03 Соочување со реалноста

Сподели го ова:

3. лекција Сабота, 16. јули 2016.

Соочување со реалноста

„И реков: „Тешко мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, – а очите мои Го видоа Царот, Господ Саваот.“ – Исаија 6,5.

„Исаија ги осудувал другите поради нивното отпадништво и одвојување од Бога. Тој бил речиси готов да попушти на обесхрабрувањето, меѓутоа тој сфатил дека живее меѓу ‘народ со нечисти усни’ но сега тој се гледа себеси во опасност. Тој и самиот е ‘човек со нечисти усни’ Тој не сакал себеси да се воздига. О колку мал тој бил во својата мудрост, колку недостоен, колку неподобен за света служба.“ – The Bible Echo, September 9, 1895.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 5 Сведоштво, 200-217.

Недела 10. јули

1. ГЛЕДАЈЌИ НА ДРУГИТЕ КАКО НА БЕЗНАДЕЖНИ СЛУЧАИ

а. Како другите автори ги изразиле истите чувства кои и Исаија би ги имал гледајќи го големото зло во таканаречениот Божјиот народ? Псалм 94,3.4; Еремија 4,14.

„Изгледало дека Божјата намера во поглед на Израел нема да се оствари и дека бунтовната нација ќе доживее слична судбина како Содом и Гомор.
Со оглед на ваквите околности, не е чудно што Исаија, за време на последната година од царувањето на Озија, бил повикан веста на опомена и Божји укор да ги објави на Јуда. Тој добро знаел дека ќе наиде на тврдоглав отпор. Чувствувајќи се неспособен да се соочи со ситуацијата и размислувајќи за тврдоглавоста и неверувањето на народот за кој требал да работи, неговата задача изгледала безнадежна. Треба ли во очај да се одрече од својата мисија и да ја остави Јуда и понатаму непречено да тоне во идолопоклонство? Зарем боговите на Ниневија да владеат со земјата пркосејќи му на небесниот Бог.
Со такви мисли се занимавал Исаија додека стоел под тремот на храмот.“ – Пророци и цареви, 207.

Понеделник 11. јули

2. МОМЕНТОТ КОЈ ГО МЕНУВА ЖИВОТОТ

а. Што Исаија видел во визија додека стоел пред храмот? Исаија 6,1-4.

„Одеднаш вратата на внатрешната завеса во Храмот се чинело како да се отворила или повлекла и му било дозволено да погледне внатре во светињата над светињите, во која дури ниту нозете на пророкот не смееле да стапнат. Пред неговите очи во видение му се покажал Бог како седи на висок и возвишен престол, а скутот на Неговата слава го исполнувал храмот. Од двете страни на престолот лебделе серафими, служејќи пред својот Творец со покриени лица, сложно и свечено изјавувајќи: ‘Свет! Свет! Свет е Господ над Воинствата! Сета земја е полна со Неговата слава (Исаија 6,3); се чинело дека столбовите и кедровата врата треперат од нивните гласови и целиот храм бил исполнет со почест и пофалба.“ – Пророци и цареви, 207.208.
„Дали (Исаија) мислел за себе дека е недостоен пред да ја види Божјата слава? Не; тој се видел себеси како праведен пред Бога.“ – The Review and Herald, June 4, 1889.

б. Под влијание на оваа визија, што наеднаш се случило со сликата што Исаија ја имал за самиот себе (имајќи го во предвид фактот дека тој веќе ја изнел веста на укор за израелскиот народ)? Исаија 6,5.

„Кога Исаија го согледал тоа откровение на славата и Господовото величие, тој бил совладан со чувството на Божјата чистота и светост. Каква остра спротивност помеѓу неспоредливото совршенство на неговиот Создател и грешниот живот на оние кои, заедно со него, се вбројувале во избраниот народ на Израел и Јуда.“ – Пророци и цареви, 208.
„Исаија ги осудувал гревовите на другите, но сега тој се гледа себеси изложен на истата осуда што ја изрекол против нив. Тој бил задоволен со ладната, безживотна церемонија во која и самиот се придржувал во славење на Бога, но за тоа не бил свесен додека Господ не му ја дал оваа визија. Колку незначителна изгледала неговата мудрост и талентите кога погледнал во светоста и величието на светилиштето! Колку недостоен изгледал сам во своите очи! Колку неподобен за света служба! Неговата тогашна претстава за себе би можела да се изрази со јазикот на апостол Павле: ‘Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од ова смртоносно тело’.“ – Коментари на библиски текстови, 311.
Вторник 12. јули

3. СЕГАШЕН ПОВИК

а. Што е потребно денес, исто како што било потребно и во времето на Исаија? Јоил 2,12.13.

„Потребно е темелно самоиспитување на срцето. Со солзи и со исповед на гревовите на скршеното срце, мораме да се приближиме кон Бога за да може Тој да се приближи кон нас.“ – Евангелизам, 510.
„Мора да има длабоко покајание, вера во нашиот Спасител Исус Христос, будно стражарење, непрестајна молитва и марливо пребарување на Светото писмо.“ – Manuscript Releases, vol. 8, 338.
„Чиста и неизвалкана вера треба да ја исполни светињата на душата. Секој има задача која треба да ја изврши, ниту пријателот или проповедникот не може тоа да го направи за него; секој треба да се покае за себе, и да ги исповеда своите гревови на Бога. Направете го тоа темелно. Верувајте за себе; имајте Божја благодат во срцето за себе. Бог на секој животен пат ќе има свои вистинити, верни сведоци кои ќе сведочат за силата на Неговата благодат. Тие се можеби скромни, но тие ќе живеат во светлината на Божјото лице, со Библијата како свој водач.
Погледни, о погледни каде си ги занемарил своите должности, но и во што на верниците и на неверниците си дал пример кој ќе ги одведе далеку од Бога, далеку од правдата и духот на вистината. Исус ќе има луѓе што ќе дојдат кај Него, тие ќе се потпираат на Него, ќе имаат доверба во Него, и ќе имаат искуство втемелено само врз Него.“ – The Review and Herald, December 18,1888.

б. Какво искуство Бог сака да стекнат оние што Го следат? Изреки 4,18.?

„Господ ве повикува да дојдете до повисок, да постигнете посвет стандард. Мора да имате искуство многу подлабоко отколку што сепак сметате дека го имате… Предајте му ги на Исуса најдобрите и најсветите чувства на своето срце. Чувајте го секој зрак на светлина. Негувајте го секој копнеж на душата по Бога. Негувајте во себе духовни мисли и света заедница. Вие сте ги виделе само првите зраци на зората на Неговата слава. Ако подобро го запознаете Господа , ќе знаете дека излегувањето му е исто како зората… Откако сме се покајале за своите гревови, признавајќи ги и добивајќи проштавање, ние треба и понатаму да примаме поуки од Христа, сѐ додека не постигнеме целосно совршенство на евангелската вера.“ – 8 Сведоштво, 251.252.
Среда 13. јули

4. О, КОГА НАШИТЕ ОЧИ БИ МОЖЕЛЕ ДА БИДАТ ОТВОРЕНИ

а. Објаснете колку е голема нашата потреба за покајание. Јоил 2,15-17.

„Нека мнозина Христови проповедници огласат пост, нека повикаат свечено собрание и нека Го бараат Бога, додека може да се најде. Повикајте го сега, додека лежите во подножјето на крстот на Голгота. Откажете се од гордоста и како претставници и чувари на црквите плачете помеѓу тремот и олтарот… Молете се, о молете се за излевањето на Божјиот Дух!“ – Одбрани пораки 3, 189.
„Наместо да ги воздигате своите души во самодоволност, проповедниците и народот треба да ги исповедаат своите гревови пред Бога и едни со други.“ – Одбрани пораки 3, 390.

б. Што сите ние треба да разбереме во ова свечено дело? Римјаните 3,9-12.

„Има мнозина кои се споредуваат помеѓу себе, земајќи ги како модел бедните, грешни смртници, иако имаме сигурен, непогрешлив Модел. Божјиот народ не треба да се мери од страна на светот, ниту со човечки мислења, ниту со она што биле пред да ја прифатат вистината. Нивната вера и положба во светот, какви што се сега, мора да се спореди со она што тие би биле кога нивниот пат постојано би водел напред и нагоре, бидејќи тие тврдат дека се Христови следбеници. Ова е единствената безбедна споредба. Во секоја друга, ќе има самоизмама. Ако моралниот карактер и духовната состојба на Божјиот народ не соодветствуваат со благословите, предностите и светлината што им е доверена, тие ќе бидат измерени на мерилата и ќе се најдат лесни. Ангелите во нивниот извештај ќе напишат: ‘Лесни!’“ – The Review and Herald, August 31, 1886.
„Не можеме да си дозволиме да живееме од лушпите на туѓите грешки и недостатоци. Зборувањето лоши работи е двојна клетва, која паѓа повеќе во голема мера на оној кој што зборува, отколку на оној што слуша. Оној што сее семе на раздор и неслога ќе пожнее, во својата сопствена душа, смртоносни плодови. Самиот чин на барање зло во другите го развива злото кај оној што го бара. Задржувајќи се на туѓите недостатоци, ние се преобразуваме во истиот лик. Но, задржувајќи се на Исус, зборувајќи за Неговата љубов и совршениот карактер, ние се менуваме во Неговиот лик.“- Здравје и среќа, 392.

Четврток 14. јули

5. ПОНИЗНОСТ И ОЧИСТУВАЊЕ

а. Откако срцето на Исаија станало понизно како никогаш пред тоа, што направил небесниот Бог за својот слуга? Исаија 6,6.7. Каква поука треба да извлечеме од ова?

„Оваа визија дадена на Исаија (во 6. поглавје) ја прикажува состојбата на Божјиот народ во последните денови. Тие се привилегирани со вера да го согледаат делото кое се врши во небесното светилиште. ‘И се отвори Божјиот храм во небото и се покажа ковчегот на Неговиот завет во Неговиот храм’ (Откровение 11,19). Додека со вера ја посматраат Светињата над светињите и го гледаат делото кое Христос го врши во небесното светилиште, тие согледуваат дека се народ со нечисти усни – народ чии уста се полни со суета, и чии таленти не се посветени и употребени за слава на Бога. Кога својата слабост и недостојност ќе ја споредат со чистотата и светоста на славниот Христов карактер, тие можат само да очајуваат. Меѓутоа, ако тие, како што тоа го направил Исаија во свое време, го прифатат впечатокот кој Господ сака да го втисне во нивното срце, и ако во длабочината на својата душа се понижат пред Бога, и за нив има надеж. Над престолот е божилакот на ветувањето, и она што било направено за Исаија, ќе биде направено и за нив. Бог ќе ја исполни секоја молитва која доаѓа од скршено и понизно срце.“ – Коментари на библиските текстови, 311.312.

б. Каква треба да биде нашата секојдневна молитва? Псалм 51,2.7.

„Не слушајте ги сугестиите на непријателот кој ве наговара да се држите настрана од Христос сѐ додека не се поправите, додека не бидете доволно добри за да дојдете до Бога. Ако чекате на тоа, вие никогаш нема да дојдете.“ – Христовите очигледни поуки, 173.

Петок 15. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Пред визијата во храмот, какво мислење имал Исаија за себе и другите?
2. Како визијата за небесната слава го променила ставот на пророкот?
3. Опишете го делото кое треба сите ние да го извршиме денес?
4. Објаснете што се случува кога ќе почнеме да ги бараме грешките кај другите?
5. Кое уверување дадено на Исаија одекнува до секоја покајничка душа?

Сподели го ова:

Слични објави