10 Бели облеки
10. лекција – 8. декември 2012.
Бели облеки
“Те советувам да си купиш од Мене… бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја.“ – Откр. 3,18.
“Прво нешто што треба да научат сите што сакаат да станат Божји соработници е поуката за недоверба во самиот себеси; и тогаш ќе бидат подготвени да го примат на себе Христовиот карактер.“ – Копнежот на вековите, 175 (250).
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите поуки, 121-163.
Недела 2. декември
1. КОЈА ОБЛЕКА ДА ОБЛЕЧЕМЕ?
а. Објаснете како духовната голотија на Лаодикеја всушност имала свои корени преку целата човечката историја. Откр. 3,18; 1 Мојс. 3,6-10.
“Бела облека на невиност носеле нашите прародители кога Бог ги наместил да живеат во светиот Едем. Тие живееле во совршена хармонија со Божјата волја. Сета сила на нивните чувства му била посветена на нивниот Отец. Светиот пар го опкружувала прекрасна блага светлина, Божја светлина. Оваа облека претставувала симбол на нивната духовна облека на небесната невиност. Кога би му останале верни на Бога, тие засекогаш би биле опкружени со неа. Меѓутоа, кога згрешиле, ја прекинале својата врска со Бога и исчезнала светлината што ги осветлувала. Голи и посрамени, својата небесна облека се обидувале да ја надоместат со облека од смоквини лисја што сами ја направиле.
“Токму тоа е она што прекршителите на Божјиот закон го правеле уште од денот на непослушноста на Адам и Ева. Тие сплеле смоквини лисја за да ја покријат голотијата предизвикана од престапот. Носеле облека што самите ја осмислиле, се обидувале со свои дела да ги покријат своите гревови, и себеси да се сторат поприфатливи во Божјите очи.
“Меѓутоа, никогаш не успеале да го постигнат тоа. Човекот не може ништо да стори за да ја надомести својата загубена облека на невиност.“ – Христовите поуки, 277.278 (310.311).
Понеделник 3. декември
2. СТЕКНУВАЊЕ НА ДОВЕРБА ВО ХРИСТОВАТА ПРАВЕДНОСТ
а. Како Христос ја покажувал Божјата праведност додека живеел на земјата? Ис. 42,21. Опишете го ставот кој го проникнувал Неговиот живот. Псалм 40,8.
б. Опишете ја опасноста со која се соочуваме во поглед на праведноста. Судии 21,25.
“Самоправедноста е опасност на ова време, таа ја одделува душата од Христа. Оние кои се потпираат на сопствената правда не можат да сфатат како спасението доаѓа преку Христа. Тие гревот го нарекуваат правда а правдата грев. Тие не сфаќаат колку зла произлегуваат поради престапот ниту пак разбираат што значи да се има страв од законот; бидејќи не го почитуваат Божјиот морален критериум. Причината зошто денес има толку многу лажни обратувања е во тоа дека постои толку ниско вреднување на Божјиот закон. Наместо Божјото мерило на правдата, луѓето ги издигнуваат сопствените мерила со кои го оценуваат карактерот. Гледајќи преку замрачено стакло, тие на народот му ги презентираат лажните идеи за посветеност, поттикнувајќи го на тој начин егоизмот, гордоста и самољубието. Учењето за посветеноста подржано од мнозина е полно со измама, затоа што тоа е ласкаво за природното срце, но најдобро нешто што може да му се проповеда на грешникот е вистината за обврзувачките барања на Божјиот закон.“ – Вера и дела, 96.97.
ц. Што треба да го обележува нашиот став кон самите себеси и кон заблудените? Ис. 6,1-7; Езек. 9,4.
“Во последно време Божјиот народ ќе воздивнува и ќе рида заради гадотиите што се прават на земјата. Со солзи ќе ги предупредуваат грешниците на нивната опасност да го газат Божјиот закон, и со неискажана тага ќе се понизат пред Господа во покајание. Грешниците ќе се потсмеваат на нивната тага и ќе ги исмејуваат нивните сериозни опомени. Но болката и понизноста на Божјиот народ е непогрешлив доказ дека тие повторно ја повратиле силата и благородноста на карактерот изгубени како резултат на гревот. Тоа е затоа што му се приближиле на Христа и го управуваат погледот кон Неговата совршена чистота, и затоа толку јасно ја спознале безмерната одвратност на гревот. Кротост и понизност се услови за успех и победа.“ – Пророци и цареви, 403.
Вторник 4. декември
3. ДВАЈЦА МОЛИТЕЛИ
а. Која погрешна претстава за праведноста ги валка животите на мнозина кои сметаат дека се совесни христијани? Ис. 65,2-6; Лука 18,9-12.
“Религијата на фарисејот не може да ја допре душата. Тој не бара да стане сличен на Бога во карактерот, срцето да му биде исполнето со љубов и милост. Тој е задоволен со религија која се одразува само во надворешниот живот. Неговата праведност е само негова – плод на неговите дела – и одмерувана според човечки мерила.
“Секој што себеси се смета за праведен, ќе ги презира другите. Како што фарисејот се споредувал со другите луѓе, така и сите други ги споредувал со себе. Својата праведност ја оценувал според нивната, и колку тие изгледале полоши, тој сè повеќе изгледал поправеден. Неговата самоправедност го наведувала да ги обвинува другите. ’Останатите луѓе‘ за него се престапници на Божјиот закон. Со тоа тој го манифестирал духот на сатаната, кој е ’обвинител‘ на браќата. Со таков дух, тој не можел да воспостави заедница со Бога. Отишол дома лишен од божествените благослови.“ – Христовите поуки, 122 (151).
б. Каква утеха Небото, од друга страна, испраќа до секоја покајничка душа? Лука 18,13.14; Пс. 51,17.
“Христос се заветувал дека ќе биде наша замена и гаранција, и Тој никого нема да го занемари. Оној кој не можел да види како човечките битија се изложени на вечна пропаст, кој својата душа ја предал на смрт наместо нив, ќе погледне со милост и сожалување врз секоја душа која сфаќа дека не може да се спаси самата себе.
“На секој кој што очајува Тој ќе му помогне да се воздигне. Тој кој со своето помирување обезбедил за човекот безграничен капитал на морална сила, нема никогаш да пропушти оваа сила да не ја употреби во нивна полза. Сите свои гревови, грижи и болки да ги ставиме кај Неговите нозе, затоа што Тој нè љуби. Секој Негов поглед и секој Негов збор треба да ни влеваат доверба. Тој ќе го обликува и оформи нашиот карактер според Својата волја.“ – Христовите поуки, 128 (157).
“Кога ќе размислуваме за Неговата чистота и совршенство, тогаш ќе ја согледаме својата слабост, своето сиромаштво и маните во вистинска светлина. Ќе видиме дека сме изгубени и без надеж, облечени во облеката на својата праведност, како и сите други грешници. Ќе согледаме дека спасението не можеме да го заработиме со нашата добрина, туку преку Божјата бесконечна благодат.“ – Христовите поуки, 129 (159).
Среда 5. декември
4. ПРИПИШАНА И ДОДЕЛЕНА ПРАВДА
а. Како Христовата правда ни се припишува нам? Рим. 3,23-26; 5,17-19.
“Ние немаме своја сопствена правда со која би можеле да ги задоволиме барањата на Божјиот закон. Меѓутоа Христос ни го отворил патот на спасението за нас. Тој живеел на земјата соочен со истите неволји и искушенија со кои и ние се соочуваме. Живеел безгрешен живот. Умрел за нас и сега ни се нуди да ги земе нашите гревови и да ни ја даде Својата правда. Ако му се предадете Нему и ако Го прифатите како Спасител, заради Него ќе бидете прогласени за праведни без оглед на сета грешност од поранешниот живот. Христовиот карактер ќе застане на местото на вашиот карактер и вие ќе бидете прифатени пред Бога исто како воопшто да не сте згрешиле.“ – Патот кон Христа, 56 (62).
б. Што уште Христос е подготвен да направи во и преку нас и како се случува ова? Гал. 2,20; Јован 16,13 (прв дел).
“И повеќе од тоа, Христос го менува срцето. Тој со вера живее во вашето срце. Со вера и постојано потчинување на својата волја на Христа треба да ја одржувате оваа врска со Него; и сè додека го правите тоа, Тој ќе делува во вас да Го љубите и да делувате во склад со Неговата света волја… И тогаш, кога Христос делува во вас, вие ќе го манифестирате истиот дух и ќе ги правите истите дела – дела на правда и послушност.“ – Патот кон Христа, 56 (62.63).
“Кога ќе Му се покориме на Христа, срцето се соединува со Неговото срце, волјата се обединува со Неговата волја, умот станува едно со Неговиот ум, мислите му се покоруваат Нему; ние живееме Негов живот. Тоа значи да се биде облечен во облеката на Неговата праведност. И тогаш, кога Господ ќе погледне на нас, нема да види облека од смоквини лисја, не ја гледа голотијата или изопаченоста на гревот, туку облеката на Неговата правда со која е означена совршената послушност кон законот на Јехова.“ – Христовите поуки, 278 (311).
“Победата не може да се добие без сесрдна молитва и понизност покажана на секој чекор. Нашата волја не треба да биде принудена на соработка со небесните сили, таа мора доброволно да се потчини на Бога.“ – Знаци на времето, 18. мај, 1904.
“Исус сака да се вежбаме во едноставноста на верата, за да имаме право на Неговите заслуги. Ако само Го допреме со вера, светлина, слава и Божја сила ќе ни бидат дадени.“ – Знаци на времето, 10. јуни, 1889.
Четврток 6. декември
5. ОБЛЕЧЕНИ КАКО ПОБЕДНИЦИ
а. Со што Христос сликовито го прикажува суштинското значење на прифаќањето на облеката која Тој ја обезбедил? Мат. 22,1-4.11-14. Објаснете што тоа практично значи за нас.
“Човекот кој дошол на гозбата без свадбена облека ја претставува состојбата на мнозина кои живеат во денешниот свет. Тие тврдат дека се христијани, полагаат право на благословите и на предимствата на евангелието, но не чувствуваат потреба да го преобразат својот карактер. Тие никогаш вистински не се покајале поради своите гревови. Тие не ја сфаќаат потребата од Христа ниту пак имаат вера во Него. Никогаш не успеале да ги совладаат своите наследени или стекнати склоности кон злото. А сепак мислат дека се доволно добри сами по себе, и се потпираат врз своите заслуги наместо да имаат доверба во Христа. Тие се само слушатели на Речта; доаѓаат на гозбата, но не сакаат да ја облечат на себе облеката на Христовата праведност.“ – Христовите поуки, 281 (315).
б. Опишете го вистинскиот живот во Христа. 2 Кор. 10,5; Фил. 2,12.13.
“Бог сака ние да владееме со себеси. Но Тој не може да ни помогне без наша согласност и соработка. Божјиот Дух дејствува преку силите и способностите што му се дадени на човекот. Ние нашите намери, желби и склоности не би можеле сами да ги доведеме во хармонија со волјата на Бога, но ’ако сме волни‘, Спасителот ќе го оствари тоа за нас.“ – Делата на апостолите, 361 (482).
“Белите облеки ја претставуваат чистотата на карактерот, Христовата праведност која незаслужено му се дава на грешникот. Тоа е облека која е исткаена на небесниот разбој, која може да се купи само од Христа и тоа со живот на доброволна послушност.“ – 4 Сведоштво, 85 (88).
Петок 7. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што во духовна смисла значи ’голотија‘?
2. Со што ние се излагаме на опасност да ’плетеме‘ современи ’облеки од смоквини лисја‘?
3. Објаснете ја разликата помеѓу фарисејот и цариникот?
4. Која е разликата помеѓу припишаната и доделена праведност?
5. Колку чини белата облека?