09 Вложување во небесното злато
9. лекција – 1. декември 2012.
Вложување во небесното злато
“Те советувам да купиш од Мене злато низ оган пречистено за да се збогатиш.“ – Откр. 3,18.
“Господ овде покажува дека на припадниците на Неговиот народ им е потребно нешто подобро од самото надворешно богослужение. Тој од нив бара чиста и неизвалкана религија. Златото кое им го препорачува да го купат од Него е злато на карактерот.“ – Билтен на Ген. конференција 6 јуни, 1909.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите поуки, 91-95.
Недела 25. ноември
1. ЖИВЕЕМЕ ВО ВРЕМЕТО НА ЛАОДИКЕЈА
а. Опишете ги природните склоности својствени на сите христијани кои живеат во периодот на црковната историја познат како Лаодикеја – после 1844. година. Откр. 3,17. Што треба ние да сториме во врска со ова?
“Имињата на седумте цркви симболично ја претставуваат црквата во разните периоди од христијанската ера.“ – Делата на апостолите, 441 (585).
“Пораката упатена до лаодикејската црква се однесува на нашата состојба.“ – РХ, 23, јули, 1889.
“Предупредувањето за последната црква… мора да се објави до сите кои тврдат за себе дека се христијани. Пораката упатена до Лаодикеја, слично на мечот остар од двете страни, мора да стигне до сите цркви.“ – 6 Сведоштво, 72 (77).
б. Што треба секој од нас да сфати додека ја проучува пораката упатена до Лаодикеја? 2 Кор. 10,12; 13,5.
“Целта на пораката (упатена до Лаодикеја) не е да го наведе братот да му суди на неговиот брат, да му каже што треба да прави, каде треба да оди; туку секој поединец да го преиспита своето срце и да внимава на своите лични постапки.“ – Духовни дарови 2, 223.
Понеделник 26. ноември
2. ДРАГОЦЕНА ПРЕПОРАКА
а. Што е прво што Вистинитиот Сведок и советува на Лаодикеја да направи и зошто е тоа толку итно? Откр. 3,18 (прв дел).
“Големиот Откупител се претставува себеси како небесен Трговец кој натоварен со драгоцености, оди од куќа до куќа и ги нуди своите непроценливи блага.“ – Библиски коментари, 894.
“Верата и љубовта се вистинско богатство, чисто злато, кое Вистинитиот Сведок им советува на млаките да го купат. Колку и да сме богати со земно богатство, сето тоа нема да ни овозможи да го купиме драгоцениот лек кој ја лекува болеста на душата, болеста наречена млакост…“ – 4 Сведоштво, 84 (88).
“Златото прочистено во оган, кое Тој ни го препорачува, претставува вера и љубов. Тоа злато го обогатува срцето, бидејќи е претопувано сè додека сосем не се прочистило и колку повеќе се прочистува, толку е поблескав неговиот сјај.“ – 4 Сведоштво, 85.
“Некои можеби ќе кажат дека очекувајќи го Божјото одобрување поради своите добри дела ги издигнуваме своите заслуги. Вистина е дека со своите добри дела не можеме да стекнеме ниту една победа; но без нив не можеме да станеме победници. Да го купиме тоа што Христос ни го препорачува можеме само ако ги исполниме условите кои Тој ни ги препорачува. Вистинските дарови на Неговата благодат, чија вредност е непроценлива и кои ќе ја издржат пробата на сите неволји и тешкотии можеме да ги добиеме само со вера и понизност која е плод на послушноста и сесрдната молитва. Милоста благодарение на која ги издржуваме страдањата и прогонствата и на дело ја докажуваме својата честитост и искреност претставува злато кое својата вредност ја докажува во огнот на топилницата. Тоа драгоцено богатство Христос Му го нуди на човекот, велејќи: ’Купи од Мене злато прочистено во оган’. Безживотното, површно и формално извршување на должноста не нè прави христијани. Мораме да се ослободиме од млаката состојба и да го доживееме вистинското обратување, или ќе го загубиме спасението.“ – 4 Сведоштво, 85 (89).
б. Што ја открива очајната потреба од небесното злато? Езек. 33,30-33.
“Многу срдечни напори се вложени за Лаодикејската црква. И за нив е упатен поттикот: ’Но бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен‘ (Мат. 5,48). Но црквата не ја продолжила работата започната од Божјите весници. Тие ја слушнале вистината, но пропуштиле да ја присвојат за себе и да ги применат инструкциите кои им се дадени.“ – Библиски коментари, 891.
Вторник 27. ноември
3. ДОКАЗ ЗА НАШАТА СИРОМАШТИЈА
а. Што ја покажува нашата природна склоност да се сомневаме дека пораката за Лаодикеја всушност не се однесува на нас поединечно? Ерем. 17,9; Марко 4,17.
“Укажано ми е на Божјото провидение во постапувањето со Неговиот народ и видов дека секоја неволја во процесот на чистење и облагородување врз таканаречените христијани покажува дека некои биле само плевел. Секогаш не се појавувало само чисто злато. Во секоја верска криза некој подлегнува на искушението. Во процесот на решетање кој Бог го дозволува, многумина отпаѓаат како суво лисје. Благосостојбата го зголемува бројот на таканаречените верници. Неволјите ги чистат од црквата; бидејќи таквите во својата душа не се многу цврсто поврзани со Бога. Кога ќе наидат неволјите или прогонствата поради Божјата Реч, мнозина се соблазнуваат.“ – 4 Сведоштво, 85.
“Ваквите нека се присетат како пред неколку месеци и самите гледале на држењето на некои кои тогаш биле во слична положба како тие сега. Сериозно нека размислат за своето однесување кон оние кои се искушуваат.“ – 4 Сведоштво, 86 (89).
“На сите припадници на нашите цркви им се нуди небесна облека. Секој поединец треба да покаже најголем интерес за оваа Христова покана. Браќа и сестри, дали и вие размислувате по овој редослед: ’Овие остри и одлучни зборови не се однесуваат на мене, јас сум во прилично добра духовна состојба; иако можеби не сум толку ревен како некои други, јас верувам во вистината. Оние на кои оваа порака се однесува нека ја прифатат; мислам дека на некои им е потребна‘. Вие кои вака мислите и разбирате, бидете уверени дека оваа порака токму на вас се однесува.“ – Библиски коментари, 892.
б. Опиши го другиот симптом кој открива сериозен недостаток на ова злато. Мат. 15,8; Евр. 3,12. Како овој проблем може да се надмине?
“Верата и љубовта се златни скапоцености кои им недостигаат на мнозина во Божјиот народ. Покажано ми е дека неверувањето во сведоштвата кои содржат опомени, охрабрувања и укори, ја засолнува светлината од припадниците на Божјиот народ.“ – 3 Сведоштво, 236 (225).
“Додека уште ви се нудат скапоценостите на небото, искористете ја можноста и купете што ви недостасува – злато на љубов и вера.“ – Библиски коментари, 892.
Среда 28. ноември
4. “КУПУВАЊЕ“
а. Како можеме да ги ’купиме’ драгоценостите на небото, ако тие се бесплатен дар? Исаија 55,1.2.
“Спасението е бесплатен дар, а сепак мора да се купува и да се продава. На пазарот со кој управува божествената милост, скапоцениот бисер е претставен како вредност што се купува без пари и без цена. На тој пазар сите можат да ги набават небесните добра. Ризницата на скапоценостите на вистината е отворена за сите. Господ вели: ’Еве, поставив пред тебе отворена врата што никој не може да ја затвори!’ Никаков меч не го чува влезот низ таа врата. Однатре и пред вратата се слушаат гласови: ’Дојди! Гласот на Спасителот сериозно и со љубов нè повикува: ’Те советувам да купиш од Мене злато, пречистено со оган, за да се збогатиш’ (Откр. 3,8.18).
“Христовото евангелие е благослов кој сите можат да го поседуваат. Најсиромашните се способни, исто како и најбогатите, да го купат спасението, зашто никакво световно богатство не е во состојба да го плати. Тоа се стекнува со доброволна послушност, предавајќи му се себеси на Христа, станувајќи Негова откупена сопственост. Образованието, дури она од највисок ранг, не може само по себе да го приближи човекот до Бога. Фарисеите ги уживале сите земни и сите духовни предимства и горделиво се фалеле: ’Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба!’(Откр. 3,17)…
“Ние не можеме да го заработиме спасението, но мораме да го бараме толку срдечно и упорно како да сме подготвени да се откажеме од сè на светот за него.“ – Христ. поуки, 92.
“Мораме да бараме бисер со голема вредност, но не на световниот пазар или на световен начин. Цената што мораме да ја платиме не е изразена во злато или сребро, зашто и тие му припаѓаат на Бога. Откажете се од идејата дека световните или духовните предности можат да ни обезбедат спасение. Тој бара да се откажеме од нашите гревови…
“Има луѓе кои навидум постојано го бараат небесниот бисер, но не се откажале наполно од своите погрешни навики. Тие не си умираат себеси за да може Христос да живее во нив и затоа не го наоѓаат својот скапоцен бисер; уште не ги совладале несветите амбиции и нивната љубов кон световните привлечности, не го зеле на себе својот крст ниту пошле по Христа по патот на самооткажување и жртва. Речиси христијани, но не потполно христијани, тие навидум се близу до небесното царство, но не успеваат да влезат во него. Речиси, но не и потполно спасен, значи не речиси, туку целосно изгубен.“ – Христовите поуки, 93 (116-118).
Четврток 29. ноември
5. ПРОЧИСТЕНО ЗЛАТО
а. Опишете го делото кое Христос сака да го изврши во срцето на секој еден од нас во овој период на Лаодикеја? Мал. 3,3.4.
“Сè во нашиот карактер што не може да влезе во Божјиот град, ќе биде изобличено. Ако не се потчиниме на Господа подготвени да поминеме низ процесот на прочистување, сите троски и туѓи примеси ќе изгорат. Кога Божјите избраници ќе добијат светлина соодветна за тоа време, тие нема да бидат наведени да се возвишуваат. Тие нема да прават стандарди според сопствениот карактер; бидејќи Господ дал еден стандард според кој секој поединец треба да биде проверен.“ – Библиски коментари, 417.
б. Наведете некои практични примери за тоа како овој процес на прочистување се одвива. Рим. 5,1-5.
“Човек со остар дух е неблагороден, груб, тој не е духовен, неговото срце не е чувствително, туку тврдо како камен така што на него не може да се влијае. За него единствена помош е да падне на Карпа и да се разбие. Таквите Господ ги става во топилница, за да ги искуша во огнот каде што се искушува златото. Кога Тој ќе види дека Неговиот лик се огледа во нив, процесот на прочистување ќе престане; но ако тие не се покажат како вистинско злато, огнот на топилницата ќе ги проголта како плевел.“ – Објавени рак. 17, 116.
“Да купиме вера и љубов, тие драгоцени и прекрасни својства на нашиот Спасител, кој ќе не оспособи да го најдеме патот до срцата на оние кои сè уште не знаат за Него, кои се студени и отуѓени од Него поради неверување и грев.“ – Библиски коментари, 892.
Петок 30. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто Христос постојано истакнува дека ни е потребно Неговото злато?
2. Како можеме поради нашата негрижа да се изложиме на опасност да ја одбиеме понудата на Христос?
3. Колку чини ова духовно злато?
4. Зошто тоа злато има особена вредност во овие последни денови?
5. Кои други духовни придобивки од духовното злато ние стекнуваме?