12 Порака за денешно време
12. лекција Сабота, 17. септември 2016.
Порака за денешно време
„Викај со сиот глас, не воздржувај се; крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов – гревовите негови.“ – Исаија 58,1.
„Јас не можам премногу силно да ги повикувам сите членови на нашата црква, сите оние кои се вистински мисионери, сите оние кои веруваат во пораката на Третиот ангел и сите оние кои ја одвраќаат својата нога од саботата, да ја разгледаат пораката од педесет и осмото поглавје од Исаија.“ – 6 Сведоштво, 163.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 2 Сведоштво, 21- 36.
5 Сведоштво, 201-205.
Недела 11. септември
1. ДО КОГО Е УПАТЕНА ОВАА ПОРАКА?
а. Што треба грижливо да имаме на ум кога настојуваме да ја објавиме пораката на Исаија, поглавје 58? Исаија 58,1
„(Исаија 58,1) Оваа порака треба да ја објавуваме, но иако сме должни тоа да го правиме, мораме да внимаваме да не напаѓаме, да не осудуваме и да не ги обвинуваме оние кои ја немаат светлината што ние ја имаме. Ние не смееме да скршнуваме од својот пат и жестоко да ги напаѓаме католиците. Меѓу католиците има луѓе кои се мошне совесни како христијани, такви кои одат во светлината што свети над нив, и Бог ќе работи за нив. Оние што и покрај големите предности и можности за тоа не ги развивале своите телесни, умни и морални сили, туку живееле за да си угодуваат на себе, одбивајќи да ги вршат своите должности – таквите се наоѓаат во поголема опасност и Бог таквите повеќе ги осудува отколку оние кои имаат погрешни претстави за науката и начелата, но се трудат во животот да им прават добро на другите. Немојте да ги критикувате другите, ниту да ги осудувате
Ако дозволиме себичните причини, лажното резонирање и лажните изговори да го изопачат нашиот разум и нашето срце, така што ќе скршнеме од Божјите патишта и Неговата волја, нашата вина ќе биде многу поголема од вината на оние кои отворено грешат. Мораме да бидеме мошне внимателни, за да не ги осудуваме оние што пред Бога се помалку виновни од самите нас.“ – 9 Сведоштво, 183.
Понеделник 12. септември
2. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕТО ЧЕСТО СЕ ЗАМОЛЧУВА
а. Каква најчесто е реакцијата со која се соочуваат искрените верници кои сакаат да ‘викаат со сиот глас, и да не се воздржуваат’ (Исаија 58,1)? Јован 3,19-21 (спореди: Броеви 16,1-4). Што му е покажано на Божјиот гласник за состојбата на Божјиот народ?
„Многумина обожаваат идоли во своите срца и прават неправда, што ги одвојува од Бога и ги води во темнина. Видов дека само малку од нив одат во светлина, па можат да го забележат каменот на сопнување и да го отстранат од својот пат…
Некои кои се наоѓаат на позиција на стражар, кои треба да ги преупредуваат луѓето на опасност, престанале да стражарат и задремале. Таквите луѓе се неверни стражари. Тие седат со скрстени раце, додека нивниот подмолен непријател влегува во тврдината покрај нив и со успех го руши она кое Бог наредил да се изградува. Тие гледаат како сатаната ги мами неискусните и невините, а сепак тоа мирно го набљудуваат како тие работи да не ги интересираат. Тие не увидуваат никаква особена опасност, не гледаат никаква особена причина за вознемирување. Нив им се чини дека сѐ оди како што треба и не согледуваат никаква потреба да подигнат глас на опомена која е дадена во јасните сведоштва, за да им ги објават на луѓето нивните беззаконија а на домот Израелов неговите гревови. Тие укори и опомени го нарушуваат мирот на безгрижните стражари и затоа негодуваат. Зборуваат во срцето, иако тоа не го прават гласно: ‘Сето тоа е непотребно. Сето тоа е премногу строго, премногу остро. Овие луѓе непотребно се вознемируваат и возбудуваат и не ни даваат одмор и мир. ‘Доста ви е толку; целото општество, сите се свети, и меѓу нив е Господ! А вие зошто се поставувате погоре од народот Господов?’(Броеви 16:3). Тие не се волни да уживаме ниту малку удобност, мир и среќа. Постојаната работа, маката и непрекинатата будност би ги задоволиле тие неразумни стражари кои премногу бараат. Зошто не го проповедаат она што им оди како подмачкано и не викаат: ‘Мир, мир’? Тогаш се ќе им оди како подмачкано.
Тие немаат кипови, но нивниот грев не е затоа ништо помал во Божјите очи. Тие го обожуваат сатаната и ја љубат земната добивка. Некои ќе ја жртвуваат совеста за да ги остварат своите цели. Себични се и тесногради оние кои тврдат дека се Божји народ. Тие ги сакаат светските работи и се здружуваат со силите на темнината. Уживаат во неправдата. Не негуваат љубов кон Бога ниту кон ближните. Тие се идолопоклоници и во Божјите очи се многу полоши од незнабошците кои се поклонуваат на идоли и не знаат за подобар пат.“ – 2 Сведоштво, 290-292.
Вторник 13. септември
3. ХРИСТОС ПО ВТОРПАТ СЕ ВОЗНЕСУВА НА НЕБОТО
а. Кои фактори ја отежнуваат задачата на сите оние кои се обидуваат на трубата што опоменува да и дадат карактеристичен звук? Исаија 58,2, Езекиел 2,1-7.
„Овде Господ не го укорува безбожниот свет, туку оние што Бог ги нарекува ‘Мој народ’. Тој понатаму кажува: ‘Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, како народ, кој божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог’ (Исаија 58,1.2). Овде ни се предочени луѓето кои мислат дека се праведни и кои покажуваат навидум голем интерес за Божјата служба; но сериозниот и свечен укор од Оној што ги испитува срцата докажува дека тие ги газат Божјите заповеди.“ – Големата борба, 466.
„За таквите луѓе Господ вели: ‘Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, како народ, кој божем постапува праведно’ Ова е народ кој живее во самоизмама, кој е самоправеден, задоволен со себе; и на проповедникот му е наредено да вика гласно и да му ги покаже неговите престапи. Ова дело за Божјиот народ се вршело во сите времиња, и тоа сега е потребно повеќе од кога и да е…
Бог секогаш има луѓе на кои им ја доверува Својата порака. Неговиот Дух доаѓа во нивните срца и ги принудува да зборуваат. Поттикнати од света ревност и под дејство на божествена сила, тие ја прифаќаат оваа должност, не размислувајќи ладнокрвно за последиците на нивното објавување на Господовото слово на народот. Но Господовиот слуга наскоро станува свесен дека се изложил на извесен ризик. Тој гледа како тој и неговата порака стануваат предмет на критика. Неговото однесување, неговиот живот, неговиот имот, сето тоа се проверува и коментира. Неговата порака се растегнува на парчиња и се отфрла без никакво почитување, бидејќи така му одговара на ограниченото расудување на луѓето. Дали таа порака го извршила делото што Бог ѝ го наменил? Не. Тоа не е случај, затоа што срцата на слушателите не биле посветени.
Ако лицето на проповедникот не е како кремен, ако тој нема непоколеблива вера и храброст, ако неговото срце не е зајакнато со постојано општење со Бога, тој ќе почне да го прилагодува своето сведоштво за да им угоди на непосветените уши и срца на кои им се обраќа. Во своето настојување да ја избегне критиката на која е изложен, тој се одвојува од Бога и го губи чувството за божествената наклоност и неговото сведоштво станува млако и безживотно. Тој согледува дека ја загубил верата и храброста и дека неговата работа нема никакво дејство.“ – 5 Сведоштво, 202.203.
Среда 14. септември
4. ПОРАДИ КОГО НАВИСТИНА СЕ ЖАЛАМ?
а. Како Божјиот народ во Исаија 58 очекува Тој да одговори на нивната служба кон Него, а што Тој одговара? Исаија 58,3; Малахија 3,14,15. Кои фактори за нашиот став по ова прашање – и кон Бога и кон другите треба да ги разгледаме денес?
„(Исаија 58:1-3). Пророкот овде ни претставува луѓе кои го обвинуваат Бога затоа што не им дава сé што тие себично бараат. Бог во својот одговор на нивните жалби покажува дека тие не го заслужуваат тоа што го бараат од Неговите раце, затоа што не постапиле праведно.“ – Conference Bulletin, May 31, 1909.
„Постовите на овие верници (од Исаија 58) се само измама, исмејување на понизноста. Тие ги задржале сите несакани црти на карактерот. Нивните срца не се очистени од нечистотија. Тие не ја примиле милоста Божја. Тие се лишени од Светиот Дух, лишени од сладоста на Неговото влијание. Тие не покажуваат покајание, ниту вера која делува преку љубов. Тие се неправедни и себични во постапките кон своите ближни, безмилосно ги угнетуваат оние кои ги сметаат за пониски од себе. Сепак, тие се жалат затоа што Бог не ги воздига над другите поради нивната праведност.“ – The Review and Herald, June 25, 1901.
„Луѓето кои на пророкот (Исаија) му било наредено да ги предупреди… имаат изглед на побожност, и сметаат дека имаат право на посебна наклоност и благослов, затоа што делуваат доста побожно и редовно обавуваат верска служба. Ова го храни нивното самозадоволство, и се сметаат како младичот кој дошол кај Христа, тврдејќи дека ги пази сите заповеди, и прашал: ‘Што уште му недостасува?’… Овој младич си ласкал себеси дека ги држел сите Божји заповеди. Меѓутоа дали тоа навистина било така? Не. Тој не Го сакал Бога над сé; го сакал своето богатство кое му е дадено само на користење, повеќе отколку Бога; не ги сакал ни своите ближни како самиот себеси, затоа што не бил подготвен да го подели своето богатство со нив. Го сакал својот имот повеќе отколку што ги сакал душите за кои Христос бил спремен да го жртвува својот живот.“ – Review and Herald, October 13, 1891.
„Треба да се чуваме од самосожалување. Никогаш не потклекнувајте пред чувството дека не сте ценети колку што би требале да бидете, дека вашите напори не се вреднуваат, дека вашата работа е премногу тешка. Нека споменот на она што Христос го претрпел за нас, ја замолкне секоја мисла на негодување. Кон нас се однесуваат подобро, отколку што се однесувале кон нашиот Господ.“ – Здравје и среќа, 379.
Четврток 15. септември
5. МОТИВИ КОИ УПРАВУВААТ СО ДЕЛАТА
а. Во Исаија 58, кој бил вистинскиот мотив зад постот на Божјиот народ? Исаија 58,4. Како да го избегнеме ваквиот дух? Лука 7,33-35.
„На Спасителот на светот не може да му се оддаде почит со постот забележан од страна на Еврејскиот народ. Тие постеле во својата гордост и самоправедност, додека Исус јадел во понизност со цариниците и грешниците…
Делото на сатаната од самиот негов пад било да ги обвинува другите. И сите оние кои ја одбиваат од Бога дадената светлина одат по истиот пат и денес. Тие со задоволство го откриваат кај другите она што го сметаат за погрешно. Така било и со фарисеите. Кога пронашле нешто со што би можеле да ги обвинат учениците, тие не разговарале со оние за кои сметале дека се во заблуда. Тие му зборувале на Христа за работи за кои сметале дека се тежок престап (кршење на саботата). Кога сметале дека Исус го крши законот, тие го обвиниле Него кај учениците. Нивна цел била да ги отуѓат срцата.“ – Коментари на библиските текстови, 451.
„Кога своите молитви ги принесуваме со самодоверба, кога не стражариме и не ги доведуваме своите дела во склад со нашите молитви, ние во очите на небото не сме верници. Нас ни недостасува вера која работи преку љубов и ја чисти душата; зашто вистинската вера ќе го наведе имателот да ги умртви делата на телото, да ја распне себичноста, самољубието, нетрпеливоста и самоправедноста. Оние кои навистина сакаат да бидат Христови следбеници, мораат секојдневно да ги учат лекциите на кротост и понизност, како би можеле да зборуваат внимателно, да покажуваат љубезност и учтивост, да имаат нежни срца, и да внесуваат во домот сочувство и сончева светлина. Арогантниот дух мора да се скроти, додека љубезноста и склоноста кон покорување мора да се негуваат.“ – The Review and Herald, June 5, 1894.
Петок 16. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Кое библиско начело го одредува степенот на нашата одговорност кон Бога?
2. Зошто директното сведоштво и укорувањето на гревот наидуваат на противење?
3. Ако сериозно го сфатиме вечниот живот, како ќе се однесуваме кон начелата?
4. Што не било во ред со постот на Евреите во Исаија 58?
5. Без разлика дали постиме или не, какви ставови ја попречуваат молитвата?