07 Облечени во понизност

Сподели го ова:

7. лекција – 17. ноември 2012.

Облечени во понизност

“Исто така и вие, помладите, покорувајте им се на старешините; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобијте се со понизност, бидејќи Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“ – 1 Петр. 5,5.

“Величеството на небото се облекол во понизност на дете. Таков е Христовиот карактер.“ – 5 Сведоштво, 398 (422).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 98-105.
Рани списи, 59-62.

Недела 11. ноември

1. МИСИЈАТА НА ПРОРОКОТ ИЛИЈА

а. Која, накратко кажано, била животната цел на пророкот Илија? 1 Цар. 18,30.36.

“Бог сакал Неговата чест да се возвиши како највисока пред луѓето и Неговите поуки да се потврдат во очите на народот. Сведоштвото на пророкот Илија на гората Кармил дава пример за оној кој застанал целосно на страната на Бога и Неговото дело на земјата. Пророкот го нарекол Господа со Неговото име, Јехова Бог, кое тој Самиот го дал да ја означи својата великодушност и сомилост. Илија го нарекол како Бог Авраамов, Исаков и Изрелов. Тој тоа го направил за да поттикне во срцето на заблудените припадници на Божјиот народ понизност и сеќавање на Господа, и да ги увери во Неговата богата и бесплатна благодат. Илија се молел ’Нека познаат денес дека Ти си единствен Бог во Израел‘ (1 Цар. 18,36). Божјата чест треба да биде возвишена како врховна, но пророкот се молел и неговата мисија исто така да биде потврдена…
“Целиот живот Илија го посветил во делото на реформа. Тој бил глас кој викал во пустината за да го укори гревот и да ја запре плимата на моралното зло. Иако тој дошол кај луѓето како изобличувач на гревот, неговата порака нудела балсам од Галад за душите заболени од гревот кои сакале исцелување. Неговата ревност за славата Божја и неговата длабока љубов кон Израеловиот дом содржат вистински поуки за сите оние кои денес стојат како претставници на Божјото дело на земјата.“ – Пораки од Лома Линда, 572.
Понеделник 12. ноември

2. СПРОТИВНОСТИ НА ГОРАТА КАРМИЛ

а. Опишете ја молитвата на пророкот Илија на гората Кармил во спротивност со онаа која била понудена од страна на следбениците на Ваал. 1 Цар. 18,37-39; 26-29.

“Потсетувајќи го народот за неговото долготрајно отпадништво кое навлекло врз нив Господен гнев, Илија го повикал да го понизи срцето и да се врати кај Богот на нивните татковци, за да се отстрани проклетството на земјата Израелова. Потоа, поклонувајќи се пред невидливиот Бог, тој ги подигнал рацете кон небото и кажал едноставна молитва. Вааловите свештеници викале, скокале и се тркалале од рано утро до доцна попладне, но додека Илија се молел, никакви неартикулирани извици не се слушале на гората Кармил. Тој се молел со верба дека Јехова е присутен, дека е сведок на настанот и дека ја слуша Неговата молитва. Вааловите пророци се молеле силеџиски и неприкладно. Илија се молел едноставно и срдечно, барајќи Бог да ја покаже својата супериорност над Ваал и Израел повторно да се сврти кон Него.“ – Пророци и цареви, 104 (152 ориг.).

б. Бидејќи одговорот на молитвата на Илија дошол веднаш – но не и дождот – каква поука ова ни дава за верата и делата? 1 Цар. 18,40-45.

“Слугата гледал додека Илија се молел. Шест пати се враќал од местото за набљудување, велејќи: Нема ништо – ниту облак, ниту било какви знаци за дожд. Но пророкот не дозволувал да се обесхрабри. Тој продолжил да го преиспитува својот живот, за да види каде пропуштил да го прослави Бога, ги исповедал своите гревови и на тој начин продолжил да ја мачи својата душа пред Бога, барајќи знак дека молитвата му е услишена. Додека го преиспитувал своето срце му се чинело дека е се помал и помал и во своите и во Божјите очи. Му се чинело дека тој е ништо, и дека Бог е сè; и кога стигнал до точка да се откаже од себе и да се потпре на Спасителот како негова единствена сила и правда – одговорот дошол…
“Никогаш во историјата на светот немало посериозно време од времето во кое ние сега живееме… Што сме, што работиме, на кој начин треба да работиме во иднина, тоа се прашања на кои во моментов немаме одговор, и ние не треба да дозволиме да останеме апатични, рамнодушни, спокојни. Секој од нас треба да се запраша: ’Што значи вечноста за мене?‘.“ – РХ, 26. мај, 1891.

Вторник 13. ноември

3. ХРИСТИЈАНСКАТА СКРОМНОСТ ВО ОПАСНОСТ

а. Како Христос ги опишува таканаречените цркви во денешно време? Ис. 4,1. Каква слика е дадена во поглавјето кое претставува вовед во ова пророштво – и каква духовна битка е сега во прашање? Ис. 3,7-9.16.22-25; Мат. 5,27-29.

“Љубовта кон украсувањето го загрозува моралот, и жената која како христијанка треба да се одликува со невиност, разумност и чистота, ја прави спротивна на она што би требало да биде. Облеките кои впечатливо го истакнуваат телото често поттикнуваат сетилност во срцето на оние кои ги носат и будат ниски страсти во срцето на оние кои ги набљудуваат. Бог однапред гледа дека пропаста на карактерот често доаѓа како последица на попуштањето на горделивоста и суетата во поглед на облекувањето и дека раскошното облекување ја задушува желбата да се прави добро.“ – 4 Свед., 618.
“Залуденоста со модата и копнежот за задоволства го преплавува светот. Неморалот е во постојан пораст. Зошто христијанките не се трудат да бидат доследни на својата возвишена вера?“ – 4 Сведоштво, 619.
“Христос се срами од своите таканаречени следбеници. Со што и во што ние покажуваме било каква сличност со Него? Во што се согласува нашиот начин на облекување со библиското учење? Не сакам гревовите на овој народ да бидат врз мене, и затоа на трубата и давам одреден звук. Веќе со години пишувам и зборувам за тоа прашање. Моето сведоштво во тој поглед е сосем јасно и одлучно. Не одбегнувам Божјите совети да ги објавам во потполност. Сакам да бидам чиста од крвта на сите. Фактот дека световноста и горделивоста сè повеќе преовладуваат не е изговор за христијанката да се поведува како што прават другите. Бог јасно вели: ’Не поведувај се по мнозинството да правиш зло’ (2 Мојс. 23,2).“ – 4 Свед., 620.
“Модата го изопачува умот и ја поткопува духовноста на нашиот народ. Робувањето на модата сè повеќе зема замав и меѓу адвентистите на седмиот ден и прави повеќе од која било друга сила да го одвои нашиот народ од Бога. Покажано ми е дека правилата на нашата црква во тој поглед имаат многу недостатоци. Секое манифестирање на горделивост во облекувањето, кое е забрането во Божјата Реч, би требало да биде доволна причина за примена на црковна дисциплина. Доколку некоја сестра, и покрај сите опомени, повици и молби продолжува да ја спроведува својата изопачена волја, тоа може да се смета за јасен доказ дека нејзиното срце не е обединето со Христа. ’Јас’ и само ’јас‘ станува предмет на обожавање и една таква побожна христијанка може многумина да одврати од Бога.
“За нас како народ е многу тежок грев што дозволуваме членовите на нашата црква да се облекуваат на начин кој не е во согласност со нашата вера. Мораме веднаш да се пробудиме и да ја затвориме вратата пред заводливите искушенија на модата. Ако не го направиме тоа, нашите цркви ќе се деморализираат.“ – 4 Свед., 620.

Среда 14. ноември

4. ОСЛОБОДУВАЊЕ ВЕТЕНО НА ОСТАТОКОТ

а. Во согласност со стиховите во 1 Тим. 2,8-10, како пророштвото на Исаија од 3. и 4. поглавје ја најавува конечната победа на остатокот на Божјиот народ? Ис. 4,3.4.

“Чистата едноставност и неизвештаченост треба да бидат обележја и за становите и за облеката на сите оние кои веруваат во свечените вистини за ова време.“ – 5 Сведоштво, 175 (189).
“Силата на побожност сосема отстапила од многу цркви. Излети, црковни театарски претстави, приредби и изложби, убави куќи и лично украсување – целосно ја потиснуваат секоја мисла за Бога. Имотите, приходите и световните работи ги преокупирале мислите, а она што е од вечен интерес одвај и да се забележува.
“И покрај мошне распространетото опаѓање на верата и побожноста, во овие цркви сепак има и вистински Христови следбеници. Пред да се излеат на земјата последните Божји казни, меѓу Неговиот народ ќе дојде до такво будење и оживување на првобитната побожност какво што не се видело од времето на апостолите. Духот и Божјата сила ќе се излее врз Неговите деца. Во тоа време мнозина конечно ќе раскинат со оние цркви во кои љубовта кон светот го зазела местото на љубовта кон Бога и кон Неговото Слово. Мнозина, и од проповедниците и од верниците, радосно ќе ги прифатат оние големи вистини, чиешто објавување самиот Бог ќе го поттикне во тоа време за да се подготви народот за второто Христово доаѓање.“ – Големата борба, 413 (463,464).

б. Како ова претставува клуч за нашата сигурност во времето на неволја? Ис. 4,5.6; 33,14-16.

“Господ во визија повеќепати ми покажа дека создавањето на било какви резерви за овоземни потреби за време на неволја е спротивно на Библијата. Видов дека ако светите чуваат храна кај себе или во полиња како резерва за време на неволја, кога со земјата ќе завладее крвопролевање, глад и епидемија, тие ќе бидат земени од страна на насилни раце и туѓинци ќе ги жнеат нивните полиња. Тогаш за нас ќе биде време целосно да се потпреме на Бога, и Тој ќе нè одржи. Видов дека во тоа време леб и вода ќе ни бидат осигурени, и ние нема да трпиме недостаток ниту да гладуваме. Господ ми покажа дека некои од Неговите деца, кога ќе видат како цената на храната расте, во страв ќе купуваат резерва на храна и ќе ја чуваат за време на неволја. Потоа, во време на потреба, ги видов како одат да ги побараат своите резерви, а тие станале храна на црвите, така што повеќе воопшто не се за употреба.“ – Мараната, 181.
Четврток 15. ноември

5. КРОТОСТ ВО ЗАСЛЕПЕНИОТ И ЗАНЕСЕН СВЕТ

а. Како повик Бог во скратен облик го упатува до својот верен остаток? Софонија, 2,1-3; 3,8-13.

б. Во тоа барање и повикување на кротките (Софонија 2,3), што можеме да научиме од советот упатен на оние кои ја изгубиле оваа доблест? 1 Петр. 5,5.

“Во својата фантазија ти постојано замислуваш тешкотии и неволји кои не постојат; ситните неудобности ги прикажуваш како тешки неволји. Тоа не е онаа кротост која Христос ја нарекува блаженство. Тоа е несвето бунтовничко незадоволство кое не му прилега на едно Божјо дете. Кротоста е драгоцена особина, тоа е подготвеност мирно и без мрморење да се поднесуваат страдања и неволји, подготвеност да се издржат искушенијата. Кротоста е трпеливо настојување да бидеме ведри и среќни под сите околности. Оној кој ја поседува, , кротоста го наведува секогаш и за сè да му биде благодарен на Господа. Кротоста го прави човекот подготвен да поднесе и разочарување и неправда, а сепак да не копнее по одмазда. Кротоста не значи да се биде молчалив и зловолен. Мрзоволноста е спротивна на кротоста, бидејќи само ранува и нанесува болка, а сама себеси не си донесува никакво задоволство.“ – 3 Свед., 309.
“Ти штотуку стапи во Христовата школа; и речиси сè мораш да учиш отпочеток. Во поглед на облекувањето не претеруваш расипнички, но си склона да се гордееш со својот надворешен изглед. За облекувањето, во желба кон што помала едноставност, мислиш повеќе отколку што би требало… (Матеј 11,28-30) Стави го својот врат во јаремот кој Христос го препорачува и во таа потчинетост ќе ја најдеш токму онаа среќа која напразно се обидуваш да ја стекнеш на себеси својствен начин, продолжувајќи по сопствен пат.
“Ти би можела да бидеш ведра и расположена само кога би била подготвена своите мисли да ги потчиниш на Христовата волја. Настојувај без одлагање и во потполност да го преиспиташ своето срце и секој ден да умираш за себичноста и за сопственото ’јас‘.“ – 3 Сведоштво, 310 (335,336).

Петок 16. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како работата и мисијата на пророкот Илија можеме да ја споредиме со нашата задача?
2. Што треба да правиме кога не добиваме веднаш одговор на нашата молитва?
3. Како нашиот надворешен изглед и нашата облека ја одразуваат нашата духовна состојба?
4. Што ја карактеризира облеката, однесувањето и домовите на малобројните верници?
5. Како можеме да ја развиваме важната доблест на кротоста слична на Христовата ?

Сподели го ова:

Слични објави