11 Историјата на послушноста на Бога
11. лекција – 12. септември 2015.
Историјата на послушноста на Бога
„Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа.“ – Изреки 8,33.
„Дел од времето (Адам и Ева) го поминувале… во разговор со ангелите, во слушање на нивните упатства и поуки и во среќата на побожно размислување.“ – Духот на пророштвото 1, 25.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Воспитување, 13-19.
Недела 6. септември
1. АДАМ И ЕВА
а. Како Адам и Ева го слушале Божјиот глас? Битие 3,8 (прв дел).
„Секојдневната работа (на Адам и Ева) им донесувала здравје и радост, и среќниот пар ги поздравувал со радост посетите на својот Создател, кој во свежината на квечерините на денот одел и разговарал со нив. Господ секојдневно ги поучувал.“ – Здравје и среќа, 202 (261).
„Неговото (Адамовото) високо предимство било тоа што можел да разговара лице в лице, срце в срце со својот Создател. Да останал верен на Бога сето тоа засекогаш би било негово.“ – Воспитување, 11
б. Како Адам и Ева го примале Божјото водство после појавата на гревот во светот? Битие 3,16-19.
„Ангелите го информирале Адам дека како што неговиот престап донел смрт и несреќа – животот и бесмртноста ќе бидат повторно овозможени преку жртвата на Исус Христос.
На Адам му биле откриени важните настани во иднината, од неговото протерување од Едем до потопот, и понатака до првото Христово доаѓање на земјата.“ – Духот на пророштвото 1, 51.
Понеделник 7. септември
2. НОЕ И АВРАМ ГО СЛУШАЛЕ БОЖЈИОТ ГЛАС ДИРЕКТНО
а. Како Ное добивал Божјо водство? Битие 6,13-21. Како Ное одговорил на упатствата дадени од Бога? Битие 6,22.
„Секое општење меѓу небото и паднатиот човечки род било само преку Христа. Божјиот Син бил Тој кој на нашите први родители им дал ветувања за откуп. Тој бил Оној кој во визија им се откривал на патријарсите. И сите тие: Адам, Ное, Аврам, Исак, Јаков и Мојсеј, го разбрале Евангелието. Тие спасението го очекувале само преку човековиот Заменик и Гарант. Светите луѓе од дамнина одржувале врска со Спасителот кој требало да дојде на земјата во човечко тело; а некои од нив и разговарале со Христа и со небесните ангели лице в лице.“ – Патријарси и пророци, 380 (366).
„И гласот, кој на пророците има ја објавувал божествената волја за Неговиот народ, исто така бил Христовиот глас… Во целиот Стар завет ни зборува Христовиот глас.“ – Патријарси и пророци, 380 (367).
б. Како Бог комуницирал со Аврам и каков бил одговорот на Аврам? Битие 22,1.2.11.12.
„Бог на Аврама му укажал голема чест. Небесните ангели му се јавувале и разговарале со него како што разговара пријател со пријател.“ – Патријарси и пророци, 128 (138).
„Небесните суштества и сега ја посетуваат земјата како и во деновите кога оделе и разговарале со Аврам и со Мојсеј. Среде деловните активности во нашите големи градови, среде толпата што ги преплавуваат сообраќајниците и трговските центри, во кои од утро до вечер луѓето се однесуваат како бизнисот, спортот и задоволствата да се единственото нешто што постои во овој живот, каде има малку такви кои размислуваат за невидливите реалности – дури и на тие места небото има свои набљудувачи и свои свети луѓе. Постојат невидливи сили кои го следат секој збор и секое дело на човечките суштества. На секој деловен собир, на секоја забава, на секое богослужение, има повеќе слушатели отколку што може да се види со човечко око. Понекогаш небесните сили ја подигаат завесата што го крие невидливиот свет, така што нашите мисли можат да се одвратат од трката и динамиката на животот и да се позанимаваат со фактот дека постојат невидливи сведоци за се што правиме или ќе кажеме.“ – Христовите поуки, 138 (176).
Вторник 8. септември
3. МОЈСЕЈ И АРОН
а. Како Бог го водел Мојсеја во времето кога Израелците требало да го напуштат Египет? Излез 3,4.10.
„Мојсеј разговарал со Исус лице в лице, како некој кога зборува со пријателот свој“ – РХ, 2. март, 1886.
„И најостроумниот интелект останува збунет во обидот да ја објасни божествената манифестација во грмушката што горела. Тоа не бил сон; тоа не било визија; тоа била жива реалност – нешто што Мојсеј го видел со своите очи. Тој го чул гласот на Бога како го повикува од грмушката и го покрил своето лице, сфаќајќи дека стои во непосредно Божјо присуство. Бог разговарал со човек. Мојсеј никогаш не можел да го опише впечатокот што глетката го оставила на неговиот ум и звукот на гласот кој зборувал со него, но тој впечаток останал неизбришан. Небото било многу блиску до него и тој со страхопочит ги слушал зборовите: ‘Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов’ (Излез 3,6). Какво чудесно и несфатливо понижување за Бога да ги напушти своите небесни дворови, лично да му се јави на Мојсеј, да разговара со него лице в лице ‘како што човек зборува со пријателот свој’ (Излез 33,11).“ – Библиски коментари, 48.
б. Како Мојсеј подоцна разговарал со Бога? Излез 33,18.19.
„Охрабрен од Божјото одобрување Мојсеј отишол уште подалеку и се осмелил да бара уште повеќе благослови. ‘Пак рече Мојсеј: Покажи ми ја славата Своја’ (Излез 33,18). Дали мислите дека Бог го укорил Мојсеј заради неговите барања. Секако не. Мојсеј не го водела површна љубопитност. Тој имал цел пред себе. Согледал дека со своја сила не може правилно да го изврши Божјото дело. Знаел дека може да стекне почиста претстава за Божјата слава, дека така ќе може да оди напред и да ја изврши важната мисија, не со своја сила, туку со силата на Семоќниот Господ Бог.“ – РХ, 11. мај, 1897.
в. Какви се различни начини Бог користел за да комуницира со Арон? Излез 6,13; 8,5; Левит 10,8.
Среда 9. септември
4. ИЗРАЕЛЦИТЕ ГО ПОЗНАВААТ БОЖЈИОТ ГЛАС
а. Како Бог им зборувал на Израелците во близина на планината Синај? Второзаконие 5,4.22.
„Објавувањето на Својот закон Бог го придружил со пројава на Својата моќ и слава со цел Неговиот народ никогаш да не ја заборави таа сцена и секогаш да биде проникнат со длабока почит кон Законодавецот, Творец на Небото и на Земјата. Тој, исто така, сакал на сите луѓе да им ја покаже светоста, важноста и трајноста на Својот закон.“ – Патријарси и пророци, 316 (309).
б. Што тие сакале наместо директно да разговараат со Бога? Зошто? Второзаконие 5,23-27.
„Израелскиот народ бил целосно совладан од страв. Длабоката впечатлива сила на Божјиот глас како да го надминала она што нивните растреперени срца можеле да го поднесат. Кога законот им бил изложен како големо Божјо мерило на праведноста, тие, како никогаш дотогаш, ја сфатиле сета одвратност на гревот и сопствената грешност во очите на светиот Бог. Со страв и со длабока почит се повлекле од гората и застанале подалеку. Мноштвото викало кон Мојсеј: ‘Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме.” А Мојсеј му рече на народот: ‘Не плашете се: Бог дојде за да ве испита и стравот Негов да биде во вас, за да не грешите.’ Но народот сепак се задржал на извесна оддалеченост и со страв втренчено ја посматрал сцената додека ‘Мојсеј појде кон мракот, каде што беше Бог’. (Излез 20,19-21).“ – Патријарси и пророци, 315 (309.310).
в. Како Бог им зборувал на Израелците низ вековите? Лука 1,70.
„Бог му зборувал на светот преку природата, преку сликите и симболите, преку патријарсите и пророците.“ – Копнежот на вековите, 18 (34).
„О, ти народе, кој имаше повеќе предимства од сите други народи, да внимаваше и да го препознаеше своето време и она што ти носи мир! Јас го задржував ангелот на одмаздата; Јас те повикував на покајание, но напразно. Ти ги одби и ги отфрли не само Моите слуги, пратениците и пророците, туку дури и Светецот Израелов, твојот Спасител.“ – Големата борба, 18 (22).
Четврток 10. септември
5. СЛУШАЊЕ НА БОГА ВО НАШЕТО ИСКУСТВО
а. Како Бог сака да разговара со нас сега? Евреите 1,2; Јован 5,39.
„Адам и Ева добивале знаење преку непосреден разговор со Бога; и учеле за Него преку Неговите дела… Меѓутоа, поради престапот човекот ја изгубил можноста да учи за Бога во непосреден разговор со Него, а во голема мерка, и преку Неговите дела… Природата се уште зборува за нејзиниот Создател. Сепак, овие откровенија се непотполни и несовршени. И во нашата падната состојба, со ослабени сили и ограничени сфаќања, ние не сме способни правилно да протолкуваме. Нам ни е потребно поцелосно откривање на Божјото Битие, кое Тој самиот ни го дал во Своето пишано слово.“ – Воспитување, 12 (16.17).
6. Какво лично искуство Бог сака да имаме со Неговото Слово? Псалм 34,8; Еремија 15,16; 29,13.
„Постои доказ што им е достапен на сите – и на најобразованите и на најнеписмените – доказот на искуството. Бог не повикува сами за себе да ја провериме вистинитоста на Неговото Слово… Наместо да зависиме од нечии зборови, ние треба сами да вкусиме.“ – Патот кон Христа, 72.73 (111).
„Христијанинот знае во Кого тој верува. Тој не само што ја чита Библијата; тој од искуство ја познава силата на нејзиното учење…
Тој може да посведочи: ‘Ми беше потребна помош и ја најдов во Исус… Ме прашаа зошто верувам во Исус? – Затоа што е Тој мој божествен Спасител. Зошто верувам во Библијата? – Затоа што во неа го пронајдов Божјиот глас упатен до мојата душа.“ – Верата со која живеам, 16.
Петок 11. септември
ЛИЧЕНПРЕГЛЕДНА ПРАШАЊАТА
1. Како гревот ја променил комуникацијата помеѓу Бога и Адам и Ева?
2. Како Бог комуницирал со првите патријарси?
3. Што Мојсеј сфатил кај грмушката што горела, и како реагирал?
4. Како Бог зборувал со Израелците за време на Стариот завет?
5. Како можеме да го чуеме Бога денес?