01 Воздигнување на Спасителот
1. лекција – 5. октомври, 2013.
Воздигнување на Спасителот
“Еве го човекот.“ – Јован 19,5.
“Големиот центар на привлечноста, Исус Христос, не смее да се изостави од пораката на третиот ангел. Мнозина кои се ангажирани во делото за ова време го ставаат Христа на второ место, додека на прво место ги истакнуваа теориите и аргументите.“ – Одбрани пораки 1, 383.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 7-13.
Недела 29. септември
1. ИСУС – НАШ ГАРАНТ
а. Со кој чин Господ јавно ја покажал својата љубов кон овој свет и ја платил цената на престапот? Јован 3,16.17; 2 Кор. 5,21.
“Планот на спасението далеку ја надминува моќта на човечкиот ум. Толкаво спуштање од Божја страна претставува тајна во која не можеме да проникнеме. Величината на планот не може целосно да се разбере, ниту ограничената човечка мудрост може да смисли нешто поголемо… Благодарение на величината и сеопфатноста на овој план, семоќниот Бог може да остане праведен, а сепак да ги оправда сите кои ќе поверуваат во Исус и ќе го примат како свој личен Спасител.“ – Библиски коментари, 546.
б. Со кој чин Исус покажал дека Неговата љубов кон секој од нас е надвор од секој сомнеж? Јован 15,13; Рим. 5,6-8; Ефес. 2,13.14.
“О, чудесна ли понизност. Величеството на небото, поттикнато од љубовта и сожалување кон паднатиот човек, предлага да стане негова Замена и Гарант. Тој ја зема на себе вината на човекот и се согласува врз Него да се излие гневот на Отецот, кој инаку би паднал врз човекот поради неговата непослушност.“ – РХ, 24. ноември, 1874.
Понеделник 30. септември
2. НАШ ФОКУС
а. Со кои својства Библијата ја опишува убавината на Христовиот карактер и каков ефект гледањето во таа убавина има врз нас? Песна над песните 2,1; 5,16; Агеј 2,7.
“Бог нè засакал со неискажлива љубов, но и нашата љубов се буди кон Него кога барем донекаде ќе ја сфатиме должината, широчината, висината и длабочината на онаа љубов која го надминува секое знаење. Благодарение на откровението на Христовата љубов која ги привлекува срцата, благодарение на познавањето на Неговата љубов која ја укажувал додека уште бевме грешници, упорното срце се топи и станува потчинето.“ – Мисли од гората, 54.
б. Зошто за нас е толку важно да ги одржуваме нашите очи фокусирани на Исуса? Спореди со: 4 Мојс. 21,8; со Јован 3,14; Евр. 7,25.
“Нашата вера треба да биде интелигентна вера, гледајќи во Исуса со совршена доверба и прифаќајќи ја Неговата жртва на помирување во потполна вера без ниту малку сомнеж. Тоа е мошне важно за да душата не биде обвиткана во темнината.“¬¬ – Одбрани пораки 1, 256.
“Во своето посредување за нас Христос пред Отецот ги прикажува своите божествени заслуги, нудејќи се Себеси да биде наша Замена и наш Гарант; бидејќи Тој токму заради тоа се вознел на небото да го заврши делото на помирување за нашите престапи…
“Христовата правда го прави грешникот што се кае прифатлив за Бога и го остварува неговото оправдување. Колку и да бил грешен во својот поранешен живот, ако поверува во Исуса како негов личен Спасител, тој стои пред Бога во совршена облека на Христовата правда која му се припишува.
“Грешникот кој така неодамна бил мртов поради своите престапи и гревови сега оживува преку вера во Христа. Тој преку вера согледува дека Исус е и Негов Спасител ’кој може вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога‘ (Евр. 7,25). Во помирувањето направено за него, грешникот гледа таква ширина, должина, висина и длабока ефикасност – гледа таква потполност на спасението платено со неизмерна цена – така што душата му е исполнета со пофалби и благодарност. Тој како низ стакло ја гледа Господовата слава и се преобразува во ист облик од страна на Духот Господов. Тој согледува дека облеката на Христовата правда, проткаена на небесен разбој, благодарение на Неговата послушност и се припишува на секоја покајничка душа преку вера во Неговото име.“ – Вера и дела, 105-107.
Вторник 1. октомври
3. СВЕТЛИНА НА НАШИОТ ЖИВОТ
а. Што значи да сe има пред очи само Божјата слава? Лука 11,34; Јован 8,12.
“Што значи да се има пред очите само едно? Тоа значи да го управуваме својот поглед само на Христа, бидејќи преку посматрање се преобразуваме од слава во слава, од карактер во карактер.“ – Упатство за младите, 14. септември, 1893.
б. Какво конкретно знаење Бог користи за да донесе светлина во нашиот живот? Јован 1,4.9; 2 Кор. 4,6.
ц. Како со посматрање на Божјата слава, откриена во Христовиот живот, го помагаме нашето растење во Него и нашата посветеност кон Него? 2 Кор. 3,18.
“Ако барем за миг погледнеме во пладневното сонце, кога ќе ги свртиме нашите очи сликата на сонцето ќе се појави на сè во што ќе погледнеме. Така е и кога гледаме во Исуса; во сè што ќе погледнеме се одразува Неговиот лик, како Сонце на правдата. Ние не можеме да видиме ништо друго или да разговараме за нешто друго. Неговиот лик останува втиснат во окото на душата и влијае на секој дел од нашиот секојдневен живот, тоа ја омекнува и обзема целата наша природа. Со постојано гледање во Него ние се преобразуваме во Неговиот лик и стануваме слични на Него. На сите со кои доаѓаме во допир ние ја одразуваме светлината на блескавите зраци на Неговата праведност…
“Исус Христос за нас станува сè – прв и последен и најдобар во сè. Неговиот Дух и Неговиот карактер бојат сè; тоа станува основа и ткиво од кои е исткаено целокупното наше битие. Христовите зборови се Дух и живот. Тогаш, своите мисли ние не ги сосредоточуваме на себе; ние повеќе не живееме, туку во нас живее Христос и Тој е надежта на славата. Нашето јас повеќе не живее во нас, туку Христос живиот Спасител. Гледајќи постојано во Исуса ние го одразуваме Неговиот лик на сите околу нас. Ние повеќе не размислуваме за своите разочарувања, ниту пак зборуваме за нив; бидејќи многу попријатна слика го привлекува нашето внимание – а тоа е драгоцената Христова љубов. Тој живее во нас преку Словото на вистината.“ – Сведоштво за проповедници, 388-390.
Среда 2. октомври
4. ХРИСТОВОТО ЧОВЕКОЉУБИЕ
а. Каков бил Христовиот однос кон сите човечки битија со кои се среќавал на оваа земја, без оглед на нивните различности? Дела 10,38; Мат. 14,14; 15,32.
“Никогаш немало таков Евангелист, каков што бил Христос. Тој бил Величество на небото, но се понизил Себеси, земајќи ја нашата природа, за да може да им пријде на луѓето онаму, каде што се наоѓале. Христос, гласникот на заветот, ја однел пораката за спасението до сите луѓе, богати и сиромашни, слободни и робови. По цела Палестина се разнесувал гласот за Него како голем исцелител. Меѓу нив доаѓале и многу страдалници да ги слушнат Неговите зборови и да го почувствуваат допирот на Неговата рака. Така, Тој одел од град во град, од место во место, проповедајќи го Евангелието и исцелувајќи болни – Царот на славата во скромната облека на човештвото.“ – Здравје и среќа, 13.
б. Споредете го начинот на Христовиот однос кон Јуда и кон Петар? Мат. 16,23; Јован 13,27; 17,12.
ц. Какви докази имаме дека Тој истите предности кои им ги укажал на овие свои ученици ги укажува исто така и на секој од нас? Јован 13,1.5.
“Исус со својата јавна работа ги поврзал Петар и Јуда со себе и ги направил свои соработници; но во исто време тие морале постојано да учат од Него. Од Неговото божествено учење морале постојано да извлекуваат поуки како да ги исправаат своите погрешни идеи и своите погрешни ставови за тоа што претставува христијанскиот карактер. Јован и Петар не биле совршени, но ја користеле секоја можност да научат. Петар не научил да има недоверба кон себе сè додека, совладан од искушенијата на ѓаволот, не се одрекол од својот Господ. Јуда ги имал истите можности како и останатите ученици постојано да учи од Христа, но тој тоа не го ценел. Тој бил само слушател, но не и извршител. Резултатот бил видлив при неговото предавство на својот Господ.“ – 5 Сведоштво, 526.
Четврток 3. октомври
5. НАША ЦЕЛ: ОДРАЗУВАЊЕ НА ХРИСТОВАТА ЉУБОВ
а. Кого ние како христијани треба да го прикажуваме на овој свет, и на каков начин? Кол. 1,26.27; 1 Петр. 2,22.23.
“Христос живее во своите следбеници преку својата Реч. Тоа е истата онаа животна врска која симболично е прикажана со земање на Неговото тело и Неговата крв. Христовите зборови се Дух и живот. Прифаќајќи ги тие зборови, ние го примаме животот на Лозата. Тогаш живееме ’од секој збор што излегува од Божјата уста‘ (Мат. 4,4). Христовиот живот во нас ги раѓа истите оние плодови кои се гледале во Него. Ако живееме во Христа, прилепувајќи се до Христа, ако Тој постојано нè држи и храни – тогаш плодот што ќе го донесеме ќе биде сличен на Неговиот.“ – Копнежот на вековите, 657.
б. Како ние нашиот христијански раст и зрелост ги откриваме во начинот на кој ги третираме другите луѓе? 1 Петр. 3,8.9; 1 Јов. 4,7.8; Евр. 13,1-3.
“Кога своето внимание ќе го насочиме на Христос распнат на крстот, целото наше битие се облагородува. Свеста за Христовата љубов ја потчинува душата, а мислите ги воздига над сè што е сетилно и минливо. Да се научиме сите минливи вредности да ги проценуваме во светлината која зрачи од крстот…
“Во сите вистински следбеници оваа љубов, како свет оган, гори на олтарот на срцето. На оваа земја Христос ја открил Божјата љубов во својот живот. На оваа земја и Неговите деца треба таа љубов да ја покажат со својот беспрекорен живот. На таков начин грешниците ќе бидат доведени до крстот – за да го посматраат Божјото Јагне.“ – РХ, 6. мај, 1902.
Петок 4. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Каква важност треба да му се даде на Евангелието денес?
2. Кои се некои од мошне значајните примери на Христовата љубов кон сите припадници на човечкиот род?
3. Зошто пораката за љубовта и Христовиот живот е толку важна за мене?
4. Што всушност значи да се биде христијанин?
5. Како можам поцелосно да го одразувам Христа на луѓето околу мене?