12. Научете да се молите
- лекција Сабота, 22. септември 2018.
Научете да се молите
„Боже, Ти ме поучуваше од младоста моја, и јас сè досега ги објавувам чудесата Твои.“ – Псалм 71:17.
„Во домашна црква, кај семејниот олтар, децата треба да научат да се молат на Бога и да веруваат во Него… Дојдете понизно, со срце полно со нежност, свесни за опасностите кои се закануваат и на вас и на вашите деца; врзете ги со вера за молитвениот олтар, барајќи од Бога Тој да ги чува и води грижа за нив. Обучете ги малите деца да се молат со своите едноставни зборови. Кажете им дека на Бога му е мошне мило кога и тие Го повикуваат.“ – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 110.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Совети за детето, 517-526;
Патријарси и прор., 569-574.
Недела 16. септември
- ТИМОТЕЈ УЧИ ДА СЕ МОЛИ
а. Каде и како Тимотеј научил да се моли? 2 Тимотеј 1:5; 3:14.15.
„Татко му на Тимотеј бил Грк, а мајка му Еврејка. Тој уште од своето рано детство ги познавал светите списи. Побожноста што ја видел во својот дом била здрава и разумна. Верата на неговата мајка и баба во светите пророштва за него претставувала постојан потсетник на благословите што произлегуваат од исполнувањето на Божјата волја. Божјата реч била правило според кое тие две побожни жени го одгледале Тимотеја. Духовната сила на поуките што ги примил од нив го сочувале чист во зборовите и неизвалкан со лошите влијанија на кои бил изложен. Така неговите домашни учители соработувале со Бога, подготвувајќи го за бремето на одговорностите што го очекувале.“ – Делата на апостолите, 203.
„Мајката и бабата на Тимотеј биле обединети во нивните напори да го обучат за Бога. Кој бил нивниот учебник? – Библијата. Павле, како негов татко во евангелието, изјавува: ‘Бидејќи уште од малечок ги познаваш Светите Писанија’“ – Библиски коментари, 783.
Понеделник 17. септември
- САМОИЛО УЧИ ДА СЕ МОЛИ
а. Дали Самоил како мало дете знаел како да го препознае Божјиот глас и Неговите одговори на своите молитви? 1 Самоилова 3:7. Дали ова незнаење било вообичаено во неговите денови? 1 Самоилова 3:1.
„Самоил како дете бил опкружен со најзаводливи влијанија. Сè што гледал и слушал болно ја ранувало неговата душа. Синовите на Илија кои учествувале во светата служба, биле под контрола на сатаната… (Самоил) немал ништо заедничко со гревовите за кои биле ширени страшни извештаи по целиот Израел. Самоил Му бил драг на Бога и бил во толку блиска врска со небото, така што бил испратен ангел од небото за да зборува со него за гревовите на синовите на Илија, кои сè повеќе го расипувале израелскиот народ.“ – 3 Сведоштво, 472.473.
„Пред да ја прими таа порака, ‘Самоил уште не го познаваше гласот на Господа и уште не му беше објавена речта Господова’, што значи дека тој уште не знаел за непосредните откровенија на Божјото присуство какви што им биле давани на пророците. Божја намера била да се открие на неочекуван начин, преку детскиот страв и преку испитување Илија да слушне за тоа.“ – Патријарси и пророци, 582.
б. Како Самоил го помешал Божјиот глас со гласот на својот земен пријател и ментор, Илија? Што на Илија му открило дека Бог го повикува Самоила? 1 Самоилова 3:2-6.8.
„Мислејќи дека го вика Илија, момчето скокнало и потрчало кон постелата на првосвештеникот и рекло: ‘Еве ме, зошто ме викаш?’ А Илија му одговорил: „Не те викав, оди и легни си“. Три пати Самоил бил повикан и три пати одговорил на ист начин. Тогаш Илија се уверил дека таинствениот повик бил Божјиот глас. Господ го заобиколил својот одбран слуга, старецот со седа глава, и му се обратил на дете. Тоа веќе само по себе било горчлив но оправдан прекор за Илија и за неговиот дом.“ – Патријарси и пророци, 581.
в. Дали Бог разговарал со Самоил кога момчето разбрало дека Бог го повикува? Што му рекол Тој? 1 Самоилова 3:11.
Вторник 18. септември
- ДАВИД УЧИ ДА СЕ МОЛИ
а. Кога Давид во своите рани години бил бегалец, барајќи засолниште од лутиот и разјарен цар, која молба ја изнел пред Бога, и како Бог одговорил? 1 Самоилова 23:1.2.4.10-12.
„Царот постојано го гонел Давида, така што овој никаде не можел да се смири. Градот Кеил го ослободил од опасноста што му се заканувала од страна на Филистејците, но со своите луѓе не се чувствувал безбеден дури ни меѓу оние што ги ослободил. Од Кеил се повлекле во пустината Зиф.“ – Патријарси и пророци, 660.
б. Откако Давид станал цар и паднал во искушение, каква молитва му упатил на Бога? Псалм 51:1-4.7.
„Давидовата молитва по паѓањето, покажува како изгледа вистинската жалост поради гревот. Неговото покајание било искрено и длабоко. Во молитвата не вложувал напор да ја намали својата вина; не изразувал желба да ја избегне казната што му се заканувала. Давид ја увидел големината на својот престап; сфатил дека ја извалкал душата; се гнасел од својот грев. Не се молел само за простување, туку за очистување на срцето.“ – Патот кон Христа, 24.25.
в. За што се молел Давид, и со каква цел? Псалм 51:12.13.
„Бог сакал историјата на Давидовиот пад да послужи како опомена дека дури ни оние што Тој ги благословил со своја исклучителна наклоност не можат да бидат сигурни ако ги занемарат будноста и молитвата… Од поколение во поколение илјадници на тој начин биле упатени да ја сфатат сопствената опасност од моќта на искушувачот. Посматрајќи го падот на тој човек што Бог толку високо го ценел, ја губеле довербата во својата сопствена сила.“ – Патријарси и пророци, 724.
Среда 19. септември
- МАНАСИЈА УЧИ ДА СЕ МОЛИ
а. Кој бил Манасија? Опишете го неговиот карактер на почетокот на неговото владеење. 2 Летописи 32:33; 33:1-10.
„Јудиното царство, кое цветало за време на Езекиевото владеење, повторно паднало ниско во текот на безбожното Манасиево владеење, кога безбожништвото повторно оживеало и мнозина од народот повторно потонале во идолопоклонство. ‘Манасиј ги заведе Јудејците и Ерусалимците та правеа уште полошо од незнабошците.’ (2. Летописи 33:9). Величествената светлина на изминатите поколенија ја заменила темнина на суеверие и заблуда. Се појавиле и рашириле големи зла: тиранија, угнетување и омраза на сѐ што е добро. Правдата била изопачена, а насилството сѐ повеќе земало замав.“ – Пророци и цареви, 381.
б. Кое искуство Бог дозволил да го снајде овој горд цар за да го привлече неговото внимание и да го научи да се моли? 2 Летописи 33:11. Која била последицата поради неговото толку долго одлагање на молитвата?
„Со желба на народот да му покаже што ќе го снајде ако не се покае, Господ дозволил царот да биде заробен од еден одред асирски војници, кои “го врзаа во двојни железни вериги и го одведоа во Вавилон,” нивната привремена престолнина. Таа неволја го освестила царот: ‘Се молеше и Бог му се смилува та го послуша неговото просење и го врати во Ерусалим во царството. Тогаш Манасија созна дека Господ е Бог.’ (2. Летописи 33:11-13). Но ова покајание, колку и да било значајно, дошло многу доцна за да го спаси царството од изопаченото влијание на долгогодишното идолопоклонство. Мнозина сѐ лизнале и паднале, повеќе никогаш да не се подигнат.“ – Пророци и цареви, 383.
в. Каков бил резултатот од новооткриениот молитвен живот на Манасија? 2 Летописи 33:12.13.15.16. По што тој бил познат во моментот на неговата смрт? 2 Летописи 33:18.19.
Четврток 20. септември
- НЕЗНАБОШЦИТЕ УЧАТ ДА СЕ МОЛАТ
а. Што го навело незнабожецот Неман да го прифати Создателот како свој Бог? 2 Царевите 5:1.9-15.
„Иако била робинка, далеку од својот дом, ова девојче била Божји сведок и несвесно ги извршувала оние задачи кои Бог му ги наменил на Израел како на свој избран народ. Служејќи во незнабожечка куќа, се сожалила на својот господар, и сеќавајќи се на чудесните исцелувања кои ги извршил Елисеј, и рекла на својата господарка: ‘О, да отидеше мојот господар при пророкот, кој е во Самарија, и тој би го ослободил од лепрата.’ (2. Царства 5:3). Знаела дека Елисеј поседува небесна сила и верувала дека тој со таа сила може да го излечи Неман.
Однесувањето на оваа девојка во незнабожечката куќа претставувало силен доказ за силата и важноста на раното домашно воспитување.“ – Пророци и цареви, 244.245.
б. Кое искуство го навело некогашниот незнабожечки владетел, Навуходоносор, да покаже понизна доверба во Бога? Даниел 4:28-36. Какво било неговото верско искуство по неговото понижување? Даниел 4:2.3.37.
„Царот Навуходоносор, пред кого Даниел толку често ја возвишувал честа на Божјото име, конечно бил целосно преобратен и научил да Му ‘оддава слава и величие на Небесниот Цар’.
Царот на вавилонскиот престол станал сведок за Бога, давајќи го своето сведоштво со огнени и убедливи зборови, од благодарно срце кое станало учесник на благодатта и милоста, правдата и мирот – учесник во божествената природа.“ – Библиски коментари, 386.387.
Петок 21. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
- Како мајката и бабата на Тимотеј го обучувале за Бога?
- Зошто Бог избрал да разговара со детето Самоил?
- Што ја покажува искреноста на Давидовата молитва по неговиот пад? Дали неговиот пријател го изневерил?
- Што можеме да научиме за Бога од молитвата на Манасија?
- Како Божјите сведоци ги навеле незнабожечките владетели да се молат на Бога?