14.Конечен исход

Сподели го ова:

14. лекција Сабота, 30. септември 2017.

Конечен исход

„Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат.“ – 1 Коринтјаните 2,9.

„Обидете се да го замислете домот на спасените, но имајте на ум дека тој ќе биде многу пославен од сè што би можело да го наслика дури и најразиграната мечта.“ – Патот кон Христа, 86.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 658-678.
Воспитување, 301-309.

Недела 24. септември

1. СУДБИНАТА НА ПАДНАТАТА ПЛАНЕТА

а. Што се случува на планетата Земја, кога нејзиниот Творец се враќа? Исаија 24,1.3.5.6; Еремија 4,23-26.

„При Христовото доаѓање грешниците ќе бидат избришани од лицето на целата земја – убиени со духот на Неговата уста и уништени со славата на Неговото доаѓање. Христос својот народ ќе го поведе во Божјиот град и земјата е испразнета од своите жители….

Цела земја се претвора во ненаселена пустина. На површината на земјата лежат расфрлени урнатини од градовите и селата разурнати од земјотреси, искорнати дрвја, карпи исфрлени од морето или одронети од планините, додека огромни бездни ги обележуваат местата каде што стоеле планините.“ – Големата борба, 657.

б. Што се случува со оној кој ја расипал планетата? Откровение 20,1.2.

„(Еремија 4,23-26). Тука ќе престојуваат сатаната и неговите зли ангели за време на тие илјада години.“ – Големата борба, 659.660.

 

Понеделник 25. септември

2. ИЛЈАДА ГОДИНИ

а. Објасни во која смисла сатаната е окован за 1000 години? Откровение 20,3.

„Ограничен само на земјата, тој ќе нема пристап на другите светови да ги искушава и да ги вознемирува оние што никогаш не згрешиле. Во оваа смисла тој е врзан; нема повеќе никој над кого би можел да владее. Во никој случај тој не може повеќе да мами и да упропастува, што со векови била негова единствена радост…

Дури и грешниците сега се надвор од моќта на сатаната. Сам со своите демони, сатаната може да ги согледа последиците на проклетството што го донел гревот…
Илјада години сатаната ќе талка на опустената Земја да ги набљудува последиците на својот бунт против Божјиот закон. Во тоа време тој многу ќе страда.“ – Големата борба, 659.

б. Која задача се врши на небото од страна на спасените од сите генерации, кои ќе се воздигнат за да се сретнат со Христа во воздухот? Откровение 20,4.6; 1 Коринтјаните 6,2.3.

„Заедно со Христа тие ќе им судат на грешниците споредувајќи ги нивните дела со Книгата на законот, со Библијата, и ќе го решат секој случај според делата што се направени во тело…

Христос и Неговиот народ исто така ќе им судат на сатаната и на неговите зли ангели.“ – Големата борба, 661.

в. На кое место на земјата Христос и новиот Ерусалим слегуваат од небото на крајот од илјадата години? Захарија 14,4.9; Откровение 21,1.2.

„Кога новиот Ерусалим во својот блескав сјај ќе се спушти од небото, ќе се постави на очистено и за тоа приготвено место, а Христос со Својот народ и со ангелите ќе влезат во Светиот град.“ – Големата борба, 663.

 

г. Во какво расположение станува народот во воскресението после илјада години? Откровение 20,5 (прв дел), 7.8. 

Вторник 26. септември

3. ИЗМАМА КОЈА ВОДИ ВО ПРОПАСТ

а. Објаснете го последниот измамнички трик на сатаната, неговата реализација и последиците. Откровение 20,9-15; Малахија 4,1.

„Но штом ќе се разбудат мртвите грешници, и тој на своја страна ќе види толкаво мноштво, неговите надежи пак оживуваат и тој одлучува да не ја напушти големата борба. Тој ќе ја собере под свое знаме сета војска на изгубените за со нив да се обиде да ги оствари своите намери. Грешниците се робови на сатаната. Отфрлајќи го Христа, тие ја прифатиле власта на бунтовниот водач. Тие се готови да ги прифатат неговите предлози и да ги извршат неговите наредби. Но, верен на своето поранешно лукавство, тој не признава дека е сатана. Тој тврди дека е кнез кој е вистински сопственик на светот, на кого му е одземено наследството на незаконит начин. Тој на своите заведени приврзаници им се претставува како избавител, уверувајќи ги дека неговата моќ ги подигнала од гробовите и дека тој сега сака да ги ослободи од свирепото насилство. Бидејќи Христос е отсутен, сатаната прави чуда за да го поддржи своето тврдење. Тој слабите ги прави силни и сите ги исполнува со својот сопствен дух и енергија. Предлага да ги поведе да ги нападнат светите и да го заземат Божјиот град…
Со војничка точност се упатуваат збиените редови преку испуканата и нерамна земна површина кон Божјиот град. На Исусова заповед се затвораат сите капии на новиот Ерусалим, а војската на сатаната го опколува градот и се приготвува за напад.“ – Големата борба, 663.664.
„Од небото од Бога слегува оган. Земјата се отвора. Оружјето скриено во нејзините длабочини се исфрла надвор. Од секоја отворена бездна блика пламен кој уништува. И самите карпи се палат…
Грешниците ја примаат својата плата на земјата… Некои ќе бидат уништени во еден миг, додека други ќе се мачат повеќе денови. Сите ќе бидат казнети „според своите дела“ (Псалм 28,4). Бидејќи гревовите на праведниците паднале врз сатаната, тој мора да пати не само за своите лични гревови, туку и за сите гревови на кои го навел Божјиот народ. Неговата казна ќе биде далеку поголема од казната на оние што ги измамил. Кога ќе бидат уништени сите што подлегнале на неговите измами, тој и понатаму ќе биде жив и ќе се мачи. Најпосле сите грешници ќе бидат истребени со огнот што ги чисти и коренот и гранките – сатаната како корен, а неговите следбеници како гранки. Применета е полна законска казна, барањата на Законот се задоволени, а небото и земјата, набљудувајќи го сето тоа, ја признаваат Господовата праведност.“ – Големата борба, 672.673.

Среда 27. септември

4. СОЧУВАНИ ЗА ВЕЧНОСТ

а. Како Христос ќе ги заштити праведниците од неизгасливиот оган? Псалм 84,11.

„Додека земјата е обвиена со оган кој уништува, праведниците се сигурни во Светиот град.“ – Големата борба, 673.

б. Кој славен настан ќе го круниса чистењето на Земјата? Откровение 21,1.

„Огнот што ги уништува грешниците ја прочистува земјата. Отстранета е секоја трага на проклетството. Никаков вечен пекол нема да ги потсетува откупените на страшните последици на гревот.“ – Големата борба, 674.

в. Додека живееме на планетата потоната во страдања и проблеми, каде ние денес треба да го бараме нашиот вечен дом? 2 Петрово 3,13; 1 Коринтјаните 2,9.

„Највозвишениот јазик не може да ја опише славата на небото ниту љубовта на Спасителот која со ништо не може да се спореди.“ – Рани списи, 289.
„Стравот на наследството на светите да се гледа во премногу материјална смисла ги навело мнозина на духовно или нематеријално претставување на оние вистини кои нѐ упатуваат да гледаме на новата земја како на наш дом. Христос ги уверувал Своите ученици дека оди да подготви станови за нив. Оние кои го прифаќаат учењето на Божјото Слово нема да бидат во целосно незнаење во врска со небесното живеалиште.“ – The Story of Redemption, p. 430.

г. Каков величествен опис Јован ни дава за новата земја? Откровение 21,3.4; 22,1-5.

„Таму течат потоци кои вечно жуборкаат, бистри како кристал, на чиишто брегови се лелеат дрвја кои со своите сенки ги постилаат патеките што им ги приготвил Господ на откупените. Таму пространите рамнини прераснуваат во прекрасни брегчиња, а Божјите гори ги издигнуваат своите возвишени врвови. На тие тивки полјани, по крај тие живи потоци, Божјиот народ, кој бил толку долго патник и поклоник, ќе најде своја татковина.“ – Големата борба, 675.

Четврток 28. септември

5. ВЕЧНА РАДОСТ

а. Што ќе биде повторно воспоставено на новата земја? Исаија 35,5-10; 65,25. Како е опишан животот на небото?

„Видов поле со висока трева, највеличествена по изглед; таа беше свежо зелена, со сребрено златен блесок и достоинствено се вееше во слава на Исуса. Потоа влеговме во поле полно со сите видови животни – лав, јагне, леопард и волк – сите заедно во совршена заедница.“ – Рани списи, 18.
„Суровите ќе станат нежни, а плашливите полни со доверба.“ – Воспитување, 304.

б. Кој ќе биде центар на сѐ што ќе се случува во сета вечност, и како тоа ќе биде признаено? Захарија 13,6; Откровение 7,15-17; 5,13.

„Никаков пламен на вечен пекол нема да ги потсетува откупените на страшните последици на гревот. Само еден потсетник останува: нашиот Спасител секогаш ќе ги носи лузните на распнувањето.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 4, p. 489.
„ Како што годините на вечноста поминуваат, ќе носат се побогати и почудесни откритија за Бога и Христа. Со зголемувањето на знаењето ќе расте и нивната љубов нивната стравопочит и среќа. Колку повеќе луѓето ќе знаат за Бога, сè посилно ќе му се восхитуваат на Неговиот карактер…
Големата борба е завршена. Грев и грешници нема веќе. Целата вселена е чиста. Насекаде во безмерниот универзум владеат апсолутна хармонија и радост. Од Оној кој создал сè тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечните простори. Од најмалечкиот атом, до најголемиот свет, сè што е создадено, и живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост зборуваат дека Бог е љубов.“ – Големата борба, 678.

Петок 29. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто е толку важно да се подготвиме за Христовото скоро доаѓање?
2. Објасни ја често погрешно сфатената цел на милениумот?
3. Објасни го последниот трик на сатаната, и зошто луѓето ќе бидат измамени?
4. Што треба да разбереме за животот на новата земја?
5. Која ќе биде темата на вечноста, и зошто сега треба да ја цениме?

Сподели го ова:

Слични објави