5. Лична молитва

Сподели го ова:
  1. лекција                          Сабота, 4. август 2018.

 Лична молитва

 „За ништо не грижете се, туку во сè преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања.“ – Филипјаните 4,6.

 „Тајната молитва го одржува внатрешниот живот. Срцето кое Го љуби Бога ќе сака да разговара со Него и ќе се потпира на Него со света доверба.“ – Our High Calling, 130.

 ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:          Христовите очигледни поуки, 139-149.

 Недела                                                                                         29. јули

  1. СТАВ ВО МОЛИТВА

 а.     Со каков став треба да пристапуваме кон молитвата? Псалм 95:6; Ефесјаните 3:14.

 б.    Каде и како треба да ги упатуваме нашите лични молитви? Матеј 6:6.

 „Душата не може да напредува без молитва. Не е доволна само молитвата во семејството или во Божјиот дом. Тајната молитва е многу важна; насамо, душата се открива на сезнајното Божје око, кое ги испитува сите наши побуди. Тајна молитва! Колку е драгоцена таа! Душата во заедница со Бога! Тајната молитва треба да ја чуе само Бог. Ниту едно љубопитно уво не смее да го чуе товарот на душата од молителот. Во тајната молитва душата е слободна од надворешни влијанија и возбудувања. Таа понизно, но со жар се воздига кон Бога. Гласната молитва често губи во својата делотворност и пријатност, заради многу силниот и бучен глас. Наместо блага, смирена доверба, наместо тивко, понизно поврзување на душата со Бога, се истакнува повишениот тон на гласот, возбудувањето расте, а тајната молитва го губи своето нежно, свето влијание. Доаѓа до бура на чувства и зборови и како последица на тоа невозможно е да се слушне оној тивок, тенок глас којшто зборува на душата во тајната, вистинска сесрдна молитва.“ – 2 Сведоштво, 189.190.   

Понеделник                                                                             30. јули

  1. ПОСРЕДНИЧКА МОЛИТВА

а.     Додека Даниел размислувал за тоа дека пророштвото од 70 години од разурнувањето на Ерусалим наскоро завршува, за што бил поттикнат да се моли? Даниел 9:3-19. Кого Даниел го сметал како виновен за гревот? Кого го обвинувал?

 „Засновувајќи ја својата вера на верната пророчка реч, Даниел се молел на Господа брзо да ги исполни ветувањата. Тој се молел за да се сочува Божјата чест, и во своите молитви потполно се изедначил со оние кои што не ја исполнувале Божјата волја, признавајќи ги нивните гревови како свои…

Пред тоа, тој бил долго време во службата Божја и небото за него говорело како за “мил човек,” но сепак Даниел излегол пред Бога како грешник, укажувајќи на големата потреба на својот љубен народ. Неговата молитва била речита во својата едноставност и длабоко срдечна.“ – Пророци и цареви, 554.555.

„Господ, кој ја чул молитвата на Даниел, ќе ја чуе и твојата, ако Му пристапиш како што тоа го направил Даниел.“ – In Heavenly Places, p. 75.

б.    Каков бил одговорот на молитвата на Даниел? Даниел 9:20-23.

 в.     Како Бог, преку Својот Дух, посредува за нас? Римјаните 8:26. Што сака Бог да правиме за другите? Јаков 5:16.

 „Христос, нашиот посредник и Светиот Дух постојано се залагаат за човекот, но Духот не посредува така како што тоа го прави Христос кој се повикува на Својата крв, пролеана од создавањето на светот; Духот делува на нашите срца, поттикнувајќи нѐ на молитва, покајание,  пофалби и благодарност. Благодарноста која тече од усните е резултат на делувањето на Светиот Дух кој, допирајќи ги жиците на светите спомени во нашата душа, ја буди музиката на срцето.“ – Библиски коментари, 648.

„Апелите, молбите, барањата во меѓусебните односи ги придвижуваат луѓето и имаат своја улога при извршувањето на државните работи. Но, молитвата е во состојба да го придвижи небото! Само силата која доаѓа како одговор на молитвата ќе ги научи луѓето на небесната мудрост и ќе ги оспособи да работат во единството на Духот, меѓусебно поврзани со врските на мирот. Молитвата, верата, довербата во Бога, ни донесуваат божествена сила која човечките пресметки ги прикажува во нивната вистинска светлина и вредност – како ништожност.“ – In Heavenly Places, p. 75.

Вторник                                                                                  31. јули

  1. МОЛИТВА ЗА СВЕТОСТ

 а.     Како Исус нѐ учи да се молиме кога ќе осознаеме дека сме грешници? Лука 18:13.

 „Бог не се откажува од нас поради нашите гревови. Ние можеме да правиме грешки и да го жалостиме Неговиот Дух, но кога ќе се покаеме и ќе дојдеме кај Него со скршени срца, Тој нема да нѐ отфрли.“ – Faith and Works, p. 35.

„Кога ќе се молиме на Бога да ни се смилува во нашата неволја и да нѐ води со Својот Свет Дух, Тој никогаш нема да ја одбие нашата молитва.“ – God’s Amaz­ing Grace, p. 207.

б.    Кој став, како грешници, треба да го отфрлиме? Лука 18:11.12.

 „Самоправедноста е опасност на ова време; таа ја одделува душата од Христа. Оние што се потпираат во сопствената праведност не можат да разберат како спасението доаѓа преку Христа. Тие го нарекуваат гревот праведност, а праведноста грев. Тие не го разбираат злото на престапот, ниту ја сфаќаат стравотијата и сериозноста на законот; бидејќи не го почитуваат Божјиот морален стандард.“ – Faith and Works, p. 35.

в.     Какво е Божјото ветување во поглед на секоја молитва која содржи искрено признавање на гревот? Лука 18:14; 1 Јованово 1:9.

 „Непријателот ќе дојде кај вас, и ќе рече: ‘Нема потреба да се молиш. Зарем не го направи тоа зло? Зарем не си погрешил против Бога? Зарем не си работел против својата совест?’ Одговорете му: ‘Да, но Христос ме поттикнува да се молам. Тој рекол: Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда!’“ – The Bible Echo, February 15, 1893.

„Никогаш не е отфрлен ниту еден кој излегол пред него со скршено срце. Не е загубена ниту една искрена молитва. И среде песните на небесните хорови Бог го слуша викотот на своето најслабо човечко создание. Кога желбите на нашето срце ги излеваме во нашата клет, кога ги искажуваме нашите молби додека одиме по пат, нашите зборови допираат до престолот на Владетелот на вселената. Тие можеби се нечујни за секое човечко уво, но не можат да се загубат во просторот, ниту пак може да ги задуши бучавата на деловните дејности околу нас. Ништо не може да ги задуши барањата на душата. Над уличниот шум, над вревата на мноштвото, тие се издигнуваат кон небесните дворови. Ние му се обраќаме на Бога и Тој ги слуша нашите молитви.“ – Христовите очигледни поуки, 174.

Среда                                                                                              1. август

  1. МОЛИТВА ЗА МУДРОСТ

а.     Што му нуди Бог на секој од нас, ако бараме? Како треба да бараме? Јаков 1:5.6.

„Не треба да одите дури до крајот на светот за да добиете мудрост, зашто Бог е близу. Способностите што ги имате сега или што ќе ги стекнете допрва нема да ви обезбедат успех. Успех ќе ви обезбеди она што може Бог да го стори за вас. Ние треба да имаме многу помалку доверба во она што може да го стори човекот, а многу повеќе доверба во она што може Бог да го стори за секого кој верува. Тој копнее да го побарате со вера. Тој копнее од него да очекувате големи дела. Тој копнее да ви помогне да ги разберете и земните и духовните прашања. Тој може да ја изостри вашата интелигенција. Тој може да ви даде тактичност и вештина. Употребете ги своите способности, барајте од Бога мудрост и ќе го добиете она што го барате.“ – Христовите очигледни поуки, 146.

б.    Како Божјата мудрост ќе нѐ одвои од луѓето кои се околу нас? Псалм 119:97-100; Второзаконие 4:5-9.

 „Послушноста кон неговите природни закони би придонела земјата ширум да ги отвори своите граници, а послушноста кон неговите морални закони би помогнала срцата на луѓето да ги одразуваат особините на неговиот карактер. Дури и многубошците требало да ја увидат надмоќноста на оние кои му служат и го обожаваат вистинскиот Бог.“ – Христовите очигледни поуки, 289.

 в.     Како треба да бараме мудрост? Кои две барања Бог ги става пред нас, за да можеме да ја примиме Неговата мудрост? Изреки 2:1-6.

 „Невозможно е да ја проучувате Библијата со понизен дух, подготвен на поучување, без да ги развивате и зајакнувате интелектуалните способности. Оние кои најдобро ќе ја запознаат Божјата мудрост и Неговите намери откриени во Неговата Реч, стануваат мажи и жени со умствена сила, и тие можат да станат ефикасни соработници на големиот Учител, Исус Христос.“ – Fundamentals of Christian Education, p. 432.

Четврток                                                                              2. август

  1. МОЛИТВА СО БЛАГОДАРНОСТ

а.     Што често забораваме во нашите лични молитви? Филипјаните 4:6.

„Нашата побожност не смее да се изразува само преку барањето и примањето. Ние не треба секогаш да мислиме на нашите потреби, а никогаш на благословите што ги примаме. Ние воопшто не се молиме премногу, туку премногу сме штедливи во благодарењето. Ние постојано примаме Божја милост, а сепак, колку малку благодариме, колку малку го фалиме Бога за сето она што го сторил за нас!“ – Патот кон Христа, 102.103.

б.     За што секој ден можеме да му бидеме благодарни на Бога? Псалм 68:19; Плачот на Еремија 3:22-25.

„Ако нашите сетила не беа отапени од гревот и од размислувањата за мрачните сцени кои сатаната постојано ги презентира пред нас, горливи и постојани изливи на благодарност би течеле од нашите срца кон Оној кој секојдневно нѐ опсипува со благослови за кои сме потполно недостојни. Вечната песна на искупените ќе биде пофалба за Оној кој нѐ љубел и измил од нашите гревови во Својата крв; и ако сакаме еден ден да ја пееме таа песна пред Божјиот престол, мораме да ја научиме уште овде.“That I May Know Him, p. 168.

Петок                                                                                     3. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

  1. Зошто е толку важно нашите лични молитви да ги изнесеме во тајност?
  2. Која сила ни се дава како одговор на молитвата, и како неа треба да ја искористиме за доброто на другите?
  3. На која молитва Бог секогаш одговара без двоумење?
  4. Кога оние кои се околу нас ќе ги согледаат големите придобивки во служењето и почитувањето на Бога?
  5. Која песна треба да ја научиме овде на земјата, за да можеме да се придржиме на откупените додека ја пеат на небото?
Сподели го ова:

Слични објави