07 Езекија
7. лекција Сабота, 13. август 2016.
Езекија
„Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне.“ – 1 Коринтјаните 10,12.
„Секој ден нашите зборови и дела оставаат впечаток врз оние со кои се дружиме. Колку ли е само потребно да поставиме стражар над своите усни и грижливо да внимаваме на своите чекори!“ – Пророци и цареви, 235.236.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 224-236.
Недела 7. август
1. ОБНОВЕНА НАДЕЖ
а. Што Езекија, синот на Ахаз, сфатил кога станал цар на Јуда? 2 Летописи 29,1.6-9. Кои биле неговите први чекори? 2 Летописи 29,2-5.10.
„Езекија стапил на престол решен да направи сѐ што е во негова моќ да ја спаси Јуда од судбината која го снашла северното царство. Вестите на пророкот биле против сите половни мерки. Единствено со одлучна реформа можела да се отстрани страшната казна.
Езекија се покажал како човек подготвен да се соочи со тешката криза. Штом дошол на престол, започнал да ги остварува своите планови. Прво се дал на работа да ја обнови службата во храмот која толку долго била запоставена.“ – Пророци и цареви, 224.
б. Каков апел Бог упатил до Јуда? Исаија 31,6. Како „побожниот остаток“ одговорил? Михеј 7,7-9; 2 Летописи 29,16-20.27-31.35.36.
„Бог ги подготвил срцата на поглаварите на Јуда да започнат движење на реформација за да се сопре бранот на отпадништво.“ – Пророци и цареви, 225.
Понеделник 8. август
2. РАДОСТА НА РЕФОРМАЦИЈАТА
а. Која пророчка молитва, претходно упатена при посветувањето на храмот, се исполнила во времето на реформацијата на Езекија? 1 Цареви 8,33.34; 2 Летописи 7,14.
„(1 Цареви 8,33.34). Печат на Божјото одобрување бил ставен врз оваа молитва, затоа што по нејзиното завршување оган слегол од небото и ја изгорел жртвата сепаленица, а славата Господова го исполнила храмот (Види 2 Летописи 7,1). Во текот на ноќта Господ му се јавил на Соломон и му кажал дека неговата молитва била слушната и дека ќе им биде дадена милост на оние кои ќе се молат тука… Овие ветувања во голема мерка се исполниле во текот на реформацијата во времето на Езекија.“ – Пророци и цареви, 226.227.
б. Опишете го успехот на реформацијата што ја спровел Езекија? 2 Летописи 30,1.9-13.21-23.26.27.
„Седумте дена на празнувањето на Пасхата поминале многу брзо и народот одлучил да помине уште седум дена во длабоко проучување на Господовите патишта. Свештениците и понатаму го поучувале народот од книгата на законот. Народот секојдневно се собирал во храмот да принесува дарови на благодарност. Како што големиот собор се приближувал кон крајот, било очигледно дека Бог чудесно издејствувал обратување на отпадничката Јудеја и ја сопрел плимата на идолопоклонството која се заканувала сѐ да повлече со себе. Сериозните предупредувања на пророците не биле изговорени залудно.“ – Пророци и цареви, 229
в. По Пасхата, кои понатамошни чекори биле доказ за искреноста на реформацијата на Езекија? 2 Летописи 31,5.6. Ккао е опишано неговото владеење? 2 Летописи 31,20.21; 2 Цареви 18,4-7.
„Владеењето на Езекија било одбележано со цела низа на провиденија на одредени настани кои на околните народи им посведочиле дека Израеловиот Бог бил со Својот народ.“ – Пророци и цареви, 228.
Вторник 9. август
3. МИЛОСТ И ЗАДАЧА
а. Каква порака дошла до Езекија кога бил болен, и како му била указана милост? 2 Цареви 20,1-7. Како тој ја изразил својата благодарност? Исаија 38,9-20.
„Бидејќи му се вратило здравјето за кое толку многу копнеел, јудејскиот цар запеал песна на пофалба за Господовата милост и дал завет дека целиот свој преостанат живот ќе го посвети во службата на Царот над царевите. Неговото благородно признавање на Божјото милостиво постапување кон него претставува инспирација за сите кои сакаат да ги поминат своите години во слава на својот Творец.“ – Пророци и цареви,232.
б. Со каков знак Бог го потврдил своето ветување дадено на Езекија, и каква реакција тоа предизвикало во далечната земја? 2 Цареви 20,8-12.
„Во плодните долини на реките Тигар и Еуфрат живеел еден древен народ кој, и покрај тоа што во тоа време бил потчинет на Асирија, бил предодреден да владее со светот. Во тој народ имало мудреци кои многу време посветиле во проучување на астрономијата; и кога забележале дека сенката на сончевиот часовник се вратила за десет степени наназад тие многу се восхитиле. Нивниот цар, Меродах-Валадан, дознавајќи дека тоа чудо се случило како знак на јудејскиот цар, дека небесниот Бог му го продолжил животот, пратил пратеници да му честитаат на Езекија за неговото оздравување и, ако е можно, да дознаат нешто повеќе за Бога, кој можел да направи толку големо чудо.
Посетата на овие пратеници од владетел на една далечна земја му дала на Езекија можност да го воздигне живиот Бог. Колку лесно можел да им зборува за Бога, одржувачот на сите создадени нешта, преку чија благонаклонетост неговиот живот бил поштеден кога исчезнала секоја друга надеж! Колку брзо би се обратиле овие трагачи по вистината од халдејската рамнина и како брзо би биле наведени да ја признаат врховната власт на живиот Бог!“ – Пророци и цареви, 233.
в. Што можеме да научиме од можноста за мисионирање која Бог му ја дал на Езекија? Колосјаните 4,5; Откровение 3,18 (последен дел).
„Очите треба да бидат помазани со небесна очна маст за да ги видат и откријат овие можности.“ – 9 Сведоштво, 95.
Среда 10. август
4. ГОЛЕМА ГРЕШКА
а. Која грешка оставила дамка врз добриот запис за Езекија? 2 летописи 32,25.31; Исаија 39,1-4.
„Но срцето на Езекија го обзело суета и гордост и тој самобендисано им го открил на лакомите очи целото богатство со кое Бог го збогатил својот народ… (Исаија 39,2) Тоа го направил, не за да го прослави Бога, туку да се воздигне себеси во очите на странските кнезови. Не помислил дека тие луѓе се претставници на еден силен народ кој ниту го љуби Бога ниту се бои од Него, и дека било неразумно да им го покажува целото земно богатство на нацијата.
Посетата на овие пратеници за Езекија претставувала тест за неговата благодарност и посветеност… (2 Летописи 32,31) Езекија да ја искористел оваа прилика и да посведочил за силата на Израеловиот Бог, извештајот на пратениците би бил како светлина која продира низ темница. Но тој се величел себеси , а не Господ над војските. ‘Но Езекија не Му благодари за направените му добрини, зашто срцето негово се возгордеа’ (2 Летописи 32,25).
Колку страшни биле последиците кои следеле! На Исаија му било откриено дека пратениците при враќањето понеле извештај за богатството кое го виделе и дека вавилонскиот цар и неговите советници ќе сковаат план својата земја да ја збогатат со богатствата на Ерусалим. Езекија тешко погрешил, ‘затоа гневот дојде врз него, врз Јуда и врз сиот Ерусалим’ (2 Летописи 32,25).“ – Пророци и цареви,234.
б. Какви новости Исаија требало да му каже на Езекија, и како царот покажал каење за својата непромисленост? Исаија 39,5-8; 2 Летописи 32,26.
„Во последните години од своето владеење царот на Јуда доживеал голем процут, затоа што доследно се трудел да се покае за минатото и да го прослави Божјото име на кого му служел; сепак, неговата вера морала да биде ставена на тешка проба за да увиди дека само надежта во Бога може да ги победи силите на темнината кои се заканувале да го уништат и него и неговиот народ.“ – Пророци и цареви, 235.
Четврток 11. август
5. СЕКОГАШ ПОДГОТВЕНИ ДА ПОКАЖЕМЕ КРОТОСТ
а. Што треба сите ние да научиме од искуството на Езекија со вавилонските пратеници? Псалм 141,3; 1 Коринтјаните 10,12; 1 Петрово 3,15.
„Извештајот за неуспехот на Езекија да ја оправда Божјата доверба при посетата на пратениците, содржи значајна поука за сите нас. Многу повеќе отколку до сега мораме да зборуваме за драгоцените поглавја од нашите искуства кои сме ги стекнале за Божјата милост и добрина, за неспоредливата длабочина на Спасителовата љубов…
Секој ден нашите зборови и дела оставаат впечаток врз оние со кои се дружиме. Колку ли е само потребно будно да стражариме над своите усни, грижливо да пазиме на своите чекори! Едно непромислено движење, еден неразумен чекор, и силните бранови на некое посилно искушение можат да ја повлечат душата во надолна патека…
Од друга страна, ако со својот пример им помагаме на другите да развиваат добри начела, ние им даваме сила да прават добро. Тие пак од друга страна вршат на други исто така корисно влијание. Така со своето влијание несвесно помагаме на стотици и илјадници.“ – Пророци и цареви, 235.236.
„Кога Господовиот глас повикува: ‘Кого да испратам и кој ќе отиде за нас’ , божествениот Дух става одговор во срцето: ‘Еве ме мене, испрати ме мене’ (Исаија 6,8). Но, имајте на ум дека претходно живиот јаглен од олтарот мора прво да ги допре вашите усни. Тогаш зборовите кои ги зборуваат ќе бидат мудри и свети зборови. Тогаш ќе поседувате мудрост и ќе знаете што треба да кажете, а што треба да остане неизговорено.
(1 Петрово 3,15) Зошто страв? Страв вашите зборови да не одразуваат самодоверба, за да не изговарате зборови кои не се доволно промислени, за да вашите зборови и однесување не се разликува од Христовите зборови и однесување. Поврзете се цврсто за Христа и претставете ја вистината каква што е во Него.“ – 6 Сведоштво, 241.
Петок 12. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто и ние можеме да бидеме инспирирани од проактивниот пристап на Ахазовиот наследник?
2. Зошто владеењето на Езекија е крунисано со радост и успех?
3. Освен што му помагал на царот на Јуда, на кого уште Бог сакал да се приближи?
4. Што Езекија заборавил кога пратениците дошле во посета?
5. Кога сакаме да сведочиме за Бога, зошто треба да бидеме внимателни?