06 Музиката во богослужението

Сподели го ова:

6. лекција – 10. ноември 2012.

Музиката во богослужението

“Ќе се вратат избавените од Господ, и ќе дојдат на Сион со пеење, и вечна радост ќе има над главата нивна; тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе исчезнат.“ – Исаија 51,11.

“Музиката е составен дел од службата на Бога во небесните дворови, и ние мораме да настојуваме, со нашите песни на слава, што е можно поблиску да се доближиме до хармонијата на небесните дворови.“ – Патријарси и пророци, 630.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Евангелизам 496-512.

Недела 4. ноември

1. ПРАВЕЊЕ НА БУЧНА ВЕСЕЛБА

а. Наведете еден прифатлив начин да Му служиме на Бога? Пс. 95,1.2; 100,1.2.

“Музиката била воведена со света цел, да ги издигне мислите кон она што е чисто, свето и возвишено, и во душата да разбуди посветеност и благодарност на Бога…
“Пеењето како дел од богослужението, е со исто значење колку самата молитва.“ – Патријарси и пророци, 630 (594).

б. Кое сознание треба да нè наведе да внимаваме каква музика користиме во нашето славење на Бога? Езек. 28,13.14.17.

“Сатаната го предводел небесниот хор. Тој го давал првиот тон, а потоа му се придружувале мноштвото ангели.“ – Знаци на времето, 16. јануари, 1879.
“Многубројни се оние што со тој дар се служат да се издигнат самите себеси, наместо да го прослават Бога! Љубовта кон музиката ги наведува непромислените да се соединат со оние што го љубат овој свет во собири кои се забранети за Божјите деца. Така она што претставува голем благослов, ако правилно се употреби, може да стане успешно средство со кое сатаната се служи да ги одврати мислите од должноста и размислувањето за она што е вечно.“ – Патријарси и пророци, 630 (594).
Понеделник 5. ноември

2. ПРИЧИНА ЗА ПЕЕЊЕ

а. Каде за првпат читаме дека Бог бил прославен со света песна? Јов 38,4.7.

“Над новосоздадената Земја, која лебдела убава и неизвалкана, осветлена со Божјата благонаклонетост, ’воскликнуваа утринските ѕвезди, и сите Божји синови извикуваа од радост‘ (Јов 38,4.7).“ – Воспитување, 145 (161).

б. Кој друг значаен настан ги поттикнал ангелите да го слават Бога со песни на благодарност? Лука 2,13.14.

“Ниедно раѓање на овој свет, ниту најголемите дарови што Бог им ги дал на синовите човечки, не биле проследени со толкава радост со која што е поздравено пророкуваното Дете во Витлеем. Над ридовите и долините одѕвонувала благодарната песна на ангелите. ’Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја‘ (Лука 2,14). О, кога денес човечкиот род би можел да ја препознае таа песна! Таа порака тогаш објавена преку песна ќе се шири во светот до крајот на времето и ќе одѕвонува на нашата планета сѐ додека таа постои. И кога Сонцето на Правдата ќе ги распостре своите благотворни зраци, песната започната на ридовите на Витлеем ќе одѕовнува во гласовите на големото мноштво, како глас на многу води, велејќи: ’Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот‘ (Откр. 19,6).“ – RH, 5. април, 1906.

ц. Што, според Христовите зборови, е причина за радост на небото; и што треба да биде извор на радост за нас? Лука 15,6.7.

“Да ја имаме секогаш на ум големата радост што Пастирот ја покажал кога среќно ја вратил загубената овца. Тој ги повикува своите пријатели: ’Радувајте се со мене, јас ја најдов својата изгубена овца! Восклици на радост одѕвонуваат низ целото небо. И самиот Отец со песна се радува на спасувањето на секоја душа. Каков занес, восхитеност и света радост се опишани во оваа парабола! Привилегија да учествуваме во оваа радост му се дава на секого од нас.“ – 6 Сведоштво, 117 (125).
“Науката на спасението треба да биде мотив на секоја проповед и тема на секоја песна.“ – Евангелизам, 502.
Вторник 6. октомври

3. ПОУКИ ОД ДАВИД

а. Колку често Давид го користел организираното пеење во службите во храмот и што можеме ние да научиме од неговиот пример? 1 Лет. 15,22; 25,7.

“Остарениот цар (Давид), неговиот син (Соломон) и нивните советници сметале дека е важно секој детаљ од богослужбата да се одвива редовно, како што доликува, совесно и на време. Секогаш кога тоа било можно, го следеле системот на организација даден на Израел набргу по ослободувањето од Египет. На Левитите им биле доверени работи во врска со службата во храмот, вклучувајќи ја и службата на пеење, инструменталната музика и чување на богатствата.“ – RH, 12. окт., 1905.
“Пеењето е дел од славењето на Бога, но неумешниот начин на кој често се спроведува често не служи на слава на Бога и вистината. И во тоа треба да постои ред и систем како и во секоја гранка на Божјото дело. Треба да се организираат групи од најдобрите пејачи чии гласови можат да водат зборот, а потоа и останатите можат да им се придружат. Оние што учествуваат во песните треба да се трудат да пеат хармонично; тие одредено време треба да посветат на практично учење, за да можат својот талент да го употребат во слава на Бога.“ – RH, 24. јули, 1883.

б. Кого Давид одредил како пејачи да ги придружуваат свештениците во храмот во богослужба и во одавање на слава на Бога? 1 Лет. 16,42; 25,1.6

ц. Како Давидовиот избор на инструменти за придружба на свештениците и пејачите придонел богослужението да биде прифатливо и угодно на Бога? 2 Лет. 5,12.13.

“Музиката треба има убавина, возвишеност и сила. Гласовите хармонично нека се издигаат со изрази на слава и благодарност. Ако е можно, дополнете ги вашите гласови со инструментална музика, така што складната хармонија величествено да се издигне кон Бога како пријатна и за Него прифатлива жртва. Меѓутоа, да се дисциплинираат пејачите и да се научат правилно да пеат понекогаш е потешко отколку да се исправат погрешните навики во молитвата или во давањето на опомени. Многумина сакаат да пеат на свој начин, не прифаќаат никакви совети и не поднесуваат надзор.“ – 4 Сведоштво, 67 (71).
Среда 7. ноември

4. УГОДНА ПЕСНА НА БОГА

а. Опиши ја нашата должност кога го користиме дарот на пеење? Кол. 3,16.

“Оние кои пеењето го прават да биде составен дел од богослужението треба да изберат песни и мелодии кои одговараат на видот и целта на тоа богослужение; мелодиите не треба да бидат погребни туку радосни, а сепак сериозни.“ – Зн. на вр., 22. јуни, 1882.

б. Со какви побуди и каква цел треба да пееме за време на богослужбата? Ефес. 5,19; 1 Кор. 14,15; Пс. 47,7.

“На состаноците мнозина пеат прекрасни песни, песни за она што треба да го направат и што имаат намера да го направат; но некои воопшто не го прават тоа; тие не пеат со срце ниту со разбирање на пораката.“ – РХ, 27. септември, 1892.
“Музиката му е угодна на Бога само кога нејзиното влијание го посветува и омекнува срцето.“ – Евангелизам, 512.
“Во Божјите очи нема ништо поодвратно од расфрлање со инструментална музика кога оние што учествуваат во тоа не се посветени и во своето срце не му пеат на Господа.“ – РХ, 14 ноември, 1899.

ц. Кој совет треба да го прифатиме во однос на употребата на тапани во богослужбата? Рим. 12,1.2.

“Она што го опиша дека се случува во Индијана, Господ ми покажа дека ќе биде исто пред крајот на времето на милоста. Ќе се демонстрираат необични појави, ќе се слушаат извикувања проследени со тапани, музика и игранки. Сетилата на битијата надарени со ум на тој начин ќе бидат доведени во таква конфузија да не можат да разликуваат што е исправно, а што не. И ова ќе го нарекуваат делување на Светиот Дух.
“Светиот Дух никогаш не се открива на таков начин, во таква лудачка бука. Ова е изум на сатаната за да ги прикрие своите досетливи методи со кои настојува да го уништи посветувачкото и облагородувачкото влијание на чистата вистина за ова време…
“Никаква поддршка не треба да се дава таквото богослужение…
“Вакви појави имало во минатото, а ќе ги има и во иднина. Сатаната музиката ќе ја направи стапица токму на начинот на кој таа се употребува.“ – Одбрани пораки 2, 36-38.
Четврток 8. ноември

5. МУЗИКАТА И БОРБАТА ЗА БОГОСЛУЖЕНИЕ

а. Каква улога одиграла музиката во поттикнување на лажното богослужение во минатото, и како истата и денес се користи со иста цел? Дан. 3,7; Откр. 13,8.

“Музиката е идол пред кој се поклонуваат и мнозина христијани кои тврдат дека ја празнуваат саботата. Сатаната нема ништо против така употребената музика затоа што може да ја искористи како средство да се допре до срцата на младите. На неговите цели му одговара сè што може мислите на човекот да ги одврати од Бога и така да им го одземе времето што требало да го посветат во Негова служба. Тој вешто ги користи оние средства преку кои може да изврши најсилно влијание за што поголем број на верници да задржи во пријатна залуденост, додека се така парализирани со неговата сила. Кога е насочена правилно, музиката е вистински благослов; но често сатаната ја претвора во свое најмоќно орудие да ги зароби душите. Кога ќе се злоупотреби, таа непосветените го води во гордост, суета и вистинска лудост. Младите често се собираат да пеат; но, иако се исповедаат за христијани, тие често го обесчестуваат Бога и својата вера со несериозни разговори и со својот избор на музика. Светата музика не им одговара на нивниот вкус. Ми беше укажано на јасните учења на Божјото Слово преку кои лекомислено се преминува. Токму тие зборови на вдахновението на судниот ден ќе ги осудат сите што не сакале да ги послушаат.“ – 1 Свед., 453 (506).

б. Како ќе ја изразат својата благодарност кон Бога оние што ќе излезат како победници од последната битка? Откр. 14,1-5; 15,2-4.

“Никој освен сто четириесет и четирите илјади не може да ја научи оваа песна, бидејќи таа е песна на нивното искуство – искуство кое ниедна друга група никогаш не го имала.“ – Гол. борба, 572 (649).

Петок 9. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која е основната цел на музиката?
2. Која песна ќе биде пеена до крајот на времето?
3. Како можеме да го обогатиме богослужението со музика?
4. Што мораме да постигнеме за нашата музика да му биде угодна на Бога?
5. Како сатаната ќе ја искористи музиката во последната битка околу вистинското богослужение?

Сподели го ова:

Similar Posts