11.Божја мудрост во одредување на времето
11. лекција Сабота, 9. септември 2017.
Божја мудрост во одредување на времето
„Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат.“ – 2 Петрово, 3,9.
„Вистина е дека времето е продолжено подолго отколку што ние очекувавме во првите денови на оваа порака. Нашиот Спасител не се појави кога Го очекувавме. Но, дали Божјото Слово изневери? Воопшто не! Треба да запомниме дека Божјите ветувања и закани се условни.“ – Евангелизам, 523.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Selected Messages, bk. 1, pp. 185–192.
Рани списи, 56–58, 69–73, 111–114.
Недела 3. септември
1. БОЖЈО СОЖАЛУВАЊЕ
а. Објаснете ја Божјата цел за секое човечко суштество, што го создал? 1 Тимотеј 2,3-6.
„Господ е долготрпелив, не сака некој да загине; но Неговото трпение има граница, и кога таа граница ќе се премине, друго време на милост повеќе нема да има. Неговиот гнев ќе се распали така што повеќе нема да има лек.“ – The Youth’s Instructor, March 28, 1905.
б. Зошто Бог не му дозволил на Израелскиот народ директно да завладее во ветената земја? Евреите 3,7-11.
„Бог не предвидел Неговиот народ Израел четириесет години да талка во пустината. Тој ветил дека ќе ги одведе директно во Хананската земја и дека таму ќе насели свет, здрав и среќен народ. Меѓутоа, оние на кои најпрвин им било проповедано не влегле ‘поради неверието’ (Евреите 3,19).“ – Евангелизам, 523.
Понеделник 4. септември
2. ПРИЧИНИ ЗА ПРИВИДНО ОДЛАГАЊЕ
а. Со каква опасност се соочуваме денес, како верници? Евреите 3,12.13.
„Полни четириесет години неверството, мрморењето и бунтот го одвојувале древниот Израел од Хананската земја. Истите гревови го одложуваат влезот на денешен Израел во небесниот Ханан. Во ниту еден случај Божјите ветувања не изневериле. Неверството, љубовта кон светот, непосветеноста и раздорите меѓу оние кои се сметале за Божји народ нѐ задржале толку многу години во овој свет на грев и јад.“ – Евангелизам, 524.
б. Зошто изгледа дека Господ го одлага своето доаѓање? 2 Петрово 3,9.
„Долгата мрачна ноќ е тешка и мачна, но утрото се одлага заради милост, затоа што ако Господарот дојде, мнозина ќе се најдат неподготвени. Причината за толку долгото одлагање е во тоа што Бог не сака Неговиот народ да пропадне.“ – Евангелизам, 522.
„Од милост кон светот, Исус го одлага Своето доаѓање, за грешниците да имаат можност да го слушнат предупредувањето и во Него да побараат засолниште пред да се излее Божјиот гнев.“ – Големата борба, 458.
в. Кој е во состојба да растера голем дел од духовниот мрак кој ја обвиткува нашата планета? 2 Петрово 3,11.12; 1 Коринтјаните 15,34.
„Господ во својата сомилост се обидува да го просветли разумот на оние кои сега талкаат во темнината на заблудата. Тој го одлага својот суд над непокајаниот свет, со цел Неговите светлоносци да ги пронајдат и спасат изгубените.“ – The Review and Herald, March 31, 1910.
г. Како можеме да го забрзаме Христовото доаѓање? 2 Коринтјаните 5,20; Матеј 24,14.
„Проповедајќи го евангелието по светот, ние сме во можност да го забрзаме доаѓањето на Господа. Ние не треба само да го очекуваме, туку и да го забрзаме доаѓањето на Божјиот ден.“ – Копнежот на вековите, 488 (633).
Вторник 5. септември
3. ДОПОЛНИТЕЛНА СИЛА ЗА ЗАБРЗУВАЊЕ НА НАСТАНИТЕ
а. Како проповедањето на Евангелието ќе ја достигне својата кулминација во последните денови? Захарија 10,1; Јоил 2,23.
„Големото дело на евангелието нема да се заврши со помала манифестација на Божјата сила од онаа што го одбележала неговиот почеток. Пророштвата што се исполниле со излевањето на раниот дожд во почетокот на евангелието пак ќе се исполнат со позниот дожд и при неговото завршување.“ – Големата борба, 611.612.
б. Што уште треба да се придодаде на доцниот дожд – излевање на Божјиот Дух без мерка? Јоил 2,17.18; Дела 3,19.20.
„Видов дека во ‘освежувањето’ ќе учествуваат само оние што ќе го победат и отстранат секој вкоренет грев: гордост, себичност, љубов кон светот и секој лош збор и постапка. Заради тоа мораме сѐ повеќе да се приближуваме кон Господа и сесрдно да настојуваме да ја извршиме неопходна подготовка која ќе ни овозможи да опстанеме во борбата во денот Господов. Сите да имаме на ум дека Бог е свет и дека никој со исклучок на светите битија не може да престојува во Негово присуство.“ – Рани списи, 71.
„Срцето мора да се испразни од секоја валканост и да се очисти за да биде подготвено за пребивањето на Духот. Признавањето и раскинувањето со гревот, искрената молитва и предавањето на Бога, тоа учениците ги подготвило за излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетницата. Истата работа, само во поголема мера, мора да се направи и сега.“ – Testimonies to Ministers, p. 507.
„Секој работник треба срдечно да му се моли на Бога за крштавање со Духот. Треба да се организираат посебни групи заеднички да бараат посебна помош за небесна мудрост, за да знаат како мудро да планираат и извршуваат. Особено луѓето треба да се молат Бог да ги крсти Неговите мисионери со Светиот Дух.
Присуството на Духот ќе им даде таква сила на Божјите работници во прикажувањето на вистината каква што не можат да им дадат никакви почести и славата на овој свет. Духот ни дава сила која ја поддржува душата која настојува и се бори во секоја неволја, среде непријателски расположените роднини, омразата на светот и свеста за сопственото несовршенство и грешки.“ – 8 Сведоштво, 22.
Среда 6. септември
4. СЕЗНАЈНИОТ НАЈДОБРО ЗНАЕ
а. Дури и кога напредуваме во познавањето на Бога, кои информации Тој со право може да ги сокрие од нас, и зошто? Дела 1,6.7.
„Бог не ни го открил времето кога оваа порака ќе дојде кон својот крај, ниту кога ќе заврши времето на милоста… Да не се обидуваме да го дознаеме она што се чува во тајност во советите на Семоќниот.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 191.
„Божјиот народ никогаш повеќе нема да добие порака која ќе се базира на време. Ние не треба да го знаеме точното време на излевањето на Светиот Дух или за Христовото доаѓање…
Господ ми покажа дека пораката мора да се шири и дека не треба да се врзува за времето; бидејќи времето никогаш повеќе нема да биде пробен тест. Видов како некои ги зафаќа лажна возбуда, која произлегува од проповедањето на времето, дека пораката на третиот ангел може да стои на сопствените темели и дека не и е потребно време за да зајакне, и дека ќе напредува со голема сила, дека ќе го изврши своето дело и ќе биде прекината во правда.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 188.
б. Зошто по ова прашање треба да бидеме задоволни од Божјата мудрост? Второзаконие 29,29.
„Проповедањето на определено време за судот во времето на првата ангелска вест беше по Божја наредба. Неспорно останува сметањето на пророчкото време што беше темел на оваа вест, а што го одредува крајот на пророчките 2300 дни есента 1844 година. Постојаниот обид да се пронајдат нови датуми за почетокот и за крајот на пророчкото време, како и неоснованите тврдења што беа потребни за да се докаже ваквиот став, не само што ги свртуваа мислите од сегашната вистина, туку и го изложуваа на подбив секој обид да се објаснат пророштвата. Колку почесто се одредува датумот за повторното доаѓање и на колку поширок круг им се проповеда таквата наука, толку повеќе им одговара тоа на целите на сатаната. Зашто, кога ќе помине времето, тој ги изложува на потсмев и презир приврзаниците на тоа доаѓање и така му нанесува срам на големото адвентно движење од 1843 и 1844 година. Оние што остануваат упорни во оваа заблуда, најпосле ќе го утврдат датумот на Христовото доаѓање кој ќе биде премногу далеку во иднина. На тој начин ќе бидат заведени да прифатат лажна сигурност и на мнозина нема да им се отворат очите сè додека не стане предоцна.“ – Големата борба, 457.
Четврток 7. септември
5. ПРЕТСТОЈНИОТ ПРОГЛАС
а. Кој проглас наскоро ќе биде објавен од небото, и зошто ова е толку свечено и важно за секој смртник? Откровение 22,11.
„Исто така видов дека мнозина не сфаќаат какви мораат да бидат во времето на неволјите, за да живеат пред Бога, без Првосвештеник во светилиштето. Кај оние што ќе го примат печатот на живиот Бог и кои во времето на неволјите ќе бидат заштитени, мора потполно да се одразува Исусовиот лик.
Видов дека мнозина ја занемариле толку потребната подготовка очекувајќи дека ‘освежувањето’ и ‘доцниот дожд’ да ги оспособат да опстанат во Господовиот ден и да живеат во Негово присуство. О, колку ли само видов во време на неволја без Божја заштита! Тие ја занемариле потребната подготовка, па затоа нема да можат да го примат ‘освежувањето’ кое сите мораат да го примат за да можат да живеат во присуството на светиот Бог. Оние кои одбиваат да бидат ‘делкани’ од страна на пророците, и не ја чистат својата душа покорувајќи се на целата вистина, и кои се склони да веруваат дека нивната состојба е далеку подобра отколку што навистина е, ќе се разбудат дури во времето на седумте зла и ќе увидат дека тоа ‘делкање’ и обликување било неопходно за Божјата градба. Меѓутоа, повеќе нема да има време за каква и да е промена, повеќе нема да има Посредник да ги застапува пред Отецот… (Откровение 22,11).“ – Рани списи, 71.
„Оние кои ќе живеат на земјата кога Христовото посредување во небесната светиња ќе заврши, треба да стојат пред Светиот Бог без посредник. Нивните облеки мораат да бидат беспрекорни, нивните карактери мораат да бидат очистени од гревот преку Христовата крв. Со Божја милост и со нивните вредни напори тие мораат да бидат победници во битката со злото.“ – The Review and Herald, January 17, 1907.
Петок 8. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што треба да научиме од одлагањето на влезот на Израел во Ханан?
2. Кој е главниот виновник за сегашното одлагање за влез во небесниот Ханан?
3. Како доцниот дожд е поврзан со овој настан, и што го овозможува неговото излевање?
4. Објасни ја главната цел на доцниот дожд и времето за негово излевање?
5. Што треба да направам за да Бог ме оспособи за ова освежување?