8. Молитва за другите
- лекција Сабота, 25. август 2018.
Молитва за другите
„Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да се исцелите. Голема сила има усрдната молитва на праведникот.“ – Јаков, 5:16.
„Почнете да се молите за душите, приближете се до Христа, Неговите прободени ребра. Нека кроткиот и тивок дух го украси вашиот живот. Со понизни и топли молитви барајте од Него мудрост да ја спасите не само својата душа, туку и другите да ги спасите.“ – Messages to Young People, p. 207.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 119–137; 155-158.
Недела 19. август
- МОЛИТВА ЗА ОНИЕ ШТО НЀ ПОВРЕДИЛЕ
а. Колку Јов страдал? Јов 1:13-22; 2:7-10.
б. Кога завршиле страдањата на Јов? Јов 42:7-10.
„Кога Јов се помолил не само за себе, туку и за оние кои биле против него, Бог на неговата мака и неговото ропство ставил крај. Кога почувствувал срдечна желба да им помогне на оние кои згрешиле против него, тој и самиот примил помош. Да се молиме на Бога, не само за себе, туку и за оние кои нѐ навредиле и кои не престануваат да нѐ навредуваат. Да Го бараме Господа без престанок, бидејќи Неговите уши се отворени за искрената молитва на упорниот молител кога во душата ќе се понизи пред Него.“ – Библиски коментари, 244.
в. Како Јов бил награден затоа што, и покрај своите жестоки страдања, мислел и на другите? Јов 42:11-13.
Понеделник 20. август
- МОЛИТВА ЗА ЦЕЛИОТ ГРАД
а. Откако го ослободил градот Содом, заедно со својот внук Лот, каква била реакцијата на Аврам на Божјиот план да го уништи Содом? Битие 18:20-25.
„Бог на Аврама му укажал голема чест. Небесните ангели му се јавувале и разговарале со него како што разговара пријател со пријател. Кога требало да се изврши пресудата над Содом, тоа од него не се криело, и тој требало да биде застапник на грешниците пред Бога. Неговото општење со ангелите покажува исто така убав пример на гостољубивост.
‘Тајната Господова лежи во оние што се бојат од него’ (Псалм 25:14). Аврам го почитувал Бога, но и Господ го почитувал него, упатувајќи го во своите совети и откривајќи му ја својата волја.“ – Патријарси и пророци, 138.139.
б. Како Аврам пред Бога се залагал за Содом, покажувајќи дека не ја познава вистинската состојба на градот? Битие 18:26-33.
„Иако Лот бил еден од доселениците во Содом, тој не учествувал во беззаконието на неговите жители. Аврам мислел дека во тој голем град мора да има и други почитувачи на вистинскиот Бог… Аврам не молел само еднаш, ами повеќе пати. Гледајќи дека неговите молби наидуваат на одговор, се охрабрил и продолжил да моли сѐ додека не добил гаранција оти градот ќе биде поштеден ако во него се најдат само десет праведници.
Аврамовата молитва била проникната со љубов кон душите што биле осудени на пропаст. Додека чувствувал одвратност кон гревовите на изопачените жители на тој град, тој сакал тие грешници да се спасат. Неговото толку длабоко и искрено интересирање и залагање за жителите на Содом покажува колкава загриженост би морале и ние да чувствуваме за непокајаните. Гревот треба да се мрази, а грешникот треба да се сака и да се има кон него сомилост. Насекаде околу нас се наоѓаат души кои безнадежно заминуваат во пропаст, страшна исто толку колку и онаа што го снашла Содом… Каде се оние кои понизно и со истрајна вера би го молеле Бога за него?“ – Патријарси и пророци, 139, 140.
в. На крајот на краиштата, колку луѓе Бог можел да спаси од Содом? Битие 19:30.
Вторник 21. август
- МОЛИТВА ЗА НЕПОКАЈАНИТЕ
а. Што му било ветено на Израел како казна, ако постојано му бидат непослушни на Бога? Второзаконие 28:15.16.23.24.
б. Врз основа на ова ветување, каква била молитвата на Илија за Израел за време на периодот на нивната отворена непослушност кон Бога? Јаков 5:17.
„Во душевна болка викал кон Господа да не дозволи Неговиот избран народ и понатаму да оди по лошите патишта, да го казни, ако е тоа потребно, за да стане свесен дека се одвоил од Небото. Копнеел да го види народот во покајание пред уште повеќе да потоне во зло и да го предизвика Господа целосно да ги уништи.
Бог ја вослишил молитвата на Илија. Многуте опомени, повици и укори не го навеле Израел да се покае. Дошол момент кога Бог морал да проговори со суд. Над осквернетата земја лежело тешко Божјо проклетство, затоа што Вааловите свештеници тврделе дека небесните дарови, росата и дождот, не доаѓаат од Господа туку од природните сили и дека земјата ги добива своите благодати благодарејќи на грижата на енергијата од сонцето и така донесува обилен род. Требало да им се покаже на отпадничките Израилеви племиња колкава лудост е да се очекува дека земските благодати доаѓаат од Вааловите сили. Земјата нема да добие ниту роса ниту дожд сѐ додека не се покајат, сѐ додека не се вратат кај Бога и признаат дека Тој е изворот на сите благослови.“ – Пророци и цареви, 120.
в. Откако Израел конечно го признал Бога како врховен Владетел, каква била молитвата на Илија, и каков бил резултатот? Јаков 5:18; 1 Царевите 18:42-45.
„Кога на планината Кармил (Илија) се помолил за дожд (1 Царевите 18:41-45), неговата вера била ставена на проба, но тој издржал и неуморно и понатаму ја изнесувал својата молба на Бога… Бог не секогаш одговара на нашите молитви кога прв пат ќе Му ги упатиме, бидејќи кога тоа би го направил, ние би зеле здраво за готово дека имаме право на сите благослови и предности кои ни ги дава. Наместо да ги испитуваме нашите срца за да видиме дали можеби некое зло се вовлекло во нашата душа, да не сме попуштиле на некој грев, ние би станале безгрижни, препуштајќи да ја препознаеме нашата зависност од Него и нашата потреба од Негова помош.“ – God’s Amazing Grace, p. 88.
Среда 22. август
- МОЛИТВА ЗА ОНИЕ ВО ТЕШКИ ОКОЛНОСТИ
а. Што се случило со Петар, и како реагирала црквата? Дела 12:1-5.
„Смртта на Јаков предизвикала голема жалост и вчудоневиденост меѓу верниците. Кога Петар бил затворен, целата црква постела и се молела…
Додека под разни изговори погубувањето на Петар се одложувало сѐ до Пасха, членовите на црквата имале време длабоко и совесно да го испитаат своето срце и да упатат сериозни молитви до Бога. Тие се молеле без престанок за Петар, бидејќи сметале дека не може да биде поштеден од судење; и чувствувале дека стигнале до точка, каде што, без особена помош од Бога, Христовата црква ќе исчезне.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 3, pp. 335, 336.
б. Како Бог одговорил на молитвата на Својот верен народ? Дела 12:6-12.
в. Кои се некои од ветувањата кои нѐ уверуваат дека Бог ќе биде со нас во тешки времиња? Псалм 28:7; 91:14.15.
„Честопати се упатуваат срдечни молитви за оние што се во неволја, кои се тажни и обесхрабрени; и тоа е во ред. Ние треба да се молиме Бог да испрати светлина во замрачениот ум и да го утеши нажаленото срце. Меѓутоа, Бог одговара на молитвите на оние што се трудат и самите да бидат канали за Неговите благослови. Додека се молиме за така нажалените души, треба да ги поттикнеме и тие од своја страна да се залагаат за оние што имаат поголема потреба од помош. Настојувајќи да им помогнат на другите, тие ќе го растераат мракот и потиштеноста и од сопственото срце. Ќе примиме благослов, доколку настојуваме да ги утешиме и другите, со утехата со која самите сме утешени.“ – Здравје и среќа, 256.
„Да ги погледнеме монументалните столбови, потсетниците на она што го сторил Господ за да нè утеши и да нè спаси од рацете на уништувачот. Живо да си припомнуваме за секое дело на нежното милосрдие што ни го сторил Бог за солзите што ни ги избришал, за болките што ни ги ублажил, за грижите што ни ги отстранил, за стравот што ни го растерал, за потребите што ни ги задоволил, за благословите што ни ги излеал – и со тоа да се засилиме за сè што нè очекува во текот на остатокот од нашиот поклонички пат.“ – Патот кон Христа, 125.
Четврток 23. август
АКО ДРУГИТЕ ЗАБОРАВАТ ДА СЕ МОЛАТ, БОГ НЕ НЀ ЗАБОРАВА
а. Што му се случило на Павле додека бил под заштита на Римјаните кога го испитувале неговиот случај? Дела 23:12-15.
б. Како Бог интервенирал за да го спаси Павле? Дела 23:16-22.
„Кога Петар бил заробен и осуден на смрт, браќата дење и ноќе принесувале искрени молитви на Бога за негово избавување. Но, таков интерес не покажале за случајот на Павле, на кого се гледало како на отпадник од Мојсеј, и како на учител на опасни доктрини. Павле за избавувањето од насилната смрт не можел да им заблагодари на старешините, чиј совет го довеле во оваа опасна положба, туку на будното сочувство на својот роднина.“ – Sketches from the Life of Paul, p. 226.
в. Како да знаеме дека Бог денес води грижа за Своите верни деца? Евреите 13:5 (последен дел); Псалм 37:28.
Петок 24. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
- Што му се случило на Јов кога се молел за оние кои биле против него? Што можеме да научиме од ова?
- Што го инспирирало Аврама да се моли за Содом? Како ние денес можеме да негуваме ист дух?
- Зошто Илија се молел Бог да излие казни на Својот народ?
- Каква молитва била принесена за Петар, и каков бил резултатот?
- Како Бог се сетил за Павле во моментите кога неговите браќа го заборавиле?