02 Жртва угодна на Бога
2. лекција – 13. октомври 2012.
Жртва угодна на Бога
“Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, од Каиновата; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови; преку неа, иако мртов, тој уште зборува.“ – Евр.11,4.
“Додека (Адам) ја колел невината жртва тој се тресел пред помислата дека поради неговиот грев мора да се пролее крвта на совршеното Божјо Јагне. Оваа сцена му дала подлабока и појасна смисла за големината на неговиот престап, кој со ништо не можел да се искупи освен со смртта на Божјиот возљубен Син.“ – Божјата чуд. милост, 15.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци 49-57.
Недела 7. октомври
1. ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ГРЕВОТ
а. Каква промена настанала во животите на нашите прародители откако згрешиле, и како заради тоа се променил начинот на кој тие го обожавале Бога? 1 Мојс. 3,16-24.
“Адам во својата невиност уживал што можел отворено да комуницира со својот Творец; но гревот направил бариера помеѓу Бога и човекот, и само Христовата жртва можела да ја премости бездната и повторно да овозможи спасение и повторно да ја воспостави благословената комуникација меѓу небото и земјата. Човекот сѐ уште е лишен од непосредниот пристап кон Творецот, но Бог врската со него ја одржува преку Христа и ангелите. “ – Патријарси и прорци, 45 (67).
“Принесувањето на жртви го воспоставил самиот Бог. Тоа имало за цел човекот постојано да го потсетува на неговиот грев и да го наведе на каење и јавно покажување на вера во ветениот Спасител, и на паднатиот човечки род постојано и живо да му ја предочува свечената вистина дека гревот ја предизвикал смртта. За Адам принесувањето на жртва бил мошне болен и мачен обред. Морал да ја подигне својата рака за да одземе живот што само Бог можел да го даде. Тогаш првпат видел смрт, а знаел дека ниту човекот ниту животно не би морале да умрат, доколку тој би му останал послушен на Бога.“ – Патријарси и пророци, 46 (68).
Понеделник 8. октомври
2. БОГ ГО ГЛЕДА ИЗБОРОТ ШТО НИЕ ГО ПРАВИМЕ
а. И покрај поуката која ја примил од страна на своите богобојазливи родители, каква спротивност во изборот на богослужение покажал првиот Адамов потомок на овој свет? 1 Мојс. 4,1-5.
“Авел ги сфатил големите основни начела на откупението. Увидел дека е грешник и дека меѓу неговата душа и врската со Бога стојат гревот и смртта како казна. Го принел жртвуваното животно и со тоа ги признал барањата на прекршениот закон. Гледајќи во пролеаната крв, ја видел идната жртва – Христос како умира распнат на Голгота; и верувајќи во спасението кое таа жртва ќе го осигура, се осведочил дека е оправдан и дека жртвата му е прифатена.“ – Патријарси и пророци, 50 (72).
“Каин, исто како и Авел, имал прилика и можност да ја дознае и разбере вистината. Тој не бил жртва на самоволните и тирански Божји намери. Ниеден од браќата не бил избран да биде примен од Бога, а другиот да биде отфрлен. Авел ја избрал верата и послушноста; Каин, неверството и бунтот. Целата работа се сведува на тоа.“ – Патријарси и пророци, 51 (72).
б. Независно од тоа која религија луѓето ја исповедаат, што треба да научиме од искуството на Каин и Авел? Евр. 11,4; Мал. 3,18.
“Каин и Авел се претставници на две групи и определби кои ќе постојат на светот сѐ до крајот на времето. Едните ќе знаат да ја искористат жртвата принесена заради човечките престапи, а другите сѐ повеќе ќе се издигаат и потпираат на своите лични заслуги; нивната жртва, лишена од силата на божественото посредништво, нема да може да им обезбеди Божја милост. Нашите престапи можат да бидат простени само со Христовите заслуги. Оние кои сметаат дека Христовата крв не е неопходна, дека со лични заслуги без божествена милост можат да стекнат наклонетост и одобрување од небото, запаѓаат во истата заблуда во која бил и Каин. Ако не ја прифатат крвта што очистува, тие остануваат осудени и проколнати. Не е предвиден ниеден друг начин на кој човекот би се ослободил од ропството на гревот.“ – Патријарси и пророци, 51.
“Најголемиот дел од светот припаѓа на групата поклоници кои тргнуваат по Каиновиот пример; бидејќи речиси сите лажни религии се засноваат на истиот принцип – дека човекот може да се спаси со лични напори.“ – Патријарси и пророци, 51 (72,73).
Вторник 9. октомври
3. МОШНЕ РИЗИЧНО СФАЌАЊЕ
а. Зошто ние денес сме предупредени да се чуваме од опасните филозофии и праксата на мнозина кои се искрени, но се поведуваат по сфаќањето на т.н. New Agea “Нов век“ и други слични движења? Дела 4,10-12; 1 Тим. 6,20.21.
“Многумина тврдат дека на човечкиот род не му е потребно спасение, туку развој – дека самиот може да се облагороди, издигне и препороди. Како што Каин мислел дека може да добие божествено одобрување со принос на жртва без крв, така и тие се надеваат дeка човештвото ќе се издигне до Божјиот пример без жртви на страдање и помирување. Каиновиот случај покажува какви се последиците од таквото сфаќање, што човекот неизбежно станува ако се одвои од Христа. Во човекот нема сила со која тој самиот би можел да се обнови и препороди, бидејќи човештвото не копнее горе кон она што е божествено, туку доле кон она што е сатанско. Христос е нашата единствена надеж. ’Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме‘ (Дела 4,12).“ – Патријарси и пророци 51 (73).
б. Што, според записот за Каиновиот и Авеловиот живот, опфаќа вистинската вера во Христовото помирување? Рим. 3,23-31; Јаков 2,22.17.
“Вистинската вера, верата што се потпира на Христа, се покажува во покорувањето на сите Божји заповеди. Од времето на Адам па сѐ до нашите дни постојано се водела голема борба за тоа дали треба или не треба да се држи Божјиот закон. Секогаш постоеле луѓе кои полагале право на Божјата милост иако запоставувале некои од Неговите заповеди и ги сметале за безначајни. Меѓутоа Светото Писмо вели: ’… и дека преку делата, верата стана совршена‘. ’И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва.‘ (Јаков 2,22.17). Тој што тврди дека го познава Бога, а ’заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина‘ (2 Јов. 2,4).“ – Патр. и прор., 52.
“Каин и Авел се претставници на две големи групи. Авел како свештеник, својата жртва ја принел со сериозна вера. Каин принел земјоделски плодови, но одбил со жртвата да ја поврзе крвта на јагнето. Во своето срце тој одбил со принесување на крв на жртвуваното животно да покаже признавање на гревовите и вера во Спасителот. Не сакал да го признае фактот дека му е потребен Спасител. За неговото срце, полно со гордост, тоа би било зависност и понижување.
“Но Авел, со вера во Спасителот кој треба да дојде, принел жртва што на Бога му била многу поугодна и поприфатлива од Каиновиот принос. Со принесување крв на заклано животно, тој признал дека е грешник, дека се кае и ги отфрла своите гревови и дека верува во заслугите на Големата жртва чијашто крв ќе се принесе во иднина.“ – Конфронтација, 22.23.
Среда 10. октомври
4. КАИНОВАТА ВООБРАЗЕНОСТ
а. Во која смисла Каиновата таканаречена жртва всушност претставувала бунт? 1 Мојс. 4,6.7.
“Сатаната е зачетник на неверувањето, негодувањето и бунтот. Тој Каиновото срце го исполнил со сомнеж и налудничава омраза против недолжниот брат, но и против Бога затоа што неговата жртва ја отфрлил, а ја примил таа на Авел. Во афект на заслепена омраза тој го заклал својот брат.
“Принесувањето на жртва било воведено за – со симболично пролевање на крв на закланото животно – на човекот да му послужи како гарант дека преку Големата жртва што требало да биде принесена тој ќе добие проштевање од Бога. Со таа церемонија човекот имал можност да покаже каење, послушност и вера во Откупителот кој ќе дојде. Во жртвата што Каин ја принел на Бога немало знак на потчинетост ниту послушност кон обредот што самиот Бог го одредил. Принесувајќи само плодови од земјата, тој сметал дека неговиот личен план е поблагороден а не понизувачки како пролевањето на крвта на животните која укажувала на зависност од некој друг, покажувајќи ја на тој начин сопствената слабост и грешност. Каин потполно ја омаловажил крвта на откупението.“ – Конфронтација, 23.
б. Објаснете го Каиновиот проблем кога е во прашање неговиот однос кон Авел. 1 Мојс. 4,8-10; 1 Јов. 3,12.
“Наместо да го признае својот грев, Каин продолжил да се жали на Божјата неправда и да негува завист и омраза кон Авел. Налутено го прекорил брата си, настојувајќи да го вовлече во расправија околу тоа како Бог постапува со нив. Понизно, но бестрашно и одлучно, Авел ја бранел Божјата праведност и Неговата добрина. Му укажал на Каин на неговата заблуда и се трудел да го наведе и самиот да ја согледа. Го потсетил на Божјото сожалување кон нивните мили родители, како им го поштедил животот тогаш кога можел да ги казни со моментална смрт, и упорно истакнувал дека Бог ги сака, бидејќи да не е така, Тој не би го дал својот возљубен, безгрешен свет Син да ја претрпи казната што тие ја заслужиле. Сето тоа уште толку го разгорел гневот на Каина. Разумот и совеста му кажувале дека Авел е во право; но се лутел што оној, кој обично му се покорувал, се осмелил да му се спротивстави и што кај него не наишол на согласност за своето противење и бунт против Бога. Во налет на силна омраза и гнев го убил својот брат.“ – Патријарси и пророци, 52 (74).
Четврток 11. октомври
5. ИЛУСТРАЦИЈА НА НЕПРОМЕНЛИВОТО НАЧЕЛО
а. Какви плодови неизбежно донесува Каиновата религија? 1 Јов. 3,13; Јован 3,20.
“Каин го мразел и го убил својот брат, не затоа што тој му направил нешто лошо, туку затоа што ’неговите дела беа лоши, а на неговиот брат – праведни‘ (1 Јов. 3,12). Така во сите векови безбожните и неправедните ги мразеле оние што се подобри од нив. Авеловиот живот на послушност и непоколеблива вера бил постојан укор за Каин… Доколку светлината со која Божјите верни слуги го отсликуваат Неговиот карактер засветли посилно, толку гревовите на безбожните ќе станат повидливи, и толку поодлучни се нивните напори да ги уништат оние што им го нарушуваат мирот.“ – Патријарси и пророци, 53 (74).
б. Каква поука можеме да извлечеме од Божјото постапување со Каин? 1 Мојс. 4,11-16.
“Мрачната историја на Каин и неговите потомци најјасно покажува што би се случило доколку Бог на грешникот би му подарил вечен живот и дека, благодарение на тоа вечно постоење, тој во целост би го развил својот бунт против Бога.
“Сатаната постојано и неуморно се труди обидувајќи се на илјадници начини да го обезличи Божјиот карактер и лажно да го претстави Неговото владеење. Тој дејствува според големи и добро изработени планови и со чудесна сила, за да ги држи цврсто жителите на светот под закрилата на неговата заблуда. Возвишениот и Бог кој знае сè го видел крајот уште на самиот почеток, и со Неговото постапување со злото може да се видат само Неговите далекосежни и сеопфатни планови. Тој имал намера не само да го совлада бунтот, туку и пред целата вселена да ја покаже неговата вистинска природа. Божјиот план се развивал и ја покажал Неговата праведност и милост и потполно ја оправдал Неговата мудрост и праведност во постапувањето со злото.“ – Патријарси и пророци, 56 (78).
Петок 12. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Ние често дискутираме за Адамовиот грев, но што можеме да научиме од неговото каење?
2. Кои две групи на луѓе се поведуваат по примерот на Каин и Авел?
3. Како треба денес да одговориме на тврдењето дека човечкиот род самиот може да се поправи?
4. Зошто Каиновото негодување против Бога е неоправдано е нерационално?
5. Што може да ни донесе мир кога ќе се соочиме со оние што го заземат ставот на Каин?