01 Кој е достоен за обожавање?
1. лекција – 6. октомври, 2012.
Кој е достоен за обожавање?
“Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сè, и според Твојата волја постои сè и е создадено!“ – Откр. 4,11.
“Ангелското совршенство изневерило на небото. Човечкото совршенство изневерило во блажествениот рај. Сите што сакаат да имаат сигурност на земјата или на небото, својот поглед мора да го насочат кон Божјото Јагне“ – Нашиот висок позив, 45.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 5-16.
Недела 30. септември
1. ОСНОВНО НАЧЕЛО НА ВСЕЛЕНАТА
а. На што треба да биде насочено вниманието на сите создадени битија и зошто? 1. Петр. 1,24.25.
б. Како ова го вклучува Исуса Христа? Ефес. 3,8.9; Јован 1,1-3.
“Господарот на вселената во својот добротворен потфат не бил сам. Тој имал Соработник кој можел правилно да ги сфати Неговите намери и заедно со Него да се радува затоа што создадените битија се направени среќни.“ – Патријарси и пророци, 6 (34 ориг.).
б. Во што светите ангели наоѓаат најголемо задоволство и радост? Псалм 89,14-16.
“Бидејќи законот на љубовта е темел на Божјото владеење, среќата на сите разумни битија зависи од целосната согласност со Неговите големи начела на правдата…
“Небесните војски наоѓале радост во тоа што можеле да ги исполнуваат намерите на својот Творец. Тие се радувале што можеле да бидат отсјај на Неговата слава и да го слават постојано. Љубовта кон Бога била на прво место, а меѓусебната љубов била искрена и несебична. Не постоела ниедна нескладна нота што би ја нарушувала небесната хармонија.“ – Патријарси и пророци, 6 (34.35).
Понеделник 1. октомври
2. ВАЛКАНОТО ПОТЕКЛО НА СЕБИЧНОСТА
а. Со какви необични чувства почнал да се исполнува убавиот ангел – водачот на небесниот хор, – и каков бил исходот? Езек. 28,13.17; Ис. 14,13.14.
“Малку по малку кај Луцифер се појавила желба за самовозвишување… Иако сета негова слава доаѓала од Бога, овој моќен ангел почнал да ја смета за сопствена. Незадоволен од својата положба, иако најценет меѓу небесните жители, се осмелил да копнее за обожавање што му припаѓа само на Создателот. Наместо да се труди сите созданија најголема почит и лојалност да искажуваат само на Бога, тој настојувал нивната служба и лојалност да ги придобие за себе. Копнеејќи за славата со која Вечниот Татко го опкружил својот Син, овој ангелски кнез копнеел и за власта која била исклучиво Христово право.
“На тој начин била нарушена совршената хармонија на небото. Склоноста на Луцифер да си служи себеси наместо на Творецот пробудила чувство на страв кај оние што славењето на Бога го сметале за највисока должност.“ – Патријарси и пророци, 8 (35.36).
б. Опиши како Луцифер наводно му се поклонувал на својот Творец, а што тој всушност правел во реалноста? Матеј 15,8.
“Ангелите со радост ја признавале Христовата врховна власт и се поклониле пред Него, искажувајќи ја својата љубов и најголема почит. И Луцифер се поклонил заедно со нив, но во неговото срце се водела до тогаш невидена, жестока борба. Вистината, правдата и преданоста се бореле против зависта и љубомората. Некое време изгледало дека влијанието на светите ангели делува врз него. Додека песните на благодарност и слава се издигале во складни акорди на илјадници радосни гласови, се чинело дека лошиот дух исчезнал; неискажлива љубов длабоко го потресла неговото битие, душата заедно со светите чувства на собраните се исполнила со љубов кон Отецот и Синот. Но тој повторно се исполнил со дух на гордост и сопствена слава. Повторно се појавила неговата желба за власт, и повторно со него завладеала зависта кон Христа. Високите почести што ги уживал, Луцифер не ги ценел како посебен дар од Бога, и затоа не му бил благодарен на својот Создател. Тој се возгордеал во сопствената мудрост и слава и посакал да биде еднаков на Бога“ – Патријарси и пророци, 9 (36.37).
Вторник 2. октомври
3. КРИЗА НА НЕБОТО
а. На кое предупредување треба да обрнеме внимание, согледувајќи ја измамничката тактика која Луцифер започнал да ја спроведува на небото? Изреки 24,1.2.
“Користејќи ја љубовта, преданоста и довербата што ги имале во него светите битија додека биле под негово раководство, тој вешто во нивните мисли го всадувал своето незадоволство кое тие не го препознале. Луцифер Божјите намери ги прикажал во лажна светлина – искривувајќи ги така за да предизвикаат револт и незадоволство. Вешто ги наведувал своите слушатели да ги искажат своите чувства; а потоа секаде каде што тоа би му послужило во остварување на неговата цел, овие изрази ги повторувал како доказ дека ангелите не се потполно согласни со Божјото владеење. Тврдел дека целосно е предан на Бога и упорно истакнувал дека е потребно да се смени целиот поредок и закон на небото за да се зацврсти божественото владеење. Така, додека настојувал да предизвика противење кон Божјиот закон и своето незадоволство да го втисне во мислите на ангелите што му биле потчинети, тој привидно се трудел да го отстрани незадоволството и нелојалноста на ангелите кон небесниот поредок. Додека тајно поттикнувал неслога и бунт, мошне лукаво настојувал надворешно да изгледа дека единствена цел му е да се зачува преданоста кон Бога, хармонијата и мирот.
Иако претходно биле во потполна согласност со поредокот што Бог го воспоставил (некои од ангелите) сега станале незадоволни и несреќни што не можат да проникнат во Божјите недосегливи тајни; не биле задоволни со Божјата намера Христос да биде издигнат. Тие биле готови да се заложат и за второто барање на Луцифер според кое тој требало според авторитетот да се изедначи во Божјиот Син.“ – Патријарси и пророци, 11 (38).
б. Откако го советувале и се залагале за Луцифера – кој повикал на отворена војна против милостивиот Творец и Неговиот закон на љубовта – што небото било принудено да преземе и зошто? Откр. 12,7-9.
“Упорно го бранел својот став и ревносно се впуштил во голема борба против својот Творец. Така Луцифер ’светлоносецот‘ учесник во Божјата слава и чувар на Неговиот престол, со престапот станал сатана ’непријател‘ на Бога и на сите свети битија, станал причина за пропаст на оние што небото му ги доверило да ги води и да се грижи за нив.“ – Патријарси и пророци,12 (40).
Среда 3. октомври
4. ОБОЖАВАЊЕ ВО ЕДЕМ И КРИЗА НА ЗЕМЈАТА
а. Опишете ja првобитната состојба на Божјото создавање. 1. Мојс. 1.31. Што ја открива Неговата безмерна љубов кон посебните суштества направени според Негова слика? 1. Мојс. 3,9.
“Адам во Едемската градина бил опкружен со сѐ што можело да му посака срцето. Секоја негова потреба била задоволена. Во прекрасниот Едем немало грев, ниту било какви знаци на распаѓање. Божјите ангели слободно и радосно разговарале со светиот пар. Птиците разиграно ги пееле своите песни во слава на Создателот. Мирољубивите животни среќно и невино се играле околу Адам и Ева, спремни да го послушаат нивниот глас. Адам, како најблагородно Божјо создание, бил совршен во својата мажевност.“ – Знаци на времето, 11. јуни, 1874.
“Никаква сенка не се испречувала меѓу нив и нивниот Творец. Тие Бога го знаеле како свој милостив Татко, и својата волја ја усогласиле со Божјата волја. Карактерот на Адам бил отсјај на Божјиот карактер.“ – Упатство за младите, 2. јуни, 1898.
б. Како била осуетена Божјата намера што Тој ја имал при создавањето на Земјата? 1 Мојс. 3,1-7. Опишете ги првите духовни симптоми кои тажно потсетуваат на Луциферовиот став. 1 Мојс. 3,12.13.
“Во настојувањето Бога да го прикаже во лажна светлина (Луцифер) Му ја препишувал желбата за самовозвишување. Своите валкани особини тој настојува да му ги препише на Творецот полн со љубов. На таков начин ги измамил ангелите. Така ги мами и луѓето. Тој ги наведува да се сомневаат во Божјото Слово и да немаат доверба во Неговата добрина.“ – Отсјај на Христовиот карактер, 23.
“Адам својот грев не можел да го одрече, ниту да го оправда, меѓутоа, наместо да се покае, се обидел вината да ја префрли на својата жена, а со тоа и на самиот Бог.“ – Патријарси и пророци, 33 (57).
“Кога жената била запрашана: ’Зошто го направи тоа?‘ таа одговорила: ’Змијата ме измами и јас јадев‘. Нејзиното оправдување заради сторениот грев истовремено ги содржело и прашањата: ’Зошто ја создаде змијата? Зошто и дозволи да влезе во Едем?‘ Така и таа, исто како Адам вината за својот пад ја препишала на Бога. Духот на самооправдување потекнува од таткото на лагата; нашите прародители подлегнале на тоа во истиот момент кога дозволиле да бидат изложени на влијанието на сатаната, и истиот дух го имаат сите синови и ќерки на Адам. Наместо понизно да ги признаат своите гревови, тие се обидуваат да се оправдаат пренесувајќи ја одговорноста на некој друг, на околностите или на Бога – при што дури и Неговите благослови ги користат како повод за негодување против Него.“ – Патријарси и пророци, 34 (58).
Четврток 4. октомври
5. ОТКРИЕНА ВИСТИНСКАТА СЛИКА
а. Што Луцифер оставил во наследство на нашата раса и што ние постојано мораме да имаме на ум за да ги избегнеме неговите стапици? Пс. 58,1-3; Ерем. 17,9.
“Потеклото на гревот е во себичноста. Луцифер херувимот заштитник, сакал да биде прв на небото. Копнеел да ја стекне контролата над небесните суштества, да ги одвои од Творецот и нивната преданост да ја присвои за себе.“ – Отсјај на Христовиот карактер, 23.
“Да се оспори правото на врховна власт на Божјиот Син и со тоа да се побијат доказите за мудроста и љубовта на Творецот, тоа станало цел на овој ангелски кнез. На таа цел сакал да ја посвети сета енергија на својот моќен дух, кој после Христовиот, бил прв меѓу жителите на небото.“ – Патријарси и пророци, 8 (36).
“Со планот на откупување се открила Божјата љубов и правда, обезбедена е вечна заштита на непаднатите светови, како и за сите што ќе бидат откупени со крвта на Јагнето. Наша единствена надеж е совршена доверба во крвта на Оној кој може да ги спаси сите што со Негово посредување доаѓаат кај Бога.“ – Нашиот висок позив, 45.
б. Што целиот универзум најпосле ќе сфати за Бога? Рим. 3,3.4; Откр. 4,11.
“Историјата на гревот низ сите векови ќе претставува сведоштво дека среќата на сите созданија што Бог ги создал е нераскинливо поврзана со постоењето на Божјиот закон. Имајќи ги во предвид сите факти поврзани со оваа голема борба, жителите на целата вселена – и оние што останале предани на Бога и оние што се побуниле – едногласно ќе изјават: ’Праведни се и вистинити Твоите патишта, Царе на светиите!‘“ – Големата борба, 591 (671).
Петок 5. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто е толку важно да знаеме кој всушност е Христос?
2. Кои погрешни чувства и желби го поттикнале бунтот на сатаната?
3. Опиши ги чекорите при падот на сатаната. Како ние можеме да ги избегнеме овие чекори?
4. Прикажи ја разликата во карактерот на нашите прародители пред и после гревот.
5. Објасни го големиот контраст меѓу карактерот на Христа и карактерот на сатаната.