вистина била дадена пред повеќе од сто години за да се подготви Божјиот народ за светост? Од каде потекнува таа вистина? Јован 17,17; 2 Сол. 5,23.
“Господ во својата голема милост на својот народ му ја испратил една од најдрагоцените пораки… Целта на оваа порака била пред светот уште поуочливо да го истакне Спасителот, како жртва за гревовите на целиот свет. Таа претставува оправдување со вера во Христа кој ни дава гарант и ги повикува луѓето да ја прифатат Неговата правда која се покажува во послушност на сите Божји заповеди. Мнозина го изгубиле од вид Исуса. Нивниот поглед треба да се насочи кон Неговата божествена личност, Неговите заслуги и на Неговата непроменлива љубов кон човечкиот род.“ – Сведоштво за проповедници, 91.92.
“Пораката за ова време – оправдување со вера – е порака од Бога; таа носи печат на божествено полномоштво; бидејќи нејзиниот плод се гледа во светоста.“ – Одбрани пораки 1, 359.
б. Која вистина е од суштинско значење за нашето време и што е потребно за да можеме да имаме надеж? Јован 1,29; Рим. 5,10; 8,34.
Понеделник 7. октомври
2. ПОТРЕБА ОД ОПРАВДУВАЊЕ
а. Која вистина секој од нас поединечно треба да ја прифати со сето срце – и со каква перспектива, особено во овие последни денови? Мат. 1,21.
“Пораката на третиот ангел повикува на истакнување на саботата според четвртата заповед; и таа вистина мора да му се претстави на светот; но од пораката на третиот ангел не смее да се изостави суштинската вистина за Исус Христос кој претставува голем центар на привлечност.“ – Одбрани пораки 1, 383.
“Пораки кои носат божествени акредитиви се упатени на Божјиот народ; прикажани се славата, величеството, Христовата праведност, полни со добрина и вистина; полнотата на божеството во Исус Христос истакнувана е меѓу нас во сета своја убавина и красота за да ги одушеви сите оние чии срца повеќе не биле затворени со предрасуди.“ – РХ, 27. мај, 1890.
“Најслатките мелодии кои доаѓаат од Бога преку човечките усни – оправдувањето со вера и Христовата праведност – не наидуваат кај нив на реакција на одговорност (од многуте непокајани верници) на љубов и благодарност. Иако небесниот трговец ги изнесува пред нив најубавите скапоцени камења на вера и љубов, иако ги повикува да купат од Него ’злато пречистено во оган‘ и ’бели облеки‘ за да се облечат и ’очна маст‘ за да прогледаат, тие ги стврднуваат своите срца кон Него и пропуштаат својата млакост да ја заменат за љубов и ревност. Иако со зборови ја проповедаат вистината, тие се откажуваат од силата на побожноста. Ако и понатаму останат во таа состојба, Бог ќе ги отфрли. Тие самите себе се онеспособуваат да станат членови на Неговото семејство.“ – 6 Сведоштво, 395.
б. Што значи да му се укаже на Христа добредојде во нашето срце како небесен Гостин? Откр. 3,20. Што се случило кога пораката за Христовата правда била изнесена пред водачите на црквите во 1888. година?
“Се плашиме дека некои на кои оваа драгоцена вистина им е толку потребна не ја примиле нејзината благодат која им била понудена. Тие не ја отвориле вратата на нивните срца на Христа како добредојден небесен Гостин и претрпеле голема загуба. Патот по кој мораме да продолжиме е навистина тесен; на секој чекор нè очекува крст.“ – РХ, 3. септември, 1889.
Вторник 8. октомври
3. ЕВАНГЕЛИЕТО НАША ЛИЧНА ПОТРЕБА
а. Кои докази очигледно покажуваат дека Бог не одредил за свое спасение да зависиме од другите? Езекиел 14,20.
“Карактерот не може да се пренесе преку наследство ниту на било кој друг начин. Никој не може да верува за друг. Никој не може да прими дар на Духот за друг. Никој не може да му даде на некого карактер, кој е плод само на делувањето на Светиот Дух.“ – Христовите поуки, 376.
“Нека секој кој го љуби Бога има на ум дека сега, додека уште е ден, време е да се работи… Сега е времето безгрижните да се разбудат од нивната дремка. Сега е време да се молиме за душите не само да ја слушаат Божјата Реч, туку и без одлагање да обезбедат масло во садовите за своите светилки. Тоа масло ја претставува Христовата правда – карактер изграден според Неговиот пример, а карактерот не може да се пренесува. Тоа никој не може да го обезбеди за друг. Секој мора сам за себе да добие карактер очистен од секаква дамка на гревот.“ – Сведоштво за проповедници, 233.234.
“Невозможно е за еден христијанин да го пренесе карактерот на друга душа.“ – Да го познам Него, 215.
б. Од каде да знаеме дека Исус сака да му служиме на Бога со нашите сопствени индивидуалности? Може ли некој да пие ’вода на животот‘ за друг? Матеј 22,37; Јован 7,37.
“Никој не може да му служи на Бога преку некој полномошник или застапник. Мнозина мислат дека на овој свет постои некој посилен од Христа, на кого можат да се потпрат. И наместо да дојдат право и непосредно кај Христа, предавајќи му се во целост, тие посегнуваат по човечка помош. Бог сака со нас да има индивидуално искуство… јас не можам да изградам христијански карактер за било кого од вас, ниту било кој од вас може да изгради карактер за мене.“ – Нашиот висок позив, 90.
“Евангелието се занимава со поединци. Секое човечко битие има душа која може да ја спаси или да ја изгуби. Секој има индивидуалност одвоена и различита од сите други. Секој мора сам за себе поединечно да се осведочи и обрати. Секој мора сам за себе да ја прими вистината, да се покае, да верува и да му биде послушен на Бога. Секој мора сам за себе да ја вежба својата волја. Тоа никој не може да го направи преку некој посредник. Својата индивидуалност никој не треба да ја претопи во личноста на некое друго битие. Секој мора да му се предаде на Бога преку личен чин и тајната на побожноста.“ – Ум, карактер и личност, 423.
Среда 9. октомври
4. ЗАТВОРАЊЕ НА ВРАТАТА НА ИСУСА Е ЕДНАКВО НА САМОУБИСТВО
а. На каква измама нашиот народ бил предупреден во 1893. година кога повеќето од нив верувале дека се подготвени за небото? Како оваа самоизмама се повторува и денес и како и ние можеме да бидеме засегнати? Исаија 58,2-8; Откр. 3,15.
“Ова е свечената изјава што ја упатувам до црквата, дека ниту еден од дваесетина чии имиња се регистрирани во црковните книги не е подготвен да ја затвори својата земна историја и како такви навистина се без Бога и без надеж во овој свет како и обичните грешници. Тие тврдат дека му служат на Бога, но поревно му служат на мамоната. Наместо да го признаат Христа пред овој свет, тие со таков недоследен живот постојано се одрекуваат од Него. Мнозина во црквата го внесуваат својот непокорен и необлагороден дух; нивниот духовен вкус е изопачен со неморал, унижувачка изопаченост, имитирајќи го светот во духот, во срцето, во намерите, похотливата пракса, и во секој поглед се полни со измама во својот таканаречен христијански живот. Живеат како грешници, додека тврдат дека се христијани!“ – Христијанска служба, 41.
б. Што ќе биде со сите оние кои со својот карактер само би го оскверниле небото кога би им било дозволено да влезат таму? Матеј 22,12-14.
“Во овој живот тие не воспоставиле заедница со Христа; затоа не го познаваат небесниот јазик, туѓа им е небесната радост….“ – Христовите поуки, 376.
“Најтажните зборови кои некогаш допреле до увото на смртниот човек ќе бидат зборовите на пресуда: ’Не ве познавам!‘ Единствено заедницата со Духот, што сте го омаловажиле, можела да ве соедини со радосното мноштво на свадбената вечера. Вие не можете да учествувате на тој настан. Неговиот сјај би паднал врз заслепени очи, а неговата мелодија врз глуви уши. Неговата љубов и Неговата радост никогаш не би можеле да ја допрат струната на радоста во срцето кое светот го направил нечувствително. Вие самите себеси сте се исклучиле од небото со својата неподготвеност за заедница со светите жители.
“Ние не ќе можеме да се подготвиме за средба со Господа така што ќе се разбудиме кога ќе се слушне повикот: ’Еве го младоженецот, пречекајте го!‘ Не ќе можеме тогаш да побрзаме и да ги наполниме нашите празни светилки. Ние не можеме да го оддалечиме Христа од нашиот живот тука, а сепак да се подготвиме за заедница со Него во небото.“ – Христовите поуки, 378.
Четврток 10. октомври
5. БОЖЈАТА ЗАВРШНА ПОРАКА ДО СВЕТОТ
а. На кој начин светлината на спознанието за спасението ќе го осветли целиот свет? Откр. 18,1; 2 Петр. 3,12.
“Кога Неговиот карактер совршено ќе се обнови кај неговиот народ, тогаш Тој ќе дојде да ги земе како свои.“ – Христ. поуки, 48.
б. Наведи некои од добрите дела со посредство на кои, според Христовиот налог, треба да ја пренесуваме Неговата светлина на овој свет? Мат. 5,16; 25,34-40.
“Ние мораме да ги храниме гладните, да ги облекуваме голите, да им даваме засолниште на бездомниците. Повикани сме да правиме и повеќе од тоа. Потребите на душата може да ги задоволи само Христовата љубов. Ако во нас живее Христос, нашето срце ќе биде полно со божествено сочувство. Ќе се отворат запечатените извори на искрената, христијанска љубов.
“Бог од нас бара не само дар за сиромасите, туку и ведро лице, зборови што охрабруваат, пријателски стисок на рака… Мнозина загубиле храброст. Упатете им зборови што охрабруваат. Молете се за нив! Има такви на кои им е неопходен леб на животот. Читајте им од Божјата Реч. Многу души се зафатени од болест која ниту еден земен мелем не може да ја ублажи ниту лекар да ја исцели. Молете се за тие души, доведете ги кај Исуса. Кажете им дека има мелем во Галад.“ – Христовите поуки, 381.
Петок 11. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. На кој начин виталната порака, упатена на Божјиот народ пред повеќе од сто години, претставува добредојде за Христа во нашето срце како небесен Гостин?
2. Зошто оваа порака е од клучно значење за светот во нашето време?
3. Можеме ли ние да наследиме спасение само затоа што нашите родители или пријатели го сакаат Исуса?
4. На кој начин секој од нас може да се изложи на опасност да го изгуби небото преку самоизмама?
5. Дали јас некогаш ќе влезам во рајот ако мојот карактер не припаѓа таму?