3. Молитва во Псалми
- лекција Сабота, 21. јули 2018.
Молитва во Псалми
„Како што кошутата копнее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе“ – Псалм 42,1.
„Божјиот Дух ме упати на многуте охрабрувања што ни се дадени во Псалмите… Кога нашиот народ би ги сфатил можностите кои се кријат во јаката вера и молитвата, во нашите цркви би дошло до одлучна промена. Оние кои сега се обесхрабрени и загрижени ќе бидат издигнати над своите разочарувања и ќе се радуваат во Господа.“ – Australasian Union Conference Record, April 29, 1907.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 8 Сведоштво, 270-278.
Недела 15. јули
- ПРИСТАП КОН ПРЕСТОЛОТ НА БЛАГОДАТТА
а. Кои се некои од темите кои Давид ги изнел во Псалмите во врска со искуството на христијаните? Псалм 25:16-18; 28:2.7.8.
б. Што може еден грешник кој се кае со сигурност да очекува кога искрено бара прошка од Бога? Псалм 51:1-6.
„Покајанието, како што е ова, ги надминува нашите сили и ние не можеме да го постигнеме, туку можеме да го добиеме само од Христа, кој се издигнал во височините и им дал дарови на луѓето.
Токму овде мнозина грешат и затоа не ја добиваат помошта што сака да им ја даде Христос. Тие мислат дека не можат да му пристапат на Христа ако прво не се покајат и дека покајанието ги приготвува за простување на нивните гревови. Вистина е дека покајанието му претходи на простувањето на гревовите, бидејќи само скршеното и понизно срце чувствува потреба за Спасителот. Но мора ли грешникот да чека да се покае па дури тогаш да може да дојде кај Исуса? Треба ли покајанието да се подигнува како пречка меѓу грешникот и Спасителот?“ – Патот кон Христа, 25.26.
Понеделник 16. јули
2. КОГА БОГ ПРОСТУВА
а. Под кои услови грешникот може да добие Божја милост? Псалм 32:5.
„Условите за добивање на Божјата милост се едноставни, праведни и разумни. Господ не бара од нас да се изложуваме на маки за да добиеме простување на гревот. Не мораме да одиме на долги и исцрпни поклоненија, или пак да вршиме мачни покори за да му ја препорачаме нашата душа на небесниот Бог или пак да ги окаеме своите престапи, туку оној кој признава и го остава својот грев добива милост.“ – Патот кон Христа, 37.
„Кога Тој ќе дозволи на нас да наидат искушенија и маки, тоа е ‘за полза, та да учествуваме во Неговата светост’ (Евреите 12:10). Колку искушението да ни изгледа тешко и горчливо, ако се поднесува со вера, ќе донесе благослов. Суровиот удар, кој ги однесува земните радости, може да послужи како средство нашиот поглед да го насочи кон небото. Колкумина има такви кои никогаш не би го запознале Исуса кога страдањето не би ги натерало да побараат утеха во Него!…
Господ ќе им помогне на сите кои се надеваат во Него. Луѓе од вера ќе постигнат драгоцени победи. Тие ќе научат драгоцени поуки. Ќе добијат драгоцени искуства…
Христос го подига скрушеното срце и ја облагородува нажалената душа сѐ додека таа нѐ стане Негово престојувалиште.“ – Sons and Daughters of God, p. 302.
б. Што правел Давид додека се приближувал до Бога, и каков бил Божјиот одговор? Псалм 66:17-20.
„Спасителот секогаш е подготвен да ја чуе и да ја прими молитвата на скршеното срце, и кај Неговите верници постојано ќе се умножуваат милоста и мирот. Тој со задоволство им ги дава благодатите, толку неопходни во борбата против злото на кое постојано се изложени.“ – Делата на апостолите, 532.
в. До кој степен Бог ги простува нашите гревови? Псалм 103:3.12-14.
„Дозволете му на Христа, божествениот Живот, да престојува во вас и преку вас да ја открие небесната љубов која ќе им влее надеж на оние кои ја изгубиле и ќе им донесе мир на срцата скрушени во гревот.“ – Мисли од гората, 114.115.
Вторник 17. јули
- ПРАВИЛЕН СТАВ
а. Со каков дух Давид го барал Господа во молитва? Како неговиот практичен живот ја одразувал состојбата на неговото срце? Псалм 26:2-5.8; 119:58.
б. Кои дела ја откриваат внатрешната промена на срцето? Исаија 1:16.17; Езекиел 33:15.
„Бог не може да го прифати признанието без искрено покајание и промена. Мора да се видат решителни промени во животот; сè што го навредува Бога мора да биде отфрлено. Тоа ќе биде последица на вистинското жалење поради гревот.“ – Патот кон Христа, 39.
„Единството со Христа преку жива вера е трајно; секое друго единство мора да пропадне… Но, ова единство ќе нѐ чини нешто… Мора да дојде до болно одвојување како и до болно припојување… Гордоста, себичноста, суетата и световноста – гревот во сите негови форми мора да биде победен ако сакаме да се соединиме со Христа. Причината поради која мнозина христијанскиот живот го сметаат за тежок, поради која се непостојани и променливи, е што се обиделе да се прилепат за Христа без одвојување од овие сакани идоли.“ – The Faith I Live By, p. 221.
в. Каков став Бог сака да имаме додека доаѓаме пред Него? Псалм 95:2; 100:4.
„Бог сака Неговите послушни деца да бараат Негов благослов и да доаѓаат пред Него, славејќи го и заблагодарувајќи Му. Бог е Извор на животот и силата. Тој може да ја претвори пустината во плодна почва за народот кој ги држи Неговите заповеди, зашто тоа е за слава на Неговото име. Она што Тој го направил за Својот избран народ би требало да го исполни со благодарност секое срце; но Тој е жалостен што Му се оддава толку малку благодарност. Тој сака да види посилни изрази на благодарност од страна на Својот народ, кој на тој начин ќе покаже дека е свесен за причините на својата радост и задоволства.
Треба често да се повторува она што Бог го направил за Својот народ. Колку често Господ поставувал патокази во Своето постапување со стариот Израел!… Мораме често да зборуваме за Божјата добрина и да го славиме поради Неговите прекрасни дела.“ – 6 Сведоштво, 364.365.
Среда 18. јули
4. ВЕРА И ДОВЕРБА
а. Со кои зборови Давид ја изразил својата вера во Господа? Псалм 27:1-5.
„Нашиот Бог владее со небото и земјата и знае точно што ни е потребно. Ние сме во состојба да видиме нешто од она што е пред нас, но ‘сè е голо и откриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме’ (Евреите 4:13). Тој седи на Својот престол, возвишен над целата земна збрка и сè е откриено на Неговиот божествен поглед; и од Неговата големина и мирот на вечноста Тој одредува да биде тоа што Неговото провидение го наоѓа за најдобро.
Ниедно врапче не паѓа на земјата, а Господ тоа да не го запази. Сатанската омраза кон Бога е толкава така што тој ужива да ги уништува дури и немите созданија. Само Божјата заштита ги чува птиците за да нè веселат со својата радосна песна. Тој не ги заборава дури ни врапчињата. ‘Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња’ (Матеј 10:31).“ – 8 Сведоштво, 272.273.
б. Како Давид ја изразил својата доверба во Бога кога бројно бил послаб од земните непријатели? Псалм 56:2.9.11.
„Зошто не покажуваме дека имаме жив Спасител, Оној кој може да оди со нас во темнината како и во светлината, и дека можеме да имаме доверба во Него?…
Видовме облаци кои се испречиле помеѓу нас и Сонцето, но не се жалевме, ниту се облекувавме во вреќи од страв дека никогаш повеќе нема да го видиме Сонцето. Не покажавме загриженост поради тоа, туку чекавме во колку што е можно поведро расположение дека облаците ќе поминат и дека повторно ќе се покаже Сонцето. Исто така е и со нашите неволји и искушенија. Може да изгледа дека облаците ја засолниле од нас светлината на Сонцето на праведноста; но ние знаеме дека лицето на нашиот Откупител не е засекогаш скриено. Тој нѐ гледа со љубов и нежно сочувство. Затоа да не ја отфрламе нашата доверба, која има голема награда, туку, кога облаците ќе се надвиснат над душата да продолжиме својот поглед да го насочуваме онаму каде што ќе можеме да го видиме Сонцето на праведноста и да се радуваме дека имаме жив Спасител. Да размислуваме колку прекрасна беше светлината во која уживавме; нека нашите мисли и понатаму се задржуваат на Исуса, и светлината повторно ќе нѐ осветли, а мрачните мисли ќе побегнат. Ние ќе имаме радост во Христа и пеејќи ќе продолжиме по својот пат кон планината Сион.“ – Our High Calling, p. 65.
Четврток 19. јули
- БОГ ЈА ЗАДОВОЛУВА ЖЕДНАТА ДУША
а. Опиши ја ревноста која треба да ги прати нашите молитви. Псалм 42:1-4.
„Да ги отфрлиме навиките на мрзливост и рамнодушност во која западнавме, и да се молиме како тоа навистина и да го мислиме. ‘Голема сила има усрдната молитва на праведникот’ (Јаков 5:16). Верата цврсто се држи за Божјото ветување и ревно ги упатува своите молби; но кога животот на душата стагнира, надворешните молитви стануваат формални и немоќни.“ – Gospel Workers (1892), p. 426.
б. Каква увереност имаме додека му приоѓаме на Бога среде нашите искушенија и борби? Псалм 77:1.14.15.
„Токму во моментот на најголемото обесхрабрување, божествената помош е најблиска за сите оние кои бараат Божјата рака да ги води. Тие подоцна со благодарност ќе се сеќаваат на најмрачниот дел од својот пат… Од секое искушение, од секоја неволја, Тој ги изведува со поцврста вера и со побогато искуство.“ – Копнежот на вековите, 528.
„Христос ќе ни притекне на помош во секоја неволја. Нашите очи ќе бидат отворени да ги запазиме спасоносните ветувања запишани во Неговата Реч. Светиот Дух ќе нѐ поучи како да го примиме секој благослов што ќе претставува лек против тагата и болката. Ние ќе најдеме лек за секоја горчлива голтка што ќе биде ставена на нашите усни.“ – Здравје и среќа, 248.
Петок 20. јули
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
Во што мнозина грешат и не успеваат да го добијат ветениот благослов?
- Наместо да чиниме големи дела на самопожртвуваност, со цел да добиеме прошка и милост, кои чекори треба да ги преземеме?
- Кој став ќе нѐ наведе на искрено признавање?
- Што треба да правиме кога изгледа дека искушенијата го сокриваат лицето на Сонцето на праведноста од нашите очи?
5. Со каков дух треба да Му пристапиме на Бога? Какво ветување имаме додека така чиниме?