08 Гордост и понизност
8. лекција Сабота, 20. август 2016.
Гордост и понизност
„… Здобијте се со понизност, бидејќи „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“ – 1 Петрово 5,5 (последен дел).
„Гордоста на Асирија и нејзиниот пад треба да послужат како поука до крајот на векот.“ – Пророци и цареви, 247.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 237-247.
Недела 14. август
1. ВЕРНО РАКОВОДСТВО
а. Со какво образложување Езекија го охрабрил својот народ да се соочи со Асирците, и како зборовите на пророкот Исаија помогнале во оваа криза? 2 Летописи 32,7.8 (прв дел); Исаија 12,6.
„Во времето кога Езекија стапил на престолот на Јуда, Асирците веќе имале одведено во ропство голем број Израелови синови од северното царство; и неколку години откако започнал да владее, и додека сѐ уште ја зајакнувал одбраната на Ерусалим, Асирците ја освоиле и ја зазеле Самарија и ги раштркале десетте племиња меѓу многуте провинции на Асирското царство. Границите на Јудеја биле оддалечени само неколку милји, а Ерусалим помалку од педесет милји. Богатиот плен кој би го нашле во храмот би можело да ги доведе непријателите во искушение повторно да се вратат.
Меѓутоа, јудејскиот цар направил сѐ што можел да се подготви за давање на отпор на непријателот.“ – Пророци и цареви, 238.
б. Зошто Езекија можел да има доверба во Божјата помош? Исаија 10,12.24-27; 14,24-27. Како луѓето реагирале на неговиот апел? 2 Летописи 32,8 (последен дел).
„Ништо не може толку брзо да ја поттикне верата од вежбањето во вера. Јудејскиот цар се подготвил за бурата која доаѓала, и сега, уверен дека пророштвото против Асирците ќе се исполни, тој се потпрел на Бога.“ – Пророци и цареви, 238.
Понеделник 15. август
2. КРИЗАТА ДОАЃА
а. Кога, судејќи според сè, ситуацијата во Јуда изгледала безнадежно, како асирските заповедници ја направиле уште полоша? Исаија 36,13-20.
„Долго очекуваната криза конечно дошла. Силите на Асирија, напредувајќи од победа во победа, се појавиле во Јудеја. Уверени во својата победа, водачите ги поделиле своите сили на две армии, од кои едната требала да се сретне со египетската армија на југ, а другата да го опколи Ерусалим.
Единствената надеж на Јуда сега била во Бога. Сета можна помош од Египет била отсечена, а во близина немало ниеден друг народ кој би им подал пријателска рака.
Потпирајќи се на силата на својата дисциплинирана војска, асирските заповедници договориле средба со јудејските заповедници и во таа прилика дрско побарале да им се предаде градот. Барањето било пропратено со хулење на Еврејскиот Бог. Поради слабостите и отпадништвото на Израел и Јуда, народите повеќе не се плашеле од Божјото име, туку тоа станало предмет на континуиран срам.“ – Пророци и цареви, 239.
б. Како Јудејците одговориле на подбивот на горделивите Асирци, и како ова искуство нè учи по прашањето на заземање на став? Исаија 36,21.22; 37,1-4.
„Истиот мајсторски ум кој во минатите векови правел завери против верните и денес сѐ уште се труди да ги отстрани од лицето на земјата оние кои се бојат од Бога и го држат Неговиот закон… Владетелите настроени кон прогон, проповедниците и членовите на црквата ќе коваат завера против нив. Тие ќе се обидат да ја поткопаат нивната вера со зборови и перо, со фалење, закани и исмејување.“ – 5 Сведоштво, 310.
„Кога луѓето ќе се состанат да ги проучуваат точките на верата околу кои постои разлика во мислењата, ќе се покаже духот кој со нив управува. Оние што стојат во одбрана на вистината треба да бидат смирени и присебни. Ако го имаат Христовиот ум, тие ќе бидат љубезни и учтиви. Нивниот говор нема да биде остар. Тие нема да се сметаат себеси дека се непогрешливи, ниту пак со презир ќе гледаат на оние кои се разликуваат од нив. Тие нив нема да ги сметаат за непријатели, ниту пак ќе им се подбиваат или потсмеваат.“ – Gospel Workers (1892), 389.
Вторник 16. август
3. ВЕРА ВО УСЛОВИ НА МРАЧНИ ОКОЛНОСТИ
а. Во екот на кризата на Јуда со Асирија, каква порака Бог му дал на Езекија преку Исаија? 2 Цареви 19,5-7. Зошто за нас е толку важно да размислуваме за овие значајни историски искуства?
„Бог сака да се потсетиме на Неговите постапки со Својот народ во минатото – како го спасувал од непријателите. Тој својата моќ за ослободување секогаш ја покажувал во крајна потреба, кога се чинело дека веќе нема спас од нападите на сатаната. Човечката потреба е можност за Бога.“ – 5 Сведоштво, 492.
„Христијанскиот карактер се развива не со ослободување од искушенијата и неволјите, туку среде нив. Изложеноста на отфрлање и противење, на Христовиот следбеник му помага само да биде уште попретпазлив и да упатува уште посериозни молитви кон моќниот Помошник. Тешките неволји, поднесени благодарение на Божјата благодат, развиваат трпение, претпазливост, храброст и длабока и непоколеблива доверба во Бога. Триумфот на христијанската вера на Христовиот следбеник му овозможува да страда и истовремено да биде силен, да поднесува и со тоа да победува, да биде убиван цел ден, а сепак да живее, да носи крст и на тој начин да ја добие круната на славата.“ – Делата на апостолите, 365.
„Оние што ќе извојуваат конечна победа во својот духовен живот ќе имаат часови на страшна збунетост и големи искушенија во нивниот верски живот; бидејќи тоа е дел од нивното воспитување во Христовата школа; тоа е од суштинска важност со цел да се очистат од секоја троска.“ – Messages to Young People, p. 63.
б. Што Исаија и Езекија правеле во текот на оваа криза? 2 Летописи 32,20; 2 Цареви 19,14-19.
„Езекиевата молитва за Јуда за честа на нивниот Врховен Владетел биле во склад со Божјите намери. При посветувањето на храмот, Соломон се молел на Господа ‘да го врши Тој она што е нужно за Неговиот слуга и за Неговиот народ Израел секој ден, та да го познаат сите народи дека Господ е Бог, и дека нема друг освен Него’ (1 Цареви 8,59.60). Особено се молел Господ да им биде благонаклонет кога во време на војна или угнетување од страна на непријателската војска, поглаварите на Израел да дојдат во домот за молитва и да се молат за ослободување.“ – Пророци и цареви, 242.
Среда 17. август
4. БОГ НАДВЛАДУВА ЗАРАДИ ПРАВДАТА
а. Какво уверување Господ испратил до царот и народот на Јуда? 2 Цареви 19,20-22.28.32-34. Што треба да научиме од начинот на кој Бог ги задоволил нивните потреби, иако нивната земја била опустошена? 2 Цареви 19,29.
„Како Божјиот народ во минатото, и ние треба да бидеме подготвени да напредуваме кога се крева облакот и се движи напред, и да запреме кога облакот запира. Мораме да го прилагодиме нашето движење на водството на Божјиот Дух. Наместо да ги следиме нашите сопствени идеи, ние треба да соработуваме со божеството. На тој начин ќе бидеме во можност да го одржуваме чекорот со нашиот Водач.
За да се биде христијани, не е потребно некој човек да има големи таленти. Тој можеби нема да учествува во законодавните одбори; можеби нему нема да му биде дозволено да се изјаснува во сенат или да гласа во парламентот; сепак, тој има пристап до Бога. Царот над царевите се спушта да ја слушне молитвата која доаѓа од оној кој сака да ја извршува волјата на Учителот. Сесрдната молитва која доаѓа од искрено, скрушено срце во Божјите очи е повредна од речитоста. Бог ја слуша секоја молитва принесена со темјанот на верата. Неговото најслабо дете може да изврши влијание кое ќе биде во склад со советите на небото. Преку одговорите на молитвите Бог го оживува Неговото дело.“ – The Review and Herald, June 23, 1903.
б. Во која смисла судбината на Асирија претставувала општо правило за сите векови? Исаија 30,27.28; Изреки 11,17; 16,18.
„Со неверојатна точност Бесконечниот сѐ уште ја прегледува состојбата на сметката на сите народи. Додека Неговата милост се нуди заедно со повиците за покајание, оваа сметка останува отворена; меѓутоа, кога бројките ќе го надминат износот кој Бог го одредил, Неговиот гнев ќе почне да се излева. Сметката се затвора. Божјото трпение престанува. Милоста повеќе не се залага за нив.“ – The Review and Herald, June 3, 1915.
„’Ќе биде соборена гордоста на Асирија, и скиптарот ќе биде одземен од Египет’ (Захарија 10,11). Ова е вистина не само за оние народи кои се кренале против Бога во далечни времиња, туку исто така и за денешните народи кои не ја исполнуваат Божјата намера. Во оној ден кога ќе се делат конечни награди, кога праведниот Судија од целата земја ќе ги ‘просее народите’ (Исаија 30,28), на оние кои ја одржале вистината ќе им биде дозволено да влезат во Божјиот град, и небесните сводови ќе одекнуваат со триумфални песни на откупените.“ – Пророци и цареви, 247.
Четврток 18. август
5. ДА СЕ ПОНИЗИ ГОРДОСТА ВО СЕБЕ
а. Кои практични поуки треба да извлечеме од искуствата на Езекија, Исаија и Асирците? 1 Петрово 5,5-7; Изреки 16,18.
„Постојат многу начини на кои Бог може да казнува, а казната сигурно ќе дојде каде што преовладува гордоста… Доколку некој човек се воздигне поради чувство на негова способност, и покаже доверба во неговата човечка сила, искушението сигурно ќе го совлада. Бог ќе го собори. Тој ќе му укаже во целост на неговата слабост како би можел да ја почувствува својата потреба за божествена помош.“ – Manuscript Releases 21, 332,333.
„Секој ден треба да се понизиме пред Бога, наместо да сметаме дека нашата мудрост е совршена. Треба сериозно да ја извршуваме нашата работа. Не треба да се молиме Бог да нѐ понизи; бидејќи ако Тој тоа го направи, ќе не понизи на начин кој нема да ни се допадне. Од ден на ден, мораме да се понизуваме пред моќната Божја рака. Треба да работиме на свое спасение со страв и со трепет. Иако Бог во нас чини да сакаме и чиниме она што Нему му е угодно, ние треба да соработуваме со Него додека Тој работи преку нас. Мораме да се чуваме да не ги воздигаме своите души во самодоверба. Но, вие ќе кажете: како можам да знам дека Христос е во моето срце? Кога ќе ве критикуваат или корегираат во она што го правите, кога работите не одат онака како што сте мислите дека треба да одат – ако тогаш дозволите да ви се возбудат страстите наместо трпеливо и љубезно да поднесувате поправање, Христос не престојува во вашето срце.“ – The Review and Herald, July 12, 1887.
Петок 19. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како Езекија дораснал на ситуацијата и покрај заканата на Асирците?
2. Како треба да се поставиме кон „Сенахирим“ во нашиот живот?
3. Во текот на кризата со која Јуда се соочила, како Бог го исполнил својот древен завет?
4. Што можеме да научиме од начинот на кој исчезнал привидниот напредок на Асирија?
5. Наведете неколку показатели кои го откриваат нивото на нашата понизност?