04 Аврамовата вера
4. лекција – 27. октомври 2012.
Аврамовата вера
“Нели со дела беше оправдан Авраам, нашиот татко, откако врз жртвеникот го положи својот син Исак? Гледаш ли дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена.“ – Јаков 2,21.22.
“Приближувајќи се кон Господа ние примаме милост со чиешто посредство ги вршиме делата што Тој ќе ги награди со својата рака.“ ¬– РХ, 29. јануари, 1875.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 135-146.
Недела 21. октомври
1. ОДВОЈУВАЊЕ ПРЕКУ ВЕРА
а. Што треба да научиме од повикот што Бог му го упатил на Аврам? 1 Мојс. 12,1-8; 15,1-7.
“Иако таткото се колебал меѓу вистинското и лажното обожавање, и со своето знаење за вистината мешал и лажни теории на идолопоклонство, Аврам не дозволил да биде заведен.“ – Коментари на библ. текстови, 32.
“И денес мнозина се искушуваат како што некогаш бил искушан и проверен Аврам. Иако тие не слушаат Божји глас кој непосредно им говори од небото, Тој сепак ги повикува на проучување на Неговото слово и настаните на Неговото провидение. Можно е тие да бидат повикани да ги напуштат своите занимања што им ветуваат богатство и чест, да се одречат од роднинските и деловните врски за да тргнат по пат, кој наизглед нуди само тегоби, самоодречување и жртви. Бог им дал задача што тие треба да ја извршат; меѓутоа лесниот живот и влијанието на пријателите и роднините би го попречувале развојот токму на оние особини кои се најважни за извршување на таа задача. Бог ги одвојува од влијанието и поддршката на луѓето и ги наведува да почувствуваат потреба од Негова помош и да зависат само од Него, за да може Тој да им се открие. Кој е спремен на повик на Провидението да се одрече од своите омилени планови, од семејните и другите блиски врски и друштвото? Кој е согласен да прифати нови должности и да замине во непознати краеви за да работи со непоколебливо срце радосно на Божјото дело, сметајќи ги за добивка загубите поднесени заради Христа? Тој што е подготвен да постапи така ја има верата на Аврам.“ – Патр. и пророци, 112 (126.127).
Понеделник 22. октомври
2. ПРИМЕР НА ЖИВОТ ИСПОЛНЕТ СО МОЛИТВА
а. Што ни открива Аврамовиот однос кон Бога? 1 Мојс. 12,7.8; 13,4.18.
“Аврам ’Божјиот пријател‘, ни оставил достоен пример. Неговиот живот бил живот на молитва. Каде и да ги распнел своите шатори, во непосредна близина градел и олтар, повикувајќи ги сите членови на своето домаќинство да присуствуваат на утринската и вечерната жртва. Кога би ги собрал своите шатори и би се преселил на друго место, олтарот останувал.“ – Патр. и пророци, 114 (128).
б. Како и ние можеме да се инспирираме од она што Бог му го рекол на Аврам? 1 Мојс. 17,1-5; 18,17.18.
“Сѐ додека родителите со сето срце и сами не го следат Божјиот закон, тие нема да можат, како Аврам, да им заповедаат на своите синови ’после нив‘ да одат по Неговите патишта. Во тој поглед потребно е да дојде до една длабока и коренита реформа. Родителите мора да се реформираат, исто и проповедниците, бидејќи во нивните домови не се чувствува Божјото присуство. Ако навистина сакаат да дојде до ваква реформа, тие мораат во своите семејства да го внесат Божјото Слово, и да го прифатат Него за свој Советник. Децата треба да се учат дека упатствата во Божјото Слово се Божји глас упатен до нив, и дека мораат безусловно да го послушаат. Децата на таквите родители ќе можат да им одолеат и на најпрепредените лукавства на неверниците. Нека ја прифатат Библијата како темел на својата вера, и тој темел нема да може да го срушат брановите на скептицизмот.
“Има многу домови во кои молитвата е запоставена. Родителите велат дека немаат време за утринско и вечерно богослужение. Не можат да посветат неколку моменти да му заблагодарат на Бога за Неговата изобилна милост – за благотворните сончеви зраци и освежувачките дождови кои придонесуваат природата да оживее, и за заштитата од светите ангели. Немаат време да се помолат за божествена помош и водство и за постојано Христово присуство во семејството.
“Тие што тврдат дека го љубат Бога треба слично на патријарсите во старите времиња, каде и да го распнат својот шатор, покрај него да му изградат и олтар на Господа. Ако некогаш било време секоја куќа да биде дом на молитва, тогаш тоа време сигурно е денес. Татковците и мајките треба често да ги издигаат своите срца кон Бога во понизна молитва за себе и за своите деца. Таткото, како свештеник во семејството, треба наутро и навечер да му принесува жртва на Господа на семејниот олтар, а жената и децата треба да му се придружат во молитвата и оддавањето благодарност на Бога. Христос радосно ќе престојува во таквото семејство.“ – Патријарси и пророци, 134 (143.144).
Вторник 23. октомври
3. ЌЕ МУ ЗАПОВЕДА НА СВОЕТО ДОМАЌИНСТВО И ПОСЛЕ СЕБЕ
а. Како довербата што Бог ја имал во Аврам треба да влијае на оние кои денес се глава на своите семејства и што тие треба да научат од тоа? 1 Мојс. 18,19.
“Кај многу родители се јавува слепа и себична сентименталност, погрешно наречена љубов, која се покажува на тој начин што дозволуваат со нивната волја да владеат децата чиишто страсти се нескротени, а расудувањето – незрело и неоформено. Тоа е вистинска свирепост кон младите и најголемата неправда на светот. Родителите со своето попуштање внесуваат дисхармонија во семејството и општеството. Тоа во младите ја засилува желбата да се раководат според своите склоности, наместо да се потчинат на божествените барања. Израснати со таков дух, тие во своето срце носат противење кон Божјата волја, и својот дух на нерелигиозност и непокорност го пренесуваат на своите деца и на децата на своите деца. Родителите би требало на своето поколение да му заповедаат и ’после себе‘, како што направил Аврам Учете ги децата да бидат послушни на родителскиот авторитет, и тоа ќе биде првиот чекор кон покорување на Божјиот авторитет.
“Многу зла произлегуваат од тоа што дури и таканаречените верски водачи Божјиот закон не го сфаќаат сериозно… Родителите кои се исповедаат за христијани, а не ги држат Господовите уредби, не им заповедаат ниту на своите деца да одат по Неговите патишта. Божјиот закон не е правило на нивниот живот. Кога децата на таквите ќе пораснат и основаат свои семејства, тие не чувствуваат никаква обврска своите деца да ги научат на она на што ни самите не биле поучени. Тоа е причината зошто има толку семејства во кои не се знае за Бога; затоа и изопаченоста и пороците земаат толку голем замав.“ – Патријарси и пророци, 132 (142.143).
“Мајката не смее да му дозволи на детето за загосподари со неа. А за да го одржува својот авторитет, не е неопходно да применува груби мерки; цврстината, непоколебливоста и вистинската љубезност, го осведочуваат детето дека навистина го сакате, и ја остваруваат саканата цел.“ – Водење на детето, 83.
“Кога е неопходно родителите можат непосредно да им заповедаат на своите деца; казнувањето на непослушноста треба да се смета за непроменлив закон на природата. Децата кои на тој начин цврсто се држат под одредени правила знаат дека кога ќе побараат нешто што е забрането или недозволено со никакво умолување или вештина нема да можат да ја остварат својата цел. Децата на неодлучните и попустливите родители постојано се надеваат дека со улизување, врескање или упорна мрзоволност ќе ја остварат целта или ќе поминат неказнето заради непослушност. Во таква состојба на надеж, желба и неизвесност, децата стануваат немирни, раздразливи и недисциплинирани. Таквите родители Бог ги смета за виновни што ја уништиле среќата на своите деца.“ – Водење на детето, 284.
Среда 24. октомври
4. ЗАЛАГАЊЕ И ЗА ОНИЕ КОИ ЧИНАТ ЗЛО
а. Што открива историјата за Аврамовата голема љубов и милост кон другите – и како ваквиот став треба да биде поука за нас? 1 Мојс. 18,20-33.
“(Аврам) човекот на вера најсрдечно се зазел за жителите на Содом…
“Не бил самоуверен, не се фалел со својата праведност. Правото на милост не го темелел на својата послушност или на жртвите што ги поднел исполнувајќи ја Божјата волја. Самиот чувствувајќи се како грешник, се залагал за грешници. Таков дух треба да поседуваат сите што му пристапуваат на Бога. Аврам покажал токму таква доверба каква што покажува детето кога за нешто го моли својот сакан татко. Му пришол сосема близу на небесниот гласник и најсрдечно и упорно ја повторувал својата молба. Иако Лот бил еден од доселениците во Содом, тој не учествувал во беззаконието на содомјаните. Аврам сметал дека во во тој голем град мора да има и други што го почитуваат вистинскиот Бог… Аврам не се молел само еднаш, туку повеќе пати. Согледувајќи дека неговите молби наидуваат на одговор, се охрабрил и продолжил да се моли сѐ додека не добил ветување дека градот ќе биде поштеден ако во него се најдат само десет праведници.“ – Патријарси и пророци, 127.
“Аврамовата молитва била проникната со љубов кон душите кои биле осудени на пропаст. Иако чувствувал одвратност кон гревовите на изопачените жители на тој град, тој сакал грешниците да се спасат. Неговиот длабок и искрен интерес и залагање за жителите на Содом покажува колкава треба да биде и нашата загриженост за непокајаните. Треба да го мразиме гревот, но да го сакаме грешникот и да имаме сомилост кон него. Секаде околу нас се наоѓаат души кои безнадежно заминуваат во пропаст страшна исто колку и онаа што го снашла Содом. Секој ден за некого значи крај на времето што му било одредено да се провери. Секој миг некои ја преминуваат границата зад која милоста повеќе не допира. А каде се весниците со опомена и со сесрдно преколнување кои би го повикале грешникот да ја избегне оваа страшна судбина? Каде се рацете испружени да го оттргнат од смртта? Каде се оние кои понизно и со истрајна вера би го молеле Бога за него?“ – Патријарси и пророци, 128 (139.140).
б. Што треба да научиме од најтешкото искушение на Аврам? 1 Мојс. 22,1.2.7-18.
“Од Аврамовиот пример треба да научиме дека ништо од она што го поседуваме не е премногу драгоцено за да не можеме тоа да Му го дадеме на Бога…
“Не постоело искушение ниту страдање кое на Аврам би му нанело таков бол и таква мака како што било покорувањето на Божјиот налог да го жртвува својот син.“ – Знац. на врем. 1 апр., 1875.
Четврток 25. октомври
5. ВЕТУВАЊЕТО ШТО ГО ДОБИЛ АВРАМ
а. Кој особено важен став во Аврамовата постојана врска со Бога треба и ние денес да го имаме на ум? Евр. 11,8-10; Кол. 3,1-3.
“Нашиот интерес не треба да биде насочени кон овој јаден и мрачен свет, туку кон Бога, славата и небото. Не треба да им допуштиме на нашите умови да биде обземени со грижа за фармите и имотите на овој свет, туку со размислување за Аврамовата фарма. Како насленици на бесмртното богатство, ние своето внимание и љубов треба да ги одвратиме од оваа земја и да ги насочиме на она што е небесно.“ – Кратки записи (1888), 329.
б. Објасни ја суштината на Аврамовата вера. Јаков 2,18-24; 1 Јов. 5,3.
“Нам денес ни е неопходна верата на Авраам – да ја растера темнината што нѐ опкружува и која ги спречува пријатните зраци на Божјата љубов и го попречува нашето духовно растење. Нашата вера треба да изобилува со добри дела; бидејќи верата без дела е мртва.“ -Верата со која живеам, 115.
ц. Зошто проучувањето на Аврамовите искуства е толку важно за нас денес? Рим. 4,1-3.13; Гал. 3,8.9.29.
“За да Му служиме на Бога како што треба, мораме да бидеме родени со небесен Дух. Така се чисти срцето и се обновува умот, што нѐ оспособува да Го запознаеме и љубиме Бога. На тој начин радосно ќе се покоруваме на Неговите барања. Тоа е вистинска побожност.“ – Копнежот на вековите, 166 (189).
Петок 26. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто често е потребно да се одвоиме од семејните врски за да му служиме на Бога?
2. Наведи еден од основните предуслови за успешен христијански живот во семејството.
3. Како денешните родители можат да се охрабрат од Аврамовиот пример?
4. Објасни како срдечно треба да се залагаме за необратените.
5. Изложете го накратко значењето на Аврамовите трајни примери на верност?