12 Покајание и победа

Сподели го ова:

12. лекција – 22. декември 2012.

Покајание и победа

“Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се.“ – Откр. 3,19.

“Бог не се откажува од нас поради нашите гревови. Ние можеме да направиме грешки и да го жалостиме Неговиот Дух, но кога ќе се покаеме, и ќе дојдеме кај Него со скрушено срце, Тој нема да нè отфрли.“ – Одбрани пораки 1, 336 (350).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 1 Сведоштво, 132-137.

Недела 16. декември

1. ПРИМЕР НА ПОКАЈАНИЕ

а. Какво предупредување треба да извлечеме од искуството на апостол Петар? Мат. 26,33.69-74.

б. Како сцената од Гетсиманија треба да нè инспирира на подлабоко покајание од она кое порано сме го доживеале? Мат. 26,33,69-75; Евр. 12,3.4.

“Петар се одрекол од Човекот на болката во Неговото познанство со тагата во часот на Неговото понижување. Но тој потоа се покајал и повторно се обратил. Тој имал вистинско каење на душата и одново се предал на својот Спасител. Речиси заслепен од солзи, побрзал во осаменоста на Гетсиманската градина, паднал ничкум на земјата токму таму каде што го видел својот Спасител облеан со крвава пот во Неговата страшна агонија. Мачен од тешка грижа на совеста, Петар се сеќавал дека во тие страшни часови спиел додека Исус се молел. Неговото горделиво срце сега потполно се скршило, а неговите покајнички солзи ја натопувале земјата на која неодамна капела крвавата пот на драгиот Божји Син. Од тоа место во градината Петар заминал како потполно обратен човек, подготвен да покаже сомилост кон оние кои се искушувани. Понизувајќи се во потполност можел да сочувствува со слабите и заблудените. Сега можел да ги предупредува и опоменува дрските и целосно се удостоил да ги утврдува своите браќа.“ – 3 Сведоштво, 386 (416).

Понеделник 17. декември

2. ВРАЌАЊЕ НА БОЖЈИТЕ ПАТИШТА

а. Наведете една опомена која особено треба да се нагласи денес? 1 Јов. 2,15-17.

“Има нешто поради што треба да се каеме. Склоноста кон светот, себичноста и алчноста ја уништуваат духовноста и животот на Божјиот народ.
“Љубовта кон светот веќе со години претставува посебна опасност за припадниците на Божјиот народ. Себичноста и алчноста се гревови кои произлегуваат токму од тоа.“ – 1 Сведоштво, 132 (141).

б. Зошто Божјата Реч претставува клуч за вистинско обратување? Евр. 4,12-16.

“Обратувањето е дело кое повеќето не умеат да го ценат. Не е мала работа да се преобрази еден земски дух склон кон грев и да се доведе до познавање на неискажливата Христова љубов, привлечноста на Неговата благодат и Божјата возвишеност, така што душата ќе биде исполнета со божествената љубов и обземена со небесните тајни. Човекот кој ги разбира овие работи гледа на својот поранешен живот со одвратност и омраза. Тој го мрази гревот и доаѓајќи со понизно срце кај Господа, спремен е да го прими Христа како живот и радост на душата. Тој се откажува од поранешните задоволства. Тој има нови мисли, нови чувства, нови интереси, нова волја; нови се и неговите страдања, желби и љубов. Тој се одвојува од телесните желби, желбата на очите и гордоста на животот кои порано ги ставал пред Христа и сега Христос станува копнеж на неговиот живот, круна на неговата радост…
“Делата на светоста, кои порано му изгледале досадни, сега претставуваат негово задоволство. Божјата Реч која порано била неинтересна и здодевна, станува предмет на проучување и советник. Таа е како писмо до него кое самиот Бог му го напишал и носи печат на Вечниот. Тој според неа ги проценува и одмерува своите мисли, зборови и дела. Заповедите и опомените кои се содржани во неа му влеваат страхопочит, затоа цврсто се држи до нејзините ветувања и ја поткрепува својата душа присвојувајќи ги за себе. Тој сега го избира друштвото на најпобожниот, а го избегнува безбожникот чие друштво некогаш толку го сакал. Тој сега ги осудува нивните гревови на кои порано се смеел. Се откажува од самољубието и суетата и тој живее во Бога, и е богат со добри дела. Ова е посветувањето кое Бог го бара од нас. Ништо помалку од ова Тој не прифаќа.“ – 2 Сведоштво, 323.324 (294.295).
Вторник 18. декември

3. ПРИФАЌАЊЕ НА СОВЕТОТ НА ВИСТИНИТИОТ СВЕДОК

а. Каква сигурност имаме кога искрено ќе се покаеме за нашата млака состојба? Дела 3,19.20.

“Обрнете внимание на советот на Вистинитиот Сведок. Размислете за купување на злато пречистено во оган за да се збогатите, бела облека за да се облечете и очна маст за подобро да гледате. Направете некои напори. Овие драгоцени добра нема самите да ни се наметнат без некој напор од наша страна. Со прифаќање на советот: ’Биди ревен и покај се‘, мораме да се ослободиме од својата млакост. Мораме да се пробудиме, да видиме во што грешиме, и со ревносно покајание да ги отфрлиме своите гревови.
Покажано ми е дека браќата што поседуваат имоти мораат да вложат посебен труд за да ги раскинат врските со своето земно богатство и да ја совладаат својата љубов кон светот. Мнозина од нив го сакаат овој свет и своите богатства, но не сакаат да го согледаат тоа. Тие мораат да бидат поревносни и да се покајат од својата себичност и алчност, за да можат со љубовта кон вистината да совладаат сè друго. Видов дека мнозина од оние што се богати пропуштаат да купат злато пречистено во оган, бела облека и маст за очи. Нивната ревност и сесрдност не се соодветни со значењето и вредноста на целта што ја поставиле пред себе.
“Ги видов тие луѓе како ги вложуваат сите свои сили и се борат за земни богатства и имот. Каква ревност, усрдност и енергија вложуваат за да стекнат земни богатства од кои наскоро ќе мора да се разделат! Колку е погрешна и ништожна проценката споре која се раководат! Тие планираат и се мачат од утро до мрак, жртвувајќи ја својата сила и удобност за да стекнат земно богатство. Вложувањето на таква ревност за златото прочистено во оган, за белата облека и за маста за очи, би им донело далеку повредно богатство и вечен живот во Божјото царство. Видов дека маста за очи им е најпотребна на оние што имаат земни богатства. Мнозина од нив се слепи за својата состојба, за својата цврста поврзаност за овој свет. О, кога би можеле да го согледаат тоа!
“’Ете стојам на вратата‘, вели Христос, ’и тропам‘. Ако некој го слушне Мојот глас и ја отвори вратата ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене‘ (Откр. 3,20). Видов дека мнозина насобрале толку нечистотија на вратата на своето срце така што таа врата воопшто и не може да се отвори. Некои мора да ги отстранат потешкотиите што постојат меѓу нив и нивните браќа. Други пак, треба да ги напуштат злите склоности, себичноста и алчноста за да можат да ја отворат вратата. Има и такви на чија врата е насобран светот кој го спречува секој приод до срцето. Сета таа нечистотија мора да се отстрани за да можат да ја отворат вратата на Спасителот и да го примат со добредојде.“ – 1 Сведоштво, 133.134 (142.143).
Среда 19. декември

4. ПРОЦЕС КОЈ ДОВЕДУВА ДО ПОБЕДА

а. Кое разбирање и задача претставуваат клуч за духовната победа за Божјиот народ? Ис. 55,8.9; 58,1. Како некои се измамени во обидот да побегнат од оваа реалност? 1 Цар. 18,17.

“Мнозина се искушуваат во поглед на нашето дело, прашувајќи се: дали е тоа од Бога. Паѓајќи во тоа искушение, некои постоечки тешкотии и забуни низ кои минува Божјиот народ им се припишуваат токму на Сведоштвата на укор кои им се упатени. Тие мислат дека немирот и тешкотиите ги создаваат оние кои ја изнесуваат пораката на опомена, кои укажуваат на гревовите на народот и поединците во настојување да ги исправат. Мнозина од нив се измамени од страна на непријателот на душите. Тие сметаат дека би можеле да ги прифатат напорите на братот и сестрата Вајт кога тие не би го осудувале постојано злото и изобличувале гревот…
“Некои не ги прифаќаат нашите од Бога дадени сведоштва, ласкајќи си себеси дека и ние можеме да бидеме измамени, и дека тие можеби се во право. Тие сметаат дека на припадниците на Божјиот народ не им се потребни толку јасни сведоштва и укори, бидејќи Бог е со нив. Вака искушуваните поединци, со оглед на тоа дека во душата секогаш војувале против совесниот укор и осуда на гревот, подготвени се да повикаат: ’Зборувајте ни мили работи‘. Како таквите ја сфаќаат пораката на Вистинитиот Сведок упатена на Лаодикеја? Тука не може да има никаква измама. Таа порака Божјите слуги мораат да ја пренесат на млаката црква, за да се пробудат нејзините членови од своето чувство на сигурност и опасна заблуда во поглед на вистинската состојба пред Бога. Ова сведоштво, ако го прифатат, ќе ги пробуди на делотворна работа и ќе ги наведе да се понизат пред Бога и да ги признаат своите гревови…
“Припадниците на Божјиот народ мораат да ја увидат својата грешност, да се пробудат на искрено каење и отфрлање на гревовите кои ги довеле во толку жална состојба на духовно сиромаштво, слепило, несреќа и страшна измама. Покажано ми е дека одредено и остро сведоштво мора да живее во црквата. Тоа единствено одговара на пораката упатена на Лаодикејците. Злото мора да се осуди, гревот мора да се нарече со неговото вистинско име, на беззаконието мораме да му се спротивставиме брзо и одлучно, за сето тоа да се искорени од нашиот народ.“ – 3 Сведоштво, 239.240 (258-260).

б. Што се случува кога ќе се согласиме да Му ја отвориме вратата на своето срце на Христа? Откр. 3,20 (посл. дел).

“Штом се согласиме да ги отфрлиме своите гревови и да ја признаеме вината, бариерата помеѓу душата и Спасителот е отстранета.“ – Одбрани пораки 1, 311 (325).
Четврток 20. декември

5. ИСЦЕЛУВАЊЕ И ПРИФАЌАЊЕ КАЈ БОГА

а. Која порака, полна со надеж и утеха се придружува на советот на Лаодикеја? Откр. 3,19; Ерем. 3,22.23.

“О, колку чудесна Божја љубов! Покрај сета наша млакост и гревови Тој вели: ’Вратете се кај Мене, и Јас ќе се вратам кај вас, и ќе ве исцелам од сето отпадништво и од сите ваши гревови‘. Ова беше повторено од страна на ангелот голем број на пати. ’Вратете се кај Мене, и Јас ќе се вратам кај вас, и ќе ве исцелам од сето отпадништво и од сите ваши гревови‘.
“Видов дека некои со задоволство ќе се вратат. Други не дозволуваат пораката упатена до лаодикејската црква да има било какво влијание врз нив. Тие подеднакво продолжуваат да паѓаат сè подлабоко и ќе бидат изблуени од Господовата уста. Само оние кои ревносно ќе се покаат ќе имаат милост пред Бога…
“Ние навистина можеме да победиме. Да, целосно, потполно. Во сè можеме да победиме. Исус умрел за да го отвори патот пред нас, овозможувајќи ни да ја победиме секоја склоност кон злото, секој грев, секое искушение и на крајот да седиме заедно на престолот со Него.
“Да се има вера и да се наследи спасението е предност на секој од нас. Божјата сила не е намалена. Видов дека Тој со задоволство би ја покажал Својата моќ, како што тоа го правел во минатото. На припадниците на Божјата црква им недостасува сила со вера и молитва да се борат со Бога како Јаков, кога тој се молел: ’Нема да Те пуштам додека не ме благословиш‘ (1 Мојс. 32,26). Постојаноста и истрајноста во верата постојано изумира. Таквата вера мора да оживее во срцето на Божјиот народ. Божји благослов мора да се бара со сесрдна молитва.“ – 1 Сведоштво, 134 (143.144).

Петок 21. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква поука треба да извлечеме од победата која Петар ја здобил во своето искуство?
2. Какви плодови донесува вистинското обратување?
3. Наведи некои од пречките кои можат да ја блокираат вратата на срцето?
4. Зошто веста на укорот во исто време е и порака на надеж?
5. Објаснете ја суштината на надежта која Вистинскиот Сведок им ја нуди на Лаодикејците?

Сподели го ова:

Слични објави