08 Жртва поради нашето наследство
8. лекција – 24. ноември 2012.
Жртва поради нашето наследство
“Еве го Јагнето Божјо, кое ги зеде гревовите на светот врз себе.“ – Јован, 1,29.
“Гледајте, о гледајте на крстот на Голгота; посматрајте ја царската жртва како страда за вас.“ – Да го познам Него, 65.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Коп. на век., 728-732; 738-741.
Недела 18. ноември
1. ДУШЕВНА БОЛКА
а. Што е напишано за душевните страдања на Божјиот Син? Матеј 26,38.
“Колку малку луѓе имаат претстава за болката која го кинела срцето на Божјиот Син за време на Неговиот триесетгодишен живот на оваа земја. Патот од јаслите до Голгота бил постојано во сенка на тагата и болката. Тој бил ’човек на болката‘ и преживеал такви душевни страдања кои со човечки јазик не можат да се опишат.“ – Да го познам Него, 66.
б. Со кои зборови страдањата на Исус најјасно се прикажани? Исаија 53,3-5.7.8.
“Иако го мразел гревот со совршена омраза, (човек на болката) сепак ги зел на својата душа гревовите на целиот свет, додека чекорел на патот кон Голгота поднесувајќи ја казната на престапникот. Невин, Тој ги носел казните на виновните; невин, но сепак самиот се понудил да ја понесе казната поради престапот на Божјиот закон. Казната поради гревовите на секоја душа ја подносувал Синот на бесконечниот Бог. Вината на секој грев ја притискала со својата тежина божествената душа на Искупителот на светот.
“(Откупителот достоен за обожавање) не умрел како херој во очите на светот, исполнет со почести, како луѓето во војна. Умрел како осуден злочинец, обесен меѓу небото и земјата – умирал со бавна срамна смрт, изложен на зајадлив потсмев и навреда на изопаченото, криминално настроено и развратно мноштво.“ – Да го познам Него, 68.
Понеделник 19. ноември
2. СЦЕНА КОЈА ГО РАЗДИРА СРЦЕТО
а. Како нашето срце треба да омекне и да се потчини на влијанието на Светиот Дух додека го посматраме Христа во Неговите маки на крстот? Лука 23,33.34.
“Можеме ли, при целосна светлина на крстот, гледајќи ги со очите на верата страдањата на Христос, да се жалиме на своите неволји и искушенија? Можеме ли во своето срце да бараме одмазда за своите непријатели додека од Христовите бледи и треперливи усни допира молитва која ја упатил за оние кои го навредувале и убивале: ’Оче, прости им, зашто не знаат што прават‘ (Лука 23,34).“ – Да го познам Него, 65.
б. Како може размислувањето за Христовото распнување да биде од практична корист за гордото срце кое е својствено за секого од нас? 1 Петр. 1,18-21; Јован 1,29.
“Гордоста и служењето на самиот себеси не можат да се развиваат во душата која ги држи свежи сцените од Голгота.“ – Копнежот на вековите, 640 (661).
“Во скромност и каење треба да го заземеме нашето место кое најмногу ни прилега, место во подножјето на крстот. Поуките за кротоста и понизноста на умот можеме најдобро да ги научиме додека, одејќи покрај Голгота, го посматраме крстот на нашиот Спасител во агонија, Божјиот Син како умира, Праведник за неправедниците. Посматрајте го (во мислите) Оној кој со еден збор можел да ги повика во своја одбрана легионите ангели, како е предмет на шегачење и забава, хула и омраза. Тој самиот се дал како жртва за гревот. Кога го навредувале не се заканувал; кога лажно го обвинувале не ги отворил своите уста. На крстот се молел за своите убијци. Тој умрел и за нив. За секој од нив платил неизмерна цена. Тој сака ниеден од оние кои така скапо ги платил да не се изгуби. Без негодување ги поднесувал ударите и немилосрдното бичување. На таква жртва без отпор и без жалење се согласил Божјиот Син. Неговиот престол е од вечни времиња и Неговото царство ќе нема крај.“– Да го познам Него, 65.
“Сето ова понижување Височеството на небото го поднело поради вината на осудениот човек. Во своето понижување Тој се спуштал сè подлабоко и подлабоко, сè додека немало повеќе длабочина до која можел да се спушти – за да го воздигне човекот од неговата морална нечистотија.“ – Да го познам Него, 96.
Вторник 20. ноември
3. ТЕШКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ НА ГРЕВОТ
а. Како недостатокот на почит кон Христовата жртва влијае на нашата природна склоност да си угодуваме себеси? Евр. 10,26.
“Оние кои тврдат дека го држат Божјиот закон а сепак во срцето му попуштаат на гревот, Вистинитиот Сведок ги укорува. Тие тврдат дека се богати во познавање на вистината; но тие не се во согласност со нејзините свети начела. Вистината не го посветила нивниот живот. Божјата Реч изјавува дека таканаречените чувари на законот чијшто живот противречи на нивната вера се слепи, бедни, сиромашни и голи.“ – Вера и дела, 31.
б. Објаснете ја поврзаноста помеѓу гревот, законот и крстот. Рим. 7,7; 1 Јов. 3,4.5.
“Исус умрел да го спаси својот народ од неговите гревови (Мат. 1,21), а откупот во Христа значи да се престане со престапот на Божјиот закон и да бидеме ослободени од секој грев; ниедно срце кое го поттикнува непријателството против Божјиот закон не е во хармонија со Христа, кој страдал на Голгота за да го оправда и воздигне законот пред универзумот.“ – Вера и дела, 95.
“Нашата љубов кон Христа ќе биде во сооднос со длабочината на нашето осведочување за гревот, а познавањето на гревот доаѓа преку законот. Меѓутоа, ако гледаме на себе, тогаш тоа го одвраќа нашиот поглед од Исуса, кој го дал својот живот за нас за да нè избави од сите беззаконија. Со вера се повикуваме на Христовите заслуги, и со Неговата крв нашата душа се чисти од гревот. Тогаш многу појасно можеме да ги видиме злата и опасностите на кои сме изложени, и стануваме повеќе благодарни за ослободувањето преку Христа. Христовото Евангелие не им дозволува на луѓето да го кршат законот, бидејќи преку престапот се отворени браните на јадот во нашиот свет.
“Гревот и денес е фатален исто како што бил и во времето на Адам. Евангелието не ја ветува Божјата наклонетост на никој кој останувајќи во непокајание го прекршува Неговиот закон. Изопаченоста на човечкото срце, вината за престапот и пропаста предизвикана од гревот, сето тоа е разјаснето со жртвата на крстот преку која Христос ни го отвора патот на спасението.“ – Вера и дела, 96.
Среда 21. ноември
4. ВИСТИНСКА ПРЕТСТАВА ЗА КНЕЗОТ НА МИРОТ
а. Што нè учи Вдахновението за зачудувачката привлечност на Христовото распнување? Јован 3,14.15; 12,32.
“Крстот на Голгота со силни и непобитни докази ни зборува зошто треба да го љубиме Христа, и зошто треба да го сметаме за прв, најдобар и последен, во сè.“ – Да го познам Него, 65.
“Ако сте свесни за своите гревови, не посветувајте ги сите ваши сили на жалење заради нив, туку гледајте и живејте. Исус е нашиот единствен Спасител.“ – Одбрани пораки 1, 338 (352).
б. Кој е првиот чекор во доделувањето на Христовата правда на секој од нас? Јован 6,37; 2 Кор. 5,21; 1 Јов. 1,9.
“Нека никој не чувствува дека неговиот случај е безнадежен; бидејќи тоа не е така. Можеби согледувате дека сте грешни и несовршени, но токму поради тоа ви е потребен Спасител. Ако имате гревови кои треба да ги признаете, не губете ниту еден миг. Ова време е златно. ’Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда‘ (1 Јов. 1,9). Оние кои се жедни и гладни за правда ќе бидат наситени, затоа што Исус тоа го ветил.“ – Одбрани пораки 1, 338 (352.353).
ц. Додека таканаречениот христијански свет се насладува во паганските празници на Божиќ, што треба светоста на Христовата жртва да предизвика во нашиот ум? Ерем. 10,1-6.
“Вчера беше Божиќ. Дали вие како мудреците ги посветивте своите дарови на Исус? Или непријателот го променил редоследот на работите и ги насочил во обожавање на себе? Сега се подаруваат подароци на пријатели наместо на Оној кој има поднесено толку голема жртва за нас. Сите тие подароци треба да се насочат на други цели, каде што ќе можат да се искористат за спасување на луѓето.“ – Погледот насочен нагоре, 374.
Четврток 22. ноември
5. МОТИВИРАЧКА СИЛА
а. Што можеме да научиме од почитта на небесните ангели кон Христовата жртва? Откр. 5,11.12.
б. Како Христовото распнување треба да нè мотивира во пракса? Рим. 5,8-11; Гал. 5,6; 2 Кор. 5,14.15.
“Вера која се огледа во дела е токму она што ви недостига. Како тоа функционира? Таа работи преку љубов. Што е љубов? Зошто љубовта заблескала со таков сјај од крстот на Голгота? Тој е поставен на половина пат помеѓу небото и земјата, и спасението се добива со гледање на крстот. Таткото го прифатил; војските на ангели пристапиле до крстот, и самиот Бог се поклонил во знак дека жртвата е прифатена. Тоа бил одговорот на барањето на небото, и човекот може да биде спасен преку Исус Христос, само ако има вера во Него. Човекот се помирил со Бога, и Бог со човекот, преку целосната и совршена жртва…
“Сега, кога светлината допрела до нас, треба да се држиме до нејзините зраци. Ѓаволот постојано работи против тоа. Верата која работи преку љубов Христос ја потврдил на крстот на Голгота. Тоа е љубовта која Тој ја покажал и за мојата душа. Христос умрел и за мене. Тој ме откупил со неизмерна цена и поднел за сето она што во мојот живот било навредливо за Него. Јас мора да соработувам со Него. Морам да го носам Христовиот јарем. Морам да го носам бремето. Морам да ги учам другите како да се подигнат од грешната состојба во која сме се наоѓале и преку жива вера да се држиме за правдата која е во Исуса Христа. Тоа е единствениот начин на кој грешникот може да биде спасен.“ – Вера и дела, 72.
Петок 23. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. За што сведочи Голгота?
2. Како оваа тема треба да влијае на нашиот став?
3. Што ни зборува Христовото распетие за Божјиот закон?
4. Објасни ја привлечната сила на крстот од Голгота?
5. Како треба ние да одговориме на Христовата жртва поднесена заради нас?