03 Богослужбата на првите патријарси

Сподели го ова:

3. лекција – 20. октмоври 2012.

Богослужбата на првите патријарси

“А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат.“ – Евр. 11,6.

“Христос наскоро доаѓа. Божјите ангели се трудат нашето внимание да го одвратат од нас самите и од работите од овој свет. Не треба да дозволиме нивниот труд да биде напразен.“ – Отсјај на Христовиот карактер, 312.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 69-85.

Недела 14. октомври

1. ЕНОХ

а. Како вдахновението го опишува Еноховото искуство? 1 Мојс. 6,8.9.15; Евр. 11,5. Благодарение на постојаната поврзаност со вистинската богослужба што му било покажано не Енох пред да биде вознесен на небото? Јуда 14.

“Енох верно им пренесувал на луѓето сѐ што Бог му открил преку Духот на пророштво. Некои верувале во неговите пораки и се одвратиле од безбожноста за да му служат на Бога во страхопочит. Таквите често го барале Еноха на местата каде тој се повлекувал, и тој ги упатувал и се молел на Бога да ги надари со познавање на Неговата волја. Тој често се повлекувал во осаменост за да не биде вознемируван, бидејќи луѓето го прекинувале во неговото побожно размислување и одржување на врска со Бога. Сепак тој не секогаш избегнувал дружење со оние што го сакале и што со задоволство ги слушале неговите мудри зборови; ниту пак целосно се одвојувал од оние што биле изопачени. Во договорено време се состанувал и со добрите и со злите, трудејќи се безбожните да ги одврати од нивните зли патишта и да ги упати и советува во страв Божји. Со задоволство останувал со нив сѐ додека со своите побожни разговори и својот свет пример можел да им биде на благослов; а потоа би напуштил секакво дружење со праведните, исмејувачите и идолопоклониците, за да биде потполно сам, гладен и жеден за општење со Бога и за знаење што само Тој можел да му го даде.“ – Дух на прор. 1, 62.63. ¬
Понеделник 15. октомври

2. ВО ДЕНОВИТЕ НА НОЕ

а. Опиши ја состојбата на човечкиот род кога се родил Ное? 1 Мојс. 6,1.2.5.6.11.12.

б. Како Исус ги споредил деновите на Ное со нашето време – и што треба да сфатиме од тоа? Лука 17,26.27; Матеј 24,37-39.

“Бог не ги осудил претпотоните луѓе затоа што јаделе и пиеле. Тој им дал во изобилие плодови од земјата за да ги задоволат секојдневните потреби. Нивниот грев се состоел во тоа што користејќи ги овие дарови тие не биле благодарни на Дарителот и затоа што се унижиле во неограничено попуштање на апетитот. Со законот им било дозволено да се женат и мажат. Бракот е божествена институција, една од првите во поредокот што Тој го воспоставил. Тој за оваа институција дал посебни упатства и ја обвил со светост и убавина; но тие упатства биле заборавени и бракот се изопачил до таа мера што служел само за задоволување на страстите.
“Слична е состојбата и денес. Се претерува во сѐ што е дозволено. На апетитот му се попушта без никакви ограничувања. Тие што тврдат дека се Христови следбеници јадат и пијат со пијаниците, додека нивните имиња стојат на почесно место во книгите на црквата. Неумереноста ги умртвува моралните и духовните сили и го подготвува патот на задоволување на ниските страсти. Илјадници не чувствуваат никаква морална обврска да ги обуздаат своите сетилни желби и стануваат робови на похотта и страста. Луѓето живеат само за сетилно уживање и само за овој свет и овоземниот живот. Претерувањето ги зафати сите друштвени слоеви и ги премина сите граници. Честитоста и почитта се жртвуваат на раскошот и расфрлањето. Оние што сакаат да се збогатат набрзина ја извртуваат правдата и ги угнетуваат сиромашните, а ’телата и душите на луѓето‘ сѐ уште се купуваат и продаваат. Измами, подмитувања и кражби се среќаваат и во високите и во ниските општествени кругови и никој не ги осудува. Весниците се полни со извештаи за убиства и злосторства, извршени толку ладнокрвно и без никаква причина, така што се чини дека наполно згаснало секое чувство на човечност. А тие стравотии станаа толку вообичаена појава што одвај предизвикуваат осуда или зачуденост. Духот на анархија ги проникнува сите нации на светот, а бунтовите и нередите кое одвреме навреме го потресуваат светот се само знак на насобраната огнена страст и беззаконие, кое, кога ќе сопре контролата и зауздувањето, ќе го преплави светот со беда и пустош. Сликата со која Вдахновението го претставува претпотопниот свет најточно ја прикажува состојбата кон која денешното општество со голема брзина оди во пресрет. Дури и денес, во овој век и тоа во земји кои се сметаат за христијански, секојдневно се случуваат црни и ужасни злосторства исти оние заради кои биле уништени грешниците во претпотопниот свет.“ – Патријарси и пророци, 82 (101.102).
“Каква е брачната врска денес? Зарем не е изопачена и осквернета исто како во деновите на Ное? Дневните весници се полни со извештаи за разводи кои се сѐ почести. Таквиот брак се сведува на она што според Христовите зборови го правеле жителите на претпотопниот свет: ’се женеа и се мажеа‘ (Мат. 24,38). – Објавени ракописи 7, 56.
Вторник 16. октомври

3. НОЕВАТА ВЕРА

а. По што Ное видно се разликувал од другите кои живееле во негово време? 1 Мојс. 6,8.9.14.

б. Бидејќи Ное му служел на Господа, што можеме да забележиме за неговата тесна поврзаност со Творецот? 1 Мојс. 6,17-22; 7,1.5.23; 8,15-20.

ц. Опиши го големиот судир меѓу Христа и сатаната кој може да се види во животот на Ное и во животите на оние на оние што го слушале? Евр. 11,6.7.

“Додека Ное на светот му ја објавувал опомената, неговите дела сведочеле за неговата искреност. На тој начин се усовршила неговата вера и станала очигледна. Тој на светот со личен пример му покажал дека навистина верува во тоа што Бог го рекол. Сѐ што имал вложил во изградбата на ковчегот. Кога почнал да го гради големиот брод, од сите страни доаѓале луѓе да ја видат необичната и дотогаш невидена сцена и да ги чујат ревните зборови на чудниот проповедник. Секој удар при изградбата на ковчегот било сведоштво за народот.
“Во почетокот се чинело дека многумина ја прифаќаат опомената, но сепак не се обратиле кон Бога ниту пак вистински се покајале. Тие не сакале да се откажат од своите гревови. Во времето што преостанало до потопот, нивната вера била искушана и тие не издржале до крај. Совладани од неверството што земало сѐ поголем замав, тие најпосле му се придружиле на своето поранешно друштво и заедно со нив ја отфрлиле свечената опомена. Поединци биле длабоко осведочени и би ги прифатиле зборовите на опомена, но исмевачите биле толку многубројни што и тие најпосле потпаднале под истиот дух, се спротивставиле на повикот на милост и наскоро станале најдрски исмејувачи; бидејќи никој не е толку безобѕирен и не се оддава на гревот до таа мера како оние што некогаш ја имале светлината, па се спротивставиле на Божјиот Дух кој може да ја убеди и осведочи душата.
“Не сите луѓе од тоа поколение биле идолопоклоници, во целосна смисла на тој збор. Многумина тврделе дека му служат на Бога. Тврделе дека нивните идоли се само видлива претстава на божествата и дека со нивна помош луѓето можат да стекнат појасен поим за Божјото Битие. Ваквите биле најревни во отфрлувањето на Ноевата порака.“ – Патријарси и пророци, 74 (95.96).
Среда 17. октомври

4. ДЕНЕШЕН НОЕ

а. Како Светото Писмо ги претскажало деновите во кои живееме? 1 Тим. 4,1; 2 Тим. 3,1-5.

“Исус поставил едно значајно прашање: ’Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата‘ (Лука 18,8). И, како што можевме да видиме од изложеното, Тој кажува дека состојбата во светот ќе биде иста како во деновите на Ное. Апостол Павле нѐ опоменува и предупредува дека, како што ќе се приближува крајот, толку повеќе можеме да очекуваме ширење на беззаконието… Тој исто така вели дека во ’последните денови ќе настанат времиња тешки‘ (2 Тим. 3,1) и дава запрепастувачки список на гревови кои ќе ги прават оние што се ’на изглед побожни‘.
“Кога поминало времето на милост за претпотопниот свет, луѓето и понатаму се оддавале на возбудливи забави и бучни веселби. Оние што биле влијателни и биле на власт, правеле сѐ што е во нивна моќ умот на луѓето постојано да биде преокупиран со задоволства и уживања за да не допре последната свечена опомена до ниедно срце. Зарем во нашите денови не се случува истото пред нашите очи? Додека Божјите слуги ја објавуваат пораката дека крајот на светот е на прагот, светот потполно се оддава на задоволства и копнеж за уживање. Возбудувањата се нижат едно по друго, ги прават луѓето рамнодушни кон Бога и ги спречуваат да се потчинат на влијанието на вистината која единствено може да ги спаси од претстојното уништување.“ – Патријарси и пророци, 84 (103).

б. Која опомена од деновите на Ное треба постојано да ја имаме на ум? 2 Петр. 3,3-10.

“Во времето на Ное светските мудреци тврделе дека уништување на земјата со вода е невозможно; така и денес има научници кои се обидуваат да докажат дека е неможно светот да биде уништен со оган – дека тоа е спротивно на законите на природата.
“Кога големците и мудреците од тоа време ги убедиле луѓето дека е невозможно светот да биде уништен со вода, кога стравувањето на народот било смирено, кога пророштвото на Ное сите го сметале за заблуда, а на него гледале како на фанатик – тогаш настапил вистинскиот момент за Бога. ’Во тој ден бликнаа сите извори на големата бездна и се отворија окната небески‘, а потсмевачите пропаднаа во брановите на водата што поплави сѐ. И покрај својата мудрост со која се фалеле, луѓето предоцна согледале дека нивната мудрост всушност била лудост, дека Законодавецот е повисок од законот на природата и дека на Семоќниот не му се потребни средства за да ги оствари своите намери.“ – Патријарси и пророци, 84.85 (103.104).
Четврток 18. октомври

5. РЕАЛНОСТА ШТО НИ ПРЕТСТОИ

а. За која реалност мнозина денес не сакаат да мислат ниту да зборуваат? 1 Сол. 5,3.

“Кога мислењата и заклучоците на филозофите ќе го отстранат секој страв од Божја казна, кога вероучителите ќе предаваат дека претстојат долги векови на мир и благосостојба, и кога светот – целосно зафатен со работа и задоволства, сеење и жнеење, насладување со јадење и пиење – ќе ги отфрли Божјите опомени, а Неговите гласници ќе ги исмее – ’тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат‘ (1 Сол. 5,3).“ – П. и пр., 85 (104).

б. Кога придобивањето на души ни се чини како голем предизвик, што секогаш треба да имаме на ум? 1 Петр. 3,18-22.

“Изнесувајте го Божјото слово секогаш кога за тоа ќе ви се укаже прилика. Сејте покрај секоја вода. Можеби нема веднаш да има резултати од вашиот труд, но не се обесхрабрувајте. Говорете го она што Христос ќе го стави во вашата уста. Работете како Тој што работел. Влезете во секој град и секое село, како што правел Тој за време на неговата јавна служба на земјата.
“Откупителот на светот имал многу слушатели, но малку следбеници. Ное сто и дваесет години проповедал на претпотопниот свет, но сепак малку го ценеле и правилно го искористиле тоа скапоцено време на милост и проба. Од целокупното население на тогашниот свет само осум души ја прифатиле Божјата порака, но таа порака го осудила светот. Им било дадено доволно светлина за да поверуваат; со отфрлањето на добиените заповеди ја запечатиле својата пропаст. Пораката што ние ја објавуваме на светот ќе биде животен мирис за живот на сите што ќе ја прифатат, а осуда за оние што ќе ја отфрлат.“ – 7 Сведоштво, 34 (36).

Петок 19. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која била тајната на Енох во придобивање на душите?
2. Како ние треба да го разбереме она што Христос го рекол за деновите на Ное?
3. Кое трајно начело можеме да го видиме во резултатите на Ноевото проповедање?
4. Кој преовладувачки став денес во општеството бил предвиден од апостолите?
5. Имајќи ја предвид краткоста на времето, на кој позив треба да одговориме?

Сподели го ова:

Слични објави