06 Сојуз со неверниците
6. лекција Сабота, 6. август 2016.
Сојуз со неверниците
„Не нарекувајте го заговор сето она што тој народ го нарекува заговор; и не плашете се од она, од кое тој се плаши, не стравувајте. Господ Саваот – само Него сметајте Го за свет, и Тој да биде ваш страв и ваш трепет.“ – Исаија 8,12.13.
„(Бог) повикува луѓе кои ќе останат одвоени од непријателите на вистината. Тој повикува луѓе кои нема да се осмелат да се потпрат на човечката десница влегувајќи во партнерство со световните луѓе, како би обезбедиле средства за унапредување на Божјото дело – дури и за изградба на институции.“ – Counsels on Health, 290.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Здравје и среќа, 132-147.
Недела 31. јули
1. ЕКСТРЕМНО ОТПАДНИШТВО
а. Објаснете го обемот на неповолните услови со кои Божјиот верен остаток се соочил за време на владеењето на Ахаз, царот на Јуда. 2 Летописи 28,1-4. Како Михеј ја опишува оваа ситуација? Михеј 7,2.4.
„Со доаѓањето на Ахаз на престолот, за Исаија и неговите соработници настапиле речиси полоши услови отколку било кога порано во Јудиното царство. Мнозина кои некогаш се противеле на измамничките влијанија на идолопоклонството сега биле убедени да учествуваат во службата на паганските богови. Кнезовите во Израел се покажале неверни; лажни пророци се појавувале со вести кои воделе на погрешен пат; дури и некои свештеници предавале за пари. Сепак, водачите на отпадништвото сѐ уште формално ги одржувале богослуженијата и тврделе дека се вбројуваат во Божјиот народ.“ – Пророци и цареви, 218.
„…’Твоите водачи те доведуваат до заблуда и го раскопуваат патот по кој одиш’ (Исаија 3,12). За време на владеењето на Ахаз ова буквално се обистинило…
Силите на доброто рапидно се намалувале, а силите на злото се умножувале.“ – Пророци и цареви, 219.
Понеделник 1. август
2. НЕСВЕТ СОЈУЗ
а. Кој апел Бог го упатил за време на кризата во времето на Ахаз? Михеј 6,1-5. Како Тој ја опишал ситуацијата, и што во врска со тоа направил? Исаија 28,5-13.
„Заради доброто на оние што останале верни, како и поради Својата бескрајна љубов кон грешниците, Бог во сите времиња бил трпелив кон бунтовниците, ги повикувал да се откажат од својот зол пат, и да Му се вратат. Преку луѓето кои ги избрал, Бог ги поучувал престапниците на патиштата на правдата ‘заповед врз заповед, заповед врз заповед, правило врз правило, правило врз правило, тука малку и таму малку’ (Исаија 28,10).
Така било во времето на царот Ахаз. Повик по повик бил упатуван до грешниот Израел да се врати повторно кон Господа. Нежни биле посредувањата на пророците, и додека така стоеле пред народот, искрено повикувајќи ги на покајание и реформа, нивните зборови донесувале плодови за Божја слава.“ – Пророци и цареви, 219.220.
б. Иако Ахаз ги игнорирал апелите на пророците и продолжил со идолопоклонството, од што конечно се исплашил? 2 Цареви 16,5. Зошто Бог дозволил ова да се случи? 2 Летописи 29,6-8.
„Да биле Ахаз и поглаварите негови од царството вистински слуги на Севишниот, тие не би требале да се плашат од таков неприроден сојуз каков што бил формиран против нив. Меѓутоа, постојаните престапи им ја одземале силата. Обземен со ужасен страв од одмаздничкиот гнев на навредениот Бог, Ахаз затреперил во срцето ‘и срцето на народот негов, како што од ветар се нишаат дрвјата’ (Исаија 7,2).“ – Пророци и цареви, 222.
в. Каква порака примил Ахаз во овој пресуден момент? Исаија 7,4-9. Како царот одговорил? 2 Цареви 16,6-8.
„Добро би било За царството на Јуда Ахаз да ја примил оваа порака (Исаија) како небесна. Меѓутоа, одлучувајќи да се потпре на телесна рака, тој побарал помош од незнабошците.“ – Пророци и цареви, 222.
Вторник 2. август
3. НАДЕЖ ВО НАЈМРАЧНИОТ ЧАС
а. Какви предупредувања треба да извлечеме од горчливите последици на Ахаз во сојузот со Асирија? 2 Летописи 28,14-23.
„Даровите (Ахаз) ја поттикнале алчноста на Асирија и тој подмолен народ набргу се заканил дека ќе ја преплави и уништи Јуда. Ахаз и неговите несреќни поданици ги мачело страв дека потполно ќе паднат во рацете на свирепите Асирци.“ – Пророци и цареви, 223.
б. Кој бил најлошиот дел од отпадништвото на Ахаз? 2 Летописи 28,24-27.
„При крајот на своето владеење, отпадничкиот цар наредил да се затворат вратите на храмот. Светата служба била прекината. Пред олтарот повеќе не бил одржуван пламенот на светилниците. За гревовите на народот не биле веќе принесувани жртви. Мирисот на пријатниот темјан повеќе не се дигал кон небото во времето на утринската и вечерната жртва. Напуштајќи ги тремовите на Божјиот дом и затворајќи ги неговите врати, жителите на безбожниот град храбро подигале олтари на пагански божества на аглите од улиците низ целиот Ерусалим. Се чинело дека незнабоштвото навидум триумфира, и дека силите на темнината речиси преовладале.“ – Пророци и цареви, 223.
в. Зошто сојузите се толку опасни и што можеме да научиме од Исаината порака на надеж упатена до остатокот? Исаија 8,9-14.
„Во Јуда имало и такви кои останале послушни на Господа, упорно одбивајќи да му попуштат на идолопоклонството. Исаија, Михеј и нивните соработници со надеж ги запирале погледите во тие луѓе, соочени со тешки состојби во последните години од Ахазовото владеење. Светилиштето било затворено, но верниците имале ветување дека ’Бог е со нас’ (Исаија 8,10).“ – Пророци и цареви, 223.
„Поставено било прашањето: што вие подразбирате под изразот заговор? Кој создава заговор или сојузи? Знаете ли што е заговор – тоа е обединување на луѓе во дело кое не носи печат на чиста, јасна, непоколеблива чесност.“ – Коментари на библиските текстови, 318.
Среда 3. август
4. ВЕЧЕН ПРИНЦИП
а. Кои предупредувања, ако ги послушаме, ќе нè заштитат од формирање на погрешни сојузи со оние кои не се придржуваат до сегашната вистина? Исаија 31,1-3.
„Сатаната се користи со својата моќ одоздола за да ги инспирира луѓето да формираат сојузи и заговори на зло против светлината и против Божјата Реч. Неверувањето, папството и полу-папството доаѓаат во блиска и силна врска со таканареченото христијанство. Потценувањето на вдахновението, издигањето на човечките идеи од страна на луѓето кои се нарекуваат мудри го ставаат човечкиот талент над Божјата мудрост и начелата, и таканаречената наука над моќта на живата побожност. Ова се знаци на последните денови.“ – That I May Know Him, 345.
„На сите им е потребна мудрост како внимателно би ја проучувале тајната на беззаконието која има голема улога во настаните при завршетокот на историјата на овој свет. Божјото откривање на гнасните дела на жителите на владејачките светски сили кои се обединуваат во тајни друштва и сојузи, не почитувајќи го Божјиот закон, треба да ги оспособи луѓето кои ја имаат светлината на вистината да се држат далеку од сите овие зла. Сите лажни верски учители на светот сѐ повеќе ќе ги манифестираат своите зли дела; бидејќи постојат само две страни, оние кои ги држат Божјите заповеди и оние кои војуваат против Божјиот свет закон.“ – Manuscript Releases 8, 322.
б. Кој библиски принцип нè предупредува од влегување во сојузи? 2 Коринтјаните 6,14-18.
„Безбожниците се поврзуваат и организираат во разни здруженија, синдикати и сојузи. Ние не треба да имаме никаква врска со овие организации. Бог е нашиот владетел, нашиот управител, и Тој нѐ повикува да излеземе од светот и да бидеме одвоени… Ако одбиваме да го направиме тоа, ако продолжиме да се поврзуваме со светот, гледајќи сѐ од световна гледна точка, ние ќе станеме како светот. Ако во своите работно зделки се раководиме со политиката и идеите од овој свет, тогаш не можеме да стоиме на возвишената и света платформа на вечната вистина.“ – Коментари на библиските текстови, 319.
„Синдикалните здруженија и световните сојузи се стапица. Браќа, не влегувајте во нив, држете се далеку од нив. Немојте да имате ништо со нив. Поради овие здруженија и сојузи, наскоро на нашите институции ќе им биде многу тешко да продолжат со својата работа во градовите.“ – Одбрани пораки 2, 142.
Четврток 4. август
5. ДАЛЕКУСЕЖЕН КОНЦЕПТ
а. Како Вдахновението ја отсликува вревата на градскиот живот и сојузите кои таквиот живот ги бара, за разлика од мирниот живот кој Бог го сака за Неговиот народ? Наум 2,4; Плачот на Еремија 5,4; Исаија 32,17-19.
„Божји план е нашиот народ да се настани надвор од градовите, и од овие места да ги предупредува градовите, и од нив да подига споменици за Бога. Во овие градови мора да постои сила на влијание, како би можела да се чуе пораката на предупредување.
Со години на нашиот народ му е упатувано предупредување да излезе од Батл Крик. Но поради многуте интереси кои се таму воспоставени, било погодно да се остане, и луѓето не можеле да сфатат зошто треба да се селат… Ако можете да го направите тоа, преместете ја школата надвор од Батл Крик. Одете во место каде нема луѓе кои веруваат како и ние, и таму основајте школа, на место со пространо земјиште, за да учениците кои доаѓаат да се едуцираат бидат воспитувани на вистински начин. (Браќата Спалдинг и Маган) ги послушаа дадените упатства. Овој прв чекор бил успешен. Бог бил задоволен.“ – The General Conference Bulletin, April 6, 1903.
„Во Божјиот план за Израел секое семејство имало дом и земјиште, со доволно земја за обработка. На тој начин биле обезбедени и средства и поттик за корисен, вреден и самостоен живот. Ништо што луѓето смислиле не можат да го подобрат овој план.
За оние кои имаат храброст, волја и упорност да ги собираат нејзините богатства земјата има благослови скриени во нејзините длабочини. Татковците и мајките кои поседуваат парче земја и топол дом се кралеви и кралици.
Скапите живеалишта, украсниот мебел, покажувањето, луксузот и удобноста не ги исполнуваат условите кои се од суштинско значење за среќен, корисен живот.“ – The Faith I Live By, 260.
Петок 5. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Колку далеку Ахаз ги водел Јудејците во идолопоклонство?
2. На кој начин сојузот на Ахаз со Асирија покажува сериозно неверување?
3. Кога службата во храмот престанала, како Бог го утешил верниот народ?
4. Кој е вистинскиот проблем со сојузите?
5. Зошто животот надвор од градовите е добар за нашата вера, особено во денешно време?