7. Чекање и стражарење
7. лекција Сабота, 12. август 2017.
Чекање и стражарење
„Кој се даде самиот Себе за нас, за да нè избави од секакво беззаконие и да нè очисти, та да Му бидеме народ избран, ревносен кон добри дела.“ – Тит 2,14.
„(Христос) покажал што значи да се очекува Неговото доаѓање. Времето треба да се поминува не во неактивно чекање, туку во напорна работа.“ – Христовите очигледни поуки, 325.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христ. очигледни поуки, 353-365.
Недела 6. август
1. ПОВИКАНИ НА СЛУЖБА
а. Која парабола Исус ја кажал во врска со Неговото повторно доаѓање? Матеј 25,13-15.
„Човекот што отпатувал во далечна земја го претставува Христа кој, многу бргу откако ќе ја изнесе оваа парабола, ќе мора да ја напушти оваа земја и да се врати на небото. Слугите во параболата ги претставуваат Христовите следбеници…
Нашиот Господ учи дека вистинска цел на животот е службата. Самиот Христос бил работник и затоа на сите Свои следбеници им определува соодветна служба – служба на Бога и на своите ближни.“ – Христовите очигледни поуки, 329.330.
б. Со што се споредени талентите, и колку се тие значајни? 1 Коринтјаните 12,7-11.
„Сите дарови и сите способности, без оглед дали се наследени или стекнати, природни или духовни… треба да се употребат во Христовата служба. Кога ќе станеме Христови ученици, ние му се предаваме Нему со сѐ што сме и што имаме. Тие дарови Тој ни ги враќа прочистени и облагородени за да ги употребиме за Негова слава и на благослов на нашите ближни.“ – Христовите очигледни поуки, 353.354.
Понеделник 7. август
2. ПРАВИЛНА УПОТРЕБА НА ДОВЕРЕНИТЕ ДОБРА
а. Со оглед на сериозноста на времето во кое живееме, што треба да научиме од Христовата парабола за употребата на талентите кои ни се доверени? Матеј 25,16-18.
„Прашањето што најмногу загрижува не е, колку добив? Туку, што правам со она што го имам? Наша прва должност кон Бога и кон нашите ближни е да ги развиваме сите наши способности. Оној кој не ги развива секојдневно своите способности и својата корисност, не ја исполнува целта на животот. Исповедајќи ја својата вера во Христа, ние се обврзуваме дека ќе направиме сѐ што може да се направи во работата за Учителот и затоа мора да ја развиваме секоја наша способност до највисок степен на совршенство за да направиме најмногу добра за кои сме способни.“ – Христовите очигледни поуки, 329.330.
б. Што можеме да постигнеме со правилна употреба на нашите дарови? Матеј 25,19.20.22.
„Способностите што ни недостигаат нема да ги добиеме на некаков натприроден начин. Меѓутоа, додека се служиме со она што веќе го имаме, Бог ќе работи заедно со нас и ќе ја зголемува и зајакнува секоја наша способност. Со секоја жртва што искрено и од срце ќе ја принесуваме во служба на Учителот, нашите сили ќе се зголемуваат. Додека се предаваме себеси на Светиот Дух за да нѐ употреби како свои орудија, Божјата милост ќе дејствува во нас и ќе ни помогне да ги отфрлиме старите склоности, да ги совладаме силните наследени склоности и да формираме нови навики. Ако ги цениме и ги слушаме налозите на Духот, нашето срце ќе се шири за да добие сѐ повеќе и повеќе од Неговата сила, да направи повеќе и подобро. Заспаните сили ќе се разбудат, парализираните способности ќе добијат нов живот…
Чудесно е како може слабиот човек со вера во Божјата моќ да стане силен, решителен и да постигнува големи резултати. Оној кој започнува со скромно знаење, кој го кажува она што го знае, додека истовремено вредно се труди да ги прошири своите сознанија, ќе утврди дека на располагање му стои целокупното небесно богатство. Колку повеќе се труди да ја пренесе вистината, добива сѐ повеќе светлина. Колку повеќе се труди Божјата реч да им ја објасни на другите од љубов кон душите, таа му станува сѐ појасна.“ – Христовите очигледни поуки, 353.354.
Вторник 8. август
3. БЛАГОДАРИМЕ ИЛИ НЕГОДУВАМЕ
а. Како неверниот слуга бил укорен што го злоупотребил својот талент, и зошто таквиот став претставува предупредување за нас? Матеј 25,24-28.
„Мнозина во своите срца го обвинуваат Бога дека е тежок господар, затоа што полага право над нивниот имот и нивната служба. Но ние не можеме да му дадеме на Бога ништо што веќе не е Негово… Сите нешта се Божји, не само со создавањето, туку и со откупот. Сите благослови во овој живот и во животот што ќе дојде носат печат на крстот на Голгота. Затоа обвинувањето дека Господ е тежок господар, жнее каде што не сеел, е лажно.“ – Христовите очигледни поуки, 362.
б. Како Вдахновението ја опишува нашата склоност да се жалиме и оправдуваме, и зошто треба да обратиме внимание на намерите на нашиот Господар за секој еден од нас пред Тој повторно да дојде? Изреки 30,15.16; Исаија 29,24.
„Зајадливоста, наоѓањето на мани кај другите и преострите изрази морате да ги отфрлите. За колку време мислите дека ќе стекнете победа над вашата изопачена волја и недостатоците во вашиот карактер? Вака како што сега напредувате, времето на вашата проверка може да заврши пред да направите решителни напори кои се потребни да стекнете победа над себе и над своите склоности. Вие според Божјото провидение ќе бидете ставени во позиција каде што вашите особености, доколку постојат, ќе се откријат и испитаат.“ – 4 Сведоштво, 341.342.
„Мнозина одлучуваат да си служат себеси и на сатаната со тоа што не прават одлучни напори во настојувањето да ги совладаат недостатоците во својот карактер. Иако мнозина, додека попуштаат на своите грешни склоности, очекуваат дека еден ден ќе станат победници, тие одлучно се определуваат за погибел… Во името на Исуса Христа можеш да станеш победник и сега во ‘овој твој ден’ (Лука 19,42)… Не планирајте и не мислете само за себе. Не можете во целост да бидете Христови сѐ додека поттикнувате себичност макар и во најмала мера. Големата љубов која Спасителот ви ја укажува треба да ја прифатите со исто толку голема понизност и постојана радост. За да бидете среќни, морате да ги контролирате своите мисли и зборови. Тоа ќе бара вешти напори од ваша страна, но морате да го правите тоа ако сакате да бидете признаени како Божји деца. Бидете неуморни во вашите напори. Сатаната се бори за вашите души, и тој мора да биде разочаран.“ – 4 Сведоштво, 344.
Среда 9. август
4. РАЗОТКРИЈТЕ ЈА ИЗМАМАТА И БЕГАЈТЕ ОД НЕА!
а. Како Божјиот Син со својот пример ги демантирал лажните обвиненија на најголемиот непријател на нашите души? Битие 3,4.5; Филипјаните 2,5-8.
„Сатаната ги навел луѓето Бога да го замислуваат како суштество, чијашто основна особина е крута праведност – како свиреп судија, груб и строг доверител. Тој Творецот го претставувал како суштество кое со недоверливо око ги набљудува луѓето за да ги пронајде нивните заблуди и грешки и да ги излее врз нив Своите судови. За да ја отстрани оваа темна сенка, откривајќи му ја на светот бескрајната Божја љубов, Исус дошол да живее меѓу луѓето. Божјиот Син дошол од небото да го објави Отецот.“ – Патот кон Христа, 11.
„Сатаната го прикажува Божјиот закон на љубов, како закон на себичност. Тој вели дека е невозможно да ги исполнуваме прописите на тој закон.“ – Копнежот на вековите, 9 (24).
„Кога би можеле нашите очи да се отворат, би ги виделе злите чети ангели насекаде околу нас, кои настојуваат да пронајдат некое ново средство за да нѐ мачат и да нѐ уништат. Исто така би виделе и Божји ангели како нѐ штитат од нивната моќ, затоа што Божјото будно око секогаш бдее над Израел; Тој ќе ги заштити и спаси Своите верни, ако тие во потполност му се предадат Нему…
Ангелот рече: ‘Имај на ум дека се наоѓаш на маѓепсан терен.’ Видов дека мораме будно да стражариме, имајќи го на себе сето оружје Божјо, земајќи го штитот на верата; тогаш ќе бидеме во состојба да се одржиме и распалените стрели на нечестивиот нема да ни наштетат.“ – Рани списи, 60.
б. Што открива Божјата подготвеност да ни помогне да ги надминеме своите недостатоци и мрзливоста? Псалм 20,1.2.7-9; 94,17.18.
„Секој поттик на Светиот Дух, со кој луѓето ги водел кон добро, со кој ги приближувал кон Бога, е забележан во небесните книги.“ – Христовите очигледни поуки, 361.
„Господ сака Неговиот народ да постигне највисока положба на скалата на успехот за да го прослави со способностите што ги добил од Него. Во Својата милост Тој сторил сѐ за да можеме да покажеме дека ние следиме подобар план од оној според кој се управува светот…
Оние што не добиле големи или многубројни дарови не смеат да се обесхрабрат. Нека го користат она што го имаат, внимателно нека бдеат над секоја слаба страна на својот карактер, трудејќи се со помош на божествената благодат да зајакнат.“ – Христовите очигледни поуки, 358.
Четврток 10. август
5. ПОБЕДОНОСНА СОРАБОТКА СО БОГА
а. Додека се подготвуваме за доаѓањето на нашиот Господ целосно предадени на Неговата служба, која ќе биде нашата и Неговата примарна цел? Тит 2,13.14; Лука 17,10; Псалм 145,10-12.
„Кога Господ ќе побара сметка од Своите слуги, ќе се проверува враќањето на секој талент. Извршената работа го открива карактерот на работникот.
Оние што примиле пет или два таленти, на Господа ќе му ги вратат истите заедно со добивката што ја спечалиле. Правејќи го тоа тие тврдат дека немаат никакви заслуги. Сите нивни таленти им биле дадени на употреба; тие оствариле добивка благодарение на средствата што им биле доверени. Тие увидуваат дека ја извршиле само својата должност. Капиталот му припаѓал на Господа, па и добивката е Негова. Кога Спасителот не би им ја подарил Своја љубов и милост, тие би биле под банкрот за сета вечност.
Меѓутоа, кога Господарот ќе ги прими талентите, Тој ги фали и ги наградува работниците како сите заслуги да им припаѓаат само ним. Неговото лице е полно со радост и задоволство. Тој ужива да ги излее Своите благослови врз нив. За секоја служба и секоја жртва Тој ги наградува, не затоа што е должен да го стори тоа, туку затоа што срцето Му е преполно со љубов и нежност.“ – Христовите очигледни поуки, 360.361.
„Нашиот небесен Отец не бара ниту помалку ниту повеќе од она што ни дал способности да го направиме. Врз плеќите на Своите слуги Тој не става товари што тие не можат да ги носат. ‘Зашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав’ (Псалм 103,14). Сѐ што бара од нас, со Божја милост ние можеме да го направиме.“ – Христовите очигледни поуки, 362.
Петок 11. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како Божјата намера во давањето на талентите честопати погрешно се разбира?
2. Иако си можеби слаб и грешиш, каков е Божјиот план за да ти помогне?
3. Спореди го слугата кој примил еден талент со типичното однесување на луѓето на денешницата?
4. Како можеме да го избегнеме планот на непријателот да го спречи нашето посветување?
5. Објасни на кој начин можеме да стекнеме победа и да станеме вистински, активни Божји слуги?