6. Молитвени состаноци
- лекција Сабота, 11. август 2018.
Молитвени состаноци
„Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да молат за нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец небесен.“ – Матеј 18:19.
„Потребата за тајна молитва е голема, но исто така постои и потреба неколку христијани да се состанат, и обединети во дух на ревност да ги упатат своите молитви кон Бога.“ – In Heavenly Places, p. 91.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 2 Сведоштво, 577–582;
In Heavenly Places, 91–93.
Недела 5. август
- ЗОШТО ДА ОДИМЕ НА МОЛИТВЕН СОСТАНОК?
а. Која е целта на молитвениот состанок? Зошто е толку важно да присуствуваме? 1 Солунјаните 5:11; Евреите 10:25.
„Искористете ја секоја можност која ви се укажува да ги посетите местата каде се одржува молитвен состанок? Оние кои навистина бараат заедница со Бога ќе се видат на молитвениот состанок, верно извршувајќи ја секоја должност со желба да примат што повеќе благослови. Тие верно ќе ја користат секоја можност која им се нуди да се најдат таму каде ќе можат да примат зраци на небесна светлина.
Ние се состануваме како меѓусебно би се надградувале едни со други преку размена на мисли и чувства, да собереме сила, светлина и храброст запознавајќи ги надежите и желбите едни на други; и со нашите искрени, срдечни молитви, принесени со вера, да примиме сила и окрепување од Изворот на нашата сила. Овие средби треба да бидат нашите најубави часови.“ – In Heavenly Places, p. 91.
„Додека ние сме поттикнати да не ги оставаме нашите цркви, на тие собирања (богослуженија) не треба да присуствуваме само поради наше сопствено освежување. Треба да бидеме вдахновени со поголема ревност и на други да ја пренесуваме утехата што сме ја примиле.“ – 6 Сведоштво, 365.
Понеделник 6. август
- КАКО ДА СЕ ВОДИ МОЛИТВЕНИОТ СОСТАНОК
а. Кој принцип треба да го имаме на ум во однос на времето одредено за молитвен состанок? 1 Коринтјаните 14:40.
„Состаноците за советување и молитва не треба да бидат здодевни. Доколку е можно, секој треба да дојде на време и не треба да го одложува состанокот поради оние кои доцнат по половина час или дури и по педесет минути. Штом има двајца присутни, тие можат да побараат ветување. Состанокот треба да започне во одреденото време, без обѕир дали има многу или малку присутни. Не треба да се биде формалист и здрвен, туку сите треба со задоволство да ја извршуваат својата должност.“ – 2 Сведоштво, 577.578.
„Според светлината која ми е дадена, нашите состаноци би требало да бидат духовни и друштвени и не премногу долги.“ – 2 Сведоштво, 579.
б. Како Бог гледа на долгите јавни молитви? Матеј 6:5.
„Во вообичаени прилики, молитвите не би требало да траат подолго од десет минути. Треба да се промени положбата на телото и со пеење и воздигнувања да се спречи монотоноста; ако некој потоа почувствува потреба за молитва, нека се помоли.“ – 2 Сведоштво, 578.
„Постојат луѓе кои не ги изнесуваат своите лични неволји во приватна молитва туку чекаат тоа да го соопштат на состаноците за молитва и затоа неколку дена ја подготвуваат својата молитва. Таквите се вистинска опасност за состаноците. Тие не зрачат никаква светлина, никого не подигаат. Нивните студени молитви и долгите сведоштва фрлаат сенка на сè. Сите се радуваат кога тие ќе завршат и речиси е невозможно да се ослободиме од студенилото и темнината кои тие ги донесуваат со себе на состанокот со своите молитви и поттикнувања.“ – 2 Сведоштво, 578.579.
в. Како Исус ги учел учениците да се молат на состаноците кои Тој ги одржувал? Матеј 6:7.
„Кога го поучувал народот, Христос не посветувал време за молитва. Не ги принудувал луѓето на молитва и на други здодевни церемонии, како што правеле фарисеите.“ – 2 Сведоштво, 580.
Вторник 7. август
- ВРЕМЕ ЗА РАЗМЕНА НА ИСКУСТВА
а. Што сите треба да бидат подготвени да направат на молитвениот состанок? Марко 5:19 (втор дел); Малахија 3:16.
„Сите кои одат по оној христијански пат кој води нагоре, имаат и секогаш ќе имаат живо, ново и интересно искуство. Живото искуство се добива во секојдневните неволји, судири, силни напори и победи, во големиот мир и во радостите кои ги стекнуваме преку Исуса. Едноставното изнесување на овие искуства дава светлина, сила и знаење, што ќе им помогне на другите и сами да напредуваат во богоугоден живот.“ – 2 Сведоштво, 579.
„Ние можеме секојдневно да дознаеме нешто повеќе за нашиот небесен Отец, стекнувајќи нови искуства за Неговата милост; тогаш ќе сакаме да зборуваме за Неговата љубов, и како што тоа го правиме, нашите срца ќе се загреат и охрабрат. Ако повеќе размислуваме и зборуваме за Исуса, а помалку за себе, тогаш Тој би бил многу поблиску…
Во сведочењето за Христа, една личност никогаш не може да изнесе и да каже сѐ, туку сите што Го љубат Бога треба да сведочат за непроценливата вредност на Неговата милост и вистина.“ – In Heavenly Places, p. 92.
б. Покрај делењето на нашите искуства со другите, што друго можеме да придонесеме за молитвениот состанок? Псалм 35:18; 107:31.32.
„Кога растеш во благодатта, ќе сакаш да присуствуваш на верските состаноци, и со задоволство ќе сведочиш за Христовата љубов пред верниците… Колкава сила дава зборот на надеж, храброст и одлучност во заземањето на вистински став на оној кој е склон кон обесхрабрувачки навики! Цврстиот став во почитувањето на добрите начела ќе има влијание да ги насочи душите во вистинската насока. Не постои ограничување за доброто што можете да го направите.“ – That I May Know Him, p. 161.
„Бог сака Неговите послушни деца да бараат Негов благослов и да доаѓаат пред Него, славејќи го и заблагодарувајќи Му. Бог е Извор на животот и силата… Она што Тој го направил за Својот избран народ би требало да го исполни со благодарност секое срце; но Тој е ожалостен што Му се оддава толку малку благодарност. Тој сака да види посилни изрази на благодарност од страна на Својот народ, кој на тој начин ќе покаже дека е свесен за причините на својата радост и задоволства.“ – 6 Сведоштво, 364.
Среда 8. август
- МОЛИТВЕНИ СОСТАНОЦИ ВО МАЛИ ГРУПИ
а. Каков пример имаме од четирите момчиња, кои се молат во училиштето? Даниел 2:13-18.
„Даниел и неговите другари исто така требале да загинат со лажните пророци; но ризикувајќи го сопствениот живот, Даниел се осмелил да стапи пред царот, молејќи го да му биде дадено време, за да му го каже сонот и ќе му даде соодветно толкување.
Со овој предлог царот се согласил; и сега Даниел ги повикал своите тројца другари заедно да ја изнесат работата пред Бога, барајќи мудрост од Изворот на светлината и знаењето. Иако биле на царскиот двор, опкружени со искушенија, тие не ја заборавиле својата одговорност кон Бога. Тие биле длабоко свесни дека Божјото провидение ги ставило таму каде што биле, да ја извршуваат својата работа, исполнувајќи ги барањата на вистината и должноста. Тие имале доверба во Бога. Тие се обратиле кон Него за сила кога биле во неволја и опасност, и Тој секогаш им бил присутна помош.“ – The Sanctified Life, p. 35.
„На колена го замолиле Бога да им даде сила и мудрост која единствено може да им помогне во нивната голема потреба.“ – Sons and Daughters of God, p. 216.
б. Како било одговорено на нивната молитва? Даниел 2:19.46-49.
„Божјите слуги не се молеле залудно. Тие Го прославиле, и во часот на искушението Тој нив ги почитувал. Тајната му била откриена на Даниел, и тој побрзал да побара разговор со царот.“ – The Sanctified Life, p. 35.
в. Што можеме да научиме од молитвата на Даниел и неговите другари? Матеј 18:20.
„Постои голема потреба од тајна молитва, но исто така има потреба неколку христијани да се состанат заедно, и обединети во духот на ревноста да ги упатат своите молби кон Бога. Во такви мали групи Исус е присутен, љубовта кон душите се продлабочува во срцето, а Духот ја користи својата моќна сила за да човечките орудија можат да бидат употребени во спасувањето на оние што се изгубени.“ – Lift Him Up, p. 358.
Четврток 9. август
- НА СОБОРИТЕ
а. За која состојба и ние треба да се молиме, како што се молел и Христос? Псалм 133:1; Ефесјаните 4:3.
б. Како можеме да достигнеме таква состојба, особено на соборите? Матеј 18:19; Изреки 24:6 (последен дел). Какво влијание тоа има на присутните?
„Оние кои работат на црковните собори често треба заеднички да се молат и меѓусебно да се советуваат, за да можат да работат разумно. На тие состаноци треба да се посвети внимание на многу работи. Но проповедниците треба секој ден да најдат време да се соберат поради молитва и советување. Треба да бидете сигурни дека сите нешта се одвиваат во хармонија, и како што ми е кажано да ‘стоите рамо до рамо, одејќи право напред, не заоѓајќи во друга насока.’ Ако вака се работи, ќе постои единство во срцето и слога во делувањето. Ќе се покажат чудесни резултати и тоа ќе му донесе на народот Божји благослови.
Пред да сакаат да одржат некој говор, проповедниците треба да одвојат време за да Му се обратат на Бога за мудрост и сила. Порано проповедниците често се издвојувале и се молеле заедно, не престанувајќи додека Божјиот Дух не одговорил на нивните молитви. Тогаш се враќале од молитвата со осветлени лица и кога му зборувале на насобраниот народ, нивните зборови имале сила и допирале до срцата на народот, зашто Духот кој им дал благослов, ги подготвил срцата да ја примат нивната вест. Небесната вселена работи на подготовка на душите за преобратување и тоа многу повеќе отколку што ние можеме да замислиме.“ – 6 Сведоштво, 50.
Петок 10. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
- Кои се некои од благословите кои ги добиваме присуствувајќи на молитвен состанок?
- Колку време треба да се посвети на молитвата? Зошто?
- Зошто на молитвен состанок треба да ги споделиме нашите искуства?
- Што можеме да научиме од молитвениот состанок кој го воделе Даниел и неговите тројца другари?
- Зошто водачите на нашите состаноци честопати треба да најдат време за молитва и заедничко советување?