05 Човек според Божјото срце

Сподели го ова:

5. лекција – 3. ноември 2012.

Човек според Божјото срце

“Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; и дај ми непоколебливо срце, за да го почитувам името Твое.“ – Псалм 86,11.

“Сѐ дури Давид бил чист и ги слушал Божјите упатства, Бог го нарекувал ’човек по своето срце‘ (1 Сам. 13,14).“ – Дух. дарови 87.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријаси и пророци 740-748, 755-766.
Недела 28. октомври

1. НЕБОТО ГЛЕДА НА СРЦЕТО

а. Зошто Бог го отстранил Саул од израелскиот престол? 1 Сам. 13,13.14.

“Саул бил според срцата на Израелците, додека Давид бил според срцето на Бога.“ – Коментари на библиските текстови, 147.

б. Зошто Есеевеиот првенец не бил помажан за цар – и каква поука треба ние да извлечеме од тоа? 1 Сам. 16,1.6-13.

“Откако синовите на Есеј биле изведени пред Самоил, тој сакал да го одбере Елијав, кој бил со висок став и достоинствено држење, но Божјиот ангел, кој стоел покрај него за да го води при оваа значајна одлука, го упатил да не расудува според надворешниот изглед. Елијав немал страв Божји. Тој во своето срце не бил исправен пред Бога. Тој би бил горд и многу строг господар. Ниеден од Есеевите синови не бил избран од Бога освен Давид, најмладиот меѓу нив, чиешто скромно занимање било да го чува стадото на својот татко. Својата скромна пастирска должност тој ја извршувал толку совесно и храбро што Бог сега го избрал за војсководец на својот народ. И кога настапило времето, тој бил подготвен својот пастирски стап да го замени со владетелска палка.“ – Дух на прор. 1, 367.368.
“Благородноста на срцето е токму она што претставува внатрешна вредност со која единствено можеме да му угодиме на Господа над војските. Треба да бидеме длабоко свесни за оваа вистината кога судиме за себе или за другите.“ – Патријарси и пророци, 675 (638).
Понеделник 29. октомври

2. РЕВНУВАЊЕ ЗА БОЖЈАТА ЧЕСТ

а. Додека Израелците трепереле пред фалбаџискиот џин од Гет која била најголемата грижа на Давид? 1 Сам. 17,22-26.

б. Зошто Давид бил убеден дека може го победи овој џин – и колку тоа се разликувало од фаленичка гордост и ароганција? 1 Сам. 17,32-37.

“Дали духот на гордост и самодоверба го охрабриле Давид да излезе пред силниот воин кој дрско го предизвикувал Израелскиот Бог? Во Давид немало таков дух. Скромно и мирно, тој во својата изјава не се повикувал на својата мудрост, вештина или сила, туку на силата на Оној што го спасувал од шепите на лавот и мечката…
“Давид во своето срце ниту малку не се колебал или плашел; бидејќи знаел на кого се потпира.“ – Знац. на времето, 4. март, 1886.

ц. Зошто Давид одбил да го употреби оклопот и оружјето на Саул? 1 Сам. 17,38.39. Каква поука е тоа за нас, на кои ни е доверена последната порака на Божјата милост? 2 Тим. 2,25.26.

“Во излагањето на непопуларната вистина, која вклучува и тежок крст, проповедниците треба секој збор внимателно да го изнесуваат онака како што Бог го дал. Тие никогаш не треба да сечат со своите зборови. Сегашната вистина треба да ја изнесуваат понизно, со најдлабока љубов за душите и најсрдечна желба за нивно спасение, препуштајќи и на вистината сама да сече. Не треба да ги предизвикуваат проповедниците од другите цркви и да започнуваат расправии. Тие не треба да ја имаат истата улога што ја имал Голијат кога ги предизвикувал војските на Израел. Израел не го предизвикал Голијат, но Голијат сам се фалел пред Бога и Неговиот народ. Предизвикувањето, фалењето и навредите мора да дојдат од противниците на вистината, кои постапуваат како Голијат; но таквиот дух никогаш не треба да се забележи кај оние кои Бог ги праќа да ја објават последната порака на милост на светот осуден на пропаст…
“(Давид) го оставил царското оружје бидејќи не бил искусен да ракува со него. Тој имал искуство со Бога, и потпирајќи се на Него со целосна доверба остварил голема победа. Ако го зел оружјето на Саул би создал впечаток дека е војник, а тој всушност бил само момче пастир. Тој не сакал да му даде значење на Сауловото оружје, бидејќи се надевал само на Господ, Богот Израелов.“ – Слуги на Евангелието 1892, 188.

Вторник 30. октомври

3. ДАВАЊЕ ПРЕДИМСТВО

а. Наведи два примера кои ја покажуваат благородноста на Давидовиот карактер? 1 Сам. 26,2.7-11; 1 Лет. 11,15-19.

б. На што прво се посветил Давид кога станал крал? 1 Лет. 13,1-3. Објасни ја причината за трагедијата што следела. 1 Лет. 13,6-11.

“Ненадеен страв ја обзел бучната толпа. Давид бил силно погоден и мошне вознемирен, и во своето срце дури се сомневал во Божјата праведност. Тој сакал да укаже слава на ковчегот на заветот, како симбол на Божјото присуство. Зошто тогаш дошла таа страшна казна за да ја претвори радоста во бол и тага? Чувствувајќи дека е опасно да го чува ковчегот на заветот во своја близина, Давид одлучил да го остави кај што се затекол. И место се нашло во куќата на Овид-Едом Гетеецот.
“Судбината на Уза била Божја казна за прекршување на одлучната заповед. Бог преку Мојсеј дал нарочни упатства за пренесување на ковчегот на заветот. Само на свештениците, потомците на Арон, им било дозволено да го допрат ковчегот или да го погледнат кога е неоткриен.
“Давид и неговите поданици се собрале да извршат еден свечен чин и на задачата и пристапиле со радосно срце; но Господ не можел да ја прими нивната служба, бидејќи не била изведена во согласност со Неговите наредби. Филистејците, кои ништо не знаеле за Божјите закони ковчегот го ставиле на кола кога им го враќале на Израелците и Господ ги прифатил нивните напори. Меѓутоа, Израелците точно ја знаеле Божјата волја во тој поглед, па занемарувањето на Неговите упатства значело да се обесчести Бог. Гревот на Уз бил во тоа што се осмелил да ја премине границата на дозволеното. Престапувањето на Божјиот закон ја ослабил неговата свест за светоста на предметот, и без да се покае за своите гревови, тој, и покрај одлучната Божја забрана – се дрзнал да го допре симболот на Божјото присуство. Бог не може да прифати делумна послушност, ниту пак да го одобри немарното или лековерното сфаќање на Неговите заповеди. Казнувајќи го Уз, Бог сакал на сите Израелци да им укаже на тоа колку е важно строго да се придржуваат до Неговите завети. Така смртта на еден човек го навела народот на покајание и спречила казнување на илјадници.“ – Патријарси и пророци, 742.743 (705.706).
Среда 31. октомври

4. ЦЕЛОСНА РЕФОРМА

а. Опиши го потресното искуство што Давид го доживеал во својата најсрдечна желба подобро да ги дознае Божјите намери. 1 Лет. 13,12-14.

“Божествената опомена делувала на Давидовото срце. Како никогаш порано, ја сфатил светоста на Божјиот закон и потребата од строга послушност.
После три месеци одлучил да го повтори обидот за пренесување на ковчегот на заветот, и сега внимавал во секој детаљ да се почитуваат Божјите упатства.“ – Патријарси и пророци, 743 (706).

б. Што сфатил Давид во поглед на пренесувањето на ковчегот после длабоко размислување и молитва? 4 Мојс. 4,15; 7,9. Што треба да научиме од неговата страхопочит покажана во поворката и начинот на кој била наградена неговата вера? 1 Лет. 15,25.26.

“Царот ја соблекол својата царската облека и се облекол во обичен ленен ефод, каков што носеле свештениците. Тој со овој чин не сакал да покаже дека тој ја презема свештеничката функција, бидејќи понекогаш ефодот повремено го носеле и други луѓе покрај свештениците. Но сакал во таа света служба пред Бога да биде еднаков со своите поданици. Тој ден бил посветен на обожавање на Јехова; Тој требало да биде единствениот предмет на почит.
Со Давидовото играње, кое било израз на радост и страхопочит кон Бога, многу љубители на задоволството денес го оправдуваат современиот, модерен танц, но таквите тврдења се неосновани… Музиката и играта при радосно фалење на Бога при пренесувањето на ковчегот немаат никаква сличност со денешните разуздани игри. Во таа пригода со свирењето и играњето е изразен стремеж да се слави Бог и да се велича Неговото свето име. А модерните игри не се ништо друго освен сатанско лукавство наменето за луѓето да заборават на Бога и да го обесчестат Неговото име.“ – Патријарси и пророци, 744 (706.707).
“Вистинскиот христијанин никогаш нема да посака да оди на некое место на забава или да се оддаде на релаксација за која не може да побара благослов од Бога. Бог нема да го најдете ниту во театар, ниту во просториите за билјард и куглање…
“На оние што стануваат во одбрана на овие забави им велиме: не е можно во името на Исус од Назарет да одиме на овие места. Не може да се побара од Бога да го благослови времето поминато во театар или на игранка.“ – Порака до младите, 398.
Четврток 1. ноември

5. НЕГУВАЊЕ НА ЧИСТО СРЦЕ

а. Имајќи го во предвид Давидовиот грев (2 Сам. 11,1-27), што мораме да сфатиме додека го посматраме како човек според Божјото срце? 1 Цар. 15,5.

“Кога Давид се одвоил од Бога и честитоста на својот карактер ја извалкал со злосторство, тој повеќе не бил човек според Божјото срце… Кога праведникот ќе се одврати од својата правда и ќе изврши зло, неговата поранешна праведност не може да го поштеди од гневот на праведниот и свет Бог.“ – Духовни дарови, 4-а, 87.

б. Благодарение на Божјата голема милост, кои мисли му помогнале на Давид да ја поврати небесната милост и чистота? Пс. 51,1-4.10.17; 86,11; 119,113.

“Давидовата молитва после неговиот пад ја илустрира природата на вистинско жалење заради направен грев. Неговото каење било искрено, длабоко и вистинско. Тој не го намалувал ниту прикривал својот грев; во својата молитва тој не ја изнесувал својата желба да ја избегне заслужената казна. Давид ја согледал големината на својот престап; свесен за осквернетоста на својата душа, се гнасел од направениот грев. Се молел не само за простување на гревот туку и за ’чисто срце‘. Тој копнеел за вистинска светост, за целосно помирување со Бога.“ – Патот кон Христа, 21 (24.25).
“Давид често победувал во Бога, но сепак многу размислувал за својата недостојност и грешност. Неговата совест не била успиена или мртва. ’Гревот мој‘, нагласува тој во своето горчливо каење, ’е секогаш пред мене‘ (Пс. 51,3). Тој не си ласкал себеси дека тој нема ништо со гревот и дека тоа не треба да го загрижува. Согледувајќи ја длабочината на измамата на своето срце, длабоко се гнасел над самиот себе и се молел Бог со својата сила да го сочува од дрските гревови, и да го очисти од тајните престапи.“ – Упатства за младите, 5. јули, 1894.

Петок 2. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Бог за водач на својот народ го избрал Давид, а не неговиот најстар брат Елијав?
2. Што ги открило Давидовите приоритети во неговиот судир со Голијат?
3. Зошто загинал Уза?
4. Што треба да знаеме за Давидовото “играње“ пред Господа?
5. Што го прави Давидовиот став кон богослужбата толку примерен и вреден за пофалба?

Сподели го ова:

Similar Posts