4. Лажни науки на крајот од времето

Сподели го ова:

4. лекција Сабота, 22. јули 2017.

Лажни науки на крајот од времето

„Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните.“ – Матеј 24,24.

„Постојат опасни ереси кои ќе бидат претставени како библиски учења; затоа треба добро да ја познаваме Библијата, како би можеле да знаеме како да им се спротивставиме. Верата на секој поединец ќе биде тестирана.“ ¬– Евангелизам, 446.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 210–212.

Недела 16. јули

1. ПОТРЕБНА Е БУДНОСТ

а. Со која стратегија се служи непријателот на душите за да заведе многу искрени души кои веруваат во Исусовото скорешно доаѓање? Матеј 24,11.24.

„Ангелите на сатаната се мудри да чинат зло, и тие го создаваат она што некои го сметаат за напредна светлина и ја прогласуваат за нова и прекрасна. Сепак, иако во некои аспекти пораката може да биде вистинита, таа ќе биде помешана со човечки измислици и ќе учи ‘човечки заповеди и учења’. Ако некогаш било време да се стражи и моли со вистинска сериозност, тогаш тоа е сега. Многу од она што е навидум добро и корисно потребно е внимателно да се разгледа со многу молитва, бидејќи станува збор за измамливи и лукави методи на непријателот, да ги наведе луѓето на патот кој се наоѓа многу блиску до патот на вистината и едвај ќе се разликува од него.“ – Евангелизам, 446.
„Сведоштвото на Божјиот Дух е вистинито. Не менувајте ја својата вера за некаква наука која би ја завела душата, па колку и да изгледа привлечна.
Заблудите на сатаната сега се множат, и оние кои ќе свртат од патот на вистината ќе ја изгубат насоката. Немајќи ништо за што би се фатиле, тие ќе бидат носени од една заблуда во друга, додека ветрот на непознатите и чудни науки ќе ги разнесува таму-ваму. Сатаната слегол со голема сила.“ – Евангелизам, 269.

Понеделник 17. јули

2. ОПАСНИ ЗАБЛУДИ

а. Објаснете со кој лукав трик се користел Божјиот непријател во времето на Мојсеј – и како тоа се повторува и денес? Излез 7,10-13; 2 Тимотеј 3,5-9.

„И вражарите исто така покажале знаци и чуда, но тие тоа не го изведувале со своја сила или вештина, туку со помош на силата на сатаната кој, како нивни бог, им помагал да го имитираат делото на Јехова.
Маѓесниците не ги претвориле вистински стаповите во змии, туку со помош на големиот измамник, со ѓаволштини успеале само да предизвикаат таков впечаток. Сатаната не можел стаповите да ги претвори во живи змии. Кнезот на злото, иако сѐ уште ја има сета мудрост и сила на еден паднат ангел, сепак, немал моќ да создава или да дава живот; тоа предимство му припаѓа само на Бога. Но сѐ што било во власта на сатаната, тој го правел; извршил имитација. За човечките очи стаповите навистина се претвориле во змии. Дека тоа е така верувале и фараонот и неговите дворјани. Нивните змии надворешно во ништо не се разликувале од змиите што настанале од Мојсеевиот стап. Иако Господ сторил вистинската змија да ги проголта лажните, сепак фараонот во тоа не видел дело на Божјата сила, туку последици на еден вид маѓепсување посилно од волшебствата на неговите слуги.“ – Патријарси и пророци, 264.

б. Со која измама непријателот на душите наскоро ќе се служи? Откровение 13,13.

„Луѓето ќе бидат измамени со чудата кои сатанските орудија ќе можат да ги прават, а не само да ги имитираат.“ – Големата борба, 553.

в. Со какво предупредување Христос пророкувал за окултизмот? Матеј 24,25.26.

„Зар илјадници луѓе не заминаа во пустината во надеж дека ќе го најдат Христа? И зар на илјадниците собири, на кои луѓето тврделе дека општат со починатите духови, не се слуша плач: ‘Ене го во тајни соби.’ Тоа е токму она што го тврди спиритизмот.“ – Копнежот на вековите, 631.

г. Додека гледаме како пророштвата за волшебните лукавства на спиритизмот се исполнуваат ширум светот, што треба да имаме на ум? Ефесјаните 6,11.12.

Вторник 18. јули

3. РЕАЛНИ ЧУДА И ДУХОВИ

а. Додека се приближува крајот, какви конкретни предупредувања ни се дадени за да не веруваме во знаци и чуда, и зошто? Матеј 24,4; 5,11.24.25.

„Како што Божјиот народ се доближува до опасностите од последните денови, сатаната има сериозни консултации со своите ангели усовршувајќи го планот да ја уништи нивната вера. Тој гледа дека популарните цркви веќе се успиени со неговата измамничка сила. Со привлечно мудрување и лажни чудеса тој ги држи под своја контрола. Затоа тој ги насочува своите ангели да стават стапици, особено за оние кои го очекуваат второто Христово доаѓање и настојуваат да ги држат сите Божји заповеди.
Ние сме предупредени дека во последните денови тој ќе работи со знаци и лажни чудеса. И тој ќе продолжи со овие чуда до крајот на времето на пробата, за да им покаже дека тој е ангел на светлината, а не на темнината…
Некои од нив ќе бидат во искушение да ги прифатат овие чуда како да доаѓаат од Бога. Болните ќе бидат излекувани во наше присуство, пред нас ќе се случуваат чуда. Дали сме подготвени да се спротивставиме на искушението кое нѐ чека кога лажните чуда на сатаната ќе бидат поцелосно откриени? Зар нема многу души да бидат заведени и фатени? Бидејќи се оддалечиле од јасните прописи и заповедите на Бога и поверувале во приказни, мнозина ќе бидат подготвени да ги прифатат овие лажни чуда. Сега сите ние треба да се стремиме да се наоружаме за борба во која наскоро ќе бидеме вовлечени. Верата во Божјото Слово, кое треба со молитва да го проучуваме и практично да го применуваме, ќе биде нашиот штит од моќта на сатаната и ќе ни помогне да победиме со Христовата крв.“ – Maranatha, p. 208.

б. Зошто мораме да бидеме свесни за еден од најомилените окултни трикови на сатаната? 2 Солунјаните 2,9-12; Проповедник 9,5.6.

„Тој (сатаната) има моќ пред луѓето да го имитира ликот на нивните починати пријатели. Имитацијата е совршена: познатиот изглед, зборовите, гласот, сето тоа се прикажува со извонредна точност. Многумина се тешат со уверувањето дека нивните најблиски уживаат во блаженство на небото, и не насетувајќи ја опасноста, слушаат ‘измамливи духови и ѓаволски учења’ (1 Тимотеј 4:1).“ – Големата борба, 552.

Среда 19. јули

4. ИЗБЕГНУВАЊЕ НА МИЛОЗВУЧНИ, ПРИЈАТНИ ФАЛСИФИКАТИ

а. Како проповедањето на Ное се однесува на нас додека подучуваме за сегашната вистина – вклучувајќи ја и светлината која ни е доверена во врска со здравјето? Лука 17,26.27; 1 Петрово 2,11.

„Ное проповедал на луѓето од неговото време дека Бог ќе им даде сто и дваесет години во кое треба да се покајат за своите гревови и да најдат прибежиште во ковчегот; но тие го одбиле овој милостив повик. Ним им било дадено доволно време да се повратат од своите гревови, да ги победат своите лоши навики и да развијат праведен карактер; но склоноста кон гревот, иако во почетокот кај мнозина слаба, зајакнала преку секојдневно попуштање и ги водела кон неповратна пропаст.“ – Review and Herald, October 20, 1885.

б. Зошто Бог ни ја дава здравствената порака за изградба на карактерот, која бара самоодрекување наместо да нѐ води по мазен, лесен пат? Матеј 7,13-15.

„Сатаната ќе чини чуда. Тој ќе направи луѓето да се разболат, а потоа одеднаш ќе ја отстрани од нив сатанската сила. Тие потоа ќе се сметаат за излечени. Овие привидни лекувања ќе ги стават Адвентистите на седмиот ден на тест.“ – Maranatha, p. 208.
„Начинот на кој Христос работел бил да го проповеда Словото, и да ги намали страдањата преку чудесни дела на лекување. Но, наложено ми е дека ние денес не можеме да работиме на ваков начин, бидејќи сатаната ќе ја користи својата моќ да чини чуда. Божјите слуги денес не можат да работат со помош на чуда, бидејќи ќе постојат лажни дела на исцелување, за кои ќе се тврди дека се од небесно потекло.
Заради оваа причина Господ го означил патот по кој Неговиот народ ќе треба да го продолжи делото на физичко исцелување, во комбинација со учењето на Словото. Треба да се основаат санаториуми и со овие институции треба да бидат поврзани и работници кои ќе ја извршуваат вистинската здравствено мисионерска работа. на тој начин се воспоставува заштитно влијание околу оние кои доаѓаат на лекување во санаториумите.
Ова е начинот за кој Господ се погрижил при што здравствено- евангелската мисионерска работа би можела да се извршува за многу души. Овие институции треба да се подигаат надвор од градовите, а во нив образовната програма треба мудро да се спроведува.“ – Medical Ministry, p. 14.

Четврток 20. јули

5. ДА СЕ ВИДИ НЕ ТРЕБА ДА ЗНАЧИ ДА СЕ ВЕРУВА!

а. Опишете ја последната измама на сатаната? 2 Коринтјаните 11,14.

„Како завршен чин во големата драма на измамата, самиот сатана ќе се претстави како Христос. Црквата долго време тврдела дека чека на доаѓањето на Спасителот како на остварување на своите надежи. Сега големиот измамник ќе направи да изгледа дека Христос дошол. Во разни делови на земјата, сатаната ќе се појави меѓу луѓето како величествено суштество со блескава светлина, слично на описот на Божјиот Син даден од страна на Јован во Откровението (Откровение 1,13-15). Славата која го опкружува надминува сѐ што смртните очи некогаш виделе. Вик на триумф одекнува во воздухот: ‘Христос дојде! Христос дојде!’ Луѓето ничкум паѓаат пред него, а тој ги крева рацете и изрекува благослов врз нив, како што Христос ги благословувал Неговите ученици кога бил на земјата. Неговиот глас е мек и придушен, но сепак мелодичен. Со нежен, сочувствителен тон тој изнесува некои од оние прекрасни вистини кои Спасителот ги изговорил; ги исцелува болестите на луѓето а потоа, глумејќи го Христа, тој тврди дека саботата ја променил во недела, и на сите им заповеда да го празнуваат денот кој тој го благословил. Тој изјавува дека оние кои упорно го празнуваат седмиот ден хулат на неговото име, бидејќи одбиваат да ги послушаат неговите ангели испратени од него со светлина и вистина. Ова е силна, речиси неодолива заблуда.“ – Maranatha, p. 276.

б. Имајќи ја во предвид оваа опасност, на што треба да бидеме фокусирани? 2 Коринтјаните 4,8-10.18.

Петок 21. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто библиските доктрини за сегашната вистина се толку важни за крајот на времето?
2. Како можеме да ги објасниме видливите чуда на фараоновите волшебници?
3. Наведи некои од измамите на најголемиот непријател особено насочени против Божјиот остаток?
4. Како општо правило, зошто денес не се препорачува да очекуваме моментални исцелувања?
5. Како ќе го препознаеме претстојниот фалсификат на Христовото скорешно доаѓање?

Сподели го ова:

Слични објави